Одлука и Решение У.бр.42/2018

У.бр.42/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, член 56, член 70 алинеја 2 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 03 октомври 2018 година, донесе

I.
О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето за забрана на дискриминација по основ на верска и национална припадност, согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија на: Селманоски Мејдин од с.Могорче-Дебар, Капланоски Мерсад од Дебар, Раманоски Садат од с.Горно Косоврасти-Дебар, Бесмир Машкули од с.Селокуќи-Дебар, Асановски Бесник од Дебар, Мустафоски Саде од Дебар, Раманоски Енис од с.Долно Косоврасти-Дебар, Абазовски Медија од с.Отишани-Дебар, Бафтовски Рамадан од с.Броштица-Центар Жупа и Берулоски Седат од с.Горно Косоврасти-Дебар, сите застапувани од м-р Соња Ѓурчиноска, адвокат од Скопје.

II.
Р Е Ш Е Н И Е

2. СЕ ОТФРЛА барањето за забрана на дискриминација по основ на политичка припадност на Асановски Бесник, Мустафоски Саде, Раманоски Енис, Абазовски Медија, Бафтовски Рамадан и Берулоски Седат, поднесено преку м-р Соња Ѓурчиноска, адвокат од Скопје.

3. Одлуката и Решението ќе се објават во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Селманоски Мејдин и други девет лица преку м-р Соња Ѓурчиноска, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа барање за забрана на дискриминација.

Според подносителите на барањето актите со кои се сторени повредите се:

За барателите Селманоски Мејдин и Капланоски Мерсад:
Пресуда РО.бр.4/2017 од 07.07.2017 година на Основен суд Дебар и пресуда РОЖ.бр.630/17 од 09.02.2017 година на Апелациониот суд Гостивар со кои, според полномошникот, била сторена дискриминација по основ на верска и национална припадност.

За барателите Раманоски Садат и Бесмир Машкули:
Пресуда РО.бр.5/2017 од 06.02.2017 година на Основен суд Дебар и пресуда РОЖ.бр.629/17 од 09.02.2017 година на Апелациониот суд Гостивар со кои, според полномошникот, била сторена дискриминација по основ на верска и национална припадност.

За барателите: Асановски Бесник, Мустафоски Саде, Раманоски Енис, Абазовски Медија, Бафтовски Рамадан и Берулоски Седат:
Пресуда РО.бр.1/2017 од 06.06.2017 година на Основен суд Дебар и пресуда РОЖ.бр.627/17 од 09.02.2017 година на Апелациониот суд Гостивар со кои, според полномошникот, е сторена дискриминација по основ на верска, национална и политичка припадност.

Според полномошникот наведените шест пресуди биле спротивни на уставниот поредок и уставните начела, односно членот 9 од Уставот на Република Македонија каде е предвидено дека сите граѓани се еднакви пред законот без разлика на каков било статус, припадност или раса. Исто така, се наведува дека судовите биле должни да ја почитуваат и применуваат Европската конвенција за човекови права, како дел од националното законодавство, но првостепениот и второстепениот суд сториле повреда на членовите 6 и 14 од Конвенцијата, односно го повредиле правото на судење во разумен рок пред независен и непристрасен суд.

Неспорен бил фактот дека сите баратели биле припадници на различни националности и тоа: Бесмир Машкули бил Албанец, Селманоски Мејдин бил Турчин, а останатите биле Македонци со муслиманска вероисповед. Нивните слободи и права, како лица со различна националност, биле ограничени во нивните работни спорови со Република Македонија, а Министерството за внатрешни работи, како странка во спорот секогаш имало повластена положба. Во постапките истите биле ставени во нееднаква и понеповолна положба за разлика од други вработени во Министерството, по однос на користење на права од работен однос кои им следувале по закон.

Во натамошниот текст на барањето се појаснува практикувањето на Конвенцијата од страна на Европскиот суд за човекови права и толкувањето на дискриминацијата со посочување на конкретни случаи.

Факти и докази на кои се темели барањето за заштита на слободите и правата, погрешно именувано како барање за заштита на законитоста, а со кои се потврдувало дека била сторена дискриминација по основ на верска, национална и политичка припадност биле:

Во образложението на пресудите било наведено дека на барателите им биле исплаќани помали износи за надомест за патни трошоци за 2014, 2015 и 2016 година, но, покрај овој факт, судовите одлучиле дека ова право не им следува (се мисли на надомест за патни трошоци и хранарина) и го одбиле тужбеното барање со образложение дека на 01.01.2009 година стапил во сила Законот за исплата на платите каде овие категории не биле предвидени. Ваквата констатација на судовите била дискриминаторска, затоа што ако таков надоместок не следувал тогаш не требал да им се исплаќа и делумен (помал) надоместок.

Од ваквото контарадикторно образложение на судовите јасно и децидно можело да се утврди дека била сторена дискриминација, бидејќи барателите, во таа постапка тужители, ја докажале основаноста на тужбеното барање, наспроти туженото Министерство за надворешни работи, но судот, со пресудата „се косел со самиот себе“, односно си земал за право да застане на страната на тужениот. Со тоа што тужениот исплаќал помали износи на име надоместоци за патни трошоци и хранарина во наведениот период се создала обврска да им плаќа и во иднина, но износи кои сам ги определувал, паушално и спротивно на закон.

Судовите, во пресудите, зазеле став дека на барателите, во тие постапки тужители, не им следува надоместок на име регрес за годишен одмор врз основа на член 115 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2010) и одредбите од Законот за извршување на Буџетот, бидејќи такви средства не биле обезбедени. Тужениот, пак во постапката не обезбедил доказ во поткрепа на ваквото тврдење, односно дека не биле обезбедени средства за ваков надоместок. Ваквиот став на судовите бил спротивен на наведените акти, како и на Законот за исплата на платите (Службен весник на Република Македонија“ бр.74/1990….147/2015), од каде, тенденциозно, без оправдана причина не ги примениле законските одредби само за да ги одбијат тужбените барања како неосновани, иако истите биле на закон основани и предвидени.

Судовите, врз основа на прописите, погрешно толкувале дека на барателите им следува наведеното право, но истото било условено со одобрување на средства, а тужениот имал пасивен однос и ги оштетил сега барателите.

Со ваквото образложение судовите имале двојни аршини на постапување и одлучување, сториле дискриминација бидејќи вработените во приватниот сектор го остварувале ова право, па се поставувало прашање зошто едните имале поголеми права од другите?

Правата на тужителите воопшто не биле спорни во постапката, тие биле предвидени со закон и со колективен договор, а барателите биле дискриминирани, бидејќи од пресудата РО.бр. 162/2010 од 12.10.2011 година на Основниот суд Тетово произлегувало дека на одредени вработени лица во Министерството за внатрешни работи им бил исплаќан надоместок за патни трошоци, иако бил отпочнат концептот на бруто плата од 2009 година. Оттаму, следувало дека одредени вработени кај тужениот (Министерство за надворешни работи) биле ставени во понеповолна положба од други, што било дискриминаторски и спротивно на закон.

Ваквото „шиканозно“ кршење на основните права на работниците било недозволиво, а што било уште полошо, судовите го бранеле ваквото однесување на тужениот, со што се создавала судска практика која се косела со законските одредби што се на сила во Република Македонија и со Европската конвенција за човековите права која предвидува забрана за дискриминација по било која основа.

5. Судот врз основа на доставените и прибавени докази на седницата ја утврди следната фактичка состојба:

Со пресудата РО.бр.4/2017 од 07.07.2017 година Основниот суд Дебар го одбил како неосновано тужбеното барање да се задолжи тужената Република Македонија-Министерство за внатрешни работи да му плати на:

тужителот Мејдин Селманоски на име:
-регрес за годишен одмор: за 2014 година износ од 21.904,оо денари; за 2015 година износ од 22.302,оо денари и за 2016 година износ од 22.765,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за 2014 година износ од 19.529,оо денари, за 2015 година износ од 22.830,оо денари и за 2016 година износ од 15.572,оо денари и
-помалку засметани патни трошоци за 2014 година износ од 12.400,оо денари за 2015 година износ од 13.300,оо денари и за 2016 година износ од 10.300,оо денари, сите со законска затезна камата; и

тужителот Мерсад Капланоски на име:
-регрес за годишен одмор: за 2014 година износ од 21.904,оо денари; за 2015 година износ од 22.302,оо денари и за 2016 година износ од 22.765,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за 2014 година износ од 19.941,оо денари, за 2015 година износ од 20.944,оо денари и за 2016 година износ од 20.093,оо денари; сите со законска затезна камата.

Апелациониот суд Гостивар со пресуда РОЖ.бр.630/2017 од 06.02.2017 година ги одбил како неосновани жалбите на тужителите и ја потврдил првостепената пресуда.

Со пресудата РО.бр.5/2017 од 08.06.2017 година Основниот суд Дебар го одбил како неосновано тужбеното барање да се задолжи тужената Република Македонија-Министерство за внатрешни работи да му плати на:

тужителот Седат Раманоски на име:
-регрес за годишен одмор: за 2014 година износ од 21.904,оо денари; за 2015 година износ од 22.302,оо денари и за 2016 година износ од 22.765,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за 2014 година износ од 20.038,оо денари, за 2015 година износ од 20.680,оо денари и за 2016 година износ од 21.282,оо денари;
-помалку засметани патни трошоци за 2014 година износ од 12.600,оо денари за 2015 година износ од 12.300,оо денари и за 2016 година износ од 10.725,оо денари, сите со законска затезна камата и

тужителот Бесмир Машкули на име:
-регрес за годишен одмор: за 2014 година износ од 21.904,оо денари; за 2015 година износ од 22.302,оо денари и за 2016 година износ од 22.765,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за 2014 година износ од 21.031,оо денари, за 2015 година износ од 21.078,оо денари и за 2016 година износ од 21.889,оо денари;
-помалку засметани патни трошоци за 2014 година износ од 20.150,оо денари за 2015 година износ од 20.340,оо денари и за 2016 година износ од 18.060,оо денари, сите со законска затезна камата.

Апелациониот суд Гостивар со пресуда РОЖ.бр.629/2017 од 09.02.2017 година ги одбил како неосновани жалбите на тужителите и ја потврдил првостепената пресуда.

Со пресудата РО.бр.1/2017 од 06.07.2017 година Основниот суд Дебар го одбил како неосновано тужбеното барање да се задолжи тужената Република Македонија-Министерство за внатрешни работи да му плати на:

тужителот Бесник Асановски на име:
-регрес за годишен одмор за 2014 година износ од 21.904,оо денари и за 2015 година износ од 22.302,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за цела 2014 година, цела 2015 година заклучно со 30.11.2016 година вкупен износ од 107.813,оо денари, сите со законска затезна камата;

тужителот Саде Мустафоски на име:
-регрес за годишен одмор за 2014 година износ од 21.904,оо денари и за 2015 година износ од 22.302,оо денари;

-помалку засметани трошоци за хранарина за цела 2014 година, цела 2015 година заклучно со 30.11.2016 година вкупен износ од 63.607,оо денари, ПАТАРИНА НЕ БАРА, сите со законска затезна камата;

тужителот Енис Раманоски на име:
-регрес за годишен одмор за 2014 година износ од 21.904,оо денари и за 2015 година износ од 22.302,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за цела 2014 година, цела 2015 година заклучно со 30.11.2016 година вкупен износ од 63.607,оо денари,
-трошоци за превоз за истиот период во вкупен износ од 34.626,оо денари, сите со законска затезна камата;

тужителот Медија Абазовски на име:
-регрес за годишен одмор за 2014 година износ од 21.904,оо денари и за 2015 година износ од 22.302,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за цела 2014 година, цела 2015 година заклучно со 30.11.2016 година вкупен износ од 61.095,оо денари,
-трошоци за превоз за истиот период вкупен износ од 34.225,оо денари, сите со законска затезна камата;

тужителот Рамадан Бафтовски на име:
-регрес за годишен одмор за 2014 година износ од 21.904,оо денари и за 2015 година износ од 22.302,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за цела 2014 година, цела 2015 година заклучно со 30.11.2016 година вкупен износ од 63.607,оо денари,
-трошоци за превоз за истиот период вкупен износ од 278.805,оо денари, сите со законска затезна камата; и

тужителот Седат Берулоски на име:
-регрес за годишен одмор за 2014 година износ од 21.904,оо денари и за 2015 година износ од 22.302,оо денари;
-помалку засметани трошоци за хранарина за цела 2014 година, цела 2015 година заклучно со 30.11.2016 година вкупен износ од 62.665,оо денари,
-трошоци за превоз за истиот период вкупен износ од 47.925,оо денари, за сите со законска затезна камата.

Апелациониот суд Гостивар со пресуда РОЖ.бр.626/2017 од 09.02.2017 година ги одбил како неосновани жалбите на тужителите и ја потврдил првостепената пресуда.

Првостепениот суд во првостепените пресуди врз основа на изведените докази утврдил дека, во таа постапка тужителите, биле вработени на неопределено работно време кај тужениот Република-Македонија, Министерство за внатрешни работи како полицајци со соодветен ранг во службата. Во пресудите (првостепени и второ-степени) не се внесени било какви податоци по однос на националната припадност, верската или пак политичката определба на тужителите.

Според првостепениот суд тужениот за 2014, 2015 и 2016 година на вработените, меѓу кои и тужителите, не им исплатил надоместок на плата за годишен одмор (регрес). За истиот период на вработените и на тужителите им бил исплатуван надоместок за храна во месечен износ од по 2.108,оо денари и по 825,оо денари на име превоз до и од работно место или вкупен износ од 2.933,оо денари месечно заедно со исплатата на плата засметана како бруто плата.

По однос на барањето за надоместок за годишен одмор (регрес) првостепениот суд утврдил дека правото за надоместок за годишен одмор во Законот за работните односи не е предвидено како право.

Во членот 115 од Колективниот договор на тужениот („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2010) е предвидено дека „Работникот има право на надоместок за годишен одмор (регрес) во висина од една просечна месечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните три месеци, доколку се обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија“.

Во членот 185 од Колективниот договор на МВР („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2015) е предвидено дека „Работникот има право на надоместок за годишен одмор (регрес) согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија“.

Во Општиот колективен договор за јавниот сектор во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008) правото на надоместок за годишен одмор не е предвидено.

Во членот 2 од Законот за извршување на Буџетот за 2014 година и 2015 година е утврдено дека „Буџетските корисници и единките корисници се должни утврдените средства во Буџетот да ги користат наменски, рационално, економично и ефикасно, а според членот 4 од истиот закон, „Буџетските корисници и единките корисници не смеат да преземаат обврски или да направат расходи над лимитот на одобрените средства во Буџетот“.

Судот, имајќи предвид дека надоместокот за годишен одмор би се исплатувал доколку во Буџетот се обезбедени средства, а такви средства не биле предвидени за 2014, 2015 и 2016 година, како и тоа дека Општиот колективен договор за јавниот сектор не го предвидувал тоа право го одбил како неосновано тужбеното барање во овој дел.

По однос на барањето за надоместок на име разлика во помалку исплатена бруто плата поради помалку засметани трошоци за хранарина и помалку засметани трошоци за превоз до и од работа првостепениот суд, во нападнатите пресуди го утврдил следното:

Членот 113 став 4 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2013-пречистен текст) предвидува дека, „Работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа“. Според ставот 5 од истиот член од Законот, „Трошоците за исхрана од ставот 4 на овој член можат да изнесуваат најмногу до 20% од просечната нето плата по работник исплатена во претходната година, а трошоците за превоз во висина на стварните трошоци во јавниот собраќај.“

Во член 21 став 1 алинеи 1 и 2 од Општиот колективен договор за јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008) е предвидено дека, „Работникот има право на надомест на трошоците поврзани со работа, утврдени со закон и тоа: за исхрана; доколку исхраната не е организирана и на трошоци за превоз до и од работа во случаите кога нема организирано превоз во висина на реални трошоци“.

Во Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 126/2010) и Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2015) не се предвидени надоместоци на плата за храна и трошоци за превоз.

Во членот 3 од Законот за исплата на платите во Република Македонија (Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2013-пречистен текст) е предидено дека: „Работодавачот од членот 2 од овој закон, почнувајчи со исплата на платите за јануари 2009 година, утврденото право на нето плата со овој закон за декември 2008 година го зголемува за износот на пресметан данок од плата, задолжителни социјални придонеси, согласно со пропишаните законски стапки за декември 2008 година и за износот на трошоците поврзани со работа по основ на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и догоор за вработување“.

Од наодот и мислењето на вештото лице Судот утврдил дека тужениот во спорниот период на тужителите на име надоместок за храна им исплатувал месечно по 2.108,оо денари и на име трошоци за превоз до и од работа им исплаќал по 825,оо денари, како и на сите вработени кај тужениот.

Врз основа на сето наведено првостепениот суд заклучил дека во колективните договори на тужениот не се предвидени ваков вид на надоместоци, дека со Законот за исплата на платите во Република Македонија овие надоместоци се внесени и исплатувани во нето платите на тужителите, како и тоа дека во член 113 став 4 од Законот за работните односи е предвидена само можност за ваков вид на плаќање, но не и обврска.

Од наведените причини првостепениот суд ги одбил како неосновани и овие делови од тужбените барања.

Апелациониот суд Гостивар во второстепените пресуди со примена на наведеното материјално право ги одбил како неосновани жалбите на тужителите и нашол дека првостепениот суд ги дал причините за решителните факти, кои биле јасни и непротивречни. Во второстепените пресуди не се содржани податоци по однос националната припадност, верската или пак политичката определба на тужителите, во тие постапки жалителите.

Според второстепениот суд на тужителите не им следувало правото на надомест на трошоци за исхрана и превоз до и од работа, бидејќи врз основа на член 4 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2008) престанува да постои правото на работникот за ваков вид на надоместоци. Судот оценил дека правилно првостепениот суд утврдил дека во бруто платата на тужителите им се исплаќаат трошоци за храна и превоз до и од работа на трошок на работодавачот, кои се пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување, согласно членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2008). Со примена на Законот во бруто платата на вработените, на месечно ниво се вклучува и износ од 2.108, оо денари за хранарина и износ од 825,оо денари за превоз до и од работа.

По однос на регресот за годишен одмор второстепениот суд тргнал од содржината на членовите 1 и 9 од Законот за исплата на платите во Република Македонија и утврдил дека исплатата на регресот за годишен одмор не е нормирана како законска обврска, туку е само предвидено дека работодавачот може да врши исплата на ваков надоместок.

Од содржината на Колективниот договор на тужениот од 2010 второстепениот суд констатирал дека, правото на надоместок за годишен одмор е условено од обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија. Од содржината на Колективниот договор од 2015 година, второстепениот суд утврдил дека работникот има право на надоместок за годишен одмор согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008). Во членовите 1, 5 и 21 од наведениот договор не е предвиден регрес за годишен одмор. Исто така, во законите за извршување на буџетите на Република Македонија за 2014, 2015 и 2016 година не се предвидени средства за исплати по основ регрес за годишен одмор. Оттаму, со цитираните одредби се предвидува само можност, но не и законска обврска за исплата на овој надоместок.

6. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 55 став 1 од Деловникот, за заштита на слободите и правата Уставниот суд одлучува, по правило, врз основа на одржана јавна расправа.

Од анализата на наводите во барањето за заштита на слободите и правата Судот утврди дека одделни наводи не се подобни за уставно-судска анализа затоа што со нив се бара Судот да постапува за работи кои не се во негова надлежност, како што е наводот за судење во разумен рок пред независен и непристрасен суд. По однос на наводот за сторена дискриминација поради исплата на надоместок за годишен одмор во приватниот сектор, наспрема отсуството на исплата за подносителите на барањето како вработени во јавниот сектор, Судот оцени дека е навод за сторена дискриминација по основ на социјална припадност, но барање за впуштање на Уставниот суд во оцена на ваков вид дискриминација формално не е истакнато. Во постапката пред Судот останаа за анализа наводите за сторена дискриминација по основ на верска, национална и политичка припадност.

Врз основа на увидот во приложените фотокопии од личните карти, полномошната за застапување пред Уставниот суд, првостепените и второстепените пресуди кои се однесуваат на барателите за заштита на слободите и правата се утврди дека во наведената документација не се содржани податоци по однос на верската, националната или пак политичката припадност на барателите. Судовите немале сознание за верската и национална припадност на тужителите во тие постапки, но Уставниот суд смета дека изнесените податоци по однос на верската и национална припадност од барањето за заштита на слободите и правата сепак се неспорни. По однос на политичката припадност нема ниту појаснување, ниту докази, на која политичка опција и припаѓаат подносителите на барањето од каде во овој дел од барањето нема услови за натамошна уставно-судска анализа. Исто така во правосилната пресуда РО.бр.162/2010 од 12.10.2011 година на Основниот суд Тетово (приложена од полномошникот на барателите како случај за компарација), не се содржани податоци за национална, верска или политичка припадност на, таму, тужителите Кромидаровски Кире и Кузмановски Димчо.

При отсуство на појаснување, односно докази, по однос на барањето за забрана на дискриминација по основ на политичка припадност на Асановски Бесник, Мустафоски Саде, Раманоски Енис, Абазовски Медија, Бафтовски Рамадан и Берулоски Седат Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на барањето во овој дел, согласно член 28 алинеја 3 и член 52 од Деловникот на Судот.

Инаку, од наведената пресуда, која станала правосилна на 15.02.2012 година, произлегува дека на Кромидаровски Кире и Кузмановски Димчо им било уважено тужбеното барање за исплата на помалку платени трошоци на име превоз до и од работното место во точно утврдени износи, со соодветна законска камата, за периодот декември 2008 година до 30.10.2010 година (критичен момент е исплата по 01.01.2009 година), против тужениот Република Македонија, Министерство за внатрешни работи-Скопје.

Во образложението на првостепената пресуда по повод оспорувањето на тужбеното барање од страна на тужениот, кој сметал дека на тужителите не им следи надоместок за патни трошоци и исхрана заради важечкиот концепт на бруто плата, првостепениот суд направил разлика во поглед на временскиот период до 31.12.2008 година и по 31.12.2008 година па наваму, бидејќи категориите превозни трошоци и исхрана сметано од наведениот датум престанале да постојат како такви со измената на прописите сметано од 01.01.2009 година.

Во постапката пред првостепениот суд се појавиле докази за исплата на реални патни трошоци за други лица и по 01.01.2009 година кај тужениот. Заради измената на концептот на бруто плата Судот констатирал дека не би постоела законска основа за натамошна исплата на овие надоместоци, но и тоа дека тужителите биле ставени во нерамноправна положба по однос на оние за кои биле доставени докази за исплата на реални трошоци, па заради различното постапување што било спротивно на членот 9 од Уставот го уважил барањето на тужителите.

Од страна на Апелациониот суд Гостивар како одговор на барањето за заштита на слободите и правата заради споредба во постапувањето на судовите за слични правни прашање, (по повод писменото барање на Уставниот суд) беа доставени повеќе второстепени одлуки.

Од анализата на второстепените одлуки (дванаесет на број) посочени за споредба од страна на Основниот суд Дебар и Апелациониот суд Гостивар, произлегува дека во четири случаи тужбените барања за исплата на надоместоци за регрес за годишен одмор, хранарина и превоз до и од работа за сличен временски период, како спорниот, биле повлечени од страна на тужителите уште во текот на првостепената постапка. Една од пресудите е укинувачка и се однесува на лица кои подоцна ја повлекле тужбата.

Понатаму, со пресуда РО.бр.9/2012 од 09.04.2012 година на Основниот суд Гостивар уважено е тужбено барање за надоместок за превоз во износ од 1.470,оо денари за месец декември 2008 година (пред влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на плати „Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2008). Апелациониот суд Гостивар ја потврдил првостепената пресуда со пресуда РОЖ.бр.545/15 од 05.02.2016 година.

Во два случаи (РО.бр.162/16 и РО.бр.166/2016 на Основен суд Гостивар) одбиеното тужбено барање од страна на првостепен суд, не е обжалено во постапка пред Апелациониот суд Гостивар, иако имало жалба по однос на споредно барање (трошоци). Спорниот период за исплата на надоместок за превоз и исхрана во двата случаи бил 01.11.2013 до 31.08.2015 година.

Во постапката по предметот РО.бр.267/14 на Основен суд Тетово по тужба на тужителот Даут Мемети донесена е пресуда од 11.12.2014 година со која тужбеното барање за надоместок за патни трошоци за период 01.04.2010 до 30.11.2012 е одбиено како неосновано. Пресудата е потврдена со пресуда на Апелациониот суд Гостивар РОЖ.бр.153/15 од 05.06.2015 година.

Во постапката по предметот РО.бр.6/17 на Основен суд Дебар по тужба на тужителите Бајрам Незировски и Реиз Незировски донесена е пресуда од 08.06.2017 година со која тужбеното барање за надоместок за патни трошоци, регрес за годишен одмор и хранарина за периодот 2014, 2015 и 2016 година е одбиено како неосновано. Пресудата е потврдена со пресуда на Апелациониот суд Гостивар РОЖ.бр.626/17 од 06.02.2018 година.

Карактеристична е пресудата РОЖ.бр.426/17 од 14.11. 2017 година на Апелациониот суд Гостивар со која, меѓу другото, пресудата на Основниот суд Гостивар РО.бр.158/16 од 24.04.2017 година, која се однесува на тужителот Мирче Савески од Гостивар, и која во дел се преиначува и се пресудува:

„ПОГОЛЕМОТО ТУЖБЕНО БАРАЊЕ на тужителот Мирче Савески од Гостивар, Беловиште, да се задолжи тужениот Република Македонија, Министерство за внатрешни работи Скопје да му исплати на тужителот на име: …………, неисплатен надомест на плата за превоз до и од работа на релација Гостивар – с. Жировница и обратно износ од 8.720,00 ден., со законска казнена камата во висина на референтната стапка на НБРМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие, зголемена за 8 процентни поени, сметано од денот на прецизирањето на тужбеното барање, 23.03.2017 год., па се до конечната исплата,……….СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.

Исто така, со пресуда РОЖ.бр.499/17 од 09.02.2016 година Апелациониот суд Гостивар, меѓу другото, ја преиначил пресудата РО.бр.323/17 од 19.04.2017 година по тужбата на тужителот Егрим Алимоски од Кичево и пресудил:

„ТУЖБЕНОТО БАРАЊЕ на тужителот Егрим Алимоски од К. да се задолжува тужениот, да му исплати на тужителот РМ Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, Скопје, на име регрес за годишен одмор за 2013 година сума во износ од 20.925,00 денари на име регрес за годишен одмор за 2014 сума во износ од 21.138,00 денари, на име регрес за годишен одмор за 2015 година сума во износ од 21.403,00 денари или вкупно сума во износ од 63.466,00 денари, со законска казнена камата во висина на референтната стапка на НБ на РМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието што му претходело на тековното полугодие зголемена за осум процентни поени сметано од денот на поднесување на тужбата 17.10.2016 година, па се до конечната
исплата, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.“

Според второстепениот суд основан бил жалбениот навод дека првостепениот суд на правилно утврдената фактичка состојба погрешно го применил материјалното право.

Имено, според членот 113 ст.1 т.1 и 2 од Закон за работни односи, работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работата за исхрана за време на работа доколку се исплатува во паричен износ и превоз до и од работа, доколку се исплатува во паричен износ.

Според членот 128 од Закон за работни односи, (3) Работодавачот, на негов трошок е должен на работниците кои работат ноќно време да им обезбеди: 1) подолг одмор; 2) соодветна храна; 3) стручно раководство на работниот, односно производниот процес и 4) лекарски прегледи, пред нивно ангажирање во ноќна работа и во редовни временски периоди утврдени со закон. (5) Работодавачот не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа.

Според член 4 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (Службен весник на Р.М. бр.161 од 24.12.2008 год.), во членот 113 од Закон за работни односи, во ставот (1) точките 1 и 2 се бришат.

Според член 16 од Спогодбата за измени и дополнувања на КД на МВР (Службен весник на Р.М. бр.03/2004), се менува член 87 од Колективниот договор на МВР, така што работникот има право на надоместок за исхрана доколку исхраната не е организирана бесплатно од страна на Министерството во висина од 25 % од просечната месечна плата по работник исплатена во Р.М. во претходните 3 месеци и се исплатува во месецот за тековниот месец.

Според член 7 од Колективниот договор за изменување и дополнување на овој договор (Службен весник на Р.М. бр.21/09 од 17.02.2009 год.), склучен на ден 05.02.2009 година, членот 87 се менува и гласи: „Министерството на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа“.

Според член 16 од овој колективен договор, истиот влегува во сила со денот на склучувањето.

Според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр.161/08 од 24.12.2008 год.), во Законот за исплата на платите во Република Македонија (Службен весник на Р.М. бр.70/94, 62/95, 33/97, 50/2001, 26/2002, 46/2002, 37/2005 и 121/ 2007), членот 3 се менува и гласи: „Работодавачот од членот 2 на овој закон, почнувајќи со исплатата на платите за јануари 2009 година, утврденото право на нето плата со овој закон за декември 2008 година го зголемува за износот на пресметаниот данок од плата, задолжителните социјални придонеси, согласно со пропишаните законски стапки за декември 2008 година и за износот на трошоците поврзани со работа по основа на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување.“

Согласно погоре наведените одредби, престанува да постои правото на работникот на надомест на трошоци поврзани со работата за исхрана за време на работа и превоз до и од работа, а со тоа и правото на соодветна храна за ноќна работа и превоз до и од работа според член 128 од Законот за работни односи. Бидејќи согласно одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за платите во Република Македонија платата се исплатува во бруто износ, во коj покрај другите трошоци во врска со работата се пресметува и исхраната и превозот до и од работа, на тужителот не му следува право на исплата на име соодветна храна за ноќна работа и превоз до и од работа.

Според второстепениот суд основан е жалбениот навод на тужениот дека првостепениот суд при донесување на обжалените пресуди во делот со кој го задолжил тужениот за исплата на регрес за годишен одмор за 2013, 2014 и 2015 година погрешно го применил материјалното право.

Имено во членот 115 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи од 22.09.2010 година дека правото на надоместок за регрес за годишен одмор ќе се исплати само доколку се обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија. Со Законот за извршување на буџет за 2012, 2013 и 2014 година не биле предвидени средства за надоместок на годишен одмор-регрес. Воедно општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија воопшто не го регулира правото на надоместок за годишен одмор-регрес, која околност укажува на неоснованоста на тужбеното барање.

Според член 154 од Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи (Службен весник на Р.М. бр.69/15), работникот има право на плата и надоместок на плата согласно закон, одредбите од овој колективен договор и договорот за вработување.

Според член 185 од истиот Колективен договор работникот има право на надоместок за годишен одмор (регрес), согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија.

Според член 1 од Општиот колективен договор за Јавниот сектор на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр.10/08 и 88/08) со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите од работен однос во јавниот сектор на Република Македонија, условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови. Според член 5 од Договорот со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор. Доколку со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач, се утврдени помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со овој колективен договор, се применуваат одредбите од овој колективен договор. Според член 21 од Договорот, работникот има право на надомест на наведените трошоци поврзани со работа утврдени со закон, чии висини се усогласени со анекс на колективен договор на годишно ниво, меѓу кои не е предвиден регресот за годишен одмор.

Во законите за извршување на буџетите на Република Македонија за 2013, 2014 и 2015 година не се предвидени средства за исплати на вработените по основа на регрес за годишен одмор за овие години.

Од погоре наведените одредби второстепениот суд утврдил дека на тужителите не им следува регрес за годишен одмор за 2013,2014 и 2015 година. Имено, со одредбите од Законот за исплата на плати (Службен весник на Република Македонија бр.70/1994, 50/2001 и 121/2007) се предвидува само можност, а не и законска обврска за работодавачот за исплата на регрес за годишен одмор. Со Колективниот договор на Министерството за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/2010), исплатата на регрес за годишен одмор е условена односно постои само доколку се обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија, а во конкретниот случај во законите за извршување на буџетот за 2013, 2014 и 2015 година не се предвидени средства за исплати на вработените по основа на регрес за годишен одмор за овие години. Со колективен договор на истото министерство (Службен весник на Република Македонија бр.69/2015), пак, се предвидува дека работникот има право на надоместок согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/08, 88/08, 85/09) воопшто не е предвиден регресот за годишен одмор.

Од анализата на наводите во барањето, доставената и прибавените пресуди Уставниот суд на Република Македонија оцени дека барањето за забрана на дискриминација по основ на верска и национална припадност е неосновано, а заради следново:

Уставниот суд не може да даде заштита на сторена дискриминација преку постоење на евентуална исплата од страна на Министерството за внатрешни работи на реални трошоци за превоз до и од работа на одделни лица во периодот пред спорниот (исплата цела 2009 заклучно со 30.10.2010 година) што произлегува од приложената пресуда РО.бр.162/2010, бидејќи очигледно станува збор за исплата надвор од законската регулатива. Ваква исплата била можна и законски основана заклучно со 01.01.2009 година. Во спротивно би се остварила заштита на настаната нееднаквост предизвикана со незаконита исплата, бидејќи граѓаните се еднакви пред Устав и пред законите, согласно членот 9 став од Уставот. Докази за исплата на хранарина и регрес за годишен одмор во Министерството за внатрешни работи за спорниот период (2014, 2015 и 2016 година) не се приложуваат во барањето за заштита на слободите и правата, а вакви докази не се среќаваат ниту во доставените компаративни пресуди.

Согласно цитираната регулатива почнувајќи од исплатата на јануарската плата за 2009 година законодавецот предвидел утврденото право на нето плата со овој закон за декември 2008 година да се зголеми, меѓу другото, за износот на трошоците поврзани со работа по основа на исхрана за време на работа и превоз до и од работа, пресметани согласно со закон, колективен договор и договор за вработување. Трошоците за превоз до и од работа и хранарина се составен дел на претходно утврдената нето плата на вработените опфатени со Законот. Оттаму, јасно е зошто првостепениот суд, врз основа на направено вештачење во пресудите прифатил дека овие надоместоци биле исплаќани заедно со исплатата на плата засметана како бруто плата, што всушност е интерпретација на законските норми. Секоја исплата поголема од 2.108,оо денари за хранарина или 825,оо денари за превоз до и од работа по 01.01.2009 година би значела исплата надвор од законските рамки и законското уредување. Впрочем овие два надоместоци по 01.01.2009 година согласно изменетата регулатива во Законот за исплата на платите и Законот за работните односи повеќе не постојат како такви и истите станаа составен дел на платата.

Инаку во оспорените пресуди станува збор за побарувања по однос на 2014, 2015 и 2016 година, а од приложените второстепени пресуди произлегува дека барањата за надомест за хранарина, превоз до и од работа и регрес за годишен одмор за побарувања во истиот временски период или биле одбивани како неосновани или пак уважените тужбени барања од првостениот суд биле преиначувани така што тужбените барањата биле одбивани како неосновани. Дел од ваквиот вид на тужбени барања биле и повлекувани.

За надоместокот за годишен одмор првостепениот и второстепениот суд, согласно важечката регулатива, во нападнатите пресуди и пресудите приложени за компарација, изразиле став дека истиот би се исплатил само доколку се обезбедени средства во Буџетот на Република Македонија, но такви средства во наведениот период не биле обезбедени од каде барањата биле одбиени како неосновани.

Врз основа на вака утврдената фактичка и правна состојба, Уставниот суд оцени дека нема услови за примена на член 55 став 1 од Деловникот на Судот, односно за одржување на јавна расправа, а при состојба кога фактичката и правна состојба, се неспорно утврдени, врз основа на доставената и прибавена документација и направената анализа, од каде нема спорни моменти кои би требале да се расчистат со одржување на ваков вид расправа.

Врз основа на направената обемна анализа Судот оцени дека Основниот суд Дебар и Апелациониот суд Гостивар со означените акти не сториле дискриминација по основ на верска и национална припадност спрема подносителите на барањето.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од донесените одлука и решение.

8. Одлуката и решението Судот ги донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.42/2018
03 октомври 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски