80/2016-0-0

У.бр.80/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 23 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2014).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 10 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

По изнесувањето на содржината на оспорениот член 10 и на содржината на член 51 ставовите 1, 6 и 10 од Законот за данокот на додадена вредност, подносителот на иницијативата наведува дека оспорената законска одредба не била во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 33, член 35 став 1, член 51 и член 52 став 4 од Уставот. Во продолжение на иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба го намалувала прагот на регистрација на данокот на додадена вредност дури за 1.000.000 денари почнувајќи од 03.09.2014 година, а кој до тогаш бил 2.000.000 денари, со што физичките лица кои воопшто не биле ДДВ обврзници сега по автоматизам Управата за јавни приходи ги правела ДДВ обврзници за плаќање на законски предвидената обврска, а покрај тоа тие лица морале да плаќаат и персонален данок, како и данок на имот според Законот за даноците на имот, па ваквата одредба не била неопходна, била непропорционална и нехумана мерка, односно се воведувало двојно оданочување по ист основ кое не било во функција на заштита на граѓаните од прекумерно и неоправдано оданочување, поради што членот 10 не бил во согласност со уставните определби за социјална држава, хуманизмот и социјалната правда, владеењето на правото, законското уредување и плаќање на даноците.

Покрај тоа, со претходниот правен режим во врска со регистрацијата на данокот на додадена вредност на износ од 2.000.000 денари, даночните обврзници имале свои легитимни очекувања кои биле засновани на закон, па пропишувањето на нов поинаков износ на кој се плаќа данок на додадена вредност значело повреда на начелото на легитимни очекувања односно повреда на правната и социјалната сигурност, како и ретроактивно дејство на оспорениот член 10, поради што и од тој аспект законската одредба не била во согласност со Уставот.

Подносителот на иницијативата предлага поништување или укинување на членот 10 од Законот, а претходно предлага Судот да изрече привремена мерка заради спречување да настанат тешко отстранливи штетни последици од примената на таа законска одредба.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот член гласи:

„Во членот 51 во ставовите (1), (6) и (10) износот „2.000.000“ се заменува со износот „1.000.000“.“

Член 51 ставовите 1, 6 и 10 од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1999, 86/1999, 8/2001, 21/2003, 19/2004, 33/2006, 101/2006, 114/2007, 103/2008, 114/2009, 133/2009, 102/2010, 24/2011, 135/2011, 155/2012, 12/2014, 130/2014, 15/2015, 129/2015, 225/2015, 23/2016 и 189/2016), кој се наведува во оспорениот член 10, сега гласи:

Став 1: „Сите даночни обврзници, чиј вкупен промет во изминатата календарска година надминал износ од 1.000.000 денари или чиј вкупен промет се предвидува на почетокот од вршењето на стопанската дејност дека ќе го надмине износот или во текот на годината го надмине износот, обврзани се за регистрација за данокот на додадена вредност. Обврската за регистрација за данокот на додадена вредност не се однесува за даночни обврзници во смисла на член 32 точка 4 и член 46 на овој закон.“

Став 6: „Надлежниот даночен орган го врши уписот во регистарот на обврзници на данокот на додадена вредност од почетокот на тековната календарска година и притоа им издава на даночните обврзници решение. Ако даночниот обврзник започнал да ја врши својата дејност во текот на календарската година, регистрацијата се врши со започнувањето на вршењето на дејноста. Под започнување на вршење на дејноста се подразбира првото вршење на активност на даночниот обврзник како прва извршена набавка на добра (основни средства, трговска стока и друго), користена услуга (закуп, истражување на пазар и друго) и извршен промет на добра или услуги. Ако во текот на годината даночниот обврзник го надмине износот на остварен вкупен промет од 1.000.000 денари, регистрацијата се врши по истекот на месецот кога е остварен прометот. Во случаите од членот 9-а став 2 на овој закон, надлежниот даночен орган врши упис во регистарот на обврзници на данокот на додадена вредност, веднаш по утврдувањето.“

Став 10: „Даночните обврзници во смисла на став 1 првата реченица и на став 4 на овој член ја поднесуваат пријавата најдоцна до 15 јануари во тековната година. Ако даночниот обврзник започнал со вршењето на својата дејност во текот на календарската година, пријавата се поднесува во рок од 15 дена од почетокот од вршењето на дејноста. Ако во текот на годината се надмине износот на остварен вкупен промет од 1.000.000 денари, даночниот обврзник ја поднесува пријавата најдоцна до 15 во месецот кој следи по месецот кога е остварен прометот.“

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Според член 33 од Уставот, „секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.“

Во членот 51 од Уставот се определува дека „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1) и дека „секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Според член 52 став 4 од Уставот, „законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.“

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеење на правото и таа вредност се остварува, покрај другото, така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот а другите прописи со Уставот и со законите, така што секој е должен да ги почитува Уставот и законите и така што законите и другите прописи можат да дејствуваат само по нивното објавување и влегување во сила, со тоа што тие можат да имаат и ретроактивно дејство ако тоа е поповолно за граѓаните. Темелна вредност на уставниот поредок е и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста и таа вредност се остварува, покрај другото, така што секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки утврдени со закон и чиј начин на плаќање е уреден со закон.

Во конкретниот случај, оспорениот член 10 од Законот го утврдува износот над кој се врши регистрација на обврзникот на данокот на додадена вредност (1.000.000 денари) и со тој износ се менува износот определен во член 51 ставовите 1, 6 и 10 од истиот закон (од 2.000.000 денари на 1.000.000 денари). Од тој сооднос меѓу оспорениот член 10 и изменетите ставови на член 51 од истиот закон произлегува дека секој субјект кој го надминал во претходната календарска година или ќе го надмине во тековната година износот од 1.000.000 денари, има обврска да се регистрира како обврзник на данокот на додадена вредност, а тоа се врши така што соодветниот субјект ќе поднесе пријава до надлежниот даночен орган во рок од 15 дена од почетокот на вршењето на дејноста и органот ќе издаде решение врз основа на кое ќе го запише субјектот како даночен обврзник во регистарот на обврзници на данокот на додадена вредност. Според тоа, членот 10 заедно со член 51 од Законот го уредува начинот на регистрирање на обврзниците на данокот на додадена вредност, а не плаќање на тој данок како што се наведува во иницијативата.

Со оглед на тоа што со член 10 од Законот се уредува начинот на регистрација на обврзниците на данокот на додадена вредност, а за што законодавецот има овластување во член 33 од Уставот да го уреди со закон, Судот оцени дека не може да се постави прашањето на согласноста на оспорената законска одредба со наведениот член од Уставот, па со тоа ниту со членовите 8 и 51 од Уставот на кои упатува подносителот на иницијативата.

5. Во однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба има ретроактивно дејство кое е неповолно за граѓаните и дека промената на легитимните законски засновани очекувања на граѓаните претставува повреда на правната и социјалната сигурност на граѓаните, Судот утврди дека тие наводи се неосновани со оглед дека членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ на 3 септември 2014 година, влезе во сила осмиот ден од објавувањето односно на 11 септември 2014 година (член 17 од Законот) и неговата примена започна на 1 јануари 2015 година (член 15 став 1 од Законот) па во иднина, а не пред тоа. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 10 од Законот со одредбите од Уставот наведени во иницијативата.

6. Во врска со наводот, пак, дека данокот на додадена вредност, персоналниот данок од доход и данокот на имот биле повеќе даноци што се наплатувале по ист основ, Судот утврди дека оспорениот член 10 од Законот не ја уредува таа материја, поради што има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, а во однос на наводот дека плаќањето на наведените видови на даноци истовремено било непропорционално и нехумано оптеретување на граѓаните, Судот оцени дека тоа прашање излегува надвор од делокругот на Уставниот суд и е во надлежност на законодавецот согласно со членот 33 од Уставот според кој со закон се утврдуваат видовите на даноци и на другите јавни давачки.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.80/2016
23 ноември 2016 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply