Решение У.бр.103/2017

У.бр.103/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 20 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 230 ставови 1 и 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016).

2. Ратко Чадиковски, Нове Секулоски и Миле Бундовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијатива за оценување на уставноста на член 230 ставови 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата го оспоруваат членот 230 ставови 1 и 2 од Законот наведувајќи дека пензијата претставува право стекнато врз основа на вложувањата на дел од платата на работникот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и нејзината висина се утврдува во фиксен износ во зависност од висината на вложувањата на осигуреникот под услови утврдени со закон. Неспорно е дека право е на законодавецот во зависност од економската моќ на државата да определува лимит за најниската односно највисоката старосна пензија за сите лица кои под исти услови стекнуваат право на старосна пензија.

Оспорената одредба без некоја разборита причина различно ги третира лицата кои стекнуваат пензија до 2015 и по 2015 година при што ги наведуваат нивните примери во однос на висината на највисоката пензија што ја остварил некој од нив до 2015 година и по 2015 година.

Во однос на причините за оспорување на членот 230 став 2 од Законот, подносителите наведуваат дека наведената одредба би имала смисла само доколу усогласувањето на пензиите и највисокиот износ на пензија се во потполна корелација.

Бидејќи ноторен е фактот дека усогласувањето на пензиите и највисокиот износ на пензија не се во потполна корелација, произлегува дека со наведената одредба нееднакво се третираат пензионерите кои правото на пензија го оствариле пред и после 2015 година,со што се нарушува правото оние лица кои вложиле поголен износ од дел од платата во фондот да имаат и поголем износ на пензија.

Со оглед на наведеното, според подносителите на иницијативата со оспорениот член 230 ставови 1 и 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се повредувал член 9 ставови 1 и 2, член 34, член 35 став 1 и член 54 ставови 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 230 ставови 1 и 2 од Законот за пензиското и инвалидското е предвидено дека:

(1) За осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во членот 52 став (1) од овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати.

(2) Определената највисока пензија од ставот (1) на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.”

4. Според член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена,самостојна, демократска и социјална држава.

Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Членот 34 од Уставот предвидува дека граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а со членот 35 став 1 од Уставот е утврдено дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност.

Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Од наведените уставни одредби, покрај другото, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и со колективен договор. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјалната праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016), се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување, опфатот на осигуреници, правата кои се остваруваат од ова осигурување, матичната евиденција на осигурениците и корисниците на права од пензиското и инвалидското осигурување, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и инвалидското осигурување (член 1).

Според член 2 став 1 од овој закон, системот на пензиското и инвалидското осигурување е составен од:

– задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност,
– задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, и
– доброволно капитално финансирано пензиско осигурување.

Според член 2 став 2 од Законот, задолжителното и доброволното капитално финансирано пензиско осигурување поблиску се уредени со посебни закони.

Согласно член 3 од Законот, со првиот пензиски столб, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Во членот 4 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.

Во оспорениот член 230 ставови 1 и 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е предвидено:

(1) За осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени во членот 52 став (1) од овој закон од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати.

(2) Определената највисока пензија од ставот (1) на овој член повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.”

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека неосновани се наводите во иницијативата дека е противуставна определбата на законодавецот од членот 230 од Законот, според кој за осигурениците кои не пристапиле во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување највисоката пензија да не изнесува повеќе од 80% до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите кои се утврдени во член 52 став 1 од Законот, од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати.

Според Судот, со наведената формулација во законската одредба од член 230 од Законот, не се врши дискриминација на осигурениците кои пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и оние кои не пристапиле, од причина што самиот факт на припадност на определена групација зборува дека станува збор за лица осигуреници со различен статус (лица кои пристапиле и кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување), па оттука и дефинирањето, односно стекнувањата на правата од пензиското и инвалидското осигурување се различни, што значи за да има дискриминација, како што се тврди во иницијативата, осигурениците треба да имаат ист статус, што во случајов не е така. Ова дотолку повеќе што уредувањето на статусот и правата на осигурениците кои пристапиле во вториот пензиски столб се уредуваат со посебен закон, а тоа е Законот за задолжително капитално финансирано пензиско уредување. Оттука, и наводите во иницијативата дека оспорената одредба била во спротивност и со членовите 34 и 35 од Уставот, односно дека со истата се кршело правото на социјална сигурност, грижата на државата за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност според Судот е неоснован.

Имено, неспорно е дека законодавецот има уставен основ да го определува нивото на социјална сигурност на граѓаните преку изграден систем на пензиско и инвалидско осигурување и во таа смисла да ја димензионира висината на старосната и истовремено да ги определува критериумите и параметрите за утврдување на висината раководејќи се од начелото на социјалната сигурност.

Законодавецот, според мислењето на Судот, а во смисла на неговите ингеренции определени со Уставот, има основ да го определува нивото на социјалната сигурност на граѓаните, па законското спуштање на основицата на најниската и највисоката инвалидска пензија е движење на законодавецот во рамките на неговите уставни овластувања во оваа сфера на живеење.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а имајќи ја предвид уставно судската практика по предметот У.бр.142/2012 по кој Уставниот суд на Република Македонија, покрај другото, не повел постапка за оценување на уставноста на членот 230 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на РМ“ бр.98/2012), како и наводите во предметната иницијатива, Судот оцени дека во случајов не постојат основи за поинакво одлучување, од кои причини исполнети се условите за примена на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр 103/2017
20 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply