Решение У.бр.5/2018

У.бр.5/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2018 година, донесе,Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 март 2018 година, донесе,

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
– членот 148 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012,166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 217/2015, 26/2016, 120/2016, 132/2016 и 35/2018), и
– членот  53 став 2 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006, 84/2007, 47/2011, 79/2013, 164/2013, 29/2014, 98/2015 и 192/2015).

2. Никола Прелиќ, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членовите од законите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, која со дополнителен поднесок од 15.02.2018 година, е дополнета, оспорениот член од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и покрај тоа што веќе бил предмет на оценување на уставноста пред Уставниот суд, смета дека истата која што е со нова нумерација, а иста содржина, не била во согласност со Уставот на Република Македонија. Имено, подносителот тврди дека оспореното законско решение не било во духот на RACIO LEGIS, од причина што покрај запирањето на пензијата, корисникот повторно бил задолжен со плаќање на придонеси, само заради тоа што врши самостојна дејност. Оттука, корисникот незаконски повторно се задолжувал со плаќање на придонеси.

Подносителот на иницијативата смета дека стекнато право не може и не смее ретроактивно да се повредува, дотолку повеќе што во законската одредба  бил употребен терминот “може” кој не бил од облигаторна форма, туку од диспозитивна природа.

Со иницијативата, исто така, се оспорува и член 53 став 2 од Законот за стечај, од причина што истиот не бил во согласност со Амандман XXI од Уставот, каде е предвидено начелото на двостепеноста на судските одлуки, односно каде децидно и императивно било нормирано дека се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата предлага оспорените членови да бидат укинати.

3. Судот на седницата утврди дека  членот  148 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување предвидува:
„(1) На корисник на пензија, додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија или странство му се запира исплатата на пензијата. (2) На корисникот на старосна пензија може да му се определи нов износ на пензија, ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето право на старосна пензија, доколку е поповолно за корисникот“.

Според член 53 од Законот за стечај:

“(1) Стечајниот судија ја испитува уредноста на предлогот и дали предлагачот ги доставил сите докази за да може да се постапува по него. Доколку утврди дека предлогот не е целосен и не се поднесени сите потребни докази согласно со овој закон ќе го врати на предлагачот истиот да го уреди во рок кој не може да биде подолг од осум дена. (2) Ако предлагачот во оставениот рок од ставот (1) на овој член не го уреди предлогот или не ги достави потребните докази, стечајниот судија ќе донесе решение со кое го отфрла предлогот. Против ова решение не е дозволена жалба. (3) Доколку предлогот за отворање на стечајна постапка е уреден и заедно со него се поднесени сите потребни докази, стечајниот судија во рок од три дена од денот на поднесувањето на предлогот во судот, односно по уредувањето на предлогот, донесува решение за определување на аванс на трошоци за претходната постапка чија висина не може да биде пониска од 15.000 денари ниту повисока од 25.000 денари. Против решението за определување на аванс не е дозволена  жалба. (4) Предлагачот е должен во рок од осум дена од денот на приемот на решението да го уплати авансот на трошоци за претходната постапка кој ќе го определи стечајниот судија. Ако во овој рок предлагачот не го уплати авансот, односно ненавремено го уплатил авансот стечајниот судија ќе донесе решение со кое го отфрла предлогот. Против ова решение не е дозволено правото на жалба. (5) Уплатениот аванс влегува во трошоците на стечајната постапка и се враќа на доверителот, освен ако стечајниот судија по спроведување на претходната постапка утврди дека поднесениот предлог за отворање на стечајна постапка над должникот е неоснован. Во тој случај од авансираниот износ се покриваат трошоците настанати во спроведување на претходната постапка“.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 34 од Уставот, на граѓаните на Република Македонија им се гарантираат правото на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а со член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.
Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која  ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните. Правото на старосна пензија и правото на инвалидска пензија се лични права кои осигуреникот ги стекнува по основ на работа, врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност  Услов за остварување на овие права е престанок на работниот однос поради навршување на одредена возраст на осигуреникот, условена со остварување на минимален работен стаж, односно општа неспособност за работа на осигуреникот или намалена, односно преостаната работна способност. Така, пензиското осигурување во наведените случаи претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанокот на работниот однос или по престанокот на вршење дејност или на друг со закон предвиден начин за обезбедување средства за живот.

По однос на покренатото правно прашање, Судот веќе во два наврати изразил став, ценејќи го членот 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување кој во новиот закон само ја менува својата нумерација – сега е член 148, а содржината останува непроменета за која Уставниот суд веќе се произнел дека  е во согласност со уставните начела.
Имено, со членот 148 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување  е воспоставена  можност на корисник на старосна пензија да му се определи нов износ на пензија, ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето право на старосна пензија. Новиот износ на старосна пензија ќе се утврди според вкупно навршениот пензиски стаж и остварени плати. Со ова решение дадена е можност повторниот работен однос да повлече и повторно определување на пензијата (признавање на тоа време во пензиски стаж или повторно определување на пензиската основа), бидејќи корисникот на пензија ќе биде обврзник за плаќање на придонес од задолжително социјално осигурување.

Наводите во иницијативата  дека користењето на правото на пензија е  еднаш стекнато право,  и не можело да се укинува со друг закон кој бил понеповолен за граѓаните бидејќи според новото законско решение истите го губеле еднаш стекнатото право покрај личниот доход да примаат и дел од пензијата и дека оспорената одредба имала повратно и понеповолно дејство за корисниците на пензија пред изменувањето на Законот, според нас се неосновани.

Законското решение кое се оспорува, не се однесува на укинување на стекнато право кое корисник на пензија го остварил при повторно вработување, од причини што само правото на пензија е стекнато право и истото според новото законско решение не се губи туку времено мирува додека корисникот на пензија е во работен однос односно врши самостојна дејност. Стекнувањето и користењето на пензијата, како една од формите преку кои се обезбедува правото на социјална сигурност на граѓаните, спаѓа во корпусот на права кои произлегуваат од сферата на работните односи, кои  можат да бидат ограничени или да се изгубат, но според околности и услови утврдени со Устав или со закон  и со колективен договор. Уставот му дал право на законодавецот, покрај другото, да ја уреди процедурата во која се остваруваат правата од пензиско и инвалидско осигурување, а во тие рамки и процедурата за престанок или ограничување на тие права. Тоа значи дека со закон и со колективни договори се определува постапката на остварување, ограничување и губење на правата од оваа област. Со временото запирање на користење на пензијата во случај кога корисникот на пензијата ќе заснова работен однос, односно ќе врши дејност од која ќе остварува дополнителен приход, како решение утврдено и во  сегашниот член 148 од Законот не се задира во веќе стекнатото право на пензија што значи дека тие ниту се отуѓуваат ниту се одземаат, туку користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување остварени според овој закон, може да престане или да се ограничи само во случај и под услови предвидени со овој закон. Ова од причина што не постои уставна пречка со закон да се предвиди на  лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност, по стекнувањето право на лична пензија, а не со користење на пензијата, привремено да им мирува користењето на пензијата.

Понатаму, според Судот, Уставниот суд во Решението У.бр.47/2009 од 9 септември 2009 година, се произнел и по однос на околноста  законското решение, со кое на пензионер додека е во работен однос, му се запира исплатата на пензијата поради тоа што остварува средства за егзистенција на друг начин (со ново работно ангажирање, за кое е задолжително осигуран по основ на пензиско и инвалидско осигурување), не излегува од уставните рамки според кои законодавецот ја уредува сферата на пензиското и инвалидското осигурување, водејќи сметка за социјалната сигурност и за социјалната правда на осигурениците, како и за  обезбедување на одржлив и стабилен пензиски систем кој се заснова на начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, односно со истото не се повредуваат начелата на владеењето на правото и социјална праведност утврдени со член 8 став 1 алинеи 1 и 8 од Уставот.

По однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба имала повратно дејство кое не е поповолно за лицата кои остварувале право согласно претходно пропишаната одредба од членот 148 од Законот, Судот оцени  дека истите се неосновани бидејќи примената на законското решение од оспорениот член од Законот  се применува по  неговото донесување, односно сметано од 1 јануари 2013 година, а во смисла на членот  249 од оспорениот закон, па во иднина и право на законодавецот е да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот кој важи по, а не пред неговото донесување и влегување во сила еднакво за сите корисници на пензии додека се во работен однос или додека вршат самостојна дејност во Република Македонија или странство.

Повратното дејство би постоело доколку една норма би се однесувала на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, што тука не е случај, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек. Поради гореизнесеното, Судот оцени  дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 8 алинеи 3 и 8 и член 52 став 4 од Уставот.

5. По однос на оспорениот член 53 став 2 од Законот за стечај, Судот оцени дека исто така не постојат основи за изразување сомнеж за неговата согласност со Уставот на Република Македонија, а особено со Амандман XXI од Уставот на Република Македонија.

Според Судот,  во конкретниов случај не се повредува уставно загарантираното право на жалба, предвидено во Амандман XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, од причина што целта на законодавецот со Законот за стечај е почитувањето на начелото на итност.

Тргнувајќи од наведените уставни норми и анализата на целината на Законот за стечај во кој согласно членот 7 соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, ако со овој закон поинаку не е определено, според Судот со оспорениот член  од Законот за стечај  не се повредува начелото на владеењето на правото и уставно гарантираното право на жалба против одлуките донесени во прв степен пред суд. Имено, подносителот на иницијативата оспорената одредба ја гледа изолирано сама за себе што е сосема погрешно, наместо истата да ја гледа во контекст на целината на Законот. Законот за стечај предвидува водење на постапка согласно одредбите од Законот за парничната постапка, па така незадоволната странка има законски можности во смисла на одредбите од Законот за парничната постапка да ги остварува своите права, поради што не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член од Законот за стечај се повредувал Аманманот XXI од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.5/2018
21 март 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply