98/2015-0-1

У.бр.98/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 4 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 08 (бул. “Илинден”, ул. “Франклин Рузвелт, бул. “Партизански Одреди” и бул. “8-ми Септември”) Општина Карпош-Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош на 20.02.2015 година, број 08-1483/5 од 20.02.2015 година, објавена во “Службен гласник на Општина Карпош” број 3/2015 од 23 февруари 2015 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесена иницијатива од Заедница на сопственици на посебни делови од станбено деловна зграда на ул. “Орце Николов” 182 А од Скопје, со Решение У.бр.98/2015 од 28 септември 2016 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката наведена во точката 1 од ова решение и го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на наведената одлука.

Постапката беше поведена поради основан сомнеж за законито спроведена постапка за донесување на оспорената одлука, од причини што во текот на постапката, не беше доставена целокупната документација од доносителот на оспорениот акт, поради што недостасуваа документи од каде би можело да се преиспитаат наводите од иницијативата со кои се оспорува уставноста и законитоста на предметната одлука, односно дека во постапката која ја спроведувал доносителот на оспорениот акт се испочитувани одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање при донесување на оспорениот акт.

Согласно член 19 од Деловникот на Уставниот суд, решението за поведување на постапката беше доставено до доносителот на оспорениот акт, со даден рок за произнесување по наводите од решението за поведување на постапка.

Во рамките на определениот рок, со допис од 31.10.2016 година, доносителот на оспорениот акт достави Одговор по наводите од решението за поведување на постапката, со број 11-9073/3 од 31.10.2016 година, а во прилог ги достави и бараните документи што недостасуваа и тоа:

-Одговор за постапување по забелешките од Стручна ревизија за Детален урбанистички план за градска четврт 3 08, опфат помеѓу бул. “Илинден”, бул. “8-ми Септември”, бул. “Партизански Одреди” и ул. “Франклин Рузвелт”, Општина Карпош-Скопје, планиран развој 2014-2019 година, изготвен од изработувачот на планот Друштво за планирање, проектирање и инженеринг “Тајфа-план” со технички број 088/11/13, Скопје јануари 2014 година;

-Решение за формирање на Комисија за давање на мислење на нацрт-планот, донесено од градоначалникот на Општина Карпош, со број 09-4286/1 од 18.06.2013 година;

-“Службен гласник на Општина Карпош”, број 1 од 3 февруари 2014 година, каде е објавена Одлуката за утврдување на Нацрт-планот;

-“Службен гласник на Општина Карпош”, број 3 од 23 февруари 2015 година, каде е објавена конечната одлука со која е донесен предметниот план;

-копии од 176 анкетни листови со писмени забелешки од граѓани и правни лица;

-копии од доказ за писмено известување и извршена достава на известувањата до граѓаните кои поднеле анкетни листови со образложение за прифатени/неприфатени забелешки по нацрт-планот;

-Нацрт-планот со технички број 088/11/13, со текстуален и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели;

-усвоениот Детален урбанистички план, со технички број 088/11/13, предложен и усвоен на седница на Советот на Општина Карпош, број 08-1483/5 од 20.02.2015 година, со текстуален и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели;

5. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Карпош, на седница одржана на 20.02.2015 година, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт 3 08, (бул. “Илинден”, ул. “Франклин Рузвелт”, бул. “Партизански Одреди” и бул. “8 Септември”) Општина Карпош-Скопје, број 08-1483/5 од 20.02.2015 година.

Со член 1 од Одлуката се наведува дека се донесува погоре наведениот Детален урбанистички план и актите според кои тој е изработен.

Со член 2 од Одлуката се дефинира просторот за кој се однесува предметниот план, а исто така се наведува дека површината на урбаниот опфат изнесува 44.69 ха.

Со членот 3 од Одлуката, се наведени: намените содржани во опфатот на Деталниот урбанистички план; класите и намените на земјиштето предвидени во рамките на планот; максималните висини на предвидените градежни парцели; дека со планот се одредени обликот и големината на градежната парцела, регулациона линија, градежна линија која го дефинира просторот во кој може да се гради, максимална површина за градба во која може да се развие основата на објектот, процент на изграденост, максимална развиена површина на објектот, процент на искористеност, намена на објектот, максимална висина на објектот и паркирање-гаражирање на возилата во рамките на парцелите.

Со член 4 од Одлуката, се наведува дека составен дел на Одлуката се: текстуален дел; графички прилози; основни параметри за уредување на просторот и табеларен приказ на урбанистичките параметри.

Членот 5, членот 6 и членот 7 од Одлуката, се однесуваат на заверката и потпишувањето на Деталниот урбанистички план, местото на неговото чување и дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Карпош”.

Судот, утврди и дека предметната одлука е објавена во “Службен гласник на Општина Карпош” број 3/2015 од 23 февруари 2015 година.

6. Судот на седницата, врз основа на претходно доставената документација, вклучително и дополнително доставената документација, ја утврди следната фактичка состојба за спроведената постапка при донесување на оспорената одлука:

-Советот на Општина Карпош, донел Програма за работа на Советот на Општина Карпош за 2014 година, број 07-1941/2 од 14.03.2014 година, во која се предлага одлука за утврдување на нацрт-детален урбанистички план за четврт 3 08 и предлог-одлука за донесување детален урбанистички план за четврт 3 08;

-Советот на Општина Карпош донел Програма за урбанистичко планирање за 2015 година, број 07-8913/5 од 24.12.2014 година, во која се предвидува изработка на предлог-одлука за донесување детален урбанистички план за четврт 3 08;

-Градоначалникот на Општината донел Решение за формирање на Комисија за давање на мислење на нацрт-планот, донесено од градоначалникот на Општина Карпош, со број 09-4286/1 од 18.06.2013 година;

-Стручна ревизија со изготвен Извештај за извршена Стручна ревизија за Детален урбанистички план за градска четврт 3 08, Општина Карпош, со вкупна површина од 50,91 ха, била извршена од Друштво за урбанизам, проектирање и инженеринг-Куманово-“Планерис”, со тех.бр.12/01/14 од јануари 2014 година;

-Доставен е Одговор изготвен од изработувачот на планот Друштво за планирање, проектирање и инженеринг “Тајфа-план” со технички број: 088/11/13, Скопје јануари 2014 година, за постапување по забелешките од Стручна ревизија за Детален урбанистички план за градска четврт 3 08, опфат помеѓу бул. “Илинден”, бул. “8-ми Септември”, бул. “Партизански Одреди” и ул. “Франклин Рузвелт”, Општина Карпош-Скопје, планиран развој 2014-2019 година,;

-Изготвено Мислење по Нацрт-деталниот урбанистички план од Комисијата за давање на мислење на нацрт планови, формирана од градоначалникот на Општина Карпош, број 33-748/1 од 28.01.2014 година;

-Донесена е Одлука за утврдување на Нацрт-детален урбанистички план, број 07-656/6 од 31.01.2014 година, од Советот на Општина Карпош;

-Одлуката за утврдување на Нацрт-детален урбанистички план, број 07-656/6 од 31.01.2014 година, е објавена во “Службен гласник на Општина Карпош”, број 1 од 3 февруари 2014 година;

-Донесена е Одлука за организирање на Јавна презентација (за ден 21.10.2014 година со почеток во 14,30 часот) и Јавна анкета (во траење од 10 работни дена од денот на објавувањето на Соопштението) по Нацрт-деталниот урбанистички план, број 09-748/15 од 13.10.2014 година;

-Изготвено е Соопштение за организирање Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-деталниот урбанистички план, број 09-748/16 од 13.10.2014 година, во кое помеѓу другото е наведено дека Јавната анкета ќе се спроведе во периодот од 14.10.2014 година до 28.10.2014 година, секој работен ден, а Јавната презентација ќе се одржи на 21.10.2014 година во просториите на Општина Карпош со почеток во 14,30 часот;

-Објавено е Соопштението за организирање Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-деталниот урбанистички план во две јавни гласила и тоа во дневниот весник “Утрински весник“ и дневниот весник “Дневник“;

-Доставен е Извод од дневниот весник “Утрински весник“ од 14.10.2014 година, во кое е објавено Соопштението за Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-планот;

-Доставен е Извод од дневниот весник “Дневник“ од 04.10.2014 година, во кое е објавено Соопштението за Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-планот;

-Градоначалникот на Општина Карпош, донел Решение за формирање на Стручна комисија за изработка на Извештај по спроведена Јавна анкета и Јавна презентација, по Нацрт-деталниот урбанистички план, број 09-748/27 од 21.11.2014 година;

-Доставени копии од 176 анкетни листови со писмени забелешки од граѓани и правни лица;

-Доставен доказ за писмено известување и извршена достава на известувањата до граѓаните кои поднеле анкетни листови со образложение за прифатени/неприфатени забелешки по нацрт-планот;

-Изготвен е Записник од одржана Јавна презентација и Јавна анкета по Нацрт-деталниот урбанистички план, број 33-748/26 од 21.11.2014 година;

-Стручната комисија изготвила Извештај од спроведена Јавна анкета и Јавна презентација по Нацрт-деталниот урбанистички план, број 33-748/28 од 24.11.2014 година, со констатација за вкупно пристигнати 176 анкетни листови со забелешки од граѓани, од кои 23 неприфатени, 135 прифатени, 14 делумно прифатени и 4 без конкретни забелешки.

-Доказ за дадено мислење од страна на Комисијата за примена на членот 24 став 10 од Законот.

Имено, согласно член 24 став 10 од Законот, Стручната комисија во Извештајот од спроведена Јавна анкета и Јавна презентација по Нацрт-деталниот урбанистички план, а по разгледаните и прифатени анкетни листови, се произнела во однос на прашањето за потребата од повторување на Јавна анкета и Јавна презентација по Нацрт-деталниот урбанистички план, при што со Заклучок оценила дека Нацрт-планот, со прифатените забелешки од Јавната анкета, не претрпел значителни промени, односно дека согласно член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, постапката можела да продолжи;

-Известување за постапување по Извештајот број 09-748/29 од 25.11.2014 година, од градоначалникот на Општина Карпош во кој се наведува дека по спроведената Јавна презентација и Јавна анкета, во Предлог-деталниот урбанистички план биле вградени прифатените забелешки од Извештајот на Комисијата;

-Известување за согласност од Агенцијата за катастар за недвижности, број 09-15374/1 од 22.08.2014 година;

-Известување од БЕГ-Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи Дооел, Скопје, број 03-3882 од 27.10.2014 година;

-Известување за мислење од ГА-МА АД Скопје, број 0308-1923 од 30.10.2014 година;

-Известување за мислење од ЈП “Водовод и канализација”-Скопје, број 1202-4033/1/178/1 од 21.01.2015 година;

-Мислење од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”-Скопје, Факултет за драмски уметности, број 0308-29/1 од 16.01.2015 година;

-Мислење од Дирекција за заштита и спасување, Подрачно одделение за заштита и спасување-Карпош, број 09/5-5/2 од 16.01.2015 година;

-Мислење од Министерството за образование и наука, број 10-1668/1 од 29.01.2015 година;

-Мислење од Секторот за планирање и уредување на просторот-одделение за просторно и урбанистичко планирање на Град Скопје по Предлог-планот за Градска четврт 3 08-опфат помеѓу бул. “Илинден”, бул. “8-ми Септември“, бул. “Партизански Одреди” и ул. “Франклин Рузвелт, со површина од 50,91 ха, број 13-912/2 од 03.02.2015 година;

-Министерството за транспорт и врски дало писмена согласност за Предлог-деталниот урбанистички план Градска четврт 3 08-Општина Карпош, со површина на опфатот 50,91 ха, со број 24-2144/2 од 16.02.2015 година;

-Донесена е Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт (бул. “Илинден”, ул. “Франклин Рузвелт, бул. “Партизански Одреди” и бул. “8-ми Септември”) Општина Карпош-Скопје, од Советот на Општина Карпош, број 08-1483/5 од 20.02.2015 година;

-Одлуката за донесување на предметниот детален урбанистички план, е објавена во “Службен гласник на Општина Карпош”, број 3 од 23 февруари 2015 година;

-Доставен е нацрт-планот со технички број 088/11/13, со текстуален и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели;

-Доставен е усвоениот предлог-детален урбанистички план, со технички број 088/11/13, предложен и усвоен на седница на Советот на Општина Карпош, број 08-1483/5 од 20.02.2015 година, со текстуален и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели;

7. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Постапката за донесувањето на предметниот план донесен со оспорената одлука е водена согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013).

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co членот 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање.

Cо член 17 став 1 од Законот е уредено дека за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и Градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и Градот Скопје можат да утврдат одредени планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка, пропишана во членот 24-а ставови 2, 3 и 4 на овој закон.

Согласно член 17 став 2 од Законот програмата од ставот 1 на овој член, општините и Градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Според член 17 став 4 од Законот, градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во Градот Скопје формираат Комисија составена најмалку од три члена од кои еден архитект со овластување за изработка на урбанистичките планови и две стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацрт плановите од членот 7 точка 2 на овој закон и дава предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација. Градоначалникот на Градот Скопје формира Комисија составена најмалку од пет члена од кои двајца архитекти со овластување за изработка на урбанистичките планови и три стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацртот на Генералниот урбанистички план на Градот Скопје. Во комисијата формирана од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во Градот Скопје е потребно најмалку еден член да не е лице вработено во општинската администрација, а во комисијата формирана од градоначалникот на Градот Скопје најмалку два члена да не се лица вработени во администрацијата на Градот Скопје.

Според член 21 став 1 од Законот на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, а според ставот 2 од наведениот член од Законот стручна ревизија на планот од членот 7 точка 1 на овој закон, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на просторното планирање и се состои од најмалку три члена од стручно-научни институции, истакнати научни и стручни работници од областа на просторното и урбанистичко планирање и од други области суштествени за изработка на планската документација.

Според ставот 5 од членот 21 од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во членот 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 на овој закон е определено:

(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.

(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон.

(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.

(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.

(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.

(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.

(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

(8) Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.

(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.

(10) Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Согласно член 25 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 2 на член 25 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од член 25 од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од погоре наведениот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница на советот, а советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

8. Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во конкретниот случај, од презентираната фактичка состојба, утврдена врз основа на доставената писмена документација, произлегува дека доносителот на оспорениот акт ги испочитувал сите фази и ги презел потребните дејствија во постапката за донесувањето на предметниот детален урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Подносителите ја оспоруваат предметната одлука со наводи дека постапката во која е донесен предметниот деталниот урбанистички план, не била спроведена законито, а конкретно со иницијативата се наведува дека:

-Јавната презентација и Јавната анкета не била спроведена согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање;

-Нацрт-планот имал претрпено значајни промени, кои се однесувале на промена на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот, а по однос на тие промени, доносителот на оспорениот акт, не спровел повторна Јавна презентација и Јавна анкета. Тоа се согледувало од донесениот Детален урбанистички план во февруари 2015 година, кој содржел значителни промени во споредба со Нацрт-планот од ноември 2014 година кој бил даден на расправа. Промените се состоеле во зголемување на катноста на објектите за градежните парцели 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22 и тоа од осум на десет нивоа, била извршена пренамена на земјиштето од А1 во А2 и зголемување на катност за градежните парцели 3.11 и 3.12.

Во однос на наводите од подносителот на иницијативата дека Јавната презентација и Јавната анкета не била спроведена согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, од дополнително приложената документација, односно со презентирањето на анкетните листови од граѓани и правни лица, како и доказ за писмено известување и извршена достава на известувањата до граѓаните кои поднеле анкетни листови со образложение за прифатени/неприфатени забелешки по Нацрт-планот, произлегува дека во постапката се запазени дејствијата во тој дел, односно дадена е можност на граѓаните, односно правните лица за изјаснување и давање на забелешки во однос на нацрт-планот преку анкетни листови, разгледување на истите од страна на надлежната комисија, како и известување до граѓаните за прифатени/неприфатени забелешки по нацрт-планот.

Оттука, не стојат наводите од иницијативата дека Јавната презентација и Јавната анкета не биле спроведени согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бидејќи од приложената документација се утврди спротивното.

Подносителите на иницијативата сметаат дека доносителот на оспорениот акт, требало повторно да спроведе јавна презентација и јавна анкета бидејќи нацрт-планот претрпел значителни промени, бидејќи ја зголемил катноста на објектите планирани за градење на градежните парцели 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22 и тоа од осум на десет нивоа.

Во однос на ваквите наводи, од увидот во презентираната документација и споредба на нацрт-планот и конечниот план, произлегува следното:

Во нацрт-планот кој јавно бил изложен за граѓаните во октомври 2014 година (не, во ноември 2014 година како што се наведува во иницијативата), парцелите 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22, на што впрочем се однесуваат наводите од иницијативата, биле утврдени како градежни парцели за резиденцијални објекти (домување во станбени згради) со катност од шест нивоа (а не како што се наведува со иницијативата со катност од осум нивоа), а, од увидот во конечниот план, произлегува промена во катноста на планираните објекти на осум нивоа (а не на десет нивоа како што стојат наводите од иницијативата).

Во однос на зголемувањето на катноста за конкретно наведените парцели со иницијативата, во одговорот по наводите од решението за поведување на постапката, со број 11-9073/3 од 31.10.2016 година, се дава конкретен одговор на прашањате, дали со зголемувањето на катноста на планираните објекти на осум нивоа (не, на десет нивоа како се наводите од иницијативата), нацрт-планот претрпел значителни промени.

Во одговорот, се наведува дека во однос на парцелите опфатени со иницијативата, комисијата конкретно заклучила дека со прифаќање и вградување на забелешките од јавната анкета во однос на зголемување на катноста за две нивоа на градежните парцели 3.18, 3.19, 3.21 и 3.22, со намена А2 (домување во станбени згради), планскиот концепт не претрпел значителни промени, односно зголемувањето на катноста на тие објекти било во согласност со законските одредби кои се однесувале на густината на населението и условите за паркирање.

Во однос на наводите дека била извршена пренамена на земјиштето за градежните парцели 3.11 и 3.12., односно дека промената на земјиштето се состоела од А1 во А2 и зголемување на катност за овие градежни парцели, од увидот и споредбата на нацрт-планот и конечниот план, произлегува дека и во нацрт-планот и во конечниот план, градежното земјиште од парцелите 3.11 и 3.12, е со намена за градби А-домување.

Класата А-домување е една од предвидените класи од Групата на класи на намени на земјиштето, во која Група се предвидени и останати намени на земјиштето како што се: градби Б-за комерцијални и деловни намени, градби В-јавни институции, Г-производство, дистрибуција и сервиси, Д-зеленило и рекреација и Е-инфраструктура. Секоја класа од Групата на класи на намени, содржи основни класи на намени и тоа класата А (А0-домување со посебен режим, А1-домување во станбени куќи, А2-домување во станбени згради, А3-групно домување, А4-времено сместување), класата Б (Б1-мали комерцијални деловни намени, Б2-големи трговски единици, Б3-големи угостителски единици, Б4-деловни простории, Б5-хотелски комплекси, Б6-градби за собири) итн. определени во Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” број 63/2012, 126/2012, 19/2013, 95/2013, 167/2013, 37/2014, 125/2014 и 148/2014).

Во конкретниот случај, од прибавениот нацрт-план кој јавно бил изложен на увид на граѓаните и конечниот план, произлегува дека нема промена во намената на земјиштето за парцелите 3.11 и 3.12, бидејќи и во двата плана, земјиштето е планирано со намена градби А-домување.

Во овој дел, а од увидот во доставените планови, произлегува дека планираното решение во нацрт-планот претрпува промена во делот кој се однесува на намената на објектот, односно од А1 во А2 и зголемување на катноста за два нивоа (од две нивоа на четири нивоа). Конкретно, измената се состои од планиран објект за домување во станбена куќа, во објект за домување во станбена зграда, но, не е извршена промена на намената на земјиштето во сосема друга намена, која не е домување, како на пример од А (домување) во Б (за комерцијални и деловни намени) или во В (јавни институции) или било која друга намена, од каде произлегува дека претходно планираната намена А (домување) во нацрт-планот, е содржина и во донесениот план.

Во однос на претходно наведеното, од увидот во прибавените анкетни листови од граѓани и одговори по истите, произлегува дека земјиштето за парцелите 3.11 и 3.12, е во приватна сопственост на фамилијарни лица, кои биле учесници во анкетната постапка (анкетни листови броеви 5 и 6), чии забелешки биле да се спојат двете парцели во една градежна парцела, бидејќи истите биле во заедничка сопственост на фамилијарните лица, како и барање да им се додели висина на градежна маркица од П+6+Пк, како што биле висините на објектите околу нив.

Од увидот во одговорот по анкетните листови на овие граѓани (одговор по анкетни листови броеви 5 и 6), се констатира дека нивните забелешки делумно се прифатени, односно дека се прифаќа спојувањето на двете парцели така што ќе биде оформена една градежна парцела А2 домување во станбени згради со параметри (висина и површина за градба) согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, кое ќе биде вградено во предлог-планот. Од увидот во конечниот план, се утврди дека постапено било по забелешките на овие граѓани во прифатениот дел и извршена била промена во планот за спојување на двете парцели со класа А2 домување во станбена зграда, но не било прифатено барањето од овие граѓани за висина на градежна маркица од П+6+Пк, туку на П+4+Пк.

Доносителот на оспорениот акт во однос на конкретната измена на планското решение за наведените парцели, а од аспект на прашањето дали станува збор за значајна промена на намената на земјиштето од аспект на членот 24 став 10 од Законот, а со тоа и на потреба од повторување на јавната анкета и јавната презентација, се произнесе во одговорот на наводите од решението за поведување на постапка, со образложение дека промената била направена во рамките на иста основна група на класи на намена – А (домување), што значи во рамките на иста намена на земјиштето А-домување, направена била само промена на класата од А1 во А2, а не надвор од основната намена на земјиштето А-домување. Имено, во нацрт верзијата на деталниот урбанистички план, градежните парцели 3.11 и 3.12, биле оставени со намена А1-домување во станбени куќи, согласно претходно важечкиот ДУП, меѓутоа по барање на сопствениците на тоа земјиште, преку анкетните листови, било направено усогласување на класата на намена со околните класи на намена во тој дел од планот врз основа на одредбите на ГУП на Град Скопје (2012-2022) за ист третман на земјиштето и хомогенизација на просторот.

Од погоре наведеното произлегува дека надлежната комисија ги имала во предвид погоре наведените промени во содржината на планските решенија кои се оспоруваат со иницијативата, а по оцена на истите од аспект на членот 24 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, заклучила дека не станува збор за значајни промени кои би довеле до значителни промени на планскиот концепт.

Имено членот 24 став 10 од Законот уредува дека доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.

Во конкретниот случај, а од погоре цитираниот член од Законот, произлегува дека надлежен орган за оцена на потребата од повторување на постапката во делот на јавната презентација и јавната анкета е комисијата од став 7 на овој член од Законот како компетентна и стручна комисија од областа на урбанистичкото планирање, која се произнесува по прашањето дали евентуалните промени во планот претставуваат значајни промени, а со тоа и потреба од повторување на постапката во наведениот дел, или пак постапката може да продолжи доколку тоа не е случај.

Во одговорот по наводите од иницијативата со број 34-8149/2 од 10.12.2015 година, во прилог е дадено и мислење од раководителот на Секторот за урбанизам број 34-8367/2 од 30.11.2015 година, во кое помеѓу другото, се известува Уставниот суд дека согласно член 24 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, планот нема претрпено поголеми промени како промена на опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштетот и сл, поради што немало потреба од одржување на втора Јавна анкета и Јавна презентација.

За наведеното во документација е презентиран и писмен документ, конкретно Извештај од спроведена Јавна анкета и Јавна презентација по Нацрт-деталниот урбанистички план, број 33-748/28 од 24.11.2014 година, од каде произлегува дека надлежната стручна Комисија презела дејствија на оцена на планот од аспект на член 24 став 10 од Законот, по констатација за вкупно пристигнати 176 анкетни листови со забелешки од граѓани, од кои 23 неприфатени, 135 прифатени, 14 делумно прифатени и 4 без конкретни забелешки, при што оценила дека Нацрт-планот, со прифатените забелешки од Јавната анкета, не претрпел значителни промени, со заклучок дека постапката може да продолжи.

Во однос забелешките на Судот наведени во решението за поведување на постапка во кое беше констатирана недоследност во наведување на опфатот на планот во документите, доносителот на оспорениот акт во Одговорот на наводите од решението, ја појаснува ваквата забелешка, наведувајќи дека согласно ГУП на Град Скопје (2012-2022 година), површината на опфатот бил даден без деловите од сообраќајниците кои биле граници на опфат на една градска четврт. При изработка на детален план, границите на плански опфат се утврдувале согласно Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, односно по осовини на улици. Имајќи во предвид дека Градската четврт 3 08 била опфат помеѓу бул. “Илинден”, ул. “Франклин Рузвелт”, бул. “Партизански Одреди” и бул. “8-ми Септември”, границата на планскиот опфат на деталниот план била формирана по осовината на овие сообраќајници така што во површината на опфатот влегувале и деловите од сообраќајниците. Поради наведеното се пројавила разлика во површината на урбанистичкиот опфат даден во ГУП-от и онаа во Деталниот план. Оттаму, во конкретниот случај, согласно ГУП-от, Градската четврт “3 08” била со површина од 44,69 ха, а површината на опфатот на ДУП-от за Градска четврт 3 08 со вклучени сообраќајници изнесувала 50,91 ха.

Во врска со погоре наведеното, по доставувањето на целокупната документација од страна на доносителот на оспорениот акт, меѓу кои и нацрт-планот кој бил даден на увид на граѓаните, како и конечниот план, односно од увидот во истите, се констатира дека и во нацрт-планот кој јавно бил изложен на увид на граѓаните, а и во конечниот план, опфатот е утврден на 50,91 ха, од каде произлегува дека нема промена на границата на урбанистичкиот опфат кој бил утврден во нацрт верзијата на планот.

Оттука, од аспект на наводите од иницијативата за повреда на постапката за донесување на предметниот план, конкретно дека Јавната презентација и Јавната анкета не била спроведена согласно членот 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и дека не било испочитувано уредувањето со член 24 став 10 од Законот за задолжително повторување на Јавната презентација и Јавната анкета, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт со Уставот и законот, бидејќи од целокупно приложената документација, произлегува дека во конкретниот случај, запазени се фазите во постапката за донесување на предметниот план, вклучително и потребните дејствија во постапката, согласно Законот.

Конкретно, во однос на прашањето дали при донесување на конечниот план се имале во предвид одредбите од член 24 став 10 од Законот, од приложената писмена документација произлегува дека стручната комисија презела дејствија за оцена на промените во нацрт верзијата на планот кои се оспоруваат со иницијативата и одлучувала по истите, за што е презентиран писмен доказ за дадено мислење во однос на влијанието на промените поради прифатени забелешки од спроведена јавна презентација и јавна анкета, односно презентиран е заклучок со оценка дека во конкретниот случај, направените промени не биле од значителна природа, поради што немало потреба од повторување на јавната презентација и јавната анкета.

Во оваа смисла за Уставниот суд е релевантно дека промените во нацрт верзијата на планот по спроведената јавна презентација и јавна анкета, биле предмет на разгледување и оценување од страна на стручната Комисија, односно дека истата како компетентен и надлежен стручен орган, обврзана со Законот да оценува дали станува збор за значителни или незначителни промени во планскиот концепт со вградените плански решенија во конечниот план, се произнела по прашањето од потребата за повторување на јавната презентација и јавната анкета, што упатува на заклучок дека оваа фаза на постапката како законска обврска од страна на доносителот на оспорената одлука е запазена, имајќи предвид дека е донесен Заклучок согласно членот 24 став 10 од Законот дека поради прифатените приговори и забелешки Деталниот план не претрпел значителни измени.

Во поголемиот дел од иницијативата, предметната одлука се оспорува од аспект на содржаните плански решенија во предметниот план за кои подносителите на иницијативата не се согласуваат, како и од аспект на несогласноста на содржаните урбанистички решенија во донесениот план со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Меѓутоа Уставниот суд ја оценува законитоста на постапката за донесување на плановите од аспект на фазите за донесување на планот, а во таа рамка и дали се преземени потребните дејствијата определени во постапката уредена со закон, но, не е во надлежност на Судот да ги оценува плановите од аспект на содржината на плановите, односно да ги цени планираните урбанистички решенија содржани во планот бидејќи тоа е во надлежност на органите од областа на урбанистичкото планирање кои се компетентни и стручни по овие прашања.

Исто така, Уставниот суд не одлучува за согласноста на планските решенија содржани во планот со актите на кои се повикуваат подносителите на иницијативата, бидејќи согласно утврдените надлежности од член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите, но, не и за меѓусебната согласност на прописите кои во хиерархијата на правни акти се од ист ранг.

9. Имајќи го предвид сето погоре изнесено, отпаѓаат основите за сомневање во уставноста и законитоста на оспорениот акт, имајќи предвид дека по утврдувањето на фактичката и правната состојба, а врз основа на увидот и анализата во доставената и прибавена документација за донесување на оспорената Одлука, Судот утврди дека Советот на Општина Карпош како доносител на оспорениот акт, ги спровел законски определените дејствија во постапката за донесување на предметниот детален урбанистички план, од кои причини исполнети се условите од член 47 алинеја 4 од Деловникот на Уставниот суд, за запирање на постапката.

10. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.98/2015
27 декември 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply