Одлука У.бр.15/2018

У.бр.15/2018-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јули 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 21-а став 1, во делот „членот 293-а став 3“ од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015 и 53/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија.

3. Уставниот суд на Република Македонија по поднесената иницијатива од Дарко Јаневски од Скопје, со Решение У.бр.15/2018 од 8 мај 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 21-а став 1, во делот „членот 293-а став 3“ од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015 и 53/2016).

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција предвидува дека доколку до Државниот управен инспекторат е поднесено известување од правни и физички лица за непостапување по член 293-а став (3) од Законот за општата управна постпка од страна на функционерот кој раководи со органот, односно на раководното лице на органот, инспекторот е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето, да утврди дали е спроведена постапка пропишана со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го извести подносителот на барањето за утврдената состојба. Инспекторот од државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува функционерот кој раководи со органот во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копие од актот со кој одлучил по поднесеното барање.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорениот член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција е поместен во глава V од Законот, со наслов: „Постапка“.

Во член 21-а став 1 од Законот се предвидува дека доколку до Државниот управен инспекторат е поднесено известување од правни и физички лица за непостапување по член 293-а став (3) од Законот за општата управна постaпка од страна на функционерот кој раководи со органот, односно на раководното лице на органот, инспекторот е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето, да утврди дали е спроведена постапка пропишана со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го извести подносителот на барањето за утврдената состојба.

Инспекторот од државниот упрвен инспекторат по извршениот надзор согласно со закон донесува решение со кое го задолжува функционерот кој раководи со органот во рок од десет дена да одлучи по поднесеното барање, односно да го одобри или одбие барањето и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копие од актот со кој одлучил по поднесеното барање.

Од содржината на оспорениот член јасно произлегува дека истиот истовремено упатува на член 293-а став 3 од Законот за општата управна постапка.

Меѓутоа, од увидот во Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), јасно и недвосмислено произлегува дека овој закон содржи вкупно 141 член, што значи дека истиот нема член 293-а, на што упатува оспорениот член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција.

Од наведеното произлегува дека член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција, во оспорениот дел „член 239-а став 3“ упатува на примена на член кој воопшто не постои во наведениот закон, односно Законот за општата управна постапка, што според Судот, истиот во оспорениот дел не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, односно со принципот на владеењето на правото. Ова од причина што не станува збор за незначителен технички пропуст на законскиот текст, туку упатување на норми кои се непостоечки, што доведува до правна несигурност, нејаснотии и забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Оттука, Судот оцени дека оспорениот дел од член 21-а став 1 од Законот за управната инспекција, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот,Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.15/2018
9 јули година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply