Решение У.бр.59/2015

У.бр.59/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеa 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 10 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Даниела Јовчевска за заштита на слободите и правата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

2. Даниела Јовчевска с.Бразда, Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата по основ на дискриминација поради социјална припадност, повредени со Пресуда УЖ-2.бр. 126/2015 од 15.04.2015 година, донесена од Вишиот управен суд во Скопје.

Подносителката на барањето најнапред го изнесува текот на постапката до донесувањето на оспорената Пресуда: дека на 23.12.2013 година првостепениот, Управниот суд со Пресуда У-4.бр.141/2013 го поништи Решението Уп.бр.74/10 донесено од Министерството за труд и социјална политика на 20.12.2012 година и предметот го врати на повторно разгледување; дека против таа пресуда, Државниот правобранител на Република Македонија изјавил жалба и Вишиот управен суд ја донел Пресудата УЖ-2.бр.126/2015 од 15.04.2015 година која се оспорува со ова барање.

Потоа, подносителката на барањето наведува дека „Со пресудата на Вишиот управен суд УЖ-2.бр.126/2015 од 15.04.2015 година, ставена сум во дискриминирачка состојба во однос на остварувањето на правата кои ми се дадени според Законот.“ Во врска со тој навод, таа укажува дека во времето кога првостепениот орган одлучувал со решение бр.3534-927 од 09.07.2009 година по нејзиното барање за остварување на правото на родителски додаток за трето родено дете, не постоеле делови од член 30-а ставовите 1 и 2 од Законот за заштита на децата, поради укинувачка одлука У.бр.160/2008 01.04.2009 година на Уставниот суд на Република Македонија, па сите мајки кои поднеле барање за остварување на тоа право во рок од 3 месеци од денот на објавувањето на Одлуката на Уставниот суд требало да им се признае тоа право. Наместо тоа, Вишиот управен суд применил одредба од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009, кој влегол во сила на 11.07.2009 година) која не важела во време на поднесувањето на барањето и на донесувањето на решението на првостепениот управен орган, со што подносителката на барањето била „ставена во дискриминирачка состојба во однос на дел од барателите за остварување на правото на надоместок за трето дете дадено со Законот за заштита на децата, по укинувањето на одредбата од страна на Уставниот суд на Република Македонија.“ Во барањето се наведува дека Врховниот суд на Република Македонија, па и Вишиот управен суд, со повеќе одлуки се произнесувал за тоа како требало да се постапува по објавувањето на укинувачките одлуки на Уставниот суд и дека пример за такви одлуки се Ужп.бр.854/2010 од 14.11.2011, Ужп.бр.951/2010 од 14.11.2011 и бројни други одлуки, па нејасно било постапувањето на Вишиот управен суд во конкретниот случај.

Подносителката на барањето предлага Уставниот суд да го уважи нејзиното барање, да утврди дека со оспорената пресуда на Вишиот управен суд таа „е ставена во дискриминирачка состојба во остварувањето на правото на родителски додаток за трето дете поради социјалната припадност“ и да ја поништи Пресудата на Вишиот управен суд УЖ-2.бр.126/2015 од 15.04.2015 година.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на доставената и прибавена документација, а со цел да се утврди фактичката состојба по поднесеното барање, се преземени следните дејствија:

На 13.07.2015 година Судот се обрати со допис до Управниот суд со барање да се достави Пресудата УЖ-2.бр.126/2015 од 15.04.2015 година и одговор по наводите во барањето на Даниела Јовчевска и доставница со датум кога тужителката Даниела Јовчевска ја примила наведената пресуда односно кога постапката била правосилно завршена;

Управниот суд на 24.07.2015 година достави Известување (Су-03.бр.0302-448/15) до Уставниот суд, во кое наведува дека оспорената пресуда заедно со првостепената пресуда на Управниот суд претходно на 9.06.2015 година била доставена до Врховниот суд на Република Македонија заради водење на постапка за заштита на правото на судење во разумен рок и за тоа беше приложена доставница

Уставниот суд на Република Македонија на 19.10.2015 година се обрати со допис до Врховниот суд со кој е побаран податок за тоа кога Даниела Јовчевска ја примила Пресудата УЖ-2.бр.126/2015 и дали постапката била правосилно завршена;

На 30.10.2015 година Врховниот суд достави Известување (ПСРРР.бр.5/2015) до Уставниот суд во кое наведува дека тој суд донел решение ПСРРУ.бр.94/2014 од 23.06.2015 година и дека Решението е правосилно, а во прилог ги достави барањето на Даниела Јовчевска за заштита на правото на судење во разумен рок, Решението на Врховниот суд и копија од доставницата.

Судот на седница со цел да се утврдат материјалните факти констатира дека од 1.01.2009 година почнала примената на правото на мајката на родителски додаток за второ, трето и четврто живородено дете, воведено со Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2008 -член 4 став 1 точка 4, членовите 30-а, 30-б и 30-в од изворниот текст на Законот и член 9 од наведените измени);

Судот на седница констатира дека од 1.01.2009 година почнала примената на правилата на постапката за остварување на правото на родителски додаток за второ, трето и четврто живородено дете, уредена со Правилникот за поблиските услови, критериуми и начинот на остварување на правото на еднократна парична помош за новороденче и на правото на родителски додаток за дете („Службен весник на Република Македонија“бр.163/2008 – член 17 од Правилникот); притоа, и Судот утврди дека според член 8 од наведениот правилник „Барањето за остварување на правото на родителски додаток за дете со потребната документација се поднесува најдоцна до наполнети три месеци живот на детето …“ (став 1) до центарот за социјална работа во постојаното место на живеење на мајката (став 2);

Даниела Јовчевска од с,Бразда, Скопје родила трето дете на 14.02.2009 година. Одлуката У.бр.160/2008 01.04.2009 година на Уставниот суд на Република Македонија е објавена на 7.04.2009 година во „Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2009„ и од тој ден произведе правно дејство, во смисла на тоа дека со истата се укинати определени делови од член 30-а ставови 1 и 2 од Законот за заштита на децата; и нормите кои останаа во член 30-а ставови 1 и 2 од Законот, по укинувањето на одделни делови од Уставниот суд, се: член 30-а став 1 кои гласат: „Родителски додаток за дете остварува мајка за своето второ, трето и четврто живородено дете“; член 30-а став 2 – „Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка, која е државјанин на Република Македонија“;

На 15.05.2009 година Даниела Јовчевска поднела барање за остварување на право на родителски додаток за трето родено дете;

ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје на 9.07.2009 година го одбил барањето на Даниела Јовчевска (Решение бр.3534-927/2) поради изминати три месеци живот на детето;

На 11.07.2009 година влегле во сила одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата („Службен весник на Република Македонија“бр.83/2009 година), кои ги примени Вишиот управен суд во оспорената пресуда; притоа, членот 30-а став 1 сега определува: „Родителски додаток за дете остварува мајка за своето трето живородено дете“, а ставот 2 определува: „Правото од ставот 1 на овој член го остварува мајка која е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во Република Македонија последните три години пред поднесување на барањето“; Во однос на постапката, овој закон пропиша дека „Постапките за остварување на правото на родителски додаток за дете започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе се довршат според одредбите на прописите кои важеле до денот на влегувањето во сила на овој закон“ (член 97);

На 22.07.2009 година Даниела Јовчевска поднела жалба против првостепеното решение на ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ донесено на 9.07.2009 година;

Министерот за труд и социјална политика, со Решение Уп.бр.11-70 од 9.09.2009 година ја уважил жалбата на Даниела Јовчевска и го поништил првостепеното решение на Центарот;

ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ на 30.10.2009 година по втор пат го одбил барањето на Даниела Јовчевска (Решение бр.3534-927/2);

Министерот за труд и социјална политика, со Решение Уп.бр.11-74 од 3.03.2010 година, жалбата на Даниела Јовчевска ја одбил како неоснована и првостепеното решение на Центарот го потврдил;

На 29.03.2012 година првостепениот, Управниот суд, со Пресуда У4.бр.840/10, ја уважил тужбата на Даниела Јовчевска, го поништил второстепеното решение на министерот за труд и социјална политика и предметот го вратил на повторно постапување и одлучување;

На 18.07.2012 година Даниела Јовчевска поднела барање до Министерството за труд и социјална политика за итно постапување по предметот;

Министерот за труд и социјална политика, со Решение Уп.бр.11-74/10 од 10.09.2012 година, го поништил решението на ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје од 30.10.2009 година и предметот го вратил на повторно постапување и одлучување;

ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје, на 10.10.2012 година по трет пат го одбил барањето на Даниела Јовчевска (Решение бр.3834-84/2-927);

На 20.12.2012 година, министерот за труд и социјални работи, со Решение Уп.бр.74/10, ја одбил жалбата на Даниела Јовчевска како неоснована и го потврдил првостепеното решение, додека на 14.02.2013 година подносителката на барањето по втор пат поднела тужба до Управниот суд;

На 23.12.2013 година првостепениот, Управниот суд, со Пресуда У4.бр.141/13, го уважил тужбеното барање на Даниела Јовчевска, го поништил решението Уп.бр.74/10 од 20.12.2012 и предметот го вратил на повторно постапување и одлучување. Даниела Јовчевска на 31.01.2014 година, побарала од Министерството за труд и социјална политика да донесе решение после Пресудата У4.бр.141/13 на Управниот суд;

Државниот правобранител на Република Македонија, како законски застапник на Министерството за труд и социјална политика, на 20.02.2014 година поднел жалба до Вишиот управен суд против Пресудата на Управниот суд У4.бр.141/13 од 23.12.2013 година;

На 20.11.2014 година, бидејќи Министерстовото за труд и социјална политика не се произнело по барањето на Даниела Јовчевска од 31.01.2014 година за постапување по Пресудата на Управниот суд У4.бр.141/13, барателката поднела барање до Управниот суд, по кое бил формиран предмет УИ.88/14;

Понатаму, на 2.12.2014 година Даниела Јовчевска поднела барање до Врховниот суд на Република Македонија за да се утврди повреда на правото на судење во разумен рок по предметот УИ.бр.88/14 на Управниот суд;

На 16.02.2015 година Управниот суд го уважил барањето на Даниела Јовчевска од 20.11.2014 година по кое бил оформен предметот УИ.бр.88/14, ја уважил нејзината жалба, го поништил решението на ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје од 10.10.2012 година (бр.3834-84/2-927) и предметот го вратил на повторно постапување и одлучување;

Вишиот управен суд, со Пресудата УЖ-2.бр.126/2015 од 15.04.2015 година, ја уважил жалбата на Државниот правобранител на Република Македонија поднесена на 20.02.2014 година, првостепената Пресуда на Управниот суд У4.бр.141/13 од 23.12.2013 година ја преиначил и тужбеното барање на Даниела Јовчевска од 14.02.2013 година го одби. Пресудата е доставена во прилог со цел Судот да има целосен увид во нејзината содржина;

Врховниот суд на Република Македонија, со Решение ПСРРУ.бр.94/2014 од 23.06.2015 година го усвоил барањето на Даниела Јовчевска од 2.12.2014 година, утврдил повреда на правото на судење во разумен рок, досудил паричен надоместок од 30.000 денари и определил рок од 1 месец за ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје да одлучи за правото на Даниела Јовчевска по нивното решение бр.3834-84/2-927 од 10.10.2012 година; притоа, со Решението ПСРРУ.бр.94/2014 Врховниот суд утврдил дека Пресудата УЖ-2.бр.126/2015, донесена од Вишиот управен суд на 15.04.2015 година, „не е доставена до тужителката“ Даниела Јовчевска (стр.3 став 5 од Решението). Врховниот суд во Решението утврдил дека, после Решението на Управниот суд УИ.бр.88/14 од 16.02.2015 година со кое било поништено Решението бр.3834-84/2-927 на ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје од 10.10.2012 година, „постапката сеуште е во тек“ (стр.3 став 9 од Решението).

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со ставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно членот 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Судот на седницата утврди дека во врска со исполнетоста на процесните услови за постапување на Уставниот суд по барањето на Даниела Јовчевска (2 месеци од денот на доставувањето на правосилен поединечен акт-член 51 од Деловникот на Судот) од напред изнесените претходни дејствија што Судот ги презел кон Управниот и Врховниот суд, произлегува дека не може непосредно да се утврди дали Пресудата УЖ-2.бр.126/2015, донесена од Вишиот управен суд на 15.04.2015 година, била доставена до Даниела Јовчевска, а што влијае на правосилноста на оспорената пресуда и постоењето на процесни услови за постапување на Уставниот суд. Имено, за тоа прашање ништо не се наведува во барањето на Даниела Јовчевска упатено до Уставниот суд, ниту пак во известувањата од Управниот и Врховниот суд иако директно им е побаран таков податок. Но, индиректно може да се утврди дека оспорената пресуда на Вишиот управен суд не била доставена до Даниела Јовчевска со оглед дека тој факт го констатира Врховниот суд во Решението ПСРРУ.бр.94/2014 од 23.06.2015 година (стр.3 став 5). Покрај тоа, може да се утврди дека по донесувањето на Решението УИ бр.88/14 од Управниот суд на 16.02.2015 година, со кое се поништува решението на ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје бр.3834-84/2-927 од 10.10.2012 година и предметот е вратен на повторно постапување и одлучување пред за ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје (а ова решение е првостепениот акт кој е потврден со второстепеното решение Уп.бр.74/10 од 20.12.2012 година, но кое е поништено со првостепената пресуда на Управниот суд У4.бр.141/13 од 23.12.2013 година), постапката пред управните судови се уште не е завршена. Поради тоа, Судот утврди дека има процесни пречки за постапување на Уставниот суд по барањето на Даниела Јовчевска за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и дека се исполнети условите утврдени во член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на барањето.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.59/2015
10.02.2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply