Решение У.бр.80/2017

У.бр.80/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови, бр.08-363/7 од 26.12.2016 година, донесена од Советот на Општина Маврово и Ростуше („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“ бр.12/2016).

2. Народниот правобранител Иџет Мемети, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката наведена во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата најпрвин се цитираат одредбите од оспорената одлука, се наведува дека темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот и владеењето на правото и се цитираат уставните одредби од членовите 9, 33 и 68 од Уставот.

Понатаму во иницијативата се цитираат одредбите од член 4 став 1 од Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа во кои се утврдени сопствените извори на приходи на општината и членот 25 од Законот за комуналните дејности, според кој, за користење на објектите на комуналната инфраструктура, како и давањето на заедничката комунална услуга се плаќа надоместок утврден со посебните закони со кои се уредуваат одделни комунални дејности. Висината на надоместокот ја утврдува општината, односно Градот Скопје во зависност од видот на објектот, степенот на изграденост и опременост, локацијата и степенот и видот на услугата. Надоместокот го плаќаат сопствениците, односно корисниците на станбен и деловен простор, а средствата од надоместокот се приход на општината односно Градот Скопје.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената одлука, која претставува пропис со кој се утврдува јавна давачка како извор на приходи на општината, Советот на Општина Маврово и Ростуше утврдил обврска за граѓаните да плаќаат придонес за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „Маврово“ од Маврови Анови, без за тоа да има надлежност. Конкретно во ниту еден посебен закон не било определено овластување на општините да утврдуваат обврска за граѓаните за плаќање придонес за чистење снег на локални патишта и улици во зимскиот период.

Оспорената одлука, исто така, била спротивна на уставното начело на еднаквост на граѓаните, бидејќи нејзините одредби се однесувале само на сопствениците на викенд куќи во село Маврово, а не и за лицата кои живеат во селата Маврови Анови, Маврово и Ростуше и кои се сопственици на куќи.

Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката и да ја поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови, бр.08-363/7 ја донел Советот на Општина Маврово и Ростуше на 26 декември 2016 година и таа е објавена во „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“ бр.12/2016.

Одлуката била донесена врз основа на член 11 став 1 точка 6 од Законот за јавни претпријатија („Службен весник на Република Македонија бр.38/96), а во согласност со член 62 став 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 25 став 1 точка 5 од Статутот на Општина Маврово и Ростуша – пречистен текст „Службен гласник на Општина Маврово и Ростуша“ бр.3/2015 година.

Според членот 1 на Одлуката, со оваа одлука се утврдуваат цените на услуги за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период кога има снег и тоа во декември, јануари и февруари во континуитет. Износот на надоместокот е 600,00 денари линеарно за секоја викенд куќа. За секоја дополнителна услуга за индивидуално чистење ќе се наплатува по 2.450,00 денари по барање на корисникот.

Според членот 2 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во Службен гласник на Општина Маврово и Ростуша.

Одлуката е потпишана од претседателот на Советот на Општина Маврово и Ростуше Неџат Исмаили.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд со Одлука У.бр.70/2017 од 20 декември 2017 година, ја укина Одлуката за утврдување на цени за чистење на снег на локални патишта и улици во зимскиот период на ЈПКД „МАВРОВО“ од Маврови Анови, бр.08-363/7 од 26.12.2016 година, донесена од Советот на Општина Маврово и Ростуше („Службен гласник на Општина Маврово и Ростуше“ бр.12/2016). Во Одлуката Судот утврдил дека: „комуналната дејност – одржување на јавна чистота во градски и други населби под кое се подразбира чистење на јавни и сообраќајни површини, одржување на пешачки патеки, детски игралишта, отворени одводни канали, кејови, како и чистење на снегот во зимски услови, можат да ја вршат јавни претпријатија за комунални дејности основани од општините кои како даватели на услугите се овластени да ја утврдуваат висината на цената и начинот на плаќањето на оваа комунална услуга и тоа по претходна согласност на основачот.

Понатаму, според Судот, од содржинaтa на оспоре­ната одлука неспорно произлегува дека со истата се создаваат обврски само за ВИКЕНД КУЌИТЕ, но не и за другите индивидуални или хотелски објекти, кои, исто така, се корисници на наведените локални патишта и улици. Со ваквиот начин на утврдување на цените, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните што не е во согласност со членот 9 од Уставот на Република Македонија, според кој сите граѓани во Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите, бидејќи во случајов станува збор за еден вид на комунална услуга – одржување на јавна чистота – чистење на снегот во зимски услови, во интерес на урбаното живеење на сите корисници еднакво во рамките на законските критериуми ќе треба да го понесат финансискиот товар на надоместокот, а не само ВИКЕНД КУЌИТЕ, како што определува оспорената одлука.

Од наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот на Република Македонија, како и со член 24, член 25 и член 29 алинеја 8 од Законот за комунални дејности и со член 24 став 1, член 25 став 1, член 26 став 1, член 27 и член 29 алинеја 6 од Законот за јавна чистота“.

Имајќи предвид дека оспорената одлука е укината од страна на Уставниот суд и таа не е повеќе дел од правниот поредок, Судот утведи дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.80/2017
24.01.2018 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply