Решение У.бр.46/2017

У.бр.46/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 34 став 8 во делот: „Предност во рангирањето има оној кандидат со подолг работен стаж стекнат кај извршител, нотар, адвокат, во правосудни органи и органи на државна управа од областа на правосудство и финансии“ и член 218 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016 и 142/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на: член 28 став 1 во делот: „Барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице”; член 86 став 1 во делот: „Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице“ и член 87 став 1 во делот: „Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Организацијата на работодавачи на Македонија – Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби од Законот за извршување биле спротивни на Уставот во целина, а посебно на член 8, член 9, член 15, член 30, член 50, член 53, член 54 став 1 и член 55 од Уставот.

Со донесување на новиот Закон за извршување, еднаквиот третман на граѓаните кои за своја професија ја избрале правната професија, во целост бил доведен во прашање, бидејќи креирал дискриминација помеѓу истите делејќи ги на адвокати/правници вработени во банки, штедилници, финансиски друштва, друштва за осигурување, на една страна и правници кои работат и извршуваат правни работи во останати трговски друштва. Со оглед на фактот дека ваквата поделба во никој случај не била правно заснована и оправдана, само се потврдувало дека издвојувањето на правници кои вршат правни работи во трговски друштва во стопанството претставувало класичен облик на дискриминација и нееднаков третман, во однос на друга фаворизирана група на лица (адвокати, правници вработени во банки, штедилници, финансиски друштва и друштва за осигурување), особено ако се имало во вид дека таа фаворизирана група воопшто не поседувала некоја посебна квалификација, знаење и/или стручност заради кои би се издвоиле како единствени даватели на правна помош во постапките за извршување.

Со донесувањето на оспорените одредби, кај кои недостигала било каква правна логика, неспорно се создавала дискриминација и нееднаков третман и дополнително се воспоставувал навредувачки и омаловажувачки однос кон правниците кои вршат правни работи во трговски друштва, и покрај фактот дека истите завршиле иста висококвалификувана стручна спрема и положиле правосуден испит по иста програма како и останатите лица кои одлучиле да се бават со правна професија (адвокатите и другите физички лица кои вршат правни работи во банки и осигурителни друштва), само поради фактот што се вработени во друштва во стопанството. Оттука, неспорно било дека ваквите одредби биле спротивни на Уставот, бидејќи ја доведувале во прашање правната сигурност и еднаквост на граѓаните пред Уставот, законите и воопшто во целокупното општествено функционирање.

Сосема било нејасно како законодавецот го поврзал прагот од 10.000 евра со задолжителното составување на барањето за извршување или поднесување приговор против извршно дејствие исклучиво од страна на адвокат, придружено со адвокатски печат и потпис во овие случаи (член 28 став 1).

Единствен исклучок од наведеното правило бил предвиден само за: Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице. Воопшто не било јасно зошто во овие случаи дипломираните правници во трговските друштва биле ставени во нерамноправна положба на начин што се изземени од можноста да поднесат едно обично барање за спроведување на извршување пред извршител во Република Македонија или приговор за незаконитости во извршувањето? Имено, зошто трговските друштва кои имаат сопствени правни служби во кои работат дипломирани правници да не можат да овластат свој вработен дипломиран правник да презема дејствија пред извршител, почнувајќи од наједноставното – да поднесе барање за извршување? Зошто правниците во трговските друштва, што значело и самите трговски друштва кои имаат сопствени правни служби, биле изземени од листата „повластени“ подносители на обични барања за извршување до извршител? Истата забелешка се однесувала и на можноста да се поднесе приговор за незаконитости во извршувањето до судот на чие подрачје извршувањето или пак дел од него, се спроведувало.

Сложеноста на процесот на поднесување на барање за извршување со поврзување на задолжителност на истото со адвокат и задолжителен адвокатски печат или правник вработен во банка, штедилница, лизинг друштво и осигурување, било крајно несфатливо и контрадикторно на „целта“ заради која законодавецот ги утврдил овие измени во Законот за извршување. Оттука, нејасно било зошто адвокатите и правниците во банките, штедилниците и осигурителните друштва биле привилегирани во однос на правниците вработени во трговските друштва, кои пак од своја страна тековно го следат процесот на одредено правно дело од кое може да произлезе таквото барање, истите го креираат, преговараат и реализираат во рамки на утврдените права и обврски, а согласно слободата на договарањето на странките кои стапиле во таквиот однос, која пак слобода од своја страна произлегува од правото на избор кое му било гарантирано на секое физичко и правно лице со Уставот.

Притоа, поднесувањето на формално барање за извршување со задолжителен печат и потпис од адвокат, промовирано со амбициозните наводи за обезбедување на поголема правна сигурност, бил несериозен и навредлив аргумент во однос на сите останати вршители на правната професија во трговските друштва.

Дополнително, воопшто не било јасно зошто стажот на правниците кои работат во трговски друштва во стопанството, а не во банки и осигурителни компании или лизинг друштва, не можел да се смета како предност во случај на рангирање кандидат за извршител (член 34 став 8). И во оваа смисла, апсолутно не постоел ниту еден издржан аргумент кој би го оправдал исклучувањето на една категорија правници за сметка на други, како резултат на крајниот корисник во кој ги вршат овластувањата. Местото каде што се остварува правната професија воопшто не смеело да претставува критериум за избор на лице кое конкурира на оглас за извршител, бидејќи било дискриминаторско, противуставно и ги загрозувало правата на граѓаните утврдени со Европската конвенција за човекови слободи и права и Општата декларација за човекови права на Обединетите Нации.

Фактот дека испитните резултати, преку кои се утврдува познавањето и квалификацијата на правниците, не претставувале единствен критериум врз основа на кој се врши евалуација, туку дополнително се вклучувала паушална поделба на квалификација на правниците во зависност од правното лице каде ги вршат правните работи, ни оддалеку не било критериум кој може да обезбеди квалификувани кандидати или поголема правна сигурност.

Во членот 86 став 1 од Законот, ваквата дискриминација продолжувала и во ограничувањето на можноста за составување на приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра, каде задолжително е утврдено истиот да е составен од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Врз основа на кои принципи и критериуми се водел предлагачот на ваквата законска одредба? Ваквата диференцијација била тотална правна небулоза, која го руши духот на еднаквост на лицата кои избрале правната професија да ја вршат во друштва надвор од посочените.

Правото на ограничување на кариерата и остварување на својот капацитет во трговско друштво што не е банка, осигурителна компанија, лизинг компанија или адвокат, бил дрзок дискриминаторски начин противправно да се сузбие една група на граѓани за сметка на други, што во секој случај било спротивно на сите принципи врз основа на кои се базирал Уставот на Република Македонија.

Истото се однесувало и на содржината на член 87 став 1 од Законот, кој го уредува правото на жалба против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра која задолжително ја составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице. И во овој случај не постоел ниту еден издржан праворазумен аргумент, научно докажан и одржан за поставување на овие ригидни граници на утврдување кој и за што е овластен, без постоење на критериум по кој се поставува границата, во систем во кој сите требало да бидат еднакви врз основа на своите квалификации и стекнато образование.

Понатаму, во иницијативата се повикува на Одлуката на Уставниот суд, У.бр.134/2002 со која се укинати одделни одредби од Законот за адвокатурата според кои правната заштита ја обезбедувале исклучиво адвокати.

Со оспорените одредби од Законот за извршување се ограничувало правото на заштита и целосно се исклучувало правото самостојно да се побара заштита, што била една од основните карактеристики на слободните демократски општества.

Контрадикторноста на овие законски решенија се согледувала и во тоа што истите биле во спротивност со членот 80 од Законот за парнична постапка, кое решение функционирало и се применувало во остварувањето на правната заштита на сите правни и физички лица. Со истото решение, во духот на правата и слободите, Законот за парнична постапка утврдил дека правото на полномошник е право, а не обврска! Странките можеле да преземаат дејствија во постапката на правна заштита лично или преку полномошници.

Ниту според Законот за адвокатурата, ниту пак според Законот за банки, Законот за супервизија на осигурување, за адвокатите или пак правниците вработени во банките, штедилниците, осигурителните друштва, не биле утврдени никакви дополнителни квалификации за овие лица, кои тие евентуално би требало да ги обезбедат или поседуваат за да можат да вршат или да даваат правна помош на лицата кои ги застапуваат. Оттука, неспорно било дека помеѓу адвокатите, правниците вработени во банки, штедилници, осигурителни друштва и правниците вработени во друштва во стопанството со положен правосуден испит, не постоела и не смеела да постои апсолутно никаква разлика врз основа на која би се ценела нивната квалификуваност, односно неквалификуваност.

Членот 218 од Законот, според подносителите на иницијативата, задирал во основните економски права кои се гарантирани со Уставот.

Членот 55 од Уставот, покрај гаранцијата за еднаквост на сите учесници на пазарот и претприемништвото, точно ги утврдил можностите за ограничување на истата. Притоа, како основ да се појави ограничување поставил јасни услови ограничување единствено заради одбрана на Републиката, зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Оттука, произлегувало дека не може да постои било кое друго ограничување на слободата во пазарот и претприемништвото и еднаквоста на учесниците во истиот на начин на кој Законот за извршување го утврдил со членот 218. Со тој член се повластувале: единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија и други државни органи, кога се утврдило дека врз нивните парични средства нема да се спроведе извршување иако доверителите во рамките на заштита на своите права во постапка во која тие институции учествувале како учесници на пазарот го докажале своето побарување, но членот 218 на овие субјекти им овозможувал ограничување во извршувањето. Со можноста претседателот на судот да утврдува кои средства се неопходни за вршење на дејноста на тие субјекти, а притоа неутврдување дека паричните средства кои се дел од платниот промет на истите не можат да бидат исклучени од извршувањето, било основ за нееднаква правна положба на правните субјекти на пазарот, која се применувала во секоја постапка пред извршителот кога како субјекти се јавувале истите. Тоа претставувало пример на класична дискриминација на начин што од примената на Законот директно се изземале државните органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија. Постоењето на една ваква одредба во Законот ја отворала опасноста да се осуети водењето на извршната постапка на начин како тоа е предвидено, а на штета на доверителите.

Притоа, на овие субјекти непречено им било овозможено да стапуваат во деловни односи како странки (воедно и како претставници на државата), а при исполнувањето на обврските истите биле повластени, надвор од границите кои ги утврдил Уставот. На овој начин се доведувал во прашање принципот на правна сигурност, од причина што од една страна доверителите во деловните трансакции оправдано било да очекуваат дека непречено ќе ги наплатат парите за завршената работа, а од друга страна оправдано било да очекуваат дека такво нешто можеби и нема да дојде заради законските бариери со кои се привилегирал јавниот сектор.

Оспорените одредби од Законот за извршување не кореспондирале со улогата, значењето и воопшто со определбите изразени во Уставот во поглед на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Ова од причина што решението во овие оспорени одредби од Законот, според кое правната помош, единствено и исклучиво ја обезбедуваат адвокатите, односно адвокатурата, не било во интерес на граѓаните и правните лица и не било во функција на поцелосно и поефикасно остварување на нивните права и интереси, со оглед дека тоа, прво било премногу рестриктивно во однос на кругот на лицата (целосно биле исклучени правниците кои работат во трговски друштва), односно субјектите од коишто граѓаните и правните лица досега (пред се големите трговци, акционерските друштва), а тргнувајќи пред се од сопствениот интерес, можеле да избираат дали и кој ќе ги застапува во постапките пред нотарот како институција што врши јавни овластувања.

Второ, ваквото решение создавало нееднаквост, односно дискриминација меѓу граѓаните и правните лица, како по нивниот вид (држава, банка, други трговски друштва). Самата поделба на правните субјекти според која некои можат (банки, државата итн.), а сите останати не можат самостојно да преземаат дејствија пред извршител, била направена без никаков критериум и била чиста дискриминација која била основа за нарушување на балансот или еднаквоста во положбата на субјектите на пазарот.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине или поништи.

Воедно, се предлага, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд, врз начелата на приоритетност и итност (член 50 став 1 од Уставот), да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици и штети.

4. Судот на седницата утврди дека според член 28 став 1 од Законот за извршување, барање за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Според член 34 став 8 од истиот закон, Комисијата при изготвување на ранг листата, доколку кандидатите имаат ист број на освоени поени, го зема превид времетраењето и видот на работниот стаж. Предност во рангирањето има оној кандидат со подолг работен стаж стекнат кај извршител, нотар, адвокат, во правосудни органи и органи на државна управа од областа на правосудство и финансии.

Согласно член 86 став 1 од Законот, приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Според член 87 став 1 од истиот закон, жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Во согласност со член 218 став 1 од Законот за извршување, врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Според став 2 на истиот член, кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

5. Според член 8 ставови 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со член 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Во таа смисла, со Законот за извршување (1) се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. (2) Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. (3) Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон (член 1).

Според член 32 став 1 од Законот за извршување, извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон именувано од Министерството за правда (во натамошниот текст: Министерството), согласно со одредбите од овој закон.

Условите за именување на извршител се пропишани со член 33 став 1 од Законот, и тоа:
(1) За извршител може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
1) да е државјанин на Република Македонија;
2) да е деловно способно и да има општа здравствена способност, што се докажува со уверение издадено од надлежна здравствена установа од областа на медицина на трудот;
3) да е дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии или дипломиран правник со стекнати 300 кредити на правни студии според Европскиот кредит-трансфер систем (ЕКТС);
4) да има положено правосуден испит;
5) да има положено квалификационен испит и испит за рангирање за конретниот конкурс, психолошки тест и тест на интегритет;
6) да има работен стаж на правни работи од најмалку две години по положен правосуден испит;
7) активно да го владее македонскиот јазик;
8) да поседува меѓународно признат сертификат за познавање на најмалку еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски) издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б1 (B1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 3,5 -4,5 поени, ПЕТ, БЕК П, БУЛАТС, или Аптис, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 450 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 135 бода, или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 45 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФ;
9) да не е осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, или да не му е изречена казна забрана за вршење за вршење на професија, дејност или должност;
10) да даде изјава пред нотар дека ќе обезбеди опрема и простор кои се потребни и соодветни за вршење на извршни работи и
11) да даде изјава пред нотар за својата имотна состојба, со сите последици од давање на лажен исказ.

Постапката за именување на извршител е пропишана со членот 34 од Законот. Така, според став 1 на овој член, извршителот се именува со решение на Министерството врз основа на конкурс. Според став 2 на истиот член, конкурсот за именување на извршители го распишува Министерството, а го спроведува Комората на извршители на Република Македонија (во натамошниот текст: Комората), која за таа цел формира комисија составена од пет члена од кои два члена од Комората, еден член од Судскиот совет на Република Македонија, еден член од Академијата за судии и јавни обвинители, еден универзитетски професор од правните факултети акредитирани во Република Македонија. При формирање на Комисијата од овој став Комората да го применува начелото на соодветна и правична застапеност. Според став 7 од овој член, по истекот на рокот од ставот (5) на овој член, Комисијата од ставот 2 на овој член е должна најдоцна во рок од пет дена од денот на завршување на конкурсот, да ги достави до Министерството примените пријави со изготвена ранг листа на кандидати според вкупно освоените поени од: -нивниот успех во текот на студиите, -постигнатиот успех на испитот за рангирање на извршители. Согласно ставот 8 од истиот член, Комисијата при изготвување на ранг листата, доколку кандидатите имаат ист број на освоени поени, го зема превид времетраењето и видот на работниот стаж. Предност во рангирањето има оној кандидат со подолг работен стаж стекнат кај извршител, нотар, адвокат, во правосудни органи и органи на државна управа од областа на правосудство и финансии.

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека извршителите вршат јавни овластувања. Според правната наука, јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверува на установи, организации и заедници и најчесто се однесува на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евиденција, издавање на јавни исправи и слично). Правото на овие субјекти да вршат јавни овластувања се пренесува со закон. По пренесувањето на јавното овластување, државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кои им е доверено тоа овластување.

Според тоа, пренесувањето на јавните овластувања на извршителите подразбира државата со закон јасно и прецизно да ги утврди условите под кои истите ќе ги вршат овие овластувања, како и нивните права, обврски и одговорности, условите потребни за вршење и престанок на оваа функција, вклучувајќи ја постапката за нивно именување.
Имајќи го предвид значењето на извршителите како лица кои вршат јавни овластувања во согласност со закон, именувани од Министерството за правда, основана е определбата на законодавецот да создаде нормативни претпоставки со кои ќе се обезбедат оптимални предуслови за стручно и квалитетно извршување на оваа значајна јавна служба, во која смисла и да ги определи условите под кои едно лице може да стекне право да спроведува извршување.

Оттука, според Судот, определбата на законодавецот, времетраењето и видот на работниот стаж да влијаат при рангирањето на кандидатите за извршител, во ситуации кога кандидатите имаат ист број на освоени бодови, при што предност во рангирањето има оној кандидат со подолг работен стаж стекнат кај извршител, нотар, адвокат, во правосудни органи и органи на државна управа од областа на правосудство и финансии, претставува еден од посебните услови што законодавецот ги пропишал за именување на извршител со цел стекнатите знаења и искуства да помогнат поквалитетно да се извршува должноста извршител, на кој начин се елиминира субјективниот елемент при избор на извршител. Поради тоа Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 34 став 8 од Законот за извршување со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Според член 218 став 1 од Законот за извршување, врз предмети и права на Република Македонија и нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Според став 2 на истиот член, кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

Овој член од Законот спаѓа во главата осумнаесет, која содржи посебни одредби за извршување врз имотот на правни лица заради наплата на парично побарување.

Од анализата на овој член од Законот, произлегува дека со него во начело се предвидува и одобрува извршувањето врз предмети и права на Република Македонија и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, но се пропишува дека не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања, доколку тие се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи. Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот определува претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство ако во текот на спроведувањето на извршувањето, странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

Тоа значи дека судот не секогаш, туку по потреба, има еден вид дискреционо право да цени дали постои опасност, со извршувањето на паричните побарувања на Република Македонија и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија да се загрози вршењето на дејноста на овие правни лица која е од јавен интерес.

Според член 214 од Законот, ако во времето кога носителот на платен промет го примил налогот за извршување нема средства на сметката на должникот, извршителот нема да го запре извршувањето, а носителот на платен промет ќе го држи налогот во евиденција и според него ќе изврши пренос кога ќе пристигнат средства на сметката.

Оттука, произлегува дека и во случаите опфатени со оспорениот член 218 од Законот, не се врши отпишување на долгот на Републиката и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, туку извршувањето врз паричните средства се одлага за одреден период, додека пристигнат средства на сметката. На тој начин се пропишува еден вид заштитна клаузула во смисла што извршувањето на парични средства на сметка на Републиката и на нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија не може да се дозволи доколку тие средства се неопходни за вршење на нивната дејност, односно задачи, со што на одреден начин, се штити постоењето и функционирањето на државата, нејзините органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претријатија.

Тргнувајќи од наведеното, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека со членот 218 од Законот се изземале од извршувањето државните органи, единиците на локалната самоуправа и јавните претпријатија, дека се ограничувале слободата на пазарот и претприемништвото и еднаквоста на учесниците во истиот, дека се доведувал во прашање принципот на правна сигурност, поради што не го постави прашањето за согласноста на оваа одредба од Законот со одребите на Уставот на кои се повикува иницијативата.

6. Според член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд, со своја Одлука У.бр.135/2016 од 24 јануари 2018, ги укина член 28 став 1 во делот: „Барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице”; член 86 став 1 во делот: „Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странка во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице и член 87 став 1 во делот: „Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10.000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија, или кога како странка при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице, од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016). Одлуката е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/2018 од 08.02.2018 година, од кој датум наведените одредби од Законот повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија.

Со оглед на фактот дека наведените делови на член 28 став 1, член 86 став 1 и член 87 став 1 од Законот, кои се оспоруваат со оваа иницијатива, повеќе не се во правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата во овој дел.

7. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за прифаќање на барањето во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби од Законот за извршување.

8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.46/2017
21 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply