Одлука У.бр.138/2017

У.бр.138/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 oктомври 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 252 став 2 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016 и 83/2018).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесената иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со Решение У.бр.138/2017 од 27 јуни 2018 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 252 став 2 алинеја 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр.169/2015, 226/2015, 55/2016 и 83/2018).

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 252 став 2 алинеја 1 од оспорениот закон Министерството за внатрешни работи со решение ќе му ја одземе лиценцата на испитниот центар, ако финансиските обврски утврдени со овој закон не ги намирува со уплати на сметки на надлежните институции.

5. Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со изнесените уставни одредби Уставот го гарантира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќаат данок, при што, начинот на плаќање се уредува со закон.

Имајќи ја предвид одредбата од членот 33 од Уставот произлегува дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување.

Според Судот, а поаѓајќи од наведените уставни одредби, содржината на оспорениот член 252 од Законот, како и наводите од иницијативата, пропишувањето на условот министерот за внатрешни работи со решение да му ја одземе лиценцата на испитниот центар ако финансиските обврски утврдени со овој закон не ги намирува со уплати на сметки на надлежните институции, излегува надвор од соодветните законски механизми. Тоа доведува до состојба исполнувањето на обврската на лицето од одреден статус да влијае на остварувањето на право од друг статус што е уставно недопуштено, а секако тоа води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Судот оцени дека оспорената одредба не го задоволува критериумот на јасна и прецизна норма како нужен елемент за обезбедување на владеењето на правото. Ова, затоа што без прецизирање што се подразбира под “финансиските обврски”, односно без конкретно определување кои се тие финансиски давачки предвидени со закон чие неплаќање повлекува исклучително строга санкција- одземање на лиценца, остава простор за арбитрарност во примената на одредбата, што е недозволиво. Ова, поради тоа што наведената уставна норма не дава уставен основ законодавецот да регулира по сила на закон ограничување на сопственоста, односно вршење на дејноста за која испитниот центар е регистриран, а со тоа се ограничува и правото на располагање со сопствениот приватен капитал која како институт во себе ја содржи диспозицијата на сопственикот. Имено, лиценцата е исправа со која се дава овластување од надлежен државен орган со која се докажува дека се исполнети одредени пропишани услови за стручна оспособеност и овластување за извршување одредени работи. Токму поради тоа, и оспорената одредба треба да содржи јасни и прецизни причини поради кои на испитниот центар како правно лице би му се одземала лиценцата за работа. Создадената норма, според Судот, треба да биде лесно разбирлива и за оној што ја креирал, но и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорената законска одредба на членот 252 став 2 алинеја 1, не е во согласност со членовите од Уставот на кои се укажува во иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.138/2017
3 октомври 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски