Решение У.бр.65/2017

У.бр.65/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 23 во делот: „членот 8 став 3 на овој закон” од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018).
2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, членот 23 од Законот се повикувал на норма која не постоела во правниот поредок. Во правниот поредок требало да постојат јасни, прецизни и концизни норми. Кога одредена норма се повикувала на друга норма во рамките на еден закон или се повикувала на норма од друг закон, нормата на која се повикувало, морала да егзистира во правниот поредок. Бидејќи оспорениот дел на членот 23 од Законот не егзистирал во правниот поредок, а се уште бил дел од содржината на членот 23 од Законот, со тоа се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, затоа што тоа можело да доведе до забуна во операционализација на оспорениот дел на членот од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 23 од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018), Министерството за правда во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе го донесе актот од членот 8 став 3 на овој закон.

Со иницијативата се оспорува делот: „членот 8 став 3 на овој закон” на членот 23 од Законот.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според членот 23 од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004, 22/2007, 115/2007, 51/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 156/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018), Министерството за правда во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе го донесе актот од членот 8 став 3 на овој закон.

Членот 23 од Законот, е завршна одредба од основниот текст на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004) и се однесува на рокот во кој овластениот субјект треба да го донесе актот, определен со членот 8 став 3 од Законот.

Членот 8 од Законот, со Закон за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 41/2014), во целина е избришан, а прашањето кое го уредувал, за сите инспекциски служби, сега се уредува со член 45 став 8 (службена легитимација) од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ брoj 50/2010, 162/2010, 157/2011, 147/2013, 41/2014, 33/2015, 193/2015, 53/2016 и 11/2018).

Според подносителот на иницијативата, спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, било опстојувањето на оспорениот дел на членот 23 од Законот во правниот поредок, бидејќи тоа можело да доведе до забуна во неговата операционализација.

Имајќи го во предвид уредувањето со членот 23 од Законот, произлегува дека со иницијативата се бара елиминирање на оспорениот дел од правниот поредок за да не дојде до забуна во смисла, министерот за правда, да се впуштел во постапување по непостоечка норма и да го донесе актот опишан во ставот 3 на членот 8 од Законот. Вака оспорениот дел на членот од Законот создавал нејаснотија, која требало да се отстрани.

Во конкретниот случај, барањето со иницијативата, е беспредметно, од следните причини:

Членот 23 кој е завршна одредба на основниот текст од Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 69/2004), уредува рок за извршување на обврска на овластен доносител на акт, опишан во членот 8 став 3 на овој закон.

Членот 8 став 3 од Законот за управната инспекција, уредувал дека образецот, формата и содржината на легитимацијата на инспекторот, како и начинот на издавањето и нејзиното одземање, го пропишува министерот за правда.

Министерот за правда, уште во 2004 година, го донел актот за кој бил овластен да го пропише, а тоа е Правилникот за образецот, формата и содржината на легитимацијата на управен инспектор, како и начинот на издавањето и нејзиното одземање („Службен весник на Република Македонија” број 88/2004). Со тоа завршната законска одредба од член 23 од основниот текст на Законот, се исцрпила во својата примена.

Во текот на 2011 година, со член 6 од Закон за изменување и дополнување на Законот за управната инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 51/2011), членот 8 од Законот, бил изменет, на начин што министерот за правда, не бил повеќе овластен да го пропишува актот, туку министерот за информатичко општество и администрација.

Согласно тие измени и дополнувања на Законот, пристапено било кон усогласување на прописот од аспект на неговиот доносител, така што министерот за информатичко општество и администрација, донел Правилник за образецот, формата и содржината на легитимацијата на управен инспектор, како и начинот на издавањето и нејзиното одземање („Службен весник на Република Македонија” број 112/2012).

Од сето погоре произлегува дека завршната законска одредба од членот 23 од Законот, која определува рок за донесување на актот од член 8 став 3 на Законот, со самото донесување на актот во 2004 година, е исцрпен во својата примена. Во меѓувреме, со законските измени од 2011 година, членот 23 од Законот станува сосема неприменлив, поради промена на овластениот доносител на актот, кој не е повеќе министерот за правда, туку министерот за информатичко општество и администрација.

Крајно, со бришењето на целината на членот 8 од Законот за управната инспекција, престанува и овластувањето на министерот за информатичко општество и администрација да го донесува актот, опишан во членот 8 став 3 од Законот, а прашањето регулирано со бришаниот член од Законот, за сите инспекциски служби сега е уредено со Законот за инспекциски надзор.

Оттука, завршната законска одредба од членот 23 од основниот текст на Законот, по повеќе основи, е исцрпена во својата примена и правно дејствување.

Според Судот, нема ниту реални можности оспорениот дел на членот 23 од Законот да предизвика некаква забуна кај органите, претходно овластени за пропишување на образецот на легитимациите (органите се должни да внимаваат на своите овластувања и да постапуваат по закон, вклучително со сите негови измени и дополнувања, а не само по основниот текст на законот) и да се впуштат во примена на одредба од закон која не е повеќе во правниот поредок, бидејќи не може да се применува нешто што не е во правниот поредок, дотолку повеќе што прашањето за службените легитимации и актот за пропишување на истите, е уредено со друг закон, што по автоматизам значи дерогирање на тоа уредување со претходниот закон, односно целосно дерогирање на членот 8 од Законот.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека иницијативата за оцена на уставноста на членот 23 во делот: „членот 8 став 3 на овој закон”, е беспредметна, што е процесна пречка за постапување по иницијативата и причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.65/2017 
22 мај 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

 

Leave a Reply