Решение У.бр.114/2017

У.бр.114/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на член 11 став 3 од Правилникот за стручно оспособување и усовршување на дипломатите во Министерството за надворешни работи (специјализација и обуки) бр.01-5712/1 донесен од министерот за надворешни работи на 01.07.2013 година.

2. Мухамед Халили од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на законитоста на член 11 став 3 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата во поднесокот започнува со цитирање на содржината на членот 64-г од Законот за надворешни работи и наведува дека во Законот не е предвидена клаузула за полагање на било каков испит за преминување од трет до втор и од втор до прв секретар. Законот децидно предвидува полагање на приправнички испит, на дипломатски испит, советнички испит, испит за ополномоштен министер и амбасадор во Министерството за надворешни работи.

Во Правилникот за стручно оспособување и усовршување на дипломатите во Министерството за надворешни работи (специјализација и обуки) од 2013 во членот 11 став 3 е наведено дека: „При редовно преминување во непосредно повисоко звање, покрај позитивната оценка и истекот на одреден период во претходно звање, неопходен услов е и поседување на потврдата од претходниот став“.

Со оглед на наведеното, подносителот на иницијативата бара Судот го укине членот 11 став 3 од Правилникот од причини што тој не бил во согласност со членот 64-г од Законот за надворешни работи.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член од Правилникот е предвидено дека:

„При редовно преминување во непосредно повисоко звање, покрај позитивната оценка и истекот на одреден период во претходно звање, неопходен услов е и поседување на потврдата од претходниот став“.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 21 од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 46/2006, 107/2008, 26/2013, 39/2014 61/2015), е предвидено дека:

Министерството се грижи за постојано стручно ос- пособување и усовршување на дипломатите. Програмата и начинот на спроведување на стручното оспособување и усовршување се утврдува со акт на министерот.

Во членот 64-г од Законот поместен во поднасловот „Стекнување на дипломатско звање и редовно преминување во непосредно повисоко дипломатско звање“ е предвидено:

Лице кое се вработува во Министерството со претходно работно искуство во нивото Б3 полага советнички испит најдоцна шест месеци од денот на вработувањето и се стекнува со дипломатско звање советник по успешно положен советнички испит. Доколку не го положи советничкиот испит во утврдениот рок, му престанува работниот однос во Министерството.

Редовно преминување во непосредно повисоко дипломатско звање се врши по истекот на одреден период во звање, позитивни оцени за работењето во тој период, успешно поминати обуки кои Министерството ги организира за своите вработени, односно:

а) дипломат по помината една година во звањето аташе, се стекнува со звање трет секретар;
б) дипломат по поминати две години во звањето трет секретар, се стекнува со звање втор секретар;
в) дипломат по поминати три години во звањето втор секретар, се стекнува со звање прв секретар;
г) дипломат по поминати три години во звањето прв секретар и положен советнички испит, се стекнува со звање советник;
д) дипломат по поминати четири години во звањето советник, се стекнува со звање министер советник;
ѓ) дипломат по поминати пет години во звањето министер советник и одбранет труд, се стекнува со звање ополномоштен министер и
е) дипломат по поминати шест години во звањето ополномоштен министер и одбранет амбасадорски труд, се стекнува со звање амбасадор во Министерството.

Програмата за полагање на советничкиот испит, како и одбраната на трудовите од ставот 2 точки ѓ) и е) на овој член, се утврдува со акт на министерот.

Решение за преминување во непосредно повисоко звање донесува министерот.

Во членот 67 –в поднасловот „Специјализација и обука“ од Законот е предвидено дека:

Министерството организира стручна специјализација и континуирана обука за дипломатите.

Начинот на спроведување на специјализацијата и обуките се утврдува со акт на министерот.

Меѓусебните права и обврски на Министерството и дипломатот кој е упатен на специјализација и обука за потребите на Министерството, се уредуваат со писмен договор во кој се утврдува точниот датум до кој дипломатот не може да бара престанок на работниот однос, како и неговата материјална одговорност сразмерна на средствата потрошени за реализација на обуката, доколку по негова вина или на негово барање му престане работниот однос пред утврдениот датум.

За времетраењето на специјализацијата и обуката на која дипломатот е упатен за потребите на Министерството, има право да му биде исплатена плата, но не подолго од една година од денот на упатувањето.

Дипломатот или помошно – стручниот службеник, кој е упатен на работа во дипломатско – конзуларно претставништво на Република Македонија во странство, вклучително и шефот на претставништвото, за времетраењето на мандатот не може да студира на додипломски, последипломски и докторски студии.

Член на потесно семејство кој е во придружба на лицето од став 5 на овој член, за времетраење на мандатот не смее да користи стипендија од и во државата на приемот.

Прекршувањето на одредбите од ставовите 5 и 6 на овој член, претставува повреда на работната должност и повлекува дисциплинска одговорност за која може да се изрече дисциплинска мерка престанок на работниот однос во Министерството.

Врз основа на член 55 и 56 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“бр.58/2000, 44/2002, 87/2008, 167/2010 и 51/2011) а во врска со член 67-в од Законот за надворешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2006, 107/2008 и 26/2013) министерот за надворешни работи донел Правилник за стручно оспособување и усовршување на диплпматите во Министерството за надворешни работи (специјализација и обуки).

I. Основни одредби

Член 1

(1) Со овој Правилник се пропишува начинот на стручно оспособување и усовршување (специјализација и обуки) на дипломатите во Министерството за надворешни работи, во понатамошен текст: (Министерство) и се утврдува Програмата за стручно усовршување. (во натамошниот текст: Програма)

Член 2

(1) Под стручно оспособување во смисла на овој Правилник се смета оспособувањето на вработените во Министерството за стекнување повисоко дипломатско звање, освен кај звањето ополномоштен министер и амбасадор.
(2) Стручно оспособување се изведува преку: предавања и работилници согласно Програмата за стручно оспособување.
(3) Начинот и формата на стручното оспособување за звањето советник се пропишани со посебен акт.

Член 3

(1) Под стручно усовршување се подразбира надградба на формалното и неформалното образование на дипломатите, со цел, унапредување на нивните специфични знаења и вештини во извршување на работите и работните задачи.
(2) Стручното усовршување се изведува преку информативни и едукативни семинари, курсеви, форуми, консултативни состаноци, предавања, меѓународни конференции и други форми, во земјава и странство.

Член 4

(1) Во Програмата за стручно усовршување се утврдуваат областите и темите по кои вработените ќе ги унапредуваат нивните специфични знаења и вештини и истата е составен дел на овој Правилник.

II. Форми на стручно оспособување и усовршување

Член 5

(1) Стручното оспособување и усовршувршување се изведува преку семинари, работилници, студиска посета, обука на работно место и курсеви и конференции.

Член 6

(1) Семинар е форма на учење за специфична област, без практична работа заради стекнување на дополнителни знаења.
(2) Работилница е форма на учење со примена на интерактивни методи со цел, стекнување на одредени вештини преку решавање на конкретни проблеми.
(3) Студиска посета е форма на учење преку запознавање на искуства на други држави на непосреден начин, заради нивна примена во Министерството.
(4) Обука на работно место е форма на учење за стекнување или усовршување на вештини за извршување на работни задачи за одредено работно место со помош на ментор.
(5) Курс е форма на учење за стекнување и усовршување на знаење и вештини преку организирана настава во одреден период.
(6) Конференција е форма на учење за размена на искуства и знаења.

Член 7

(1) Предавачи можат да бидат вработени во Министерството или други надворешни лица.
(2) Предавачите од Министерството ги определува министерот со решение.
(3) Надворешните лица како предавачи се ангажираат со договор.

III. Постапка за организирање на стручно оспособување и усовршување

Член 8

(1) Секторот за управување со човечки ресурси, најдоцна до 30 септември во тековната година до Директоратот за дипломатска академија, доставува преглед на вработените кои треба да следат обука за стручно оспособување и усовршување во следната година.
(2) Директоратот за дипломатска академија, врз основа на годишниот план од претходниот став организира и ги спроведува обуките за стручно оспобување и усовршување.

Член 9

(1) Државниот секретар, Директоратот за организациони работи и Директоратот за дипломатска академија, во меѓусебна консултација утврдуваат кои конкретни обуки за стручно оспособувања по звања наведени во Програмата ќе се реализираат во наредната година, во која форма ќе бидат реализирани, времетраењето на обуките и предлагаат предавачи.

Член 10

(1) Директоратот за дипломатска академија врз основа на консултациите од претходниот член, изготвува план за спроведување на обука најдоцна до 31 декември и истиот се објавува на интернет веб- страната на Министерството.
(2) Планот од претходниот став содржи: форма на обуката, корисници на обуката, времетраење на обуката, предавачите и останати податоци од важност за обуката.
(3) Организирањето и спроведување на обуката вклучувајќи и сооопштение за конкретна обука, собирањето пријави, изготвувањето распоред и сл. е во надлежност на Директоратот за дипломатска академија.

Член 11

(1) Обуките за стручно оспособување и усовршување утврдени по звања во Програмата се задолжителни.
(2) На дипломатот кој следел обука, Директоратот за дипломатска академија му издава потврда за истото.
(3) При редовно преминување во непосредно повисоко звање, покрај позитивната оценка и истекот на одреден период во претходно звање, неопходен услов е и поседување на потврдата од претходниот став.

IV. Усовршување во странство

Член 12

(1) Стручното усовршување на вработените во Министерството може да се реализира и преку следење на семинари, курсеви, работилници, конференциии и сл. организирани од страна на високо образовни и други специјалиизрани институции во странство.

Член 13

(1) На обуките од претходниот став може да се пријави само вработен на кого му е утврдено дипломатско звање и кој има доказ за познавање на јазикот на кој ќе се одвива обуката.
(2) Директоратот за дипломатска академија, по добивање известување за одржување на обука од претходниот член, објавува соопштение на интерната веб страна на Министерството.
(3) Соопштението ги содржи информациите кои се однесуваат на темата, времетраењето, условите за учество и други информации од интерес за постапката.
(4) Заинтересираните кандидати поднесуваат пријава на образец кој е составен дел на овој правилник до Директоратот за дипломатска академија, по претходно обезбедена согласност од Директорот на организиационата единица каде вработениот е распореден дека вработениот во периодот на обуката може да биде отсутен од работно место.
(5) Директоратот за дипломатска академија врши административна селекција на кандидатите кои ги исполнуваат условите од став 1 на овој член.
(6) Државниот секретар, од редот на кандидатите кои ги исполнуваат условите врши избор на вработен кој ќе биде номиниран кај организиторот на обуката.
(7) Решение за упатување на вработен на една од формите за обука донесува државниот секретар.
(8) Вработениот кој посетувал обука е должен до Директоратот за дипломатска академија да поднесе извештај за обуката, најдоцна во рок до 15 дена од денот на завршување на истата.

V. Завршни одредби

Член 14

(1) Овој Правилник влегува во сила на денот на неговото донесување, и ќе се објави на интерната веб страна на Министерството.“

Составен дел на наведениот Правилник е Програмата за стручно оспособување и усовршување.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за надворешни работи, содржината на целината на Правилник за стручно оспособување и усовршување на дипломатите во Министерството за надворешни работи (специјализација и обуки) и содржината на оспорениот член 11 став 3 од наведениот Правилник наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што со наведениот Правилник, а врз основа на законоско овластување на министерот е уредено прашањето за стручното оспособување и усовршување на вработените дипломати во Министерството за надворешни работи за стекнување повисоко дипломатско звање, освен кај звањето ополномоштен министер и амбасадор. Стручното оспособување и усовршување се изведува преку предавања и работилници согласно со Програмата за стручно оспособување.

Обуките за стручно оспособување и усовршување утврдени по звања во Програмата се задолжителни, а на дипломатот кој следел обука, Директорот на дипломатската академија му издава потврда.

При редовно преминување во непосредно повисоко звање, покрај позитивната оценка и истекот на одреден период во претходното звање, неопходен услов е и поседување на потврдата, а не полагање на испит како што наведува подносителот на иницијативата.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот како подобен за уставно-судска оцена, а тоа е да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, произлегува дека сите прописи не спаѓаат во делокругот на надлежности на Уставниот суд на Република Македонија од член 110 алинеја 2 од Уставот, туку само оние кои ги содржат потребните правни елементи за таа цел.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, како и содржината на Правилникот, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по барањето во иницијативата за оценување на законитоста на оспорениот дел на овој правилник. Ова од причина што Правилникот со оглед на прашањата што се уредуваат со него, има карактер на интерен акт, а не на пропис во смисла на член 110 од Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.114/2017
24 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply