Решение У.бр.9/2018

У.бр.9/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 28 март 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 19- б од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 44/2015, 97/2015, 129/2015, 193/2015, 37/2016 и 71/2016).

2. Назми Садику од Куманово до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 19-б од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 9 став 1, член 114 став 1, и член 43 од Уставот на Република Македонија.Ова од причини што согласно оспорениот член 19-б од Законот за превоз во патниот сообраќај и на граѓаните од општина Куманово им следува, односно законска обврска е на општината да овозможи и да организира јавен превоз.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 19-б од Законот за превоз во патниот сообраќај „Во општини со над 100.000 жители општината е должна да организира општински линиски превоз на патници како јавна служба.“

4. Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според став 2, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина (став 1). Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина (став 3).

Според член 114 став 1 од Уставот на Република Македонија, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според став 4 од наведениот член од Уставот, општините се финансираат од сопствени извори на приходи определени со закон и со средства од Републиката..

Според член 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. (68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/10, 140/10, 17/11, 53/11, 6/12, 23/13, 120/2013, 163/2013, 187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 44/2015, 97/2015, 129/2015, 193/2015, 37/2016 и 71/2016), со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Во членот 18 од Законот е предвидено дека општински линиски превоз на патници можат да вршат превозници кои имаат лиценца за вршење на таков вид превоз.
Според членот 19 од Законот:

Општински линиски превоз на патници се врши врз основа на дозвола за определена линија што ја издава градоначалникот на општината, односно градоначалникот на Градот Скопје за подрачјето на Градот Скопје.

Превозник кој има лиценца за вршење на општински линиски превоз на патници може да отпочне со вршење на превоз, откако ќе добие дозвола и ќе регистрира возен ред за определена линија кај градоначалникот на општината, односно градоначалникот на Градот Скопје.

Дозволата и возниот ред од ставот 2 на овој член се издаваат со рок на важење од пет години.

Формата и содржината на дозволата од ставот 2 на овој член ја пропишува министерот за транспорт и врски.

Во членот 19- а од Законот е предвидено дека:

При утврдување на општинскиот линиски превоз на патници треба да се води сметка за:
– меѓусебната поврзаност меѓу меѓуопштинскиот превоз и општинскиот линиски превоз на патници и
– меѓусебната поврзаност на општински превоз на патници со други видови на превоз.

Според оспорениот член 19- б од Законот:
Во општини со над 100.000 жители општината е должна да организира општински линиски превоз на патници како јавна служба.

Во членот 22 од Законот е предвидено дека:
Советот на општината освен советите на општините од Градот Скопје го уредуваат општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на општината, а линискиот превоз на патници на подрачјето на сите општини на Градот Скопје го уредува Советот на Градот Скопје, при што особено утврдуваат:
– единствена мрежа на линии,
– единствен возен ред, начин на негово истакнување, одржување и менување,
– начин на организирање на контролата на сообраќајот на автобусите и линиите, како и евиденција за тоа,
– тарифен систем, систем на наплата и начин и контрола на наплата,
– локација на автобуските терминали, свртувалишта, стојалишта и постапка за нивна измена,
– изградба, обележување, опремување, одржување и користење на автобуските терминали, свртувалишта и стојалишта,
– одредување на релација и место на превоз со комби возила со најмалку девет седишта ( 8+1) и
– критериуми за начинот и постапката за издавање и одземање на дозволата за вршење на општински линиски превоз и распределувањето на линиите на превозниците во општинскиот линиски превоз.

Тргнувајќи од направената анализа на одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај, недвосмислено произлегува дека согласно оспорениот член 19-б во општини со над 100.000 жители општината е должна да организира општински линиски превоз на патници како јавна служба, при што во Општина Куманово како што наведува подносителот не бил организиран линиски превоз на патници од кои причини бара Судот преку оценка на уставноста на оспорениот член да ја задолжи општината тоа да го направи или поточно речено со иницијативата во суштина се бара примена на закон.

Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.“

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа.

Имајќи ги во предвид утврдените надлежности на Уставниот суд во членот 110 од Уставот на Република Македонија и наводите од иницијативата од друга страна, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, со оглед дека наводите во иницијативата се сведуваат на барање на примена на законската норма.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.9/2018
28 март 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply