Решение У.бр.88/2017

У.бр.88/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 3 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 став 1 точка 2 од Одлуката за висината на цените за собирање и транспортирање на комунален отпад во општина Кавадарци, заведена под број 07-413/8 и донесена од Советот на Општина Кавадарци на седницата одржана на ден 8 февруари 2010 година.

2. Друштвото за производство, трговија и услуги „ИГМ ТРЕЈД Илија и др.“ ДОО од Кавадарци до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата одредбите од членот 1 од Одлуката за висина на цените за собирање и транспортирање на комунален отпад во Општина Кавадарци донесена од страна на Советот на Општина Кавадарци не биле во согласност со членот 10 од Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, а која методологија била донесена врз основа на член 121 став 9 од Законот за управување со отпадот.

Понатаму во иницијативата е наведено дека со оглед на фактот што како метод за пресметување на цената за извршената комунална услуга се користи денар по м2 а имајќи предвид дека друштвото „ИГМ Трејд Илија и др.“ ДОО спаѓа во категоријата на големи правни субјекти и зафаќа покриена површина од 127.560м2 и дворна површина од 93.317м2 според фактурите на ЈП „Комуналец“ кои секој месец пристигнуваат на адреса на друштвото сметаат дека вака добиените сметки за изнесување на смет не соодветствувале со реално извршената услуга од страна на комуналното претпријатие.

Имено ваквиот начин на пресметка на извршената комунална услуга не само што била спротивна на самата Методологија за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, туку со истиот начин се добивала состојба во која на одреден голем правен субјект, кој зафаќал поголема покриена и дворна површина му се наплаќал износ за извршена услуга кој износ не бил реален со извршената услуга, а пак на одреден голем правен субјект кој зафаќал помала покриена и дворна површина му се наплаќал многу помал износ за извршената услуга и покрај тоа што износот на смет произведен во одреден месец пресметан во единица мерка ден/kg и ден/m3 од страна на голем правен субјект кој зафаќал помала покриена и дворна површина можел да го надмине износот на смет кој голем правен субјект со поголема покриена и дворна површина го произвел за истиот месец.

Со самото ова Советот на Општина Кавадарци не го испочитувал и членот 121 од Законот за управување со отпадот а врз основа на ваквата состојба произлегува и дека истиот не определил стимулативни цени за домаќинствата, правните и физички лица кои врз основа на воспоставени системи за селектирање на отпадот ја намалуваат вкупната количина на комунален отпад наменет за отстранување на депонијата.

Во иницијативата се наведува дека Одлуката била донесена спротивно на член 50 став 2 и член 51 од Уставот и се предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста и истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Сл.весник на РМ” бр.05/2002), член 120 и 121 од Законот за управување со отпад („Сл.весник на РМ” бр.68/2004, 71/2004 и 107/2007), член 132 став 1 од Статутот на Општина Кавадарци („Сл.гласник на Општина Кавадарци” бр.08/2005), Советот на Општина Кавадарци на седницата одржана на ден 08.02.2010 година, донесе

ОДЛУКА
За висината на цените за собирање и транспортирање на комунален отпад во Општина Кавадарци

Член 1

Со оваа одлука се утврдува висината на цените за собирање и транспортирање на комунален отпад во Општина Кавадарци, што треба да плаќаат правните и физичките лица корисници на услугите, и тоа како следува:

1. Домаќинства
· Покриен простор 1,26 денари/м2;
· Дворна површина 0,32 денари/м2

2. Претпријатија
· Покриен простор 2,59 денари/м2;
· Дворна површина 0,85 денари/м2

3. Школи, детски градинки и здравствени установи
· Покриен простор 2,33 денари/м2;
· Дворна површина 0,70 денари/м2

4. Висината на цената за собирање и транспортирање на комунален отпад за правните лица кои вршат самостојна дејност како и за имателите и корисници на продавници-дукани во градот, се утврдува во следните износи и тоа како следува

Субјекти I категорија
– аптеки, автомеханичари, автолимари,бравари, винклери, ресторани, скари, пицерии, масери, трговски, продавници-прехрана, пиљари, пекари столари, стаклари, автоперални, вулканизери, сокари и други ќе плаќаат 12 ден. од м2.

Субјекти II категорија
– слаткарници, бутици, цвеќари, бижутерија, тапацери, рамкари, видеоигри, билјард игри, златари, ковачи, трафики, копирници, свеќари и други ќе плаќаат 10 ден. од м2.

Субјекти III категорија
– адвокатски канцеларии, финансиски услуги, бербери, фризери, часовничари, фотографии, кафе мелничари, кројачи, кондуктери и друго ќе плаќаат по 8 ден. од м2.

Во однос на локацијата на граѓанските лица дали се во централното градско подрачје или периферија ке плакаат зголемена вредност на цената и тоа:

1. Централно градско подрачје + 30% (главни, прометни улици);
2. Централно градско подрачје + 20% (споредни, непрометни улици);
3. Периферија (надвор од централно градско подрачје)

Во главни прометни улици во централното градско подрачје спаѓаат: Гоце Делчев, Пионерска, Народен фронт, Страшо Пинџур, Браќа Џунови, Блажо Алексов, бул.Македонија, Едвард Кардељ, бул. Моша Пијаде, Илинденска, ЈНА, Лазо Мицев, 11 Октомври, Партизанска, Максим Горки, Цано Поп Ристов, Пано Мударов, Мито X. Јасмин, 7 Септември, Зелен Пазар, Браќа Хаџитефови, Киро Спанџов, Браќа Миладиновци и Ресавска.

За централно градско подрачје се смета подрачје опфатено со: Браќа Џунови, Блажо Алексов, Бул.Македонија до пресекот со Едвард Кардељ, по бул.Македонија до кружниот тек, Моша Пијаде до пресек со Гоце Делчев, Пионерска, Народен фронт, Страшо Пинџур до Слога и цела улица Слога.

Член 2

Со донесување на оваа одлука престанува да важи Одлуката за утврдување на цената на износ на смет, донесена на седница на Управен Одбор на ЈП “Комуналец” Кавадарци на ден 18.08.2009 година и Одлуката за давање на согласност на Одлуката за утврдување на цената на износ на смет, бр.07-4482/5 од 30.10.2009 година (“Сл.гласник на Општина Кавадарци бр.08/2009), и Одлуката за висината на цената за износ, превоз и депонирање на комунален износ што се изнесува од прево ници, трафики и сл.,бр. 02-703, донесена на седница на Управен одбор на ЈП “ Комуналец” на ден 09.07.2001 година.

Член 3

Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кавадарци“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно со член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во наводите на иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на одделни делови од истата одлука (член 1 став 1 точка 2), кои се однесуваат на утврдување на цената за изнесување на смет по метар квадратен, за физички и за правни лица, корисници на таа услуга. Одредбите се оспоруваат од аспект на нивната согласност со членот 51 од Уставот и членот 10 од Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, а која методологија била донесена врз основа на член 121 став 9 од Законот за управување со отпадот.

Во однос на ваквите наводи во иницијативата Судот го имаше во предвид следното:

Според член 46 став 1 од Законот за управување со отпадот, собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад, одржувањето на јавната чистота и третманот на комуналниот отпад, како и ракувањето и одржувањето на местата за селективно собирање на комуналниот отпад, претставуваат јавни услуги од локално значење. Според став 2 на овој член, на предлог на градоначалниците на општините и Градот Скопје, советот на општините и Советот на Градот Скопје може да основаат јавно претпријатие за собирање, транспортирање и/или третман на комуналниот и на другите видови неопасен отпад. Согласно ставот 3 на истиот член, две или повеќе општини, како и општините и Градот Скопје можат да основаат заедничко јавно претпријатие за вршење на дејноста од ставот (2) на овој член.

Според член 121 став 1 од овој закон, висината на цената за собирање и за транспортирање на комуналниот отпад ја одобруваат советот на општините и Градот Скопје, на предлог на градоначалникот на општините и Градот Скопје, кога давателот на услугата е јавно претпријатие основано од општините и Градот Скопје согласно со член 46 став 3 на овој закон.

Одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши чии одделни одредби се оспоруваат со иницијативата, е донесена врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Сл.весник на РМ” бр.05/2002), член 120 и 121 од Законот за управување со отпад („Сл.весник на РМ” бр.68/2004. 71/2004 и 107/2007), член 132 став 1 од Статутот на Општина Кавадарци („Сл.гласник на Општина Кавадарци”бр.08/2005), Советот на Општина Кавадарци на седницата одржана на ден 08.02. 2010 година.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од Одлуката со член 121 став 1 од Законот за управување со отпад, а со тоа и нивната согласност со членот 51 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените делови од Одлуката со член 121 став 9 од Законот за управување со отпадот, изразена преку несогласност со членот 10 од Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, го имавме во предвид следното:

Со членот 17 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управување со отпад („Службен весник на Република Македонија“ бр.123/2012), во членот 121 по ставот 8 се додава нов став 9, според кој, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ја пропишува методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад.

Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, е донесена од министерот за животна средина и просторно планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 30/2013).

Тоа значи дека во време на донесувањето на оспорената Одлука за висината на цените за собирање и транспортирање на комунален отпад во Општина Кавадарци, заведена под број 07-413/8 донесена од Советот на Општина Кавадарци на седницата одржана на ден 8 февруари 2010 година, се уште не била пропишана законската обврска за донесување на методологија за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, односно не била донесена наведената методологија.

Наводите во иницијативата за несогласност на оспорените делови од Одлуката со Методологијата за пресметување на цената за собирање, транспортирање и отстранување на отпад, во суштина претставуваат барање за оцена на меѓусебна согласност на подзаконски акти со иста правна сила, што согласно член 110 од Уставот, не е во надлежност на Уставниот суд.

Оттука, барањето за оценување на уставноста и законитоста на оспорените делови од Одлуката преку оценка за согласноста на Одлуката со Методологијата, претставува барање кое излегува од надлежностите на Уставниот суд, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.88/2017
3.10.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски