Решение У.бр.91/2017

У.бр.91/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 јуни 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 точка 24 од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ брoj 55/2013, 41/2014, 115/2014, 116/2015, 153/2015, 192/2015, 61/2016 и 172/2016).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата оспорениот член 2 точка 24 од Законот со кој се определувало значењето на изразот „запишување по службена должност”, не наоѓал понатамошна примена во Законот, затоа што сите запишувања на правото на сопственост и други стварни права во катастарот на недвижности се вршеле само по пријава за запишување.

Освен наведеното, требало да се има предвид и фактот за отсуство во Законот на посебна глава, поднаслов, наслов или одредба „запишување по службена должност”, така што оспорената законска точка во пракса не се спроведувала, а ако се спроведувала, тоа се правело на недозволен и самовластен начин, со што се повредувал принципот на владеење на правото, кој подразбирал доследна примена на законските прописи, кои требало да бидат општи, точно определени и недвосмислено формулирани правила, а не непрецизни одредби, како што било случај со оспорената законска одредба, од кои причини се предлага укинување или поништување на оспорената точка 24 на членот 2 од Законот, како спротивен на членот 8 став 1 алинеја 3 и членот 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 2 точка 24 од Законот, „запишување по службена должност” е запишување на правото на сопственост и другите стварни права во катастарот на недвижности на Република Македонија и ажурирање на податоците од катастарот на недвижности, како и во други случаи предвидени со овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 2 од Законот за катастар на недвижности, е дефинирано значењето на употребените изрази во Законот, меѓу кои и значењето на употребениот израз „запишување по службена должност” од оспорената точка 24 на членот од Законот, според која „запишување по службена должност” е запишување на правото на сопственост и другите стварни права во катастарот на недвижности на Република Македонија и ажурирање на податоците од катастарот на недвижности, како и во други случаи предвидени со овој закон.

Причините за оспорување на одредбата од Законот, се темелат на евентуална можност, оспорениот израз да доведе до отстапувања од строго утврдените правила во Законот за начинот и условите под кои може да се врши запишување на сопственичките и други стварни права во катастарот на недвижности, поради нејасното формулирање на оспорената законска одредба.

Разгледувајќи го значењето и суштината на оспорениот израз од точка 24 на членот 2 (дефиниции) од Законот, во контекст на случаите опфатени со законските одредби во кои тој е употребен, според Судот, не произлегува можност од интерпретација на значењето на оспорениот израз, како што се наведува со иницијативата, поради следното:

Со Законот е регулиран начинот и условите за запишување на сопственичките и други стварни права во катастарат на недвижности по поднесена пријава за запишување, при што службена должност е на Агенцијата за катастар на недвижности да постапи по уредно поднесената пријава и да изврши запишување на правата во јавната книга (катастар на недвижности), без да испитува дали исправите за правниот основ се составени, односно донесени согласно со закон (член 146).

Меѓутоа, покрај запишување на сопственички и други стварни права врз основа на поднесена пријава за запишување, Агенцијата во рамките на своите надлежности врши и други работи и презема низа дејствија, од кои за Агенцијата произлегува овластување по службена должност да врши запишување на сопственички и други стварни права во катастарот на недвижности заради ажурирање на истиот.

Случаите во кои оспорениот израз „запишување по службена должност”, наоѓа своја примена, се опфатени во низа одредби од Законот за катастар на недвижности.

Имено, со член 57 став 1 од Законот, е определено дека премерот во функција на востановување на катастарот на недвижности, како и премерот во функција на одржување на катастарот на недвижностите се врши по барање на странка, меѓутоа со Законот се определени и случаите кога Агенцијата и без поднесено барање, по службена должност, е овластена (член 8 став 2) да врши премер на недвижностите.

Така, според ставот 2 на членот 57 од Законот, премерот се врши по службена должност од страна на Агенцијата при одржување на катастарот на недвижности во функција за запишување на недвижности сопственост на Република Македонија, во функција на ажурирање на податоците од катастарот на недвижности по службена должност за недвижностите кои останале со незапишани права, како и во функција на одржување на државната граница.

Исто така, според ставот 3 на членот 57 од Законот, премерот во функција на ажурирање на податоците од катастарот на недвижностите се врши по службена должност за катастарските општини кои пред влегувањето во сила на катастарот на недвижности биле со катастар на земјиште востановен врз основа на попис (пописен катастар) и за кои процентот на незапишани права при востановувањето на катастарот на недвижности е поголем од 20%.

Според член 80 став 1 од Законот, во катастарот на недвижности промена на катастарската култура и класа се врши по пријава на странка, а според ставот 2 на членот 80 од Законот, по исклучок од ставот 1 на овој член промена на катастарска култура и класа може да се врши и по службена должност.

Според член 169 од Законот, катастарот на недвижности опфаќа три вида на запишувања: укнижување, предбележување и прибележување.

Според член 171 став 1 предбележувањето е условно укнижување на стекнувањето или престанокот на правото на сопственост и на подоблиците на правото на сопственост на недвижност кога е поднесена пријава за запишување во катастарот на недвижности, а не се исполнети правните претпоставки, односно условите за запишувањето од членот 176 (постоење на правен основ подобен за запишување) од овој закон и доколку основот за конечното укнижување не е достатно застапен.

Во оваа смисла според ставот 2 на членот 171 од Законот, со доставување на доказ дека се исполнети правните претпоставки, односно условите за запишувањето од членот 176 од овој закон, се брише предбележувањето и истовремено се укнижува правото на сопственост, што значи во ваков случај, Агенцијата по службена должност врши запишување на правото на сопственост.

Воедно, според ставот 3 на членот 171 од Законот, по истекот на шест месеци од денот на извршеното предбележување, предбележувањето не произведува правно дејство и може да се брише по пријава на носителот на правото на сопственост на недвижноста на која е извршено предбележувањето, меѓутоа, доколку бришењето на предбележувањето не се изврши во рокот утврден во ставот 3 на овој член, Агенцијата по службена должност ќе го избрише предбележувањето (став 4).

Со член 174 став 1 алинеите 1 до 6 од Законот, е определено дека запишувањето во катастарот на недвижности се врши врз основа на:
-закон,
-правосилни судски одлуки, одлуки за привремена мерка, претходна мерка и други акти за обезбедување на побарувања согласно со закон,
-одлука на Владата на Република Македонија,
-конечни, односно правосилни акти на органите на државната власт, на органите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања,
-правни дела и
-изјави заверени кај нотар врз основа на кои може да се изврши запишување на правата на недвижностите, чие поднесување е задолжително утврдено со овој или со друг закон.

Меѓутоа, по исклучок од ставот 1 на членот 174 од Законот, во постапката на запишување на недвижностите кои останале со незапишани права, ако не постојат основите од ставот 1 на овој член, правото на сопственост на земјиштето и правото на сопственост на објектите сметано до приземје, кои биле евидентирани во катастарот на земјиште, ќе се запише врз основа на податоци од катастарот на земјиште (став 2).

Со членот 209 став 1 од Законот (отстранување на грешки), таксативно се наведува, што се подразбира под грешки направени при прибирањето и запишувањето на податоците за недвижностите, а со ставот 2 на членот од Законот, се наведува и дека при одржување на катастарот на недвижности се отстрануваат и грешките кои се однесуваат на податоците за правата и за носителите на правата на недвижностите запишани при востановување и одржување на катастарот на недвижности, доколку не се извршени промени при одржување на катастарот на недвижности што се утврдува со увид во правниот основ за запишување.

Според ставот 3 на членот 209 од Законот, грешките од ставовите 1 и 2 на овој член се отстрануваат по пријава на странка и по службена должност со потврда за исправка на грешка.

Согласно член 210 ставови 1 и 2 од Законот, во одржување на катастарот на недвижности се врши ажурирање на податоците за недвижностите, по службена должност и по пријава на странка.

Членот 211 од Законот со наслов „Ажурирање на податоци по службена должност”, е посветен на случаите во кои се врши ажурирање на податоците за недвижностите по службена должност.

Според ставот 1 на членот 211 од Законот, ажурирањето на податоците во катастарот на недвижности по службена должност се врши за катастарските општини каде што процентот на недвижностите кои останале со незапишани права е поголем од 20%, врз основа на извршениот премер од членот 57 став 3 од овој закон.

Според ставот 2 на членот 211 од Законот, со ажурирањето на податоците од ставот 1 на овој член, се врши запишување на правата на недвижностите согласно со одредбите од член 190 став 2, член 191, член 193, член 194 став 2, член и член 198 од овој закон.

Според ставот 3 на членот 211 од Законот, за недвижностите за кои подносителите на пријавите можат да извршат идентификација согласно со правниот основ за запишување/податокот од службената евиденција на Агенцијата и геодетскиот елаборат од премерот извршен по службена должност од членот 57 став 3 од овој закон, се врши запишување на правата на недвижностите.

Според ставот 4 на членот 211 од Законот, за недвижностите за кои подносителите на пријавите не можат да извршат идентификација, а за кои недвижности Агенцијата може да изврши идентификација на недвижностите согласно со податоците содржани во службената евиденција од катастарот на земјиште и податоците содржани во геодетскиот елаборат од премерот извршен по службена должност од членот 57 став 3 од овој закон, се врши запишување на правата на недвижностите.

Согласно ставот 5 на членот 211 од Законот, по исклучок од ставовите 3 и 4 на овој член за недвижностите за кои не е поднесена пријава за ажурирање на податоците за недвижностите по службена должност, а за кои недвижности Агенцијата може да изврши идентификација на недвижностите согласно со податоците содржани во службената евиденција од катастарот на земјиште и податоците содржани во геодетскиот елаборат од премерот извршен по службена должност од членот 57 став 3 од овој закон, се врши запишување на правата на недвижностите. Доколку Агенцијата за овие недвижности не може да изврши идентификација истите остануваат со незапишани права.

Според член 216 од Законот, пресметувањето на вредноста на недвижностите запишани во катастарот на недвижности се врши врз основа на модел за масовна процена (став 1). Масовната процена на недвижностите од ставот 1 на овој член ја врши Агенцијата по службена должност (став 2). Пресметаната вредност на недвижностите од ставот 1 на овој член може да се земе предвид при определувањето на износот на данокот на имот согласно со закон (став 3).

5. Имајќи ги предвид погоре цитираните законски одредби од кои јасно произлегува во кои случаи Агенцијата за катастар на недвижности, е овластена по службена должност да врши запишувања во катастарот на недвижности, покрај запишувањата кои Агенцијата ги врши врз основа на уредно поднесена пријава од овластен подносител за запишување на сопственички и други стварни права во катастарот на недвижности, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 2 точка 24 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.

У.бр.91/2017
27 јуни 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply