Решение У.бр.94/2017

У.бр.94/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана 7 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 77 став 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 78 ставови 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на член 77 став 2 и член 78 ставови 2 и 3 од Законот за општата управна постапка.

Подносителот на иницијативата во поднесокот прво ја цитира содржината на оспорените членови од Законот и истакнува дека се нови и за првпат се воведени со Законот за општата уптавна постапка од 2015 година кој влегол во сила во јули 2016 година, но според него тие биле неодржливи од уставно-правен аспект.

Имено, не е јасно од каде и на каков начин лицето на кое се однесува документот ќе добие сознание дека за него, од некој орган, во пошта, на конкретен доставен документ, по однос на кој тој може или мора да презема процесни дејствија да вложува жалба или пак да постапи кон исполнување на обврската. Притоа, сметано од денот кога е заверена потврдата за прием, односно токму од тој датум за лицето течат роковите и нивното пропуштање може да значи губење на правата,ако тоа и не мора да има сознание за датумот кога е заверена потврдата за прием,што се однесува на него и на неговите права и обврски.

Според подносителот, иста била и судбината и со оспорениот член 78 ставови 2 и 3 од Законот.

Со ваквите законски одредби овозможено е да се прават разни злоупотреби во примената, поради што се создава правна несигурност за граѓаните и правните лица од кои причини оспорените норми не се јасни и не се издржани.

Воедно, подносителот наведува дека оспорените норми се контрадикторни со членовите 80, 81 и 83 од Законот за општата управна со кои е уредено прашањето на личното доставување.

Оттука, според подносителот оспорените норми не се во согласност со начелото на владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок и со членот 51 од Уставот.

Во иницијативата се наведува дека при одлучување по предметот Судот треба да ја има предвид Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.152/2008 од 11.02.2009 година.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 77 поместен во поднасловот „Известување по пошта“ од Законот е предвидено дека:

(1) Известувањето по пошта се врши по пат на обична или препорачана пошта. Секој документ што влијае врз роковите се испраќа преку препорачана пошта.
(2) Писмениот документ што е испратен по пат на препорачана пошта се смета дека е доставен на датумот кога е заверена потврдата за прием (оспорен став).

5. Исто така, Судот утврди дека во членот 78 поместен во поднасловот „ Известување преку електронски средства“ од Законот е предвидено:

(1) Известувањето преку електронски средства се врши со испраќање на електронскиот документ во согласност со закон.
(2) Доколку не можат да се утврдат времето и датумот на документот што е испратен електронски се смета дека истиот е примен согласно закон, најдоцна на третиот ден од денот на неговото испраќање(оспорен став).
(3) Примачот може да докаже дека документот не бил примен или бил примен со поголемо задоцнување од утврденото во ставот (2) на овој член (оспорен став).

6. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) се уредува постапката за остварување на заштита на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица и другите странки, како и заштита на јавниот интерес, по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје, кога во вршењето на своите законски надлежности, постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи.

Според член 4 од Законот, одделни поими во овој закон го имаат следново значење:…

-„Известувањето“ е службено обраќање на јавниот орган кон странка или кон друго лице кое учествува во управната постапка;
– „Управен акт“ е поединечен акт на јавен орган кој е донесен врз основа на закон со кој се решава за правата, обврските и правните интереси на странките. Управните акти можат да бидат насловени како решение, одлука, наредба, лиценца, дозвола, забрана, одобрение или други;

Според член 17 од Законот поместен во делот „Начело на активна помош на странката“ е предвидено дека:

(1) Јавниот орган е должен да им овозможи на сите странки во постапката да ги остварат и заштитат своите права и правни интереси на што е можно поефективен и полесен начин. Јавниот орган ги известува странките за законските одредби што се од важност за решавање на управната работа, за нивните права и обврски, вклучително и за сите информации поврзани со постапката и ги предупредува за правните последици од нивните дејствија или пропусти.
(2) Јавниот орган и овозможува на странката пристап до јавниот орган и по електронски пат.
(3) Незнаењето или неукоста на странката која учествува во постапката не треба да биде на штета на нејзините законски права и интереси.

Во членот 37 од Законот се предвидени општите правила на комуникација на јавниот орган и странката при што е предвидено дека:

(1) Комуникацијата помеѓу јавните органи и странките може да се одвива во писмена форма, усно или во електронска форма.
(2) Актите во управната постапка во електронска форма можат да се достават до странката или нејзиниот застапник само во случаи кога тие претходно се согласиле за оваа
форма на комуникација. Согласноста може да биде ограничена на одделни јавни органи,постапки и акти.
(3) Комуникацијата помеѓу јавните органи задолжително се одвива во електронска форма.

Во глава ХI од Законот во насловот „ ИЗВЕСТУВАЊЕ И ДОСТАВА“ односно во членовите од 69 до 78, покрај другото, е предвидено дека:

(1) Ако не е поинаку определено со закон, јавниот орган слободно одлучува за соодветниот начин на известување на странката во управната постапка. Пишаните управни акти треба да се достават.
(2) Начинот на известување се утврдува во однос на правната заштита на странката,транспарентноста, економичноста и едноставноста на постапката.
(3) Кога странката е присутна, известувањето се врши усно.
(4) Во исклучителни случаи, кога се работи за итни и кратки прашања, известувањето може да се изврши телефонски.
(5) Писмениот документ може да се испрати по пошта, преку електронски или други соодветни средства, или со достава.

Во членот 77 „Постапки за известување“ поднасловот “Известување по пошта“ е предвидено дека:

(1) Известувањето по пошта се врши по пат на обична или препорачана пошта. Секој документ што влијае врз роковите се испраќа преку препорачана пошта.
(2) Писмениот документ што е испратен по пат на препорачана пошта се смета дека е доставен на датумот кога е заверена потврдата за прием( оспорен став).

Во членот 78 „Известување преку електронски средства“ е предвидено дека:

(1) Известувањето преку електронски средства се врши со испраќање на електронскиот документ во согласност со закон.
(2) Доколку не можат да се утврдат времето и датумот на документот што е испратен електронски се смета дека истиот е примен согласно закон, најдоцна на третиот ден од денот на неговото испраќање ( оспорен став).
(3) Примачот може да докаже дека документот не бил примен или бил примен со поголемо задоцнување од утврденото во ставот (2) на овој член (оспорен став).

Во членовите од 79 до 86 од Законот е уредено прашањето на „Достава“ и „Начин на достава“ при што:

Доставата се врши по пат на препорачано писмо, преку лично, посредно или јавно доставување, како и по електронски пат или со официјално објавување.

Во членот 80 од Законот насловот во „Лично доставување“ е утврдено дека:

(1) Личното доставување го врши службено лице на јавниот орган со тоа што документот му го предава лично на примачот. Доставувањето се потврдува со доставница што ја потпишуваат и примачот и службеникот, а во неа се наведени и информации за идентификување на доставениот документ и за датумот на доставувањето.
(2) Ако примачот не се затече на местото каде што треба да се изврши доставувањето, службеникот повторно се обидува да го извести во период од 24 до 72 часа од првиот обид.
(3) Ако примачот не се затече и по вториот обид или одбие да го прими документот,службеникот составува писмена белешка.
(4) Во случајот наведен во ставот (3) на овој член, службеникот остава белешка на местото каде треба да се изврши доставувањето, во којашто го наведува примачот, дава информации за идентификување на документот и за соодветната канцеларија на јавниот орган од каде што документот може да се подигне. Во белешката се наведува и датумот кога таа била оставена. Доставувањето се смета дека е извршено во рок од три дена од предавањето на белешката.

Во членот 85 од Законот во насловот „Доставување по електронски пат“ е предвидено:

(1) Доставувањето на електронски документ може да се изврши со преземање на документот од сервер што го одредил јавниот орган само ако на примачот му е овозможен пристап преку автентизирани електронски средства и ако претходно е известен за датумот или периодот во кој документот ќе биде поставен на серверот.

(2) Доставувањето во согласност со ставот (1) од овој член се смета дека е извршено во моментот на преземање. Ако документот не се преземе во одредениот рок или период, јавниот орган го повторува известувањето. Ако документот не се преземе во одредениот рок или период утврден во второто известување, јавниот орган треба да ја достави одлуката преку други соодветни средства.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, направената анализа на наведените одредби од Законот за општата управна постапка, наспрема наводите во иницијативата по однос на член 77 став 2 од Законот, Судот оцени дека тие се основани.

Ова од причина што анализирајќи ги содржините на оспорените одредби произлегува дека доставувањето преку пошта се смета за уредно на датумот кога е заверена потврдата за прием што според мислењето на Судот е правно нејасна и неиздржана норма, односно не е јасно дали таа заверка се однесува на заверка од страна на поштата или пак на лицето кое треба да го потврди приемот на писменото кое го доставува јавниот орган.Точниот датум на прием на писменото известување од страна на странката на кое се однесува известувањето има големо значење од причини што странката од тој датум може да презема процесни дејствија, да вложува жалба или пак да пристапи кон исполнување на обврската.

Според Судот неспорна е потребата на законодавецот да обезбеди сигурен начин на доставување и намалување на можните изигрувања на уредното доставување кога тоа е по пошта, оттука Судот смета дека оспорената одредба не е изведена докрај преку креирање на правно издржана норма, со која нема да остави простор за правна несигурност и можност за губење на правата или неисполнување на обврските. Едноставно заради немање на сознание дека во поштата на конкретен датум за лицето е оставен акт врз основа на кој течат права и обврски, странката може да трпи последици кои би можеле да значат губење на права загарантирани со Уставот, поради што основано се постави прашањето за согласноста на членот 77 став 2 со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Во однос на оспорениот член 78 ставовите 2 и 3 од Законот, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани.

Имено, тргнувајќи од наводите од иницијативата како и анализата на членот 37 од Законот, во кој се утврдени општите правила на комуникација меѓу јавниот орган и странката, комуникацијата меѓу нив може да се одвива и преку електронска пошта ако за тоа претходно се согласиле органот и странката. Тоа значи дека странката однапред знае дека постои можност јавниот орган до кој таа се обратила за остварување на одредено право, да ја извести по електронски пат, при што доколку известувањето стигне до странката со поголемо задоцнување од она пропишано со Законот, а тоа е три дена, странката може да докаже дека известувањето го примила со задоцнување, а при тоа да не трпи последици.

Оттука, Судот оцени дека по однос на член 78 ставови 2 и 3 од Законот не може да се постави да се постави прашањето за нивната согласност со одредбите на Уставот на Република Македонија на кои се повикува подносителот на иницијативата.

8. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од pretsedatelot na Sudot, Никола Ивановски и sudiite: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.94/2017
7.февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply