Решение У.бр.75/2010

У.бр.75/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 29 септември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 29 став 2 точка 5 од од Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/2010 и 48/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на членот од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба се предвидувала правна последица од осудата што настапувала по сила на закон, што било недозволиво од уставно-правен аспект, бидејќи казнено-правниот однос се исцрпувал на релација казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител, а натамошни последици од неговото извршување, односно осудата кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не биле дозволени, освен ако не е изречно утврдено со Уставот на Република Македонија. Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеи 1,3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 25, член 32 став 1 и 2, член 51, член 54 став 1 и 3 и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија, поради што предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва.

3. Судот на седницата утврди дека според член 29 став 2 точка 5 од Законот, трговско друштво не можат да основаат лица за кои со правосилна одлука на судот е утврдено дека сториле кривично дело лажен стечај, предизивикување стечај со несовесно работење, злоупотреба на постапката за стечај, оштетување или повластување на доверители.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на истиот член од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Оспорената одредба е поместена во делот на заедничките одредби од Законот за трговските друштва кои се однесуваат на сите видови, односно форми на трговски друштва и кои, меѓу другите прашања, ги утврдуваат и условите за основање на трговските друштва.

Според ставот 1 на член 29 од Законот, трговско друштво можат да основаат домашни и странски физички и правни лица. Во ставот 2 на овој член од Законот е регулирано кој не може да основа трговско друштво. Овој став е целосно изменет со последната измена на Законот, односно со Законот за измени и дополнувања на Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 48/2010) и тој сега гласи:

Трговско друштво не можат да основаат:
1) трговски друштва чија сметка отворена кај кој било носител на платниот промет е блокирана и лицата кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на тие друштва, сè додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над истото не се отвори постапка на ликвидација или стечај;
2) друштва над кои е отворена стечајна постапка, додека трае постапката;
3) лица кои се членови на органот на управување, органот на надзор, односно се управители на трговски друштва на кои во постапка пропишана со закон им е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност, сè додека трае забраната;
4) лице кое е содружник во друштво со ограничена одговорност (ДОО) или во друштво со ограничена одговорност основано од едно лице (ДООЕЛ) чија сметка е блокирана додека трае блокадата на сметката на друштвото или додека над друштвото не се отвори постапка за ликвидација или стечај и
5) лица за кои со правосилна одлука на судот е утврдено дека сториле кривично дело лажен стечај, предизвикување стечај со несовесно работење, злоупотреба на постапката стечај, оштетување или повластување на доверители. (оспорена точка)

Согласно ставот 6 на овој член од Законот, кон пријавата за упис на основање на друштво во трговскиот регистар, основачите поднесуваат лична изјава во писмена форма или во електронска форма преку едношалтерскиот систем дека не постои некое од ограничувањата од овој член или друго ограничување пропишано со овој или друг закон, за да основаат друштво.

Во натамошните членови 29-а и член 29-б предвидени се и ограничувања во поглед изборот на лицата за управител, член на орган на управување и надзорен орган на трговско друштво.

Имено согласно член 29-а став 1, лицата од членот 29 став 2 точки 1, 3 и 5 на овој закон не можат да бидат управители, членови на орган на управување и орган на надзор на трговско друштво се додека кај нив постојат овие ограничувања. Согласно ставот 2 на истиот член од Законот, лица кои се спречени или престанале да ги вршат своите функции во органот на управување во трговски друштва се лицата кои, од која било причина, се спречени или престанале да ги извршуваат своите функции во текот на мандатот во органот на управување, непрекинато во рок подолг од 30 дена.

Согласно членот 29-б став 1 од Законот, Централниот регистар на Република Македонија води електронски регистар на лица кои не можат да основаат и да управуваат и лица кои се спречени или престанале да ги вршат своите функции во органот на управување во трговски друштва во Република Македонија. Во ставот 3 на овој член од Законот е определена обврска надлежните органи кои изрекуваат забрани од членот 29 став 2 точка 3 на овој закон го известуваат Централниот регистар за изречените забрани без одлагање. Согласно ставот 4 на овој член од Законот, за лицата од членовите 29 став 2 и 29-а ставови 1 и 2 на овој закон, во регистарот од ставот 1 на овој член, Централниот регистар без одлагање ги запишува името и презимето и ЕМБГ на физичките лица, односно фирмата, седиштето и ЕМБС на правните лица и нивното регистрирано седиште. Во ставот 5 на овој член од Законот е определено дека по престанувањето на ограничувањата, односно на причините за престанок или спреченост кај лицата определени во членовите 29 став 2 и 29-а ставови 1 и 2 на овој закон, Централниот регистар без одлагање ги брише од регистарот од ставот 1 на овој член сите податоци запишани за нив.

Од анализата на оспорената одредба од Законот, произлегува дека правосилната осуда за сторено определено кривично дело (лажен стечај, предизвикување стечај со несовесно работење, злоупотреба на постапката за стечај и кривично дело оштетување или повластување на доверители) претставува пречка лицето да може да основа трговско друштво. Од формулацијата на одредбата произлегува дека оваа причина се однесува независно од времето кога лицето било осудено и независно од видот и висината на изречената санкција од судот и дека истата настапува по сила на законот, а не како последица од конкретна казна (забрана) што ја изрекол судот со правосилна судска одлука.

Според мислењето на Судот, со оспорената одредба се пропишува правна последица на осудата во вид на забрана осуденото лице да стекне определено право – во конкретниот случај, да основа трговско друштво доколку е осудено за определено кривично дело.

При оценување на уставноста на оспорената законска одредба треба да се тргне од двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа, со други зборови значи дека, согласно наведените уставни одредби, казнено-правниот однос се исцрпува на релацијата казниво дело и судски изречената казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело што се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Оттука, ако се има предвид фактот дека со оспорената законска одредба се врши ограничување на правото за основање на трговско друштво на лице кое било осудувано за наведените кривични дела, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон. Од овие причини Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 29 став 2 точка 5 од Законот за трговските друштва со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 9 став 2, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.75/2010
29 септември 2010
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply