Решение У.бр.145/2016

У.бр.145/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 мај 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 став 1 во делот: „во рок од 30 дена пред истекот на рокот за важење на лиценцата” од Правилникот за начинот и постапката за издавање, обновување и одземање на лиценците за проектирање на градби, ревизија на проектна документација, управител на градба, изведувач на градби, надзор над изградбата на градби и управител на одржување на објекти, формата и содржината на образецот на лиценците, како и формата и содржината и начинот на водење на регистарот за издадени, обновени и одземени лиценци, донесен од министерот за транспорт и врски, со број 01-2607 од 12.03.2013 година, објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 45/2013.

2. Сотир Пановски од Битола и ИНГМАРК ДОО-Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел од одредбата на членот од
Правилникот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, иако со член 38 став 3 од Законот за градење, било уредено дека лиценците се обновуваат по истекот на рокот за кои биле издадени, со член 3 став 1 од Правилникот, лиценците можеле да се обноват во рок од 30 дена пред истекот на рокот на важење на лиценците, така што правните лица кои побарале обновување на лиценците според членот од Законот, односно по истекот на рокот на нивното важење, а не како што уредувал оспорениот член 3 став 1 од Правилникот, пред истекот на рокот на нивното важење определен со Правилникот, ќе требало повторно да аплицираат за лиценци и повторно да платат, што било во спротивност со уредувањето со Законот, дека лиценците се обновуваат по истекот на нивната важност, без плаќање на надоместок.

Подносителите наведуваат дека веќе постоеле правно погрешни решенија, донесени од Министерството за транспорт и врски со образложение дека аплицирањето за обновување на лиценца не било направено во рокот определен со Правилникот, односно 30 дена пред истекувањето на важноста на лиценците, а на подносителите, иако им било познато дека Уставниот суд не решавал за правни празнини, сметаат за потребно да го наведат нивното согледување дека во Правилникот ниту била пропишана процедура доколку правните лица не постапеле во предвидениот рок.

Според член 51 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законот, а во конкретниот случај уредувањето со оспорениот член 3 од Правилникот не било во согласност со член 38 став 3 од Законот, со што се загрозувала и правната сигурност на граѓаните, спротивно на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од кои причини со иницијативата се бара поништување на оспорениот член 3 став 1 од Правилникот како несогласен со Уставот и Законот за градење.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 3 од Правилникот за начинот и постапката за издавање, обновување и одземање на лиценците за проектирање на градби, ревизија на проектна документација, управител на градба, изведувач на градби, надзор над изградбата на градби и управител на одржување на објекти, формата и содржината на образецот на лиценците, како и формата и содржината и начинот на водење на регистарот за издадени, обновени и одземени лиценци, лиценците од член 1 на овој правилник се обновуваат на писмено барање поднесено од правно лице на кое му била издадена во рок од 30 дена пред истекот на рокот за важење на лиценцата. Во барањето се наведува лиценцата која се бара да се обнови.

Со иницијативата се оспорува целината на членот 3 од Правилникот, но од наводите во иницијативата произлегува дека се оспорува ставот 1 на членот 3 од Правилникот, во делот кој се однесува на рокот во кој треба да постапат правните лица за поднесување на барање за обновување на лиценца.

4. Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.

Со Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 130/2009, 124/2010, 18/2011, 36/2011, 54/2011, 13/2012, 144/2012, 25/2013, 79/2013, 137/2013, 163/2013, 27/2014, 28/2014, 42/2014, 115/2014, 149/2014, 187/2014, 44/2015, 129/2015, 217/2015, 226/2015, 30/2016, 31/2016, 39/2016, 71/2016 и 132/2016) се уредуваат градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање на одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето.

Во делот III. Учесници во изградбата, се содржани одредби (членови 12 до 42) кои се однесуваат на учесниците во изградбата кои се носителот на правото на градење и правни лица кои ги вршат работите на проектирање, ревизија, изведување и надзор над изградбата, како и нивните меѓусебни права и обврски.

Правните лица, мора да поседуваат лиценца за вршење на работите на проектирање, ревизија, изведување и надзор над изградбата, под услови пропишани со Законот за градење.

Според член 38 став 1 од Законот за градење, лиценците пропишани со овој закон се издаваат по поднесено барање за период од седум години и истите не можат да се пренесуваат на друго лице. Лиценците ги дава, одзема и води регистар за издадени и одземени лиценци органот надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.

Според ставот 2 на членот 38 од Законот, за добивање на лиценците правните лица плаќаат соодветен надоместок. Висината на надоместокот во зависност од видот на лиценцата ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при што истата не може да биде пониска од 200 евра во денарска противвредност ниту повисока од 3.000 евра во денарска противвредност. Средствата остварени од надоместокот се приход на Буџетот на Република Македонија.

Според ставот 3 на членот 38 од Законот, лиценцата по истекот на рокот за кој е издадена може да се обнови доколку правното лице ги исполнува условите пропишани со овој закон. За обновување на лиценцата не се плаќа надоместокoт од ставот 2 на овој член.

Со ставот 9 на членот 38 од Законот, е уредено дека начинот и постапката за издавање, обновување, одземање на лиценците, формата и содржината на образецот на лиценците како и формата, содржината и начинот на водењето на регистарот, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Министерот за транспорт и врски, врз основа на овластувањето кое произлегува од член 38 став 9 од Законот за градење, донел Правилник за начинот и постапката за издавање, обновување и одземање на лиценците за проектирање на градби, ревизија на проектна документација, управител на градба, изведувач на градби, надзор над изградбата на градби и управител на одржување на објекти, формата и содржината на образецот на лиценците, како и формата и содржината и начинот на водење на регистарот за издадени, обновени и одземени лиценци, со број 01-2607 од 12.03.2013 година, објавен во „Службен весник на Република Македонија” број 45/2013.

Во Правилникот, министерот помеѓу другото го пропишал и членот 3 во кој е содржан оспорениот дел: „во рок од 30 дена пред истекот на рокот за важење на лиценцата”.

Во конкретниот случај од содржината на членот 38 став 3 од Законот за градење, произлегува можност за правните лица да побараат обновување на лиценцата за наредните седум години по истекот на нејзиниот рок, доколку правното лице повторно ги исполнува условите пропишани со Законот, а за обновување на лиценцата не се плаќа надоместокот од ставот 2 на овој член.

Имајќи предвид дека законодавецот со став 9 на членот 38 од Законот, го овластил министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот да ги пропише начинот и постапката за издавање, обновување, одземање на лиценците, формата и содржината на образецот на лиценците како и формата, содржината и начинот на водењето на регистарот, министерот за транспорт и врски го донел Правилникот во кој е содржан членот 3 и неговиот оспорен дел во функција на операционализација на одредбата од член 38 став 3 од Законот за градење, со кој е дадено право на правните лица да ги обноват лиценците за наредните седум години, без плаќање на надоместок.

Оттука, правното лице доколку има интерес да продолжи во континуитет да ги извршува работите и за наредниот период од седум години, треба да поднесе барање за обновување на лиценца со придружна документација со која ќе докаже дека ги исполнува условите пропишани за таа цел со Законот за градење.

Подносителите на иницијативата сметаат дека постои колизија помеѓу содржината на оспорениот дел од ставот 1 на членот 3 од Правилникот и содржината од член 38 став 3 од Законот за градење, бидејќи Законот уредувал дека лиценцата по истекот на рокот за кој е издадена може да се обнови, а членот 3 од Правилникот дека лиценците се обновуваат на писмено барање поднесено од правно лице на кое му била издадена во рок од 30 дена пред истекот на рокот за важење на лиценцата, што не било во согласност со Уставот и Законот за градење, меѓутоа Судот смета дека уредувањето во членот од Законот, нема значење на процедурален момент од кога правното лице ќе треба да се впушти во постапката за нејзино обновување, а какви што се наводите во иницијативата, туку со значење на временски момент од кога започнува дејството на важење на лиценцата, за чие продолжување правното лице пројавило интерес со поднесување на барање за обновување на лиценца за наредни седум години.

Доколку постапката за обновување, би следела по истекот на важноста на лиценцата, во тој период на постапување на надлежниот орган по барања за обновување на лиценци, правните лица не би можеле да ги вршат работите за кои лиценцата им била издадена, бидејќи истечената лиценца нема правно дејство, па логично е постапката за обновување да биде спроведена пред истекот на важноста на лиценцата, со цел на правните лица да им се овозможи континуирано, без прекин вршење на работите од областа уредена со Законот за градење, што е и во нивен интерес, односно за да може во континуитет за уште седум години да ги врши соодветните работи од областа на градењето, без притоа да го плати соодветниот надоместок кој го платил кога надлежниот орган му ја издал лиценцата во постапка за издавање на лиценца.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел: „во рок од 30 дена пред истекот на рокот за важење на лиценцата” од ставот 1 на членот 3 од Правилникот со Уставот и Законот.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер- Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.145/2016
31 мај 2017 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply