Одлука У.бр.7/2017

У.бр.7/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 декември 2017 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори („Службен весник на Република Македонија“ бр. 223/2015 и 67/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У. бр. 7/2017 од 1 ноември 2017 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори („Службен весник на Република Македонија“ бр. 223/2015 и 67/2016), затоа што основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот и со Законот за медијација.

4. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 од Правилникот за условите и начинот на полагање на испитот за медијатор, испитот се полага во февруарска, априлска, мајска, јунска и ноемвриска испитна сесија. Според ставот 2 на истиот член, пријавувањето за испитот се врши во периодот од први до петнаесетти во месецот кој претходи на месецот во кој се спроведува испитната сесија (јануари, март,април, мај и октомври).

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/2013, 148/2015, 192/2015 и 55/2016) се уредува медијацијата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е пропишана исклучиво надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка (член 1 став 1).

Според член 2 од истиот закон, „Медијација“ е секое посредување, без оглед на неговиот назив, при решавање на спорниот однос во постапка на медијација во коешто на страните во спорниот однос им се овозможува истиот да го решат по пат на преговарање, на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори (во натамошниот текст: медијатор), со цел да се постигне заедничко прифатливо решение изразено во форма на писмена спогодба.

Правилникот за полагање на испит за медијатори е донесен од министерот за правда, врз основа на член 51 став 8 од Законот за медијација.

Со членот 2 од Правилникот, се определуваат испитните сесии во текот на годината кога се полага испитот за медијатори.

Меѓутоа, според член 59 став 1 точка в) од Законот за медијација, Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата, врз основа на начелото на самостојност и стручност, ги утврдува испитните сесии за полагање на испитот за медијатор.

Оттука, произлегува дека законодавецот го овластил министерот за правда да ги пропише условите и начинот на полагање на испитот за медијатори, но за утврдувањето на испитните сесии за спроведување на испитот, законодавецот го овластил Одборот.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека со наведениот член од Правилникот, министерот за правда ги надминал законските овластувања, со што е повредено владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека членот 2 од Правилникот за полагање на испит за медијатори не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот и со член 59 став 1 точка в) од Законот за медијација.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.7/2017
20 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply