Решение У.бр.164/2017

У.бр.164/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 30 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 16 ставови 3 и 4 од Статутот на Синдикатот на одбраната и безбедноста, донесен од Конгресот на Синдикатот на одбраната и безбедноста на 1 јули 2011 година.

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Статутот означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се цитира содржината на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 (темелни вредности: основни слободи и права на човекот и граѓанинот; владеење на правото; почитување на општо прифатените норми на меѓународното право) , член 20 ставови 1 и 2 (слобода на здружување; слободно основање на здруженија на граѓани, пристапување кон нив и истапување од нив) и член 37 став 1 од Уставот (право на граѓаните да основаат синдикати), а потоа се наведува дека со оспорените статутарни одредби било оневозможено, забрането на граѓаните на Република Македонија слободно да истапуваат од Синдикатот на одбраната и безбедноста само затоа што имале некакви обврски спрема Синдикатот. Тоа било недозволиво бидејќи таквата забрана била спротивна на член 13 став 1 од Статутот на тој синдикат каде било предвидено дека членувањето во Синдикатот на одбраната и безбедноста е доброволно. Оттука, произлегувало прашањето: каква е таа доброволност кога членот се условувал да остане во тоа членство иако повеќе не го сакал тоа членство, дури тоа членување траело уште две години и каква ќе била таа синдикална активност ако некој член се држел спротивно на неговата волја?

Во иницијативата понатаму се споменува член 54 став 1 од Уставот, дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, па се заклучува дека не можело да се ограничуваат слободите и правата со Статутот. Потоа се цитира содржината на членот 9 од Уставот (начело на еднаквост) и од него се заклучува дека правото на еднаквост на граѓаните се предвидувало како темелна вредност за остварување на сите граѓански слободи и права и дека со тоа право се негирала дискриминацијата, привилегиите и повластувањата по основ на социјално потекло и општествена положба, но со оспорените статутарни одредби биле дискриминирани членовите на Синдикатот кои имаат некакви обврски спрема Синдикатот иако тоа прашање можело да се решава во друга постапка, а не да им се забранува да можат да истапуваат од членството и тоа дури 24 месеци од настанатата обврска спрема Синдикатот, што било претерано во однос на сите други членови на синдикатот. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека самото постоење на зборовите: „не може да побара истапување од членството на СОБ“, создавало правна несигурност кај граѓаните, а со тоа се повредувал принципот на владеење на правото гарантиран со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Покрај тоа, во иницијативата се цитира содржината на член 51 од Уставот (согласност на пониските со повисоките правни акти и обврска за почитување на Уставот и законите од секого), па се наведува дека на тој начин се обезбедувало владеењето на правото.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека член 16 ставови 3 и 4 од означениот статут не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 20 ставови 1 и 2, член 37 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, па предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и потоа нивно поништување, а претходно изрекување на привремена мерка за да се спречи настанување на тешко отстранливи и ненадоместливи последици и штети.

3. Судот на седницата утврди дека во член 16 став 3 од наведениот статут се определува дека „член на СОБ (Синдикат на одбраната и безбедноста) не може да побара истапување од членството на СОБ доколку: – има обврски во вид на кредити или набавки на производи остварени со помош и документација на СОБ, до завршување на обврската; – има користено поволности преку СОБ, со учество во активности (синдикални спортски натпревари, семинари, новогодишни подароци, подароци за 8-ми март и сл.), организирани од СОБ, во период до 24 месеци сметано од денот на завршување на активноста во која учествувал, а притоа трошоците за учество биле на товар на Синдикатот на одбраната и безбедноста; – има користено средства од Солидарниот фонд, во период до 24 месеци од денот на уплата на финансиските средства.“

Во оспорениот став 4 од истиот член се определува дека „должината на периодот во кој членот на СОБ не може да побара истапување од членство зависи од висината на трошоците кои СОБ ги има потрошено за членот кој учествувал во горенаведените активности, но не подолго од 24 месеци.“

4.а) Според член 110 алинеја 7 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните“.

Член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, пак, определува дека „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.“

Од цитираната уставна одредба произлегува дека Уставниот суд одлучува за согласноста, покрај другото, на статутите на здруженијата на граѓаните со Уставот, а од изнесената одредба на Деловникот на Судот произлегува дека иницијативата за која не е надлежен Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли.

б.1) Според член 20 став 1 од Уставот, „на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.“

Оваа уставна определба е систематизирана во делот од Уставот посветен на „Граѓански и политички слободи и права“ (членови 9-29).

Оттука произлегува дека Уставот им ја гарантира на граѓаните слободата на здружување заради остварување и заштита на определени граѓански и политички слободи, права и уверувања.

Таа уставна гаранција понатаму е разработена со одредбите од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010, 135/2011 и 55/2016).

б.2) Од друга страна, според член 37 став 1 од Уставот, „заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации.“

Оваа уставна определба, пак, е систематизирана во делот од Уставот посветен на „Економски, социјални и културни права“ (членови 30-49).

Според тоа, Уставот предвидува право на граѓаните да основаат синдикати и сојузи на синдикати, како и да членуваат во меѓународни синдикални организации, за да ги остваруваат своите економски и социјални права.

Овие уставни определби понатаму се разработени со одредбите од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015 и 27/2016).

б.3) Имајќи ги предвид изнесените уставни одредби и нивното значење според делот од Уставот во кој се систематизирани и според нивната натамошна разработка со Законот за здруженија и фондации и Законот за работните односи, Судот утврди дека постои разлика меѓу здруженијата на граѓаните, од една страна, и синдикатите, од друга страна. Поради тоа, Судот оцени дека статутите на синдикатите не можат да се подведат под статути на здруженија на граѓани, па Уставниот суд не е надлежен да постапува по иницијативите со кои се оспоруваат статутите на синдикалните организации врз основа на член 110 алинеја 7 од Уставот, ниту пак по било која друга уставна одредба од член 110 на Уставот, а со кој член се определува надлежноста на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.164/2017
30 мај 2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply