Решение У.бр.153/2017

У.бр.153/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 67 став 2 и член 70 став 2 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1992, 9/1996, 38/2004, 33/2006, 84/2008, 67/2010, 156/2010, 39/2012, 44/2012, 38/2014, 115/2014, 104/2015 и 150/2015).

2. Панче Смилев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со спорените одредби се ограничувало правото на граѓаните да го­ оспоруваат татковството, односно мајчинството по навршувањето на одредена возраст со што се повредувало правото на еднаквост на граѓаните (член 9 од Уставот) и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Подносителот на иницијативата смета дека ограничува­њето на оспорувањето на татковство/мајчинство  до 21 година немало никаква легитимна цел, ниту било каква оправданост. Со ова лицата кои биле постари од оваа возраст, односно од овој утврден законски максимум, со закон се одвојувале од другите граѓани кои не ја навршиле оваа возраст кои поради постоење на одредени животни случувања не биле во можност за користење на ова право во роковите утврдени со оспорените законски одредби.

Поради наведените аргументи се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови од Законот за семејството.

3. Судот на седницата утврди дека според член 67 став 2 од Законот за семејство тужбата за оспорување на татковство детето може да ја поднесе најдоцна до навршување на 21 година од животот.

Во член 70 став 2 од исиот закон е предвидено дека тужбата заради оспорување на мајчинство детето може да ја поднесе до навршување на 21 година од животот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, национално и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 25 од Уставот на Република Македонија, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Во членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права се предвидува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписките.

Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, односно правото да се знае сопственото потекло. Имено, вмешувањето во правото на приватност со ограничувањето на старосната граница за поднесување на тужба за оспорување на татковство/мајчинство, односно утврдувањето на рок, го ограничува правото на заинтересираните странки да покренат постапка за оспорување на татковство/мајчинство.

Според овластувањата дадени во членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права детето има право да воспостави правен однос со неговиот природен татко/мајка,бидејќи во спротивно тоа би значело мешање во неговото право на почитување на неговиот приватен и семеен живот.

Според член 14 од Европската конвенција за човекови права, уживањето на правата и слободите, признати со оваа конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење национално или социјално потекло припадност на националното малцинство, материјална положба, потеклото  по раѓање или кој и да е друг статус.

Според член 3 од Конвенцијата за правата на детето, во сите активности кои се однесуваат на децата, од примарно значење се интересите на детето, без оглед на тоа дали ги спроведуваат јавните или приватните институции за социјална заштита, судовите, административните органи или законодавни тела.

Во членот 7 од истата конвенција се предвидува дека детето се пријавува веднаш по раѓањето и од раѓањето има право на име, право на грижа, државјанство и, ако тоа е можно, право да знае кои му се родители и право тие да се грижат за него.

Оттука, според Судот, наведените членови од Конвенцијата обврзуваат да се штитат сите права на детето со преземање на законски мерки за негова заштита, што е во интерес на стабилноста на семејството, како и статусната состојба на семејството.

Законот за семејството ги уредува бракот и семејството, односите во бракот и семејството, одредени облици на посебна заштита на семејството, семејното насилство, посвојувањето, старателството и здружувањето, како и постапката пред судот во брачните и семејните спорови и постапката за изрекување на времена мерка за заштита од семејно насилство (член 1).

Според член 2 од истиот закон, семејството е животна заедница на родители и деца и други роднини, ако живеат во заедничко домаќинство. Семејството настанува со раѓање на деца и со посвојување.

Во глава III од Законот, со наслов: „Засновање на односи меѓу родители и деца“ и поднаслов: „2. Оспорување на татковство и мајчинство“ се содржани оспорените членови.

Имено, членот 67 од Законот предвидува дека детето може да оспорува  дека му е татко лицето кое според овој закон се смета за негов татко.

Тужбата за оспорување на татковство детето може да ја поднесе најдоцна до навршување на 21 година од животот.

Во случаи кога брачниот другар на мајката, во рокот утврден во член 64 став 2 од овој закон, не поднел тужба за оспорување на татковство, а изјавил во тој рок пред центарот за социјална работа дека не се смета за татко на детето и кога мајката дала согласност за посвојување на детето на начин и во постапка утврдена во членот 106 од овој закон, тужбата за оспорување на татковство во рок од три месеци  по истекот на рокот од членот 64 став 2 на овој закон, ја поднесува старателот на детето со одобрение на центарот за социјална работа.

Оспорениот член 70 од Законот предвидува дека детето може да го оспорува мајчинството на жената која во матичната книга на родените е запишана како негова мајка.

Тужбата заради оспорување на мајчинство детето може да ја поднесе до навршување на 21 година од животот.

Со оглед на карактерот на прашањето кое беше покренато со поднесената иницијатива беше побарано мислење од Форумот на Венецијанската комисија, кој ни достави соодветна пракса од Европскиот суд за човекови права од каде се утврдува дека Судот ваквото прашање исклучиво го анализира  од аспект на членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Имено, од аспект на членот 8 од Конвенцијата која го штити правото на приватен и семеен живот, кој соодветствува на содржината на членот 25 од Уставот на Република Македонија, Судот во Стразбур во случајот Odievre V. France, зазел став дека лично право е правото да се знае сопственото потекло со утврдување на татковство надвор од брачна заедница, како и добивање информации од суштинско значење за откривање на вистината што е важен аспект на личниот идентитет  и за разбивање на сите неизвесности во врска со ова.

Понатаму, Судот, во случајот Calin and Others V. Romania, исто така, утврдил повреда на членот 8 од Конвенцијата, утврдувајќи дека, во предвидениот  период од една година, како што е предвидено во  романското  законодавство, не е неразумно од аспект на неговата должина. Сепак, е проблематично, бидејќи не му овозможува на детето да се спротивстави на недејствувањето на мајката или на правниот заштитник  во текот на малолетството. Според тоа, Судот оцени дека утврдувањето на рок како што тој произведува правно дејство во романскиот систем, го ограничува правото на заинтересираните страни да покренат постапка за утврдување на татковство до губење на ова право.

Во случајот Roman V. Finland, Европскиот суд за човекови права, исто така, утврди повреда на членот 8 од Конвенцијата бидејќи примената на цврсти рокови за спроведување на постапката за татковство и, особено, немањето на било каква можност да се балансираат спротивставените интереси од страна на националните судови, наштетиле на самата суштина на правото на почитување на приватниот живот  во смисла на  членот 8 од Конвенцијата.

Во предметот Mikulic V. Croatia, Судот исто така утврди повреда на членот 8 од Конвенцијата утврдувајќи дека почитувањето на приватниот живот бара секој да биде во можност да ги утврди сите свои особености за својот идентитет како посебно човечко суштество, односно да има право да дојде до информации важни за неговите импликации за неговата личност, а особено што според членот 8 од оваа конвенција детето има право да воспостави правен однос со неговиот природен татко. Се друго, според Судот, би било мешање во неговото право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, што би значело и повреда на наведениот член од Конвенцијата.

Европскиот суд за човекови права во повеќе наврати смета дека постапките за татковство спаѓаат во рамките на членот 8 од Конвенцијата, бидејќи правото на познавање на своите биолошки родители спаѓа во опсегот на концептот на „приватниот живот“, кој ги опфаќа важните аспекти на личниот идентитет, и утврдувањето на биолошката врска помеѓу детето родено надвор од брак и неговиот природен татко (предмет: Jaggi V. Switzerland).

Од анализата на наведените уставни и законски одредби vis a vis наводите во иницијативата, a притоа имајќи ја во вид праксата и ставовите на судовите на  европските држави, како и праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур,  по однос на покренатото правно прашање, според Судот,  се основани, а поради следното:

Тргнувајќи од целината на Законот за семејството, Судот оцени дека  целта на законодавецот е уредувањето на односите меѓу родителите и децата, каде како основни принципи врз кои се темели семејното право се принципот на еднаквост и рамноправност, како и принципот на заштита на интересите на децата и принципот на заштита на семејството.

Според Судот, со оспорените законски одредби се нарушуваат наведените принципи од повеќе аспекти. Имено, семејно правниот однос како предмет на семејното право претставува специфична категорија во која доминација имаат лично правните елементи, кои се сведуваат на права и обврски меѓу членовите на семејството, најнапред од неимотен карактер (верност, помагање, почитување и др.) и права и обврски кои се од имотен карактер (право на издржување меѓу брачните другари, како и меѓу родителите и децата) при што утврдените рокови во Законот се бариера – меѓа за започнување или престанување на остварување на утврдените права, меѓутоа тие не треба да претставуваат пречка за остварување на одредени права.

Според Судот со оспорените законски решенија се ограничува правото на граѓанинот на неговиот личен и семеен живот, правото да може да  ја утврди биолошката врска со неговите вистински родители во било кој момент од неговото  осознавање на клучните факти за ваквата правна ситуација. Ова од причина што, со ограничувањето на правото  детето во било кој период од животот да може да поднесе тужба за оспорување на татковство/мајчинство, односно со определување на одредена старосна граница,  според Судот се ограничува правото на детето  од моментот на сознавање за вистинските биолошки родители да може да го оствари тоа право со поднесување на тужба, што е во спротивност со членот 25 од Уставот, членот 8 од Европската конвенција за заштита на човековите права, како и со членовите 3 и 7 од Конвенцијата за правата на детето.

Во таа насока се и ставовите на повеќе држави во Европа, како што се Молдавија, Норвешка, Финска, Естонија, Словачка, Австрија, Белорусија, како и на  Република Јужна Африка. Имено, според правната регулатива на наведените земји  детето има право да го оспори татковството на било која возраст, односно не постои старосна граница за правото на детето да го оспорува татковството. На пример, во Естонија има само рок дека оспорувањето на татковството може да се оспори во Судот во рок од една година од денот кога лицето има право да оспори татковство, односно ќе стане свесно за околностите кои се основа за оспорување, но не постои старосна граница за правото на детето да го оспори татковството. Во Словачка, пак, покрај тоа што не постои старосна граница, не постои ни временски рок за оспорување на истото. Законодавството на Република Белорусија не воспоставува старосна граница за дете кое станало полнолетно да ја оспори пред судот матичната евиденција за родителите, ова право е условено само со рокот од една година од моментот на сознавање на битните факти и елементи.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот, со мнозинство гласови, го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:  Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.153/2017
18 април 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply