Одлука У.бр.167/2016

У.бр.167/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 31 jaнуари 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 22 став 1 точка 5 од Законот за приватно обезбедување („Службен весник на Република Македонија“ бр.166/2012, 164/2013, 148/2015, 193/2015 и 55/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.167/2016 од 13 декември 2017 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот се постави прашањето за согласноста на означената законска одредба со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 22 став 1 од Законот, „лиценцата за обезбедување од овој закон се издава на физичко лице кое ги исполнува следниве услови:

5) не е осудено со правосилна судска пресуда или против него не се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност.“

5. Во член 8 став 1 од Уставот се определуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, меѓу кои се предвидени и владеењето на правото (алинеја 3) и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (алинеја 4).

Според член 13 став 1 од Уставот, „лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.“

Според член 14 став 1 од Уставот, „никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок, при што темелната вредност-владеење на правото се операционализира така што со закон се утврдуваат кривичните дела, се пропишуваат казни за нив и никој не може да биде казнет за дело кое не било предвидено со закон како кривично дело и не била пропишана казна за тоа дело, а темелната вредност-поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска се операционализира така што се определува дека со судска одлука се утврдува вина на лицето обвинето за кривично дело и дека обвинетото лице се смета за невино се до донесувањето на правосилна осудителна судска одлука.

Според член 101 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017), „правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор “ (став 1).

Според член 102 од наведениот законик, „правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата“ (став 1). „Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна“ (став 2).

Од изнесените одредба на Кривичниот законик произлегува дека правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат за кривични дела за кои е изречена само казна затвор, дека правните последици од осудата настапуваат со денот на правосилноста на пресудата и правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од издржаната, простената или застарената казна.

Според тоа, Судот утврди дека правни последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, можат да настапат само врз основа на правосилна судска осудителна пресуда и кога со пресудата се изрекува казна затвор, при што правната последица со која се забранува стекнување на определени права може да трае најдолго десет години, а не може да настапи правна последица без правосилна судска осудителна пресуда и без пресуда со која се изрекува казна затвор.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека член 22 став 1 точката 5 од Законот за приватно обезбедување определува, услов за добивање на лиценца за обезбедување да биде физичкото лице (1) да не е осудено со правосилна судска пресуда или (2) против него да не се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност. Оттука, Судот оцени дека наведената законска одредба определува, независно од содржината на правосилна судска пресуда односно од видот на кривичното дело и видот на изречената казна, како и независно од непостоењето на правосилна судска пресуда иако се води кривична постапка, физичкото лице да трпи правна последица, а тоа не е во согласност со наведените уставни и законски определби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.167/2016
31 јануари 2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply