Решение У.бр.93/2017

У.бр.93/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 31 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилото за внатрешна служба во Армијата на Република Македонија, бр.03-310/7 од 30.06.2011 година, донесено од началикот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија.

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспореното правило немало правилен наслов, ако се тргнело од основот за негово донесување (член 26 точка 18 од Законот за одбрана) и требало да гласи: „Правило за внатрешен ред и односите во вршењето на службата во Армијата на Република Македонија“. Исто така, оспорениот акт не бил објавен во службено гласило пред да влезе во сила.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата смета дека оспорениот акт не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, член 26 став 1 точка 18 од Законот за одбрана и член 3 точка 4 од Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Македонија“.

Оттаму, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, а потоа оспорениот акт да го укине или поништи.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 26 став 1 точка 18 од Законот за одбрана („Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2001, 5/2003, 58/2006, 10/2008 и 51/2011) началикот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија донел Правило за внатрешна служба на Армијата на Република Македонија, заведено под бр.03-310/7 од 30.06.2011 година.

Во членот 6 од Правилото е предвидено истото да влезе во сила со денот на донесувањето.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Репу-блика Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од суштината на членот 110 од Уставот произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони и други акти што се дел од правниот поредок на Република Македонија, што значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние акти кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не и на оние што престанале да важат.

Во конкретниот случај началикот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија донел Правило за внатрешна служба на Армијата на Република Македонија бр.02-293/7 од 16.07.2012 година во чиј член 62 е предвидено со денот на влегување во сила на ова правило да престане да важи претходно донесеното, сега оспорено, правило. Во членот 63 од Правилото донесено во 2012 година е предвидено истото да влезе во сила со денот на неговото донесување (16.07.2012 година).

Судот, имајќи предвид дека оспореното правило сметано од наведениот датум повеќе не е дел од правниот поредок на Република Македонија, оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување на неговата согласност со Уставот и посочените закони.

Оттаму исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Никола Ивановски и судиите Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.93/2017
31 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply