152/2016-0-0

У.бр.152/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 декември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 52 став 2 и член 65 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015) донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

2. Снежана Максимова, од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилата за снабдување со топлинска енергија означени во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата како оспорени всушност се наведени членот 53 став 2 и членот 66 став 2 од Правилата, но Судот утврди дека со Правилникот за измени и дополнувања на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 109/2013), нумерацијата на повеќе членови e изменета, меѓу кои, членот 53 е нумерички изменет во член 52, а членот 66 е нумерички изменет во член 65, и од овие причини, како оспорени ќе се третираат член 52 став 2 и член 65 став 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012, 109/2013, 126/2015 и 127/2015), кои не се суштински променети.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Правилата за снабдување со топлинска енергија биле во несогласност со одредби од Законот за енергетика и Законот за облигациони односи и со членот 8, членот 30 и член 55 од Уставот на Република Македонија. Ова поради тоа што и покрај отсуството на договорни односи помеѓу граѓаните кои ги исклучиле своите домови од системот на топлинска енергија со дистрибутерот на таа енергија, и тие граѓани без оглед што не биле фактички корисници на топлинска енергија од централниот топлификациски систем, сепак неосновано биле оптеретени да плаќаат надоместок за ангажирана моќност, поради што наметнатата обврска за плаќање надомест која произлегувала од оспорените одредби од Правилата донесени од Регулаторната комисија за енергетика, била спротивна на одредбите од самиот Закон за енергетика кој не дал законско овластување за пропишување на ваква обврска со подзаконски акт, ниту со Законот за облигациони односи, каде се регулираат права и обврски кои произлегуваат од договорните односи, а во случајов немало договорни односи. Исто така, оспорените одредби од Правилата, не биле во согласност и со темелните вредности на уставниот поредок, на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и со владеењето на правото, правната заштита на сопственоста како и слободата на пазарот и претприемништвото, утврдени во членовите 8, 30 и 55 од Уставот на Република Македонија.

Од овие причини со иницијативата се предлага за оспорените одредби од Правилата Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 52 став 2 од Правилата, исклучените потрошувачи од став 1 на овој член се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

Судот, исто така утврди дека според членот 65 став 2 од Правилата, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодвет­ниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлин­ска енергија.

4. Според членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласнос­та на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иниција­тивата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Судот со Решение У.бр.125/2012, донесено на 22 мај 2013 година не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.97/2012) во целина, и посебно на повеќе одредби од Правилата, меѓу кои и за членот 53 став 2, а во однос на оспорениот член 66 став 2 од Правилата, ја отфрлил иницијативата.

Со Правилникот за измени и дополнувања на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.109/2013) бил избришан членот 13 од Правилата, и со тоа нумерацијата на сите останати членови била поместена, при што членот 53 нумерички станал член 52, а членот 66 нумерички станал член 65.

Со оглед на тоа што членовите 53 став 2 и член 66 став 2 од Правилата биле ценети со погоре наведеното Решение У.бр.125/2012, а во случајов се работи за идентични одредби кои само ја промениле нумерацијата во членови 52 став 2 и 65 став 2 од Правилата, врз основа на измените и дополнувањата кои биле настанати во 2013 година, неспорно е дека се работи за веќе ценети одредби од страна на Судот, со Решение У.бр.125/2012.

Имајќи го предвид наведеното, како и наводите во иницијативата, Судот оцени дека по однос на оспорениот член 52 став 2 од Правилата Судот веќе одлучувал, а од иницијативата не произлегуваат основи за поинакво одлучување, поради што се исполнети условите во овој дел за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот.

Во однос на оспорениот став 2 од членот 66 кој е сега член 65 од Правилата, Судот со Решението У.бр.125/2012 и Решението У.бр.94/2015, ги отфрлил иницијативите при што утврдил дека по својата природа одредбата е преодна, имала темпорален карактер и се исцр­пела по определениот краен рок за нејзина примена (01.10.2012 година) од каде истата веќе не била составен дел од правниот поредок.

Имајќи предвид дека со предметната иницијатива се оспорува истата одредба која не егзистира во правниот поредок, Судот оцени дека во случајов постојат процесни пречки за постапување по иницијативата во овој дел и дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски, и судиите: Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.152/2016
7 декември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставен суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply