102/2016-0-0

У.бр.102/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 7 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на законот во целина и посебно на член 1, член 6 став 3, член 9 став 4, член 15 ставови 1 и 6, член 16 став 3, член 21 став 4, член 22 став 2, член 24 став 3, член 27 став 2, член 29, член 30, член 31 и член 69 Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005 и 129/2015).

2. Александра Илиева – Милчева, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта, оспорениот закон во целина бил противуставен бидејќи постапката во која бил донесен била во спротивност со член 98 од Уставот (Амандман XXV со кој е заменет членот 98 од Уставот) и затоа што не бил донесен со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници.

По цитирањето на оспорените одредби од Законот во иницијативата е наведено дека законодавецот ја поставил медијацијата како посебен вонреден суд или паралелен суд, што не било во согласност на член 98 ставови 3 и 4 од Уставот, според кои организацијата на судството била единствена и биле забранети вонредни судови.

Поради тоа, во иницијативата е наведено дека Законот за медијација во целина и посебно оспорените одредби на овој закон не можело да произведуваат правно дејство затоа што истиот бил донесен спротивно на постапката за донесување на закони со кои се уредувала постапката пред судот, а која била предвидена согласно членот 98 став 5 од Уставот и се предлага Законот да се укине во целост.

3. Судот на седница утврди дека според членот 1 од Законот за медијација, со овој закон се уредува медијацијата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е пропишана исклучиво надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка (став 1). Медијацијата се применува особено во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување (став 2). Одредбите од овој закон се применуваат и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена (став 3).

Согласно членот 6 од овој закон, постапката на медијација се спроведува врз основа на стриктна писмена согласност на страните, освен во спорните односи каде што со посебен закон започнувањето на постапка на медијација е предвидена како услов за водење на судска или друга постапка (став 1). Судот или друг орган, кој со посебен закон е обврзан на страните да им укаже на можноста за користење на медијацијата, е должен да ги обезбеди потребните информации до страните за можностите на медијацијата (став 2). Обврската од ставот 2 на овој член судот или друг орган може да ја исполни со упатување на страните во Комората на медијатори (став 3). Ако страните спогодбено не се договорат за начинот на вршење на медијација, медијаторот ја спроведува медијацијата на начинот што го смета за соодветен, земајќи ги во предвид предлозите на страните, околностите на случајот и потребата за брзо решавање на спорниот однос (став 3).

Со членот 9 став 1 од Законот е уредено дека сите информации што произлегуваат или се поврзани со постапката на медијација ќе останат доверливи, освен ако страните писмено поинаку не се договориле. Страните, нивните законски застапници и полномошници, медијаторите, третите лица кои присуствуваат на постапката за медијација, како и лицата кои извршуваат административни работи за потребите на медијацијата, се должни сите податоци, предлози и изјави во врска со постапката за медијација да ја чуваат како тајна и одговараат за штетата настаната со повреда на оваа обврска (став 2). Предлозите изнесени во текот на медијацијата, дадени исклучиво во правец на постигнување на спогодбата, не можат да се користат во судска, арбитражна или друга постапка, ниту да се соопштат на друг начин (став 3). Судот или другиот орган кој ја води постапката нема да ги прифати предлозите од ставот 3 на овој член, ако бидат понудени од која било од страните или нивните полномошници (став 4). Одделни информации од ставот 1 на овој член нема да имаат карактер на доверливост, ако: тоа е предвидено со посебен закон; тоа е побарано со цел да се обезбеди заштита на интересите на децата на страните во медијацијата; тоа е побарано заради заштита од повреда на физичкиот или психичкиот интегритет на засегнатото лице во спорниот однос; тоа го бара јавниот интерес и тоа е нужно за спроведување на спогодбата која произлегува од постапката на медијација (став 5).

Според член 15 став 1 од Законот, медијацијата започнува на денот кога страните во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во медијација или со потпишување на изјава за согласност дека ќе учествуваат во медијација дадена на записник пред суд. Страната којашто смета дека постои спорен однос упатува писмена покана преку медијатор до другата страна или до повеќе страни, доколку во спорот се вклучени повеќе страни (став 2). Во рок од седум дена по добивањето на поканата за медијација поканетата страна треба да се јави на средба со медијаторот или на заедничка средба со медијаторот и страната која ја упатила поканата за медијација (став 3). Доколку на средбата една од страните не е согласна спорот да се решава во постапка на медијација истото писмено го потврдува (став 4). Ако страната која поканила друга страна на медијација не добие одговор за прифаќањето на поканата за медијација најдоцна во рок од 15 дена од денот на испраќањето на поканата или во друг пократок рок кој е утврден со поканата, се смета дека предлогот за поведување на постапка на медијација не е прифатен (став 5). Кога со посебен закон е предвидено започнување на постапка на медијација како услов за водење на судска или друга постапка, односно ако страните при склучување на деловниот договор се обврзале спорот да се обидат да го решат со медијација пред започнување на судска или друга постапка, постапката за медијација започнува со поднесување на покана за медијација (став 6).

Со член 16 став 1 од Законот за медијација, постигнување на спогодбата за медијација од членот 15 став 1 од овој закон, започнува застој на рокот за застареност на побарувањето кое е предмет на спорниот однос и трае до завршувањето на постапката за медијација, која не може да трае подолго од 60 дена од денот на започнувањето на медијацијата од членот 15 став 1 од овој закон. Кога постапката на медијација ќе заврши без постигната спогодба, рокот на застареноста на побарувањето од ставот 1 на овој член ќе продолжи да тече од моментот на завршувањето на постапката за медијација во која не била постигната спогодбата (став 2). Страните кои започнале постапка за медијација немаат право истовремено, односно додека трае постапката на медијација, да започнат судска, арбитражна или друга постапка за спорниот однос кој е предмет на медијацијата, освен ако се работи за времени мерки или мерки за обезбедување (став 3).

Согласно член 21 став 1 од Законот за медијација, спогодбата постигната во постапката на медијација во писмена форма ја изготвуваат страните во постапката или по нивно барање ја изготвува медијаторот, а ја потпишуваат страните во рок од три работни дена од денот на постигнувањето на спогодбата. Содржината на спогодбата ја одредуваат страните. Спогодбата од ставот 1 на овој член потпишана пред поведувањето на судската постапка, медијаторот ја заверува со свој потпис и ја пријавува во Министерството за правда, заради упис во Регистарот за евиденција на постапките за медијација (став 2). Ако страните не постигнат спогодба заради несогласување за правните прашања, можат да постигнат писмена согласност за фактичките прашања (став 3). Фактичките прашања опфатени со согласноста од ставот 3 на овој член ќе се сметаат за неспорни во судска или друга постапка (став 4).

Во членот 22 став 1 од овој закон, кога постапката на медијација се одвивала пред започнување на судската постапка, а страните сакаат на спогодбата да и дадат сила на извршна исправа, содржината на спогодбата во пишана форма, потпишана од страните ја солемнизира нотар согласно со закон. Ако постапката на медијација се води по упатување на судот, медијаторот е должен во рок од три работни дена по завршувањето на постапката на медијација да го извести судот за начинот на завршување на постапката. Во рок од три работни дена по потпишувањето на спогодбата постигната како резултат на упатување на медијација при прекин на судска постапка, медијаторот е должен да ја достави спогодбата во суд и истата претставува основ за судско порамнување (став 2).

Според член 24 став 1 од Законот за медијација, медијаторот e одговорен за штетата што тој ја причинил спрема страните и трети лица, со незаконско спрове-дување на дејствија и со неисполнување на обврските кои ги има како медијатор согласно со овој закон (став 1). Како трети лица се сметаат сите лица на кои им е причинета штета, освен лицата кои се страни во медијацијата (став 2). Незаконското спроведување или неисполнување на обврските на медијаторот определени со овој закон се утврдуваат со одлука на суд донесена во парнична постапка. (став 3) Најнискиот износ на осигурување за кој медијаторот мора да склучи договор за осигурување изнесува 50.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата (став 4).

Согласно член 27 став 1 од овој закон, Владата на Република Македонија донесува програма за развој на медијацијата, во која се определуваат мерки и средства со кои се обезбедува поддршка на медијацијата. Програмата се донесува за период од најмалку четири години (став 2). Посебни програми за поддршка на медијацијата донесуваат Судскиот совет на Република Македонија и Врховниот суд на Република Македонија (став 3).

Според член 29 став 1 од овој закон, Судот во текот на првостепената постапка им препорачува на страните спорот да го решат во постапка на медијација и истата ја нотира во записникот од рочиштето. Судијата може, во согласност со странките во спорот, во која било фаза на судската постапка, да ја прекине постапката и да ги упати странките на медијација (став 2).

Согласно член 30 став 1 од Законот, ако во судската постапка до прво рочиште за главна расправа страните започнат постапка на медијација истите не ги плаќаат судските такси утврдени со закон. Ако постапката на медијација од ставот 1 на овој член не заврши со постигнување на спогодба меѓу страните и судската постапка продолжи, странките се должни да ја платат соодветната судска такса утврдена со закон. (став 2)

Според член 31 од Законот за медијација, кога постапката за медијација е започната во текот на судската постапка, судот може да овозможи спроведување на медијацијата во судската зграда, согласно со судскиот деловник.

Во член 69 став 2 од Законот, ако со посебен закон постапката за медијација е уредена како законска претпоставка која претходи на започнувањето на судска постапка, таквите законски одредби утврдени со посебниот закон имаат важност од три години сметано од денот на примената на посебниот закон.

4. Согласно Амандман XXV со кој е заменет членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека во врска со Законот за судовите, законодавецот со Закон ја уредува постапката пред судовите кои судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според наводите на иницијативата Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр.188/2013) се оспорува во целина поради тоа што тој бил донесен со просто мнозинство на гласови, а не со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Тргнувајќи од изнесените уставни одредби произлегува дека Законот за медијација со кој се уредува медијацијата како вонсудска постапка за решавање на спорови врз основа на слободно изразена волја на страните нема аналогија со Законот за судовите и со другите закони со кои се уредуваат судските постапки. Иако Уставот изречно не ги дели законите и не ги наведува во една одредба, законите кои се донесуваат со двотретинско мнозинство или обично мнозинство, односно не ги дели законите на системски и обични, од уставните одредби со кои за одредени закони е предвидено да се донесуваат со двотретинско мнозинство може да се заклучи дека со двотретинско мнозинство се донесуваат системските закони, а очигледно Законот за медијација тоа не е.

Во член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот е предвидено дека Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Тргнувајќи од фактот дека уставна надлежност на законодавната власт е вршењето на законодавната функција, Судот утврди дека законодавецот имал уставна основа со закон да уреди одредено прашање од сферата на општественото живеење, за кое оценил дека е потребно и оправдано да се уреди посебно со закон, поради што го донел Законот за медијација.

Законот за медијација е донесен на 27 декември 2013 година и е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.188/2013 година. Тој е составен од 70 члена, распределени во X точки: I. Општи одредби; II. Начела на медијација; III. Постапка на медијција; IV. Подршка на медијација; V.Однос на медијацијата и судската или друга постапка. VI.Организација на медијаторите. VII.Медијатор. VIII.Обезбедување, следење и оценување на квалитет на работите на медијацијата. IX. Информирање и X. Преодни и завршни одредби.

Законот за медијација е подготвен според европскиот модел усогласен со Директивата на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија 2008/52/ЕС од 21 мај 2008 година за медијација во граѓанските и стопанските спорови, од Стразбур, при што се разработени и начелата на доброволност на медијацијата. Во членот 12 од оваа директива дадена е можност односно обврска со посебен закон да се уреди постапката за медијација која во суштина треба да биде вонсудска, неформална, но оставена е можноста започнувањето на постапката за медијација да биде предвидена како услов за водење на судска или друга постапка.

Законот за медијација има за цел креирање на функционален систем на медијација во правниот систем на Република Македонија и според законодавецот акцентот се става на алтернативното решавање на споровите според европски модел кој предвидува и обезбедува поекономична, побрза и поефикасна постапка до која страните имаат лесен пристап и со која се гарантира правично постапување, неутралност, непристрасност и доверливост. Постапката за медијација е далеку поевтина од долгата судска постапка која во принцип ретко подлежи на присилно извршување бидејќи страните секој од своја страна самите го извршуваат она што е договорено по пат на медијација.

Оттука, потребно е да се нагласи дека медијацијата е вонсудска постапка за решавање на спорови врз основа на слободно изразена волја на страните со помош на трето лице, кое е неутрално лице – медијатор, кое нема право да наметне решение во спорот.

Во конкретниот случај законодавецот во член 1 став 1 од Законот за медијација ги уредува принципите на медијацијата, како алтернативен начин на решавање на спорови, според кој медијацијата во спорните односи во кои страните можат слободно да располагаат со своите барања, освен ако со друг закон не е пропишана исклучиво надлежност на суд или друг орган, без оглед на тоа дали таа се спроведува пред или по започнување на судска или друга постапка. Согласно ставот 2 од овој член, медијацијата се применува особено во имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување. Според ставот 3 од овој член, одредбите од овој закон се применуваат и во кривични спорови, доколку со посебен закон не е исклучена нејзината примена.

Согласно член 15 став 1 од Законот, медијацијата започнува на денот кога страните во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во медијација или со потпишување на изјава за согласност дека ќе учествуваат во медијација дадена на записник пред суд. Страната којашто смета дека постои спорен однос упатува писмена покана преку медијатор до другата страна или до повеќе страни, доколку во спорот се вклучени повеќе страни (став 2). Во рок од седум дена по добивањето на поканата за медијација поканетата страна треба да се јави на средба со медијаторот или на заедничка средба со медијаторот и страната која ја упатила поканата за медијација (став 3). Доколку на средбата една од страните не е согласна спорот да се решава во постапка на медијација истото писмено го потврдува (став 4).

Во членот 16 од Законот за медијација, предвидени се и преклузивни рокови со кои е пропишано дека страните кои започнале постапка за медијација немаат право истовремено, односно додека трае постапката за медијација, да започнат судска, арбитражна или друга постапка за спорниот однос кој е предмет за медијација исклучувајќи ги времените мерки како и мерките на обезбедување.

Според член 21 став 1 од овој закон, спогодбата постигната во постапката на медијација во писмена форма ја изготвуваат страните во постапката или по нивно барање ја изготвува медијаторот, а ја потпишуваат страните во рок од три работни дена од денот на постигнувањето на спогодбата. Содржината на спогодбата ја одредуваат страните. Ако страните не постигнат спогодба заради несогласување за правните прашања, можат да постигнат писмена согласност за фактичките прашања (став 3).Фактичките прашања опфатени со согласноста од ставот 3 на овој член ќе се сметаат за неспорни во судска или друга постапка (став 4).

Во наводите на иницијативата се цитирани оспорените одредби на член 1, член 6 став 3, член 9 став 4, член 15 ставови 1 и 6, член 16 став 3, член 21 став 4, член 22 став 2, член 24 став 3, член 27 став 2, член 29, член 30, член 31 и член 69 од Законот за медијација, но во истата воопшто не се дадени причините за спротивноста на одредбите од оспорениот закон со одредбите од Уставот.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата оспорени се одредби од Законот за медијација во кои е содржан зборот суд, судска постапка и други, само од јазичен аспект, без притоа да се анализира суштината на одредбата односно нејзината содржина. Во наведените оспорени законски одредби биле наведени деловите „уредувала постапка пред судот“, во однос на тоа „како судот требал да постапи во одредена ситуација“, дека „судот бил обврзан на страните да им укаже на можноста за користење на медијацијата“, дека „судот бил должен да ги обезбеди потребните информации до страните за можностите на медијацијата“ односно „страните требало да потпишат изјава за согласност дека ќе учествуваат во медијација дадена на записник пред суд“ итн. Оттука, Судот утврди дека може да се констатира дека отсуствува во иницијативата осврт на секоја одредба посебно по однос на нејзиното уредување и образложение во што е тоа уредување спротивно на Уставот, туку тие генерално се оспоруваат, а не поединечно, со недостаток на уставни аргументи за оспорување на поединечните одредби од Законот.

Исто така, од анализата на Законот за медијација во целина и посебно оспорените делови од оспорените законските одредби Судот оцени дека може да се заклучи дека во истите не се уредуваат прашања кои се однесуваат на постапката пред судовите, поради што постапката на донесување на овој закон не може да се подведе во однос на Амандман XXV со кој е заменет членот 98 од Уставот, туку под член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот во кој е предвидено дека Собранието на Република Македонија донесува закони. Поради тоа, Судот утврди дека не се основани наводите во иницијативата дека законодавецот ја поставил медијацијата како посебен вонреден суд или паралелен суд, што не било во согласност на член 98 ставови 3 и 4 од Уставот, според кои организацијата на судството била единствена и биле забранети вонредни судови.

Оттука, Судот утврди дека е неспорно дека Законот за медијација регулира материјални прашања за вонсудско посредување, односно се уредува начинот на решавање на споровите по пат на преговарање на мирен начин со помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори кои на страните им помагаат да постигнат заедничко прифатливо решение со примена на начелата на медијацијата, постапката на медијација и односот на медијацијата и судската или друга постапка, поради што не може да се прифати дека ваквиот пристап на законодавецот водел кон повреда на примена на процесните правила утврдени во закони кои се донесени со двотретинско мнозинство гласови, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените законски одредби со одредбите од Амандман XXV на Уставот на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Исмаил Дарлишта Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.102/2016
07.12.2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply