У.бр.77/2017

У.бр.77/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 31 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на: член 29 став 1 точка 2, член 31 став 2 точка 1 и член 50 став 2 точки 2 и 4 во делот „финансиски извештаи“ и член 50 став 2 точка 4 во делот „финансиската состојба и работењето“ од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на наведените членови од Законот за вонсудско спогодување.

Подносителот на иницијативата во писмениот поднесок се повикува на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.114/2016 од 12.07.2017 со која се укинати членот 2 и членот 28 од Законот за вонсудско спогодување, при што наведува дека донесената одлука има импликации и врз останатите одредби од Законот за вонсудско спогодување од кои причини со поднесената иницијатива се оспоруваат и други делови од одредби од наведениот закон.

Понатаму, подносителот на иницијативата ја цитира содржината на оспорените членови, и констатира дека без законски основ утврдени се критериуми во согласност со кој пропис се доставува „финансискиот извештај“, односно, што се треба да содржи и во каква форма, се остава на оценка на лицата кои треба да го спроведат законот со што се создава можност од арбитрарно постапување на лицата тие да проценуваат во согласност со кој пропис треба да се достави „финансискиот извештај“ и во каква форма односно што треба да содржи истиот.

Во однос на делот „финансиската состојба и работењето“ од член 50 став 2 точка 4 од Законот, подносителот наведува дека со оглед на фактот што со иницијативата се оспорува делот „финансиски извештај“ од наведената одредба, а од законската конструкција на одредбата е очигледно дека „финансиската состојба и работењето“ се поврзува со “финансискиот извештај“ делот „финансиската состојба и работењето“ како дел од одредбата ќе останел беспредметен, од кои причини може да дојде до забуна во операционализација на Законот со што се доведува во прашање начелото на владеење на правото, односно правната сигурност на граѓаните.

Поради сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите, а потоа истите да ги укине.

3. Судот на седницата го утврди следното:

Во членот 29 од Законот е предвидено:

Планот за финансиско и оперативно реструктуирање содржи:
1) опис на фактите и околностите кои укажуваат на постоење на услови за отворање на постапка за вонсудско спогодување;
2) пресметка на недостиг на ликвидни средства на денот на приложените финансиски извештаи;(оспорен дел)
3) опис на мерките за финансиско реструктуирање и пресметка на нивните ефекти на кусокот на ликвидни средства;
4) опис на мерките за финансиско реструктуирање и пресметка на нивните ефекти на профитабилност на работењето и отстранување на инсолвентноста;
5) план на работењето за период од пет години со детално образложение на причините за утврдување на секоја позиција од планот; 6) планирани биланси на последниот ден од петгодишниот период за кои е составен планот на работење и
7) предлог на вонсудска спогодба со:
а) анализа на побарувањата по големина, категорија (приоритетни побарувања, излачни права, разлачни права и необезбедени побарувања), очекувано ниво на намирување и предлог на рокови за нивно намирување и споредба со очекувано намирување во случај на стечај и
б) пресметка на трошоците на реструктуирање.

Во членот 31 од Законот е предвидено дека:

(1) Со предлогот за вонсудско спогодување должникот може да им понуди на доверителите начин и рок на намирување на побарувањата, а ако предлага нивно намалување, и процентот кој го предлага, во соглас- ност со ставот (3) на овој член.
(2) Предлогот за вонсудско спогодување содржи:
1) вкупен износ на необезбедени побарувања според доставените финансиски извештаи и
2) предлог за намалување на тие побарувања и рокови за нивна исплата.
(3) Ако се предлага исплата на побарувањата во намален износ, процентот што должникот го предлага на доверителите за исплата на нивните побарувања не може да биде помал од 30% – ако плаќањето се предлага да се изврши во рок од четири години, нити помал од 40% – ако плаќањето се предлага да се изврши во рок од осум години.

Во членот 50 од Законот е предвидено дека:

(1) Скратена постапка за вонсудско спогодување се спроведува над:
1) должник со максимален износ од 1.000.000 денари на обврски според извештајот за финансиска состојба и работењето на должникот и
2) кој вработува помалку од десет работници.
(2) Во случаите од ставот (1) на овој член кон предлогот за вонсудско спогодување треба да се приложи:
1) извештај за финансиска состојба и работење на должникот;
2) податоци за вкупниот износ на побарувања на доверителите на денот на составување на финансискиот извештај;
3) список на доверители кои имаат право на одвоено намирување;
4) изјава на должникот заверена на нотар дека фи- нансискиот извештај целосно и веродостојно ја прикажува финансиската состојба и работењето и
5) заверени спогодби за прифаќање на планот за финансиско реструктуирање со доверителите чии побарувања го надминуваат мнозинството од членот 47 од овој закон.
(3) Скратената постапка за вонсудско спогодување мора да се заврши во рок од 60 дена од денот на нејзи- ното отворање.
(4) На скратена постапка за вонсудско спогодување не се применуваат одредбите од овој закон за повереник на вонсудско спогодување.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 1 од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија “ бр.12/2014), со овој закон се уредуваат условите за отворање на постапка за вонсудско спогодување, начинот и постапката на вонсудско спогодување и правните последици од неговото отворање и спроведување.

Во членот 3 од наведениот закон утврдено е значењето на одделни изрази кои се користат во Законот, при што е утврдено дека:

1.“Ликвидност“ е способност навремено да се исполнуваат достасаните парични обврски;
2. “Солвентност“ е постојана способност за исполнување на сите свои парични обврски;
3. “Адекватност на капиталот“ е односот меѓу долгорочни извори на финансирање и обемот и видот на работите кои економскиот оператор ги врши и ризикот на кој е изложен во работењето;
4. Економски оператори се:
– трговско друштво или трговец поединец основан согласно со Законот за трговските друштва и
– други правни и физички лица кои се основани согласно со закон и вршат профитни дејности;
5.“Финансиско реструктуирање“ е постапка која се спроведува врз основа на прифатен план за финансиско реструктуирање со цел да се постигне состојба на ликвидност и солвентност;
6. “Постапка на вонсудско спогодување“ е постапка која се спроведува со цел да се постигне ликвидност и солвентност на должникот;
7.“Доверители“ во процесот на вонсудско спогодување се лични доверители на должникот кои во времето на отворањето на постапката за вонсудско спогодување имаат имотно-правно побарување спрема должникот.

Во членовите 5 и 6 од Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на неликвидноста и инсолвентноста на економскиот оператор кој повеќе од 30 дена доцни со исполнување на една или повеќе обврски.

Понатаму, во Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на постапката на вонсудско спогодување, односно, целта на вонсудското спогодување, начелата кои треба да се почитуваат во таа постапка, органите во постапката за вонсудско спогодување, кога должникот предлага отварање на вонсудско спогодување, содржината на предлогот за отварање на постапката, извештај за финансиската состојба на работењето на должникот, финансиски и оперативен план за реструктуирање во постапката на вонсудско спогодување, мерки од планот за финансиско реструктуирање, понуди на доверителите, објавување на постапката за вонсудско спогодување, испитната постапка на која се утврдуваат побарувањата спрема пријавите на доверителите, скратена постапка за вонсудско спогодување,правна сила на вонсудската спогодба , уписи во трговскиот регистар, сметководствени промени од вонсудското спогодување, трошоци на постапката, надзор над спроведување на Законот и прекршочни одредби.

Од наведените одредби и целината на Законот произлегува дека целта на законодавецот била во ситуации кога правните субјекти кои вршат профитна дејност ќе западнат во состојба на неликвидност односно неможност повеќе од 30 дена да ги намират побарувањата спрема доверителите да им овозможи надминување на таквата состојба и истите да продолжат со работа по пат на финансиско реструктуирање наместо да се отвори стечајна постапка .

Тргнувајќи од анализата на целината на Законот за вонсудско спогодување, содржината на деловите од одредбите кои ги оспорува подносителот на иницијативата, како и наводите од иницијативата за неуставноста на овие одредби кои подносителот единствено ги темели на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.114/2016 од 12 јули 2017 година со која се укинати членовите 2 и 28 од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија “ бр.12/2014), Судот оцени дека ваквите наводи се неосновани.

Ова од причина што со наведената одлука Судот интервенирал од причини што во Законот за вонсудско спогодување, законодавецот се повикувал на закони кои не се во правниот поредок со што се создавала правна несигурност на субјектите на пазарот како елемент на владеење на правото, што според наше мислење, ваквата одлука не ги доведува во прашање од уставно правен аспект сега оспорените одредби од Законот.

Според Судот, финансиската состојба и работењето на правното лице кои се искажуваат преку финансиските извештаи е основата поради која должникот во согласност со доверителите пристапува кон вонсудско спогодување, а со цел правниот субјект да се консолидира и да продолжи да делува на пазарот наместо да се отвори постапка на стечај. Отстранувањето на овие инструменти од Законот, како што се бара со иницијативата, би го направила Законот неприменлив и беспредметен.

Оттука, произлегува дека финансиските извештаи се услов за да се овозможи вонсудско спогодување, поради што наводите во иницијативата дека делот од одредбите што се однесуваат на „финансиската состојба и работењето“ поврзани со „финансискиот извештај“ можеле да доведат до забуна во операционализацијата на Законот и со тоа да ја повредат правната сигурност, се неосновани и од суштински и од формален аспект и нивното поврзување со наведената одлука на Уставниот суд е неосновано.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорените член 29 став 1 точка 2, член 31 став 2 точка 1 и член 50 став 2 точките 2 и 4 во делот„финансиски извештаи“ и член 50 став 2 точка 4 во делот „финансиската состојба и работењето“ од Законот за вонсудско спогодување, не се во несогласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.77/2017
31 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply