Решение У.бр.177/2016

У.бр.177/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 6 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 8 став 1 алинеја 19 од Законот за вештачење („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2010, 12/2014, 43/2014, 104/2015, 148/2015 и 192/2015).

2. Борко Бајалски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата подносителот ги цитира член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, потоа одделни одредби од Законот за судовите, Законот за авторското право и сродните права и Законот за интелектуална сопственост со цел да ја појасни правната проблематика која е уредена со оспорената одредба.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба се овозможувало во сите судски постапки да се вршат вештачења од областа на заштитата на авторските права и правата од индустриска сопственост. Оттука, можноста на адвокати, професори по право и други правници во својство на овластени вешти лица да вршат вештачење од областа на правото, поконкретно интелектуалната сопственост, во судски постапки било во спротивност на принципот на владеење на правото и концептот на самостојност и независност на судовите. На пример, доколку се работело за повреда на право на патент од областа на електротехниката, за евентуални спорни моменти при утврдувањето на фактичката состојба можело да се ангажира вешто лице од електротехничка област кое евентуално би утврдило дали одреден електротехнички дел или елемент кој се произведувал бил идентичен од технички аспект со пронајдокот кој бил заштитен како патент и слично.

Во иницијативата е наведено дека потврда за нелогичноста на одредбата од номотехнички карактер било тоа што, со поимот авторското право и сродните права бил опфатен и поимот на интелектуална сопственост и неуставноста на оспорената одредба се потврдувала и со самиот увид во регистарот на вештаци објавен на веб-страната на Комората на вештаци на Република Македонија, во делот на вештаците од областа на интелектуалната сопственост каде биле запишани 13 вештаци и сите до еден биле правници по професија. Според наводите во иницијативата, преку нив се вршел недозволив притисок и влијание на судската одлука, а тоа било спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија. Следствено на тоа, била воспоставена пракса од повисоките судски инстанци (апелационите судови и Врховниот суд на Република Македонија) секоја одлука која била спротивна на изготвеното вештачење во конкретен предмет да се смета за суштествена повреда на постапката.

Во натамошниот текст на иницијативата, се цитираат одделни одредби од Законот за вештачење и се наведува дека судската власт, односно судијата единствено биле надлежни независно и самостојно да одлучуваат за прашања од правната област, а со вештачењето се обезбедувало стручно знаење со кое не располага судот, од каде судовите не можеле да обезбедуваат вештачење од правната област-заштитата на авторското право и другите сродни права и индустриската сопственост бидејќи правната област спаѓала во стручност и надлежност на судската власт, а тоа произлегувало од Законот за авторското право и сродните права и Законот за интелектуална сопственост.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба, а потоа истата да ја поништи.

3. Судот на седница утврди дека според член 8 став 1 од Законот зa вештачење, вештачењето се врши во следниве области: материјално, сметководствено и финансиско работење; медицина (психијатрија, невропсихијатрија, хирургија, гинекологија, кардиологија, ортопедија и други); ветеринарство, градежништво и архитектура, електротехника, информатички технологии, машинство и сообраќај; земјоделство, шумарство и водостопанство; графологија, геодезија, рударство, технолошко инженерство; хемиско биолошко, молекуларна биологија и генетика, токсикологија и дроги; балистика, заштита на животната средина и екологијата; заштита на културното наследство; заштита на авторското право и други сродни права и права од интелектуална сопственост и други области.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во членот 51 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Од анализата на член 8 став 1 алинеја 19 од Законот за вештачење, разгледуван од аспектите на наводите во иницијативата, Судот смета дека во истата не се дадени аргументи и образложени причини за спротивноста на оспорената законска одредба со конкретно наведените одредби од Уставот, туку се бара оцена на нејзината законитост од аспект на фактичката примена.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, Судот утврди дека содржината на оспорениот член 8 став 1 алинеја 19 од Законот за вештачење била веќе предмет на уставно-судска анализа, односно Уставниот суд со Решение У.бр.169/2014 од 27 мај 2015 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на истата, а во новоподнесената иницијатива, не се содржани наводи кои би можеле да влијаат на веќе изнесениот став на Судот за поинакво одлучување, и од тие причини Судот одлучи иницијативата во оспорениот дел согласно членот 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд, да ја отфрли.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.177/2016
06.12.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply