Решение У.бр.20/2018

У.бр.20/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 22 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општинска јавна установа за социјална заштита на стари лица „Д-р Иван Влашки Берово” за 2018 година, донесена од Советот на Општина Берово, број 09-3232/1 од 27.12.2017 година, објавена во „Службен гласник на Општина Берово” број 5/2018.

2. Градоначалникот на Општина Берово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, градоначалникот на Општина Берово, врз основа на членот 51 од Законот за локалната самоуправа, со Решение бр.08-40/21 од 03.01.2018 година, го запрел објавувањето на оспорената одлука, со образложение дека роковите за доставување и давање на согласност на планот, не соодветствувале со законски предвидените рокови од членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија” број 27/2014, 199/2014 и 27/2016), согласно кој вработувањата во институциите на јавниот сектор се вршат врз основа на годишни планови за вработување, кои функционерите кои раководат со институциите ги подготвуваат врз основа на Методологија за планирање.

По повод запреното објавување на оспорениот акт, повторно заседавал Советот на Општината, меѓутоа Советот, со Заклучок број 09-261/1 од 18.01.2018 година, ја потврдил претходно донесената Одлука за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општинска јавна установа за социјална заштита на стари лица „Д-р Иван Влашки Берово” за 2018 година, донесена од Советот на Општина Берово, број 09-3232/1 од 27.12.2017 година.

Подносителот смета дека со така донесената одлука и непочитување на одредбите од членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор, се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 2 од Уставот на Република Македонија, поради што со иницијативата се бара оцена на нејзината уставност и законитост.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) и член 20-б став 2 од Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија” број 27/2014…27/2016), Советот на Општина Берово на седницата одржана на ден 27.12.2017 година, донел Одлука за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општинска јавна установа за социјална заштита на стари лица „Д-р Иван Влашки Берово” за 2018 година, број 09-3232/1 од 27.12.2017 година, објавена во „Службен гласник на Општина Берово” број 5/2018.

Во членот 1 од Одлуката се наведува дека се дава согласност на Годишниот план за вработување на Општинска јавна установа за социјална заштита на стари лица „Д-р Иван Влашки Берово” за 2018 година, бр.03-310/2 од 12.12.2017 година.

Со членот 2 од Одлуката, се наведува дека истата влегува во сила со денот на донесување, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Берово”.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општинска јавна установа за социјална заштита на стари лица „Д-р Иван Влашки Берово” за 2018 година, донесена од Советот на Општина Берово, број 09-3232/1 од 27.12.2017 година, со образложение дека таа била донесена надвор од утврдените рокови од членот 20-б од Законот за вработените во јавниот сектор.

Уставниот суд на Република Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа, не сите прописи, можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите кои содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и кои утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, од содржината на актот кој се оспорува со иницијативата, произлегува дека тој не ги содржи правните елементи што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена. Станува збор за акт со кој се дава согласност на годишен план за вработување за 2018 година, за конкретна јавна институција.

5. Имајќи предвид дека со иницијативата се оспорува акт кој нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена, Судот утврди дека барањето со иницијативата излегува надвор од рамките на утврдените надлежности на Уставниот суд од член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, што е причина за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.20/2018
22 мај 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply