Одлука У.бр.102/2017 и У.бр.121/2017

У.бр.102/2017-1 и У.бр.121/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 27 јуни 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за распишување на референдум на локално ниво, бр.09-63/3 од 04.09.2017 год. донесена од Советот на Општина Битола („Службен гласник на Општина Битола“ бр.9/2017).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативите поднесени од Јонче Цветковски од Скопје и од Државниот инспекторат за локална самоуправа, со Решение У.бр.102/2017 и У.бр.121/2017 од 22 мај 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 25 став 1, член 28 став 3 од Законот за локална самоуправа (,,Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), член 6 став 1, членови 36 и 37 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 81/2005) и член 82 став 1 од Статутот на Oпштината Битола („Службен гласник на Општина Битола“ бр. 10/2005 и 17/2008), Советот на Општината Битола на седницата одржана на 04.09.2017 година, донел

О Д Л У К А
за распишување на референдум на локално ниво

Член 1

Советот на Општина Битола распишува референдум за подрачјето на Општината Битола заради изјаснување на граѓаните на Општина Битола за создавање на услови за населување и интеграција на бегалци и мигранти на подрачјето на Општината Битола.
Референдумот го распишува Советот на Општината Битола по сопствена иницијатива.

Член 2

На референдумот на локално ниво граѓаните на Општината Битола ќе треба да се произнесат по однос на следното прашање:
1. Дали сте ЗА или ПРОТИВ населување и интеграција на мигранти на подрачјето на Општина Битола?

Член 3

Одлуката на референдумот на локално ниво ќе се смета за донесена ако за неа гласале мнозинство од вкупниот број на граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Изводот од Избирачкиот список за Општината.
Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Член 4

Референдумот на локално ниво ќе се одржи на ден 15.10.2017 година (недела), во периодот од 07.00-19.00 часот.
Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум во службеното гласило на Општината, до денот на одржување на референдумот на локално ниво не можат да поминат помалку од 25 дена ниту повеќе од 40 дена.

Член 5

Референдумот ќе го спроведе Општинската изборна комисија Битола и избирачките одбори.

Член 6

Средствата за спроведување на референдумот ќе се обезбедат од Буџетот на Општината Битола со наредниот ребаланс на Буџетот.

Член 7

Примерок од оваа одлука да се достави до Општинската изборна комисија и Државната изборна комисија на РМ.

Член 8

Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Битола“, а ќе биде објавена и на огласната табла во Општината Битола и веб-страницата на Општината Битола.

Бр.09-63/3                                                                                                                                              ПРЕТСЕДАТЕЛ
04.09.2017 г.                                                                                                                            на Советот на Општината Битола
Б и т о л а                                                                                                                                         д-р Силвана Ангелевска

5. Според член 2 став 2 од Уставот, граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 9 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и меѓународни договори. Републиката им гарантира право на азил на странците и на лицата без државјанство, прогонети заради демократско политичко уверување и дејствување.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според точката 1 на Амандманот XVII на Уставот со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија. во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Во член 115 став 2 од Уставот е определено дека општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката. Според ставот 3 од истиот член од Уставот, Републиката може со закон да и довери вршење на определени работи на општината.

Надлежностите на општините се уредени со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002), при што членот 20 определува дека општините, во рамките на законот, во согласност со начелото на супсидијарност, имаат право на своето подрачје да ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт.

Во членот 21 од Законот е определено дека, општините самостојно, во рамките на законот, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење, утврдени со овој или друг закон и се одговорни за нивното вршење (став 1). Со законот со кој се утврдуваат други надлежности на општината се определуваат и изворите на финансирање за вршење на тие надлежности (став 2). Надлежностите од ставот 1 на овој член по правило се целосни и исклучиви и не смеат да бидат одземени или ограничени, освен во случаите утврдени со закон (став 3).

Во членот 22 од Законот се определени надлежностите на општините. Така, според ставот 1 од овој член од Законот, општините се надлежни за вршење на следните работи:

1. Урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредувањето на просторот и уредувањето на градежното земјиште;
2. Заштитата на животната средина и природата-мерки за заштита и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучавата и нејонизирачкото зрачење.
3. Локалниот економски развој-планирање на локалниот економски развој; утврдување на развојните и структурните приоритети; водење на локална економска политика; поддршка на развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на локално ниво и во тој контекст, учество во воспоставувањето и развојот на локалната мрежа на институции и агенции и промовирање на партнерство;
4. Комуналните дејности-снабдувањето со вода за пиење; испораката на технолошката вода; одведувањето и пречистувањето на отпадните води; јавното осветлување; одведувањето и третманот на атмосферските води; одржувањето на јавна чистота; собирање, транспортирање и постапување со комуналниот цврст и технолошки отпад; уредувањето и организирањето на јавниот локален превоз на патници; снабдувањето со природен гас и топлинска енергија; одржувањето на гробовите, гробиштата, крематориумите и давањето погребални услуги; изградбата, одржувањето, реконструкцијата и заштитата на локалните патишта, улици и други инфраструктурни објекти; регулирање на режимот на сообраќајот; изградбата и одржувањето на уличната сообраќајна сигнализација; изградбата и одржувањето на јавниот простор за паркирање; отстранувањето на непрописно паркираните возила; отстранување на хаварисаните возила од јавните површини; изградбата и одржувањето на пазарите; чистењето на оџаците; одржувањето и користењето на парковите, зеленилото, парк-шумите и рекреативните површини; регулацијата, одржувањето и користењето на речните корита во урбанизираните делови; определувањето на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти;
5. Културата – институционалната и финансиската поддршка на културните установи и проекти; негувањето на фолклорот, обичаите, старите занаети и слични културни вредности; организирањето културни манифестации; поттикнувањето на разновидни специфични форми на творештво;
6. Спортот и рекреацијата – развојот на масовниот спорт и рекреативните активности; организирањето на спортски приредби и манифестации; одржувањето и изградбата на објекти за спорт; поддршка на спортски сојузи;
7. Социјалната заштита и заштита на децата – детски градинки и домови за стари (сопственост, финансирање, инвестиции и одржување); остварување на социјална грижа за инвалидните лица; децата без родители и родителска грижа; деца со воспитно-социјални проблеми; деца со посебни потреби; децата од еднородителски семејства; децата на улица; лицата изложени на социјален ризик; лицата засегнати со злоупотреба на дрога и алкохол; подигање на свеста на населението; домување на лица со социјален ризик; остварување на право и воспитување на децата од предучилишна возраст. Вршењето на овие надлежности се во согласност со Националната програма за развој на социјалната заштита;
8. Образование – основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови;
9. Здравствената заштита – управување со мрежата на јавни здравствени организации и објекти од примарна здравствена заштита кои треба да вклучат застапеност на локалната самоуправа во сите одбори на сите здравствени организации во јавна сопственост, здравственото воспитување; унапредување на здравјето; превентивни активности; заштита на здравјето на работниците и заштита при работа; здравствен надзор над животната средина; надзор над заразните болести; помош на пациенти со специјални потреби (на пример, ментално здравје, злоупотреба на деца итн.) и други области кои ќе бидат утврдени со закон;
10. Спроведување на подготовки и преземање мерки за заштита и спасување на граѓаните и материјалните добра од воени разурнувања, природни непогоди и други несреќи и од последиците предизвикани од нив;
11.Противпожарна заштита што ја вршат територијалните противпожарни единици;
12.Надзор над вршењето на работите од нејзина надлежност и
13.Други работи определени со закон.

Законот за локалната самоуправа посебно го уредува и непосредното учество на граѓаните во одлучувањето во општините.

Според член 25 став 1 од Законот, граѓаните непосредно одлучуваат за прашања од локално значење преку граѓанска иницијатива, собир на граѓаните и референдум, на начин и постапка утврдени со закон.

Според член 28 став 1 од Законот, граѓаните преку референдум можат да одлучуваат за прашањата од надлежност на општината, како и за други прашања од локално значење.

Според ставот 3 на овој член од Законот, советот може да распише референдум за прашања од негова надлежност, по сопствена иницијатива. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна за советот (став 4).

Надлежностите на советот се утврдени во член 36 став 1 од Законот за локалната самоуправа, според кој советот: 1. Го донесува статутот на општината и други прописи; 2. Донесува буџет на општината и годишна сметка на општината; 3. Ја утврдува висината на сопствените извори на приходи за финансирање на општината, во рамките утврдени со закон; 4. Основа јавни служби во рамките на надлежноста на општината и врши надзор над нивната работа; 5. Именува членови во управните одбори на јавните служби, кои ги основа; 6. Усвојува програми за работа и финансиски планови за финансирање на јавните служби, кои ги основала општината; 7. Ги усвојува извештаите за извршување на буџетот и годишната сметка на општината; 8. Одлучува за давање дозвола за вршење дејност од јавен интерес од локално значење, во согласност со закон; 9. Ги усвојува извештаите за работата и годишните сметки на јавните служби, кои ги основала општината; 10. Одлучува за начинот на располагање со сопственоста на општината; 11. Одлучува за начинот на вршење на финансиска контрола на буџетот на општината, во согласност со закон; 12. Го избира лицето кое раководи со подрачната единица на Министерството за внатрешни работи во општината, во согласност со закон; 13. Го разгледува и усвојува годишниот извештај за јавната безбедност на подрачјето на општината, кој го доставува до министерот за внатрешни работи и народниот правобранител; 14. Може да дава препораки на раководното лице на подрачната единица на Министерството за внатрешни работи од областа на јавната безбедност и безбедноста во сообраќајот и 15. Врши и други работи утврдени со закон.

Според членот 2 од Законот за референдум и други облици за непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005), референдумот е облик на непосредно изјаснување на граѓаните во одлучувањето за одделни прашања од надлежност на Собранието на Република Македонија, за прашања од надлежност на општините, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје, како и за други прашања од локално значење.

Во членот 36 од Законот е предвидено дека референдум на локално ниво распишува советот на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје (во натамошниот текст: советот), по сопствена иницијатива и на предлог од најмалку 20% од граѓаните од општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје (став 1). Советот може да распише референдум на локално ниво за прашања од негова надлежност за кои со закон е овластен да одлучува (став 2).

Согласно член 37 од Законот, одлуката за распишување на референдум на локално ниво се објавува во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и преку средствата за јавно информирање на начин утврден со статутот (став 1). Од денот на објавувањето на одлуката за распишување на референдум во службеното гласило на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје до денот на одржувањето на референдумот на локално ниво не можат да поминат помалку од 25 ниту повеќе од 40 дена (став 2).

Во членот 38 од истиот закон е пропишано дека референдум на локално ниво може да се распише за донесување пропис, за прашања што треба да се уредат во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје (претходен референдум) или за преоценување на пропис што претходно е донесен (дополнителен референдум).

Во членот 40 од Законот се определени прашањата за кои не може да се распише референдум. Така, според ставот 1 на овој член, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања што се однесуваат на буџетот и завршната сметка на буџетот на општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје и за организацијата на општинската администрација. Според ставот 2 на истиот член, референдум на локално ниво не може да се распише за прашања за кои советот одлучува со мнозинство гласови од присутните членови на советот при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на советот кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинско население во општината, Градот Скопје и општините во Градот Скопје.

Според членот 1 од Законот за азил и привремена заштита („Службен весник на Република Македонија“ број 49/2003, 66/2007, 142/2008, 146/2009, 166/2012, 101/2015, 152/2015, 55/2016 и 71/2016), кој важел во време на донесување на оспорената одлука за распишување на референдум, со овој закон се уредуваат условите и постапката за добивање и престанок на право на азил на странец или лице без државјанство (во натамошниот текст: странец) кој бара признавање право на азил во Република Македонија, како и правата и должностите на барателите и лицата на кои им е признаено право на азил во Република Македонија. Со овој закон се уредуваат и условите според кои Република Македонија може да даде привремена заштита, како и правата и должностите на лицата под привремена заштита.

Во членот 11 од Законот е утврден принципот на локално учество, кој значи обврска на единиците на локалната самоуправа да ја прифатат одговорноста за сместување на признаените бегалци и лица под супсидијарна заштита во зависност од економската развиеност и бројот на жителите на единиците на локалната самоуправа, за што одлучува Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата).

Согласно членот 12 од Законот, постапката за признавање право на азил во прв степен ја спроведува и донесува одлука Министерството за внатрешни работи преку организациона единица надлежна за азил (во натамошниот текст: Секторот за азил). Против одлуката од ставот 1 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежниот суд.

Според член 47 став 2 од Законот, Министерството за труд и социјална политика со цел да ја олесни интеграцијата на барателите на право на азил или на лицата на кои им е признаено право на азил во Република Македонија ќе изготвува соодветни програми за интеграција.

Според член 48 став 1 од Законот, барателите на право на азил до донесување на конечна одлука во постапката за признавање право на азил имаат право на:
– престој;
– бесплатна правна помош;
– сместување и згрижување во Прифатен центар или друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика, доколку искаже потреба за истото;
– основни здравствени услуги согласно со прописите за здравственото осигурување;
– право на социјална заштита согласно со прописите за социјалната заштита;
– право на образование согласно со прописите за основно и средно образование;
– работа само во рамките на Прифатниот центар или друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика и како и право на слободен пристап на пазарот на труд за барател на право на азил на кој барањето за признавање на право на азил не му е решено во период од една година, по истекот на периодот од една година и
– контакти со Високиот комесаријат за бегалци, како и невладини хуманитарни организации заради давање на правна помош во постапката за признавање право на азил.

Согласно ставот 2 на истиот член, Министерството за труд и социјална политика за правата наведени во ставот 1 на овој член ги известува барателите на право на азил во писмена форма на јазик за кој разумно може да се претпостави дека го разбираат или во усна форма со помош на преведувач. Според ставот 3, Министерството за труд и социјална политика се грижи за обезбедување на средства за издржување и здравствена заштита на барателите на право на азил, додека се наоѓаат во Прифатниот центар или друго место за сместување определено од ова министерство.

Во однос на признаените бегалци, во членот 52 од Законот за азил и привремена заштита е определено дека на признаениот бегалец му се обезбедува сместување, согласно со принципот на локално учество, преку давање соодветен стан на користење или на парична помош потребна за обезбедување простории за сместување, до обезбедување на средства за својата егзистенција, но најдолго две години од денот на доставувањето на решението за признавање на статус на признаен бегалец (став 1). Министерот за труд и социјална политика ги пропишува критериумите и начинот за користење на соодветен стан за сместување или на парична помош потребна за обезбедување простории за сместување на признаениот бегалец (став 2). Во случај кога признаениот бегалец ќе ги одбие дадените простории за сместување во општината, го губи правото на сместување и може да се насели во друга општина по сопствен избор и трошок (став 3).

Според членот 55 од истиот закон, средствата за сместување, социјална заштита и здравствена заштита од членовите 23-а, 52, 53, 54 и 60 на овој закон се обезбедуваат во Буџетот на Република Македонија (став 1). За сместување, остварување на правата од социјална заштита и здравствена заштита од членовите 23-а, 52, 53, 54 и 60 на овој закон се грижи Министерството за труд и социјална политика (став 2).

Во однос на т.н.привремена заштита, во членот 62 од Законот е утврдено дека во случај на масовен прилив на лица кои непосредно доаѓаат од држава во која нивните животи, безбедност или слобода се загрозени со војна, граѓанска војна, окупација, внатрешен конфликт пропратен со насилство или масовно кршење на човековите права, Владата може да им даде привремена заштита (став 1). Владата периодично го преиспитува постоењето на околностите од став 1 на овој член и одлучува за продолжување на привремената заштита (став 2). Привремената заштита во Република Македонија не може да трае подолго од две години (став 3).

Согласно член 23 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” број 158/2010, 187/2013 и 43/2014), за пропис за кој инспекторот смета дека постојат услови за запирање на неговата примена поради неусогласеност со Уставот или закон, подготвува решение за запирање на примената на прописот (став 1). За пропис за кој е донесено решение за запирање на неговата примена поради неусогласеност со Уставот или закон, инспекторот подготвува иницијатива за поведување постапка за оцена на уставноста и законитоста на прописот пред Уставниот суд на Република Македонија (став 2).

Во членот 4 од Европската повелба за локалната самоуправа, кој се однесува на надлежноста на локалната самоуправа е утврдено дека локалните власти во рамките на законот, имаат целосна слобода да ја остваруваат својата иницијатива во поглед на работите кои не се исклучени од нивната надлежност и кои не се дадени во надлежност на некоја друга власт.

Бегалците се дефинирани и заштитени според меѓународното право. Конвенцијата за бегалци од 1951 година и нејзиниот протокол од 1967 година, како и други правни текстови, остануваат темелот на модерната заштита на бегалците. Правните принципи кои тие ги втемелуваат се проткаени низ безброј други меѓународни, регионални и национални закони и практики. Конвенцијата за статусот на бегалците на ООН претставува основен документ со кој се утврдува дали некое лице ги исполнува условите за стекнување статус на бегалец и следствено на тоа за обезбедување соодветна помош и заштита.

Во регулирањето на заштитата на бегалците, Конвенцијата тргнува од принципот на недискриминација, т.е. од обврската на државите-потписнички за нејзина доследна примена врз бегалците без дискриминација во поглед на расата, верата или земјата на потекло. На бегалците со Конвенцијата им се гарантирани повеќе права како што се правото да стекнуваат имот (член 13), право на пристап до суд (член 16), право на вработување и самовработување (член 17 и член 18), право на домување (член 21), право на образование (член 22), слобода на движење (член 26), право на лични исправи и патни документи (членови 27 и 28). Еден од основните принципи на Конвенцијата е и принципот односно забраната на протерување и враќање на територија каде што ќе им биде загрозен нивниот живот (принцип non-refouement).

6. Од наведените одредби на Уставот на Република Македонија произлегува дека референдумот е еден од облиците на остварување на власта на граѓаните и дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок. Уставната положба на локалната самоуправа понатаму е уредена со Амандманот XVII на Уставот, кој ги утврдува областите за кои е надлежна локалната самоуправа, дефинирајќи претходно дека станува збор за прашања од локално значење за кои граѓаните можат да одлучуваат непосредно и преку претставници.

Уставните надлежности на локалната власт понатаму се разработени во Законот за локалната самоуправа кој притоа јасно го утврдува принципот на супсидијарност определувајќи дека општините ги вршат работите од јавен интерес од локално значење, што не се исклучени од нивна надлежност или не се во надлежност на органите на државната власт. Поаѓајќи од оваа општа определба дека општините се надлежни за прашања од локално значење, а не и за оние за кои е надлежна централната власт, и одредбите од Законот за локална самоуправа и Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, правото на граѓаните да одлучуваат преку референдум е лимитирано на прашања од надлежност на општината, односно прашања од локално значење за кои советот на општината е овластен да одлучува.

Од наведените одредби од Законот за азил и привремена заштита произлегува дека во сферата на азилот и привремената заштита општините односно советите на општините немаат со закон утврдено право да одлучуваат, бидејќи сите постапки и дејствија поврзани со положбата на барателите на азил се во надлежност на Владата на Република Македонија, односно органите на централната власт, во прв ред Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика.

Согласно Законот, Министерството за внатрешни работи ја спроведува постапката за признавање на правото на азил преку Секторот за азил. Министерството за труд и социјална политика изготвува програми за интеграција на барателите за азил, се грижи за нивно сместување и згрижување, за таа цел ги определува објектите што претставуваат прифатни центри за барателите на азил и раководи со тие прифатни центри. Министерството за труд и социјална политика исто така, се грижи за обезбедување на средства за издржување и здравствена заштита на барателите на право на азил додека се наоѓаат во Прифатниот центар или друго место за сместување и за остварувањето на нивните социјални права. Притоа, сите финансиски средства за овие намени се обезбедуваат од државниот Буџет.

Улогата на локалната власт во сферата на азилот е формулирана преку т.н. принцип на локално учество кој е дефиниран во членот 11 од Законот, според кој општините имаат обврска да ја прифатат одговорноста за сместување на признаените бегалци и лица под супсидијарна заштита во зависност на економската развиеност и бројот на жителите на единиците на локалната самоуправа, за што сепак одлучува Владата на Република Македонија.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Битола со оспорената одлука распишал референдум на локално ниво заради изјаснување на граѓаните за населување и интеграција на мигранти на подрачјето на Општина Битола (член 1 од Одлуката). Референдумското прашање било формулирано во членот 2 на Одлуката, на следниов начин: „Дали сте ЗА или ПРОТИВ населување и интеграција на мигранти на подрачјето на Општина Битола?“

Иако во оспорената одлука како правен основ за нејзиното донесување се наведени член 25 став 1 и член 28 став 3 од Законот за локалната самоуправа, член 6 став 1, членовите 36 и 37 од Законот за референдум и други облици на непосредно одлучување на граѓаните, од анализата на наведените законски одредби неспорно произлегува дека локален референдум може да се распише само за прашања од надлежност на општината, односно за прашања од локално значење. Притоа, согласно постојната законска регулатива, прашањето за населување и интеграција на бегалците не спаѓа во прашања за кои е надлежна општината, туку за тоа одлучуваат органите на централната власт, односно Владата и надлежните министерства за внатрешни работи и за труд и социјална политика.

Од наведеното Судот утврди дека со оспорената одлука, Советот на Општина Битола, спротивно на наведените закони, распишал локален референдум за прашање што не е во негова надлежност односно за прашање за коешто тој не е овластен со закон да одлучува, со што постапил спротивно на Амандман XVII од Уставот, како и спротивно на членовите 20, 28 и 36 од Законот за локалната самоуправа и на членовите 2, 36 и 38 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати.

У.бр.102/2017
У.бр.121/2017
27 јуни 2018 година

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply