Решение У.бр.90/2017

У.бр.90/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 20 јуни 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1, во деловите: „и обврските“, член 4, член 114 став 1, во делот: „обврските и одговорностите“ и член 116 став 1 точка 2 алинеја 2, во делот: „само на Синдикатот потписник на овој колективен договор“, од Колективниот договор на Министерството за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.108/2013).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Колективниот договор означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените делови од член 1 и член 114 став 1 на Колективниот договор биле „во спротивност со член 37 став 1 од Уставот на Република Македонија, според кој заради остварување на своите економски и социјални права граѓаните имаат право да основаат синдикати …, а не синдикатот заедно со работодавачот на работниците да им наметнуваат обврски и одговорности, како што е, за жал, предвидено во оспорените делови.“

Понатаму се наведува дека: „исто така, согласно член 184 став 2 од Законот за работните односи (ЗРО), синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси.“

Од изнесените причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорените делови од член 1 и член 114 став 1 на Колективниот договор не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 37 став 1 и член 51 од Уставот и со член 184 став 2 од Законот за работните односи.

Во врска со член 4 и член 116 став 1 точка 2 алинеја 2 од Колективниот договор, подносителот на иницијативата најнапред наведува дека во Министерството за одбрана и во Армијата на Република Македонија постоеле четири синдикати (Синдикат на одбрана и безбедност; Синдикат на одбранбениот и безбедносен сектор; Независен синдикат на одбрана и Независен синдикат на професионалните војници на Република Македонија), па членовите 4 и 116 не можеле да се однесуваат и да привилегираат само еден синдикат – Синдикатот на одбрана и безбедност, бидејќи со тоа биле дискриминирани другите три синдикати, поради што оспорените одредби не биле во согласност со членот 9 од Уставот.

Покрај тоа, членот 5 од Колективниот договор определувал дека овој колективен договор е задолжителен за сите работници кои имаат засновано работен однос по било кој основ во Министерството и во Армијата, па Колективниот договор морал да се однесува и на другите три синдикати кои се исто така формирани од вработени во Министерството и во Армијата и за чие основање не било потребно претходно одобрување според член 184 став 5 од Законот за работните односи, па нивното ставање во понеповолна положба не било во согласност ниту со член 185 став 2 од Законот за работните односи.

Поради тоа, оспорениот член 4 и оспорениот дел од членот 116 на Колективниот договор не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 37 став 1 и член 51 од Уставот, како и со член 184 став 5 и член 185 став 2 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека членовите 1 и 4 се сместени во делот „А) Општи одредби“ (членови 1-7), од наведениот колективен договор.

Во членот 1 се определува дака „со овој колективен договор се уредуваат, односно доуредуваат правата и обврските од работен однос на работниците во Министерството за одбрана (во натамошниот текст: Министерството) и Армијата на Република Македонија (во натамошниот текст: Армијата) од една страна и Министерството како работодавец од друга страна, како и условите и начинот на остварувањето на правата и обврските од работните односи или во врска со работните односи.“

Членот 4 од Колективниот договор утврдува дека „синдикат, во смисла на овој колективен договор е Синдикатот на одбраната и безбедноста (во натамошниот текст: Синдикатот), претставуван од претседателот и неговите овластени претставници.“

Членовите 114 и 116 се сместени во делот „Б) Посебни одредби“ (членови 8-134), оддел „VIII. Синдикат“ (членови 112-125), од Колективниот договор.

Според член 114 став 1, „Министерството и Армијата активно го вклучуваат Синдикатот во процесот на подготвување на закони, подзаконски прописи и други акти кои се однесуваат на правата, обврските и одговорностите од работен однос на работниците во Министерството и во Армијата.“

Во член 116 став 1 од Колективниот договор се предвидува дека „заради остварување на синдикалните функции на претставниците на Синдикатот, Министерството им овозможува и обезбедува стручни, административни и технички услуги, како и услови за пресметување и уплата на синдикална членарина и тоа: точка 2. За остварување на финансиско-сметководствени работи за потребите на Синдикатот: алинеја 2 – вршење финансиска услуга, реализирање на административни забрани на плати. Министерството врши реализирање на финансиско-сметководствените работи само на Синдикатот потписник на овој колективен договор.“

4.а.1) Во однос на членовите 1 и 114 од Колективниот договор, Судот најнапред го утврди следното во врска со положбата на синдикатот во правниот поредок на Република Македонија:

Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија

Во член 37 став 1 од Уставот се определува дека „заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации.“

Понатаму, Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016) го пропишува следното:
– „Работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат“ (член 184 став 1);
– „Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси“ (член 184 став 2);
– „Синдикатите …од ставовите 1 …на овој член можат да се основаат без било какво претходно одобрување“ (член 184 став 5);
-„Работникот …слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот …“ (член 185 став 1);
– „Никој не смее да биде ставен во понеповолна положба поради членство или нечленство во синдикатот, …односно учество или неучество во дејноста на синдикатот, …“ (член 185 став 2);
– „Синдикатот, …не можат да бидат (1) распуштени или (2) нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон“ (член 186 став 1);
– „Активноста на синдикатот и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот, ако тоа е во согласност со закон и колективен договор“ (член 186 став 2);
– „Синдикатите, …можат да основаат свои сојузи или други облици на здружување во кои нивните интереси се здружуваат на повисоко ниво …“ (член 187 став 1);
-„Синдикатите, …имаат право слободно да се здружуваат и соработуваат со меѓународните организации основани поради остварување на нивните права и интереси“ (член 187 став 3);
– „Синдикат на повисоко ниво, …стекнува својство на правно лице со денот на упис во Централниот регистар на Република Македонија, по претходен упис во регистарот на синдикати, …“ (член 189);
– „Синдикатите, …на повисоко ниво, се запишуваат во регистарот на синдикати, …кој се води во министерството надлежно за работите од областа на трудот“ (член 190 став 1);
– „Синдикатот, …можат да бараат од судот да ја забрани дејноста која е спротивна на правото на слободно здружување на работниците, …“ (член 197 став 1);
– „Работникот не смее да биде ставен во понеповолна положба од другите работници поради членство во синдикатот, …“ (член 198 став 1);
– „Синдикалните претставници имаат право кај работодавачот да ги штитат и промовираат правата и интересите на членовите на синдикатот“ (член 199 став 3);
-„Работодавачот е должен на најбројниот репрезентативен синдикат да му обезбеди просторни услови за вршење на дејноста“ (член 199 став 4);
– „Синдикалниот претставник е заштитен од отказ согласно со овој закон“ (член 200 став 1);
– „На работникот кој е избран или именуван на синдикална функција утврдена со статут, му мирува работниот однос и има право во рок од пет дена по престанувањето на функцијата што ја вршел, да се врати на работа за вршење на работи кои одговараат на неговиот степен на стручна подготовка“ (член 200 став 7);
– „Синдикатот,…престанува да дејствува ако така одлучи надлежното тело на синдикатот, … кое со статутот е овластено да одлучува за престанок на дејствување на синдикатот, …“ (член 201);
– „Дејствувањето на синдикатот, …ќе се забрани со одлука на редовниот суд, надлежен според седиштето на синдикатот, …, доколку неговата дејност е спротивна на Уставот и закон“ (член 202 став 1).
Од изнесените уставни одредби произлегува дека (1) темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на граѓанинот утврдени во Уставот, како и дека (2) граѓаните имаат уставно право да основаат синдикати за да ги остваруваат своите економски и социјални права.

Од цитираните законски одредби произлегува дека во сферата на работните односи:
(1) во врска со основањето на синдикат, (а) работниците имаат право слободно да основаат синдикат, (б) да стапуваат и истапуваат од него,(в) за членувањето односно дејствувањето или нечленувањето односно недејствувањето во синдикатот не можат да бидат ставени во неповолна положба, понатаму
(2) во врска со дејствувањето на синдикатот, (а) синдикатот е самостојна, демократска, независна и доброволна организација на работниците за заштита и унапредување на работничките економски, социјални и други интереси за чие основање не е потребно претходно одобрување, (б) синдикатот не може да биде распуштен, ниту неговата активност запрена административно, а ако е попречувано слободното здружување на работниците, синдикатот може да бара од судот да ги забрани таквите дејства, (в) синдикатот може да основа сојузи на повисоко ниво и да се здружува или соработува со соодветни меѓународни организации, (г) синдикатот организиран на повисоко ниво се запишува во регистарот на синдикати кој се води во Министерство за труд и социјална политика и стекнува својство на правно лице со упис во Централниот регистар на Република Македонија, (д) работодавачот е должен да обезбеди просторни услови за вршење на дејноста на најбројниот репрезентативен синдикат, синдикалните претставници се заштитени од отказ и имаат право да ги штитат правата и интересите на работниците пред работодавачот, а при избор или именување на синдикална функција им мирува работниот однос кај работодавачот, и
(3) во врска со престанување на синдикатот, (а) синдикатот престанува да дејствува ако така одлучи надлежното тело на синдикатот или (б) дејствувањето на синдикатот ќе се забрани со одлука на редовниот суд ако неговата активност е спротивна на Уставот и на закон.

а.2) Во врска со положбата на колективниот договор од сферата на работните односи во правниот поредок на Република Македонија, Судот го утврди следното:

Според член 32 став 5 од Уставот, „остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат (1) со закон и со (2) колективни договори.“

Законот за работните односи, пак, определува дека:
-Законот го дефинира изразот „работен однос“ како „договорен однос меѓу (1) работникот и (2) работодавачот во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот“ (член 5 став 1 точка 1). Притоа, под изразот „работник“ Законот го определува „секое физичко лице кое е во работен однос врз основа на склучен договор за вработување“, а под изразот „работодавач“ Законот подразбира „правно и физичко лице, како и друг субјект (орган на државна власт, орган на единица на локалната самоуправа, подружница на странско друштво, дипломатско и конзуларно претставништво), кои вработуваат работници врз основа на договор за вработување“ (член 5 став 1 точки 2 и 6);
– Законот понатаму посветува цела глава на колективните договори („XIX.Колективни договори“, членови 203-235);
-„Колективен договор се склучува како (1) општ на ниво на Република, (2) посебен на ниво на гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и (3) поединечен на ниво на работодавач“ (член 203);
-„Поединечен колективен договор склучуваат (1) репрезентативниот синдикат кај работодавачот и (2) овластеното лице од работодавачот“ (член 219 став 1);
-„Репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач се определува заради учество во колективно договарање на ниво на работодавач“ (член 211 став 5);
-„Репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработените кај работодавачот и кои плаќаат членарина“ (член 212 став 5);
-„Работодавачот е должен, на барање на синдикатот, да издаде потврда со списокот на членовите на синдикатот кои се вработени кај него и плаќаат членарина“ (член 213-в став 4);
-„Министерството надлежно за работите од областа на трудот, на предлог на Комисијата (Комисија за утврдување на репрезентативноста, членови 213-а и 213-б, н.з.), донесува решение за репрезентативност во рок од 15 дена од денот на донесувањето на предлогот на Комисијата“ (член 213-г став 2), против кое решение „може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“ (член 213-г став 3), а против решението од Државната комисија „може да се заведе управен спор пред надлежен суд“ (член 213-г став 4);
-„Синдикат …можат да поднесат барање за преиспитување на репрезентативноста, по истекот на период од една година од денот на донесувањето на решението за утврдување на репрезентативност“ (член 213-д став 2);
-„Ако ниеден од синдикатите, …не ги исполнува условите за репрезентативност во смисла на овој закон, синдикатите, …можат да склучат спогодба за здружување заради учество во склучувањето на колективниот договор“ (член 214);
-„Во случај на спор за репрезентативноста на синдикатот, …одлучува надлежниот суд во согласност со закон, во рок од осум дена“ (член 215);
-Поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор“ (член 208 став 3).

Од изнесената уставна одредба произлегува дека положбата и правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори.
Од цитираните одредби на Законот за работните односи произлегува дека:
(1) работникот (а) доброволно стапува во работен однос со работодавачот (б) заснован на договор за вработување и (в) на работодавачот му врши определени работи (г) за да добие плата и други примања,
(2) договорот за вработување се заснова (а) на закон, (б) општ, (в) посебен и (г) поединечен колективен договор, при што поединечниот колективен договор е (д) склучен меѓу работодавачот и синдикатот на работниците вработени кај тој работодавач и (ѓ) важи за сите вработени кај тој работодавач, па
(3) при постоење на повеќе синдикати кај истиот работодавач, (а) поединечниот колективен договор го склучува репрезентативниот синдикат, (б) во кој членуваат повеќе од 20% од бројот на вработените кај работодавачот и (в) чија репрезентативност е утврдена од Министерството за труд, (г) репрезентативноста може да се преиспитува или да се оспорува во второстепена управна постапка, во двостепен управен спор и во спор пред редовни судови, а
(4) доколку ниеден од синдикатите кај еден работодавач нема членови над 20% од вработените, повеќе синдикати можат да договорат спогодба за здружување за да учествуваат во склучување на поединечниот колективен договор.

а.3) Имајќи ја предвид положбата на синдикатот кај конкретен работодавач, од една страна, и положбата на поединечниот колективен договор во сферата на работните односи, од друга страна, Судот утврди дека синдикатот кај конкретен работодавач е само една од страните во преговарањето и склучувањето на поединечниот колективен договор, а другата страна е работодавачот, па од тој однос меѓу синдикатот и работодавачот настануваат права на работниците и обврски и одговорности на работодавачот во врска со правата на работниците, како и права на работодавачот и обврски и одговорности на работниците во врска со правата на работодавачот и сето тоа се уредува во колективниот договор чии одредби стануваат задолжителни правни правила. Според тоа, Судот оцени дека синдикатот не е единствен доносител на поединечниот колективен договор за да може да ги уредува само правата на работниците без било какви обврски и одговорности за нив, па наводите во иницијатвата дека со членовите 1 и 114 од Колективниот договор синдикатот им наметнувал обврски и одговорности на работниците заедно со работодавачот се неосновани.

Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постапи прашање за согласност на член 1 во деловите: „и обврските“ и член 114 став 1 во делот: „обврските и одговорностите“ од Колективниот договор на Министерството за одбрана со наведените одредби од Уставот и Законот за работните односи.

б.1) Во врска со членовите 4 и 116, Судот го утврди следното:
Веќе е изнесено дека Законот за работните односи го уредил односот меѓу повеќе синдикати кои постојат истовремено кај ист работодавач, во врска со склучување на поединечен колективен договор. Тоа е направено на следниот начин:

б.1.1) Во врска со постоењето на повеќе синдикати истовремено кај ист работодавач, Законот определува:
-„Работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат“ (член 184 став 1);
-„Синдикатите …од ставовите 1 …на овој член можат да се основаат без било какво претходно одобрување“ (член 184 став 5);
-„Работникот …слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот …“ (член 185 став 1);
-„Синдикатот, …не можат да бидат (1) распуштени или (2) нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон“ (член 186 став 1);
-„Активноста на синдикатот и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот, ако тоа е во согласност со закон и колективен договор“ (член 186 став 2).

Од цитираните законски одредби произлегува дека основањето на синдикат е право на работниците кое тие можат да го остваруваат по слободен избор и без претходно одобрување, дека синдикатот не може да биде распуштен или нивната дејност да се запре административно, ниту пак активностите на синдикатот можат да се ограничат со акт на работодавачот, а работниците сами одлучуваат дали ќе стапат или истапат од конкретниот синдикат.

б.1.2) Во врска со склучувањето на поединечен колективен договор при постоење на повеќе синдикати истовремено кај ист работодавач, Законот определува:
-„Поединечен колективен договор склучуваат (1) репрезентативниот синдикат кај работодавачот и (2) овластеното лице од работодавачот“ (член 219 став 1);
-„Репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработените кај работодавачот и кои плаќаат членарина“ (член 212 став 5);
-„Министерството надлежно за работите од областа на трудот, на предлог на Комисијата (Комисија за утврдување на репрезентативноста, членови 213-а и 213-б, н.з.), донесува решение за репрезентативност во рок од 15 дена од денот на донесувањето на предлогот на Комисијата“ (член 213-г став 2), против кое решение „може да се поднесе жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“ (член 213-г став 3), а против решението од Државната комисија „може да се заведе управен спор пред надлежен суд“ (член 213-г став 4);
-„Во случај на спор за репрезентативноста на синдикатот, …одлучува надлежниот суд во согласност со закон, во рок од осум дена“ (член 215).

Од изнесените законски одредби произлегува дека при постоење на повеќе синдикати кај ист работодавач, поединечен колективен договор склучува репрезентативниот синдикат, дека репрезентативен синдикат е синдикатот во кој членуваат над 20% од вработените кај конкретниот работодавач, дека тоа се утврдува со решение за репрезентативноста донесено од Министерството за труд и социјална политика, а доколку е спорна репрезентативноста на синдикатот, таа може да се преиспита или да се обжали во второстепена управна постапка или да се оспори во управно-судска постапка или да се оспори во постапка пред редовни судови.

б.1.3) Имајќи ги предвид изнесените законски одредби, според кои истовремено можат да постојат и да дејствуваат повеќе синдикати кај ист работодавач, но поединечен колективен договор во име на работниците може да склучи само репрезентативниот синдикат, Судот утврди дека означувањето на Синдикатот на одбрана и безбедност како синдикат со кој е склучен Колективниот договор (член 4) и дека само на наведениот синдикат како на потписник на Колективниот договор ќе му се вршат финансиско-сметководствените работи од страна на работодавачот Министерство за одбрана (член 116) е последица на различниот статус меѓу репрезентативниот синдикат кој е потписник на Колективниот договор и другите синдикати кај истиот работодавач кои не се репрезентативни и не се потписници на тој договор. Таа различност меѓу репрезентативниот синдикат и другите синдикати кај истиот работодавач не може да се смета како привилегирање на еден синдикат и дискриминирање на други синдикати, како што се наведува во иницијативата, туку како реализација на начелото на еднаквоста на начин што за нееднаква положба следат нееднакви права, а само за еднаква положба следат еднакви права. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашање за согласноста на членот 4 и на оспорениот дел од членот 116 на Колективниот договор на Министерството за одбрана со наведените одредби од Уставот и Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.90/2017
20 јуни 2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply