Решение У.бр.7/2018

У.бр.7/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 62/2006, 35/2008 и 150/2010).

2. Славица Анѓелеска од Кичево, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 73 став 1 алинеја 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата го цитира членот 104 ставови 1, 2, 3 и 4 од Законот за работните односи и наведува дека во оваа одредба на работникот му била дадена можност да побара продолжување на договорот за вработување до неговата 67-годишна возраст (маж), односно до 65 годишна возраст (жена).

Иницијаторот ја посочува и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.114/2014 од 29 јуни 2016 година, со која се укинати член 104 став 2 во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена) и ставот 4 во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи. Со оваа одлука на Уставниот суд, според иницијаторот, престанокот на работниот однос на работничката жена е со подеднакви услови со работникот маж.

Исто така, во иницијативата се наведува и член 5 став 1 точка 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012) во кој, покрај другите права од пензиско и инвалидско осигурување, е наведено и правото на старосна пензија.

Подносителот на иницијативата го цитира оспорениот член и членовите 9 и 32 од Уставот и наведува дека секој има право на работа, слободен избор на вработувањето, достапност на работното место за секого под еднакви услови, како и тоа дека граѓаните во Република Македонија, во слободите и правата, се еднакви пред Уставот и законите, нeзависно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјално потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествена положба. Подносителот смета дека законодавецот има уставна обврска при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и продолжувањето на договорот за вработување, а со тоа и продолжување на работниот однос, граѓаните да ги стави во еднаква правна положба по наведените основи, па и по основ на возраста.

Според подносителот на иницијативата оспорената законска одредба не била во согласност со уставно утврденото начело на еднаквост на граѓаните по основ на возраста определено во членот 9 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот став став 1 алинеја 3 на член 73 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 62/2006, 35/2008 и 150/2010), на судијата му престанува судиската функција со навршување на 64 години старост.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорениот член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите (“Службен весник на Република Македонија” бр. 58/2006, 62/2006-исправка, 35/2008 и 150/ 2010), по повод претходно поднесена иницијатива, односно со Решение У.бр.53/2015 од 16.03.2016 година, не повел постапка за оценување на уставноста на наведениот член од Законот за судовите, бидејќи оценил дека тој не е во спротивност со одредбите на Уставот.

Судот во образложението на Решението, повикувајќи се на наведените уставни и законски одредби го изразил следното правно мислење:

„Анализата на оспорената одредба од Законот за судовите покажува дека во истата е предвиден престанок на судиската функција, со навршување на 64 години старост.

Ваквата законска уреденост во оспорената одредба егзистира во правниот поредок по интервентната одлука на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.124/2008 од 14 јануари 2009 година, со која Судот ги поништи членот 66 став 1 алинеја 4 од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2007 и 111/2008) и членот 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006 и 35/2008).

Имено, претходната формулација: „условите за старосна пензија“ во оспорените одредби, според ставот на Судот, доведувала до нееднаква правна положба на јавните обвинители, односно судиите во зависност од нивниот пол, бидејќи овозможувала престанок на јавнообвинителската и судиската функцијата на жените со навршени 62 години живот, во однос на мажите со навршени 64 години живот. Целосната имплементација на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, особено по однос на нивниот пол, според Судот води кон тоа жените и мажите да имаат исто уставно право, под исти услови да извршуваат јавна функција и под исти основи таа функција да им престане. Ова од причина што Уставот не дозволува полот да биде основ за вршење на функцијата, туку само стручноста, компетентноста и одговорноста на вршителите на јавна функција.“

Понатаму во Решението, Судот, навел дека: „членот 104 став 2 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/ 2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015 и 33/2015) во целина гласи: „Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено. Оттаму, цитираниот член 104 став 2 од Законот за работните односи, на кој се повикува подносителот на иницијативата има супсидијарна примена во случаите кога со друг закон истата проблематика поинаку е уредена, како што е случајот со Законот за судовите.

Судот смета дека оспорената одредба не може да биде оценувана по однос на нејзината согласност со член 32 ставови 1, 2 и 5 од Уставот, бидејќи одредбата не се однесува на правото на работа, слободниот избор на вработување, заштита при работа или достапност на работното место, кои одредби наоѓаат одраз при остварувањето на правото на вработување, но не и при престанокот на судиската функција со навршување на 64 години живот. Од друга страна, тоа што престанокот на судиската функција е уреден со оспорената одредба е во согласност со член 32 став 5 од Уставот, бидејќи токму оваа уставна одредба предвидува остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредат со закон и со колективен договор.

Судот врз основа на направената анализа оцени дека оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 32 ставови 1, 2 и 5 и член 51 од Уставот.”

Имајќи предвид дека Судот веќе одлучувал за член 73 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, а во конкретниов случај нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.7/2018
02.05.2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply