55/2017-0-0

У.бр.55/2017

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 октомври 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 84-а став 6 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012, 15/2013, 79/2013, 164/2013, 187/2013, 38/2014, 44/2014, 116/2014, 180/2014, 33/2015, 72/2015, 104/2015, 150/2015, 173/2015, 192/2015 и 30/2016).

2. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 84-а став 6 од Законот за социјалната заштита не бил во согласност со принципот на владеењето на правото утврден во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Ова од причина што ако за правото на додаток за слепило и мобилност во смисла на член 44 алинеја 8 од Законот за социјалната заштита, како право на парична помош од социјалната заштита, а со тоа и право од социјалната заштита, во прв степен одлучувал Центарот за социјална заштита на чие подрачје барателот имал живеалиште односно престојувалиште, а во смисла на одредбата од член 181 став 2 од Законот за социјалната заштита, по жалбата против решението на Центарот одлучувало Министерството за труд и социјална политика, нејасно било зошто на тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје), би им се овозможило да одлучуваат по жалба која барателот би ја изјавил против решение кое во прв степен го донесува Центарот за прашање од делокругот на јавните овластувања кои ги врши.

Поаѓајќи пак од содржината на ставот 8 од членот 84-а од Законот за социјалната заштита, според која, начинот за остварување на правото на слепило и мобилност, потребната документација, составот на лекарите специјалисти од став 5 и 6 на овој член, формата и содржината на конзилијарното мислење како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење, ќе ја пропише министерот за труд и социјална политика во соработка со министерот за здравство, неспорно произлегувало дека со подзаконски акт ќе се пропише, формира и определи надлежност на комисија составена од тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен, да одлучува по жалба против решение на Центарот кога одлучува за остварување на право од социјалната заштита, како што е тоа правото на паричен надоместок за додаток за слепило и мобилност.

Во смисла на оспорената одредба, Комисијата од тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен, не била и не можело да претставува орган на кој би можело да му се довери решавање на прашање кое било во исклучива надлежност на Министерството за труд и социјална политика во смисла на член 181 став 2 од Законот за социјалната заштита.

Одредбите во еден пропис требало да се јасни и да се во согласност една со друга и истите требало да се надополнуваат како би претставувале функционална правна целина, а како не би довеле до заблуда односно пречки во нивната операционализација, како и на законот во целина.

Според наведеното, подносителот смета дека оспорената одредба не била во согласност со принципот на владеењето на правото, поради што предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на истата, по што одредбата ќе ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 84-а став 6 од Законот за социјалната заштита, во постапка по жалба против решението на Центарот одлучуваат тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за социјалната заштита се уредуваат системот и организацијата на социјалната заштита, правата од социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјалната заштита (член 1).

Додатокот за слепило и мобилност е утврдено како право на парична помош од социјална заштита (член 44 алинеја 13 од Законот).

Со членот 84-а од Законот, условите за остварување на додатокот за слепило и мобилност се конкретно уредени.

Според ставот 5 на овој член, правото на додаток на слепило и мобилност се остварува врз основа на конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје). Според ставот 6 на истиот член, во постапка по жалба против решението на центарот одлучуваат тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен. Според ставот 8 на овој член, министерот за труд и социјална политика во соработка со министерот за здравство го пропишува начинот за остварување на правото на слепило и мобилност, потребната документација, составот на лекарите специјалисти од став 5 и 6 на овој член, формата и содржината на конзилијарното мислење како и надоместокот за издавање на конзилијарно мислење

Постапката за остварување на правата од социјална заштита е уредена во главата VI. од Законот. Така, во членот 181, кој е систематизиран во оваа глава, е уредено:

„По барањето за остварување на право од социјална заштита во прв степен решава центарот надлежен за подрачјето на кое подносителот на барањето има живеалиште или престојувалиште.
По жалбата против решението на центарот решава Министерството за труд и социјална политика.
Жалбата не го одложува извршувањето на решението.“

Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот правото на додаток за слепило и мобилност го утврдил како право на парична помош од социјална заштита, при што конкретно ги уредил условите и начинот на остварување на ова право. Така, утврдил дека во постапката за остварување на ова право се обезбедува конзилијарно мислење и наод од лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје), при што пропишал дека лекарите специјалисти кои одлучуваат за ова право во втор степен (по жалба) не треба да бидат истите кои учествувале во донесувањето на конзилијарното мислење во прв степен. Притоа, законодавецот прецизно и јасно пропишал дека по барањето за остварување на право од социјална заштита во прв степен решава центарот за социјална работа надлежен за подрачјето на кое подносителот на барањето има живеалиште или престојувалиште, а по жалбата против решението на центарот решава Министерството за труд и социјална политика.

Оттука, неспорно произлегува дека лекарите специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои одлучуваат во постапката по жалба, издаваат конзилијарно мислење и наод за лицето-барател на правото за додаток за слепило и мобилност, а Министерството за труд и социјална политика е надлежен орган кој, врз основа на даденото конзилијарно мислење и наод, го носи решението со кое се одлучува по жалбата.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, неоснована и погрешна е констатацијата во иницијативата дека комисијата од тројца лекари специјалисти од соодветните специјалности од терцијарна здравствена установа (Универзитетски клиники во Скопје) кои не го донеле конзилијарното мислење во прв степен, одлучува како орган за прашања кои се во исклучива надлежност на Министерството за труд и социјална политика.

Судот оцени дека оспорениот член 84-а став 6 од Законот претставува јасна одредба, која претставува функционална правна целина со другите одредби во Законот, што е во согласност со начелото на владеењето на правото, поради што не го постави прашањето за нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.55/2017
4 октомври 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply