Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.91/2014

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.91/2014 донесено на 24.12.2014 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 154 став 1 од Изборниот законик (“Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 63/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013 и 14/2014) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Со означеното Решение, Уставниот суд со мнозинство гласови ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 154 став 1 од Изборниот законик (“Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 63/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013 и 14/2014) образложувајќи дека законодавецот има уставно овластување да ги утврди начинот и условите за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, а од своја страна Уставниот суд нема законодавна функција, односно не е надлежен да креира односи и норми ниту да ја цени примената на Законот.

Иницијативата наведува дека член 154 став 1 не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 22, член 63, член 65 и член 69 од Уставот на Република Македонија. По однос на наведената аргуметација, ценам дека единствен валиден резон е дека се некомпатибилни дополнителни избори за пратеници во текот на мандатот со примена на пропорционален изборен модел, затоа што избирачите ја дефинирале изборната волја за сите учесници на изборите за расположливите пратенички места во таа изборна единица, преку примена на D’Hondt формулата во согласност со членот 127 од Изборниот законик. Што се однесува до сопственото видување наведено во иницијативата на кој начин законодавецот треба да го толкува, примени и уреди ова прашање, сметам дека Уставниот суд правилно решил неа да ја отфрли во тој дел.

Оспорениот член 154 став 1 регулира едно конкретно прашање и се применува во услови на нормално системско функционирање на парламентарната демократија. При евентуалното настапување на вонредни општествени околности, ваквите одредби немаат капацитет да ги решат или извршат санација на состојбите, бидејќи и иницијално не се креирани за таква цел.

По однос на оценката на самиот член 154 став 1 сметам дека сепак може да се постави прашањето за неговата несогласност со член 8 став 1 алинеја 3 (владеење на правото), член 9 (еднаквост на граѓаните) и член 22 став 2 (избирачкото право е еднакво, општо и непосредно) од Уставот заради потенцијалната можност на креирање на нееднаквост на избирачкото право на граѓаните при организирање дополнителни избори за пратеничките места освоени според пропорционалниот изборен модел. Основно правно прашање во овој случај е дали според конкретниот член 154 став 1 применет во домашни услови, при постоење на конкретно дизајниран пропорционален изборен модел со сите негови елементи, дополнителните избори се можни и дали притоа е можна повреда пред се на принципот на еднаквост на гласот на граѓанинот загарантирана со Уставот. Верувам дека ова прашање е комплексно и бара подлабинска анализа во овој правец.

Факт е дека дополнителните избори како механизам за пополнување на испразнетите пратенички места природно припаѓаат и се лесно остварливи во држави кои го применуваат мнозинскиот изборен модел, особено оние кои имаат изборни единици кои избираат по еден пратеник секоја или во најмала рака мошне мали изборни единици, кои избираат неколку пратеници. Во компаративната литература најчести примери на земји каде дополнителните избори се одржуваат се оние кои го применуваат мнозинскиот изборен модел и неговите варијации, како Обединетото Кралство, Австралија, Канада, САД и други. Дополнителните избори се огранизираат во случаи на непостоење на механизам кој непосредно може да реализира замена на испразнетото пратеничко место со друго лице, а тоа е заради директниот персонализиран избор на пратениците преку мнозинскиот модел. Атипичен пример е Ирска, која одржува дополнителни избори иако применува пропорционален изборен модел, но се работи за мошне специфичен пропорционален персонализиран изборен модел и каде изборните единици се мошне мали, обично до три пратенички места секоја.

Од друга страна, токму еден од школските примери зошто голем број држави пристапиле кон примена на пропоционалните изборни модели е меѓу другите аргументи и практичноста на пополнувањето на испразнетите пратенички места (заради болест, заминување на друга функција, сторено кривично дело, неприсуство на седниците и сл) со следниот кандидат кој се наоѓал на партиската листа на денот на изборите, со што се отстранува потребата за организирање на дополнителни избори. Освен евидентната економичност, се задржува и чувството на фер политичка претставеност, бидејќи ова решение претставува и реален одраз на изборното расположение на граѓаните токму во моментот кога тие избори биле одржани по однос на сите тогашни учесници во изборната трка. Исто така, отсуството на дополнителни избори обезбедува и стабилност на владата при мали разлики во гласовна поддршка. Компаративната литература наведува дека дополнителни избори при примена на пропорционален изборен модел во принцип нема. При вонредни состојби, кои во праксата се ретки, кога заради стек на околности не е можно да се пополни испразнетото пратеничко место (обично заради исцрпеност на листата), а со оглед на тоа дека тие случаи се малубројни и претставуваат незначителен дел од претставничкото тело кое обично може непречено да работи, местата остануваат непополнети се до следните општи избори. Литературата исто така наведува дека во ретките случаи кога се јавува потреба и неможност да се пополнат некои пратенички места, во таа пропорцинална изборна единица се одржуваат избори за сите пратенички места што произлегуваат од неа.

Врзано со досега изложеното, а по однос на домашното законско решение и оспорената одредба сметам дека закондавецот правилно постапил при нормирање во член 153 дека во случај на престанок на мандатот на пратеник кој е избран од листата на кандидати по основ на член 152, пратеник во Собранието станува наредниот кандидат на листата, а во случај кога е таа исцрпена остварувањето на ова право започнува повторно од почетокот на листата на кандидати.

Но, исто така треба да се има предвид дека пропорционалните изборни единици во Република Македонија спаѓаат во категоријата големи изборни единици, бидејќи секоја од шесте изборни единици избира по 20 пратенички мандати и брои околу 300.000 потенцијални гласачи (податок од Државната изборна комисија). При евентуално организирање на дополнителни избори, еднакво право да учествуваат во нив природно имаат сите гласачи, што значи и оние кои веќе имаат избрано свој политички претставник претходно, на денот на општите избори и кој е сеуште дел од претставничкото тело, но и оние кои во моментот немаат свој политички претставник (или претставници) по основ на престанок на мандатот.

Евидентно, ваквото дополнително гласање во најмала рака ќе ја дозволи можноста некои граѓани да бидат двојно претставени во Собранието а други воопшто. Истовремено, заради de facto уставната и законска обврска да се овозможи на сите граѓани во таа изборна единица да гласаат, постои потенцијална можност од нелегитимна мајоризација на политичкото преставување од страна на партиите со поголема поддршка во гласови наспроти другите кои можно е да го изгубиле освоеното пратеничко место, единствено како резултат на оваа изборна техника. Со оглед на тоа дека изборната единица е основната клетка во која се остварува политичкото претставување, неприфатливо е постоењето на можност за таква дисторзија во политичкото претставување на граѓаните кое произлегува од чинот на гласање остварен во две различни точки во времето.

Нормативните претпоставки за почитување на изборно изразената волја на граѓаните принципиелно гледано би требале да реферираат токму на изборната волја која е искажана на истиот ден кога биле реализирани изборите за пополнување на сите пратенички места. Во случај тоа да е неможно, тогаш принципот на еднаквост на гласачите и владеењето на правото би се запазиле единствено кога би се реализирале избори за пополнување на сите пратенички места во таа изборна единица. Евидентно, апсурдно е во тој случај да се говори за дополнителни избори, земајќи ја во предвид големината на секоја изборна единица во Република Македонија.

Како резултат на сите горенаведени причини, сметам дека оспорениот член 154 став 1 треба да се укине бидејќи е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 22 став 2 од Уставот.

Судија на Уставниот суд
Д-р Наташа Габер-Дамјановска

Решение У.бр.91/2014

Leave a Reply