51/2016-0-0

У.бр.51/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 ноември 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 50 став 4 во делот „има сила на извршна исправа“ од Законот за прекршоците („Службен весник на РМ“ бр.124/2015).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 50 став 4 во делот „има сила на извршна исправа“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од член 50 став 4 од Законот за прекршоците, член 28-а став 9 од Законот за царинската управа на Република Македонија, член 61-в став 7 од Законот за акцизи и неколку правилници со кои е уредено прашањето за формата и содржината на мандатниот платен налог и заклучува дека со оспорената одредба од член 50 став 4 од Законот за прекршоци на мандатниот платен налог му е дадено својство на исправа што според Законот за општата управна постапка е неспорно. Меѓутоа од содржината на правилниците неспорно произлегувало дека мандатниот платен налог е образец во кој се констатира состојба од страна на службено лице.

Во смисла на наводите подносителот смета дека неприфатливо е на мандатот платен налог од Законот за прекршоци да му се доделува сила на извршна исправа од повеќе причини.

Имено од целината на членот 50 и од оспорениот став 4 произлегувало дека правната заштита со поднесување на правен лек би се стекнала во оној момент кога органот надлежен за извршување ќе донесе решение со кое ќе се наложи присилно извршување на глобата, извршување на определени задачи или доставување на потврда за регистрирање негативни бодови.

Оттука на сторителот на прекршокот му се ограничува правото да може она што е констатирано во мандатниот платен налог во текот на постапката која претходела на донесениот управен акт според Законот за даночната постапка, а со кој се определува присилно извршување со правен лек да го оспорува поради погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба не само даночниот управен акт туку и самиот мандатен платен налог.

Според подносителот обрасците и другите исправи можат да постојат само заради составување или комплетирање на барање или пријавување до надлежен орган, па оттука со основ се поставува прашањето врз основа на што органот надлежен за присилно извршување би ја донел својата одлука со која ќе се наложи присилно извршување.

Според одредбите од Законот за општа управна постапка чии одредби се должни да ги применуваат органите кога постапуваат во прекршочната постапка обрасците покрај увидот, сведоците и вештачењето, изјавите и слично можат да постојат како доказно средство до донесување на решение, при што од наведениот закон не произлегува дека обрасците кои можат да послужат како доказно средство имаат статус на извршна исправа или би можело да го стекнат тој статус, со исклучок на образецот на решението во смисла на член 212 став 1 и член 216 став 1 од Законот за општа управна постапка.

Воедно, од содржината на целината на член 50 и оспорениот став 4 од Законот, му се овозможува на службеното лице да утврди вина без притоа констатираното во мандатниот платен налог да биде испочитувано од трета страна како и пред водење на било каква постапка и на начин пропишан со закон кое нешто не е во согласност со член 13 од Уставот на Република Македонија, а од друга страна самиот мандатен налог на кој како образец му се дава сила на конечна одлука за прекршокот, како и можност службеното лице да ја изрекува глобата што е во спротивност на Амандман XX од Уставот кој го дополнува член 13 од Уставот.

Понатаму според подносителот од оспорениот дел и целината на член 50 од Законот, се овозможува на органот надлежен за присилно извршување да ја утврди во својата одлука, фактичка состојба врз основа на тоа што е констатирано од службеното лице во мандатот платен налог без да се впушти во оценување на други околности кои се битни или не за основаноста на издадениот мандатен платен налог од страна на службеното лице.

Воедно, според подносителот со оспорениот дел од член 50 став 4 од Законот и целината на самиот закон се овозможувало во посебните материјални закони за сторителите на одреден вид на прекршоци да се пропишува постапка за издавање на мандатен платен налог, па доколку не се постапи, ќе се спроведе присилно извршување наспрема сторителите на прекршоци пропишани со истите материјални закони, а за кои прекршоци не е предвидено таква постапка со издавање на мандатен платен налог и кои сторители по спроведена прекршочна постапка по донесување на одлука од орган кој ја спроведува прекршочната постапка, да ја оствари пред надлежен суд, па откако таа ќе стане правосилна и извршна ќе се пристапи на нејзино извршување, се доведува во прашање начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според член 50 став 4 од Законот за прекршоците „Ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот (1) на овој член, или во рок од 30 дена не достави потврда издадена од службено лице дека извршил определени задачи општокорисна работа или не достави потврда за регистрирани негативни бодови, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и службеното лице ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на чoвекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 13 од Уставот лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Со Амандман XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот на Република Македонија е предвидено дека за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

5. Според член 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015), со овој закон се уредуваат општите услови за пропишување на прекршоците и прекршочните санкции, општите услови за утврдување на прекршочната одговорност, за изрекувањето и извршувањето на прекршочните санкции, забрзаните прекршочни постапки и се пропишува прекршочната постапка што ја водат судовите, односно прекршочните органи.

Согласно членот 2 од Законот, за прекршокот и прекршочната одговорност соодветно се применуваат одредбите од општиот дел на Кривичниот законик.

Во членот 13 од Законот е предвидено дека за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители може да им се изречат следниве санкции:1) опомена; 2) глоба; 3) престанок на важење на возачка дозвола; 4) забрана на управување со моторно возило 5) забрана на вршење на професија, дејност или должност; 6) протерување на странец од земјата; 7) задолжително лекување на алкохоличари и наркомани (лица со болести на зависности); 8) задолжително психијатриско лекување на слобода и 9) забрана за влез и присуство на спортски натпревари.

Во членот 15 од Законот е предвидено дека глобата за физичко лице се состои во плаќање на определен паричен износ кој не може да биде помал од 15 евра во денарска противвредност ниту поголем од 1.000 евра во денарска противвредност.

За прекршок за кој се изрекува глоба со издавање на мандатен платен налог, може да се пропише определeн износ кој за: -физички лица не може да биде поголем од 500 евра во денарска противвредност и службено лице не може да биде поголем од 1.000 евра во денарска противвредност.

Во делот втори, односно, во членовите од 47 до 53 е уредено прашањето на забрзаните постапки. Така според членот 47 од Законот е определено дека:

(1) Целта на забрзаните постапки е постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи овластени за поведување на прекршочна постапка за отстранување на штетните послед- ици на сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа избегнување на водење прекршочна постапка пред надлежниот суд, односно прекршочен орган.

(2) Надлежните државни органи овластени за поведување на прекршочна постапка се должни да му предложат на сторителот на прекршокот една од забрзаните постапки, пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, ако тоа е определно со закон.

(3) Судот, односно прекршочниот орган по службена должност внимава дали е спроведена една од забрзаните постапки. Ако не се исполнети условите од ставот (2) на овој член судот, односно прекршочниот орган ќе го врати барањето на органот за да спроведе една од забрзаните постапки.

Во членот 50 од Законот кој е поместен во поднасловот „Мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог“ е предвидено:

(1) Кога службеното лице ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со закон е предвидено издавање на мандатен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во кој се наведени битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање, правна поука, како и други податоци во согласност со закон со рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог да ја плати глобата во определениот износ.

(2) Во мандантниот платен налог покрај предлогот сторителот да ја плати глобата, доколку е тоа предвидено со законот со кој е пропишан прекршокот, може да се утврди во рок од 30 дена место глобата сторителот да изврши определни задачи – општокорисна ра- бота.

(3) За прекршоците од областа на сообраќајот се издава мандатен платен налог, во кој место глобата на сторителот може во рок од 30 дена да му се запишат негативни бодови.

(4) Ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот (1) на овој член, или во рок од 30 дена не достави потврда издадена од службено лице дека извршил определени задачи општокорисна работа или не достави потврда за регистрирани негативни бодови, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и службеното лице ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.

(5) Сторителот кој со заминувањето заради престој во странство би можел да го одбегне плаќањето на глобата, е должен веднаш да ја плати глобата изречена со мандатниот платен налог.

Во поднасловот „Постапка за издавање на прекршочен платен налог“ односно во членот 51 од Законот е предвидено :

(1) Ако сторителот го признае делото што му се става на товар или ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, службеното лице веднаш ќе издаде прекршочен платен налог.

(2) Прекршочниот платен налог содржи лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање и правна поука, а може и други податоци во согласност со закон.

(3) Ако глобата со закон не е пропишана во точно одреден износ, службеното лице изрекува глоба во минималниот износ за прекршокот пропишан со закон.

4) По приемот и потпишувањето на прекршочниот платен налог сторителот е должен да ја плати глобата изречена согласно со ставовите (2) и (3) на овој член во рок од осум дена од приемот на прекршочниот платен налог на сметката означена во платниот налог.

(5) Сторителот кој ќе ја плати глобата во рокот од ставот (4) на овој член ќе плати половина од изречената глоба, за кое право се поучува во правната поука.

(6) Во постапката која ќе заврши со плаќање на прекршочен платен налог не се плаќаат трошоци на постапката.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби како и анализата на Законот за прекршоците произлегува дека издавањето на платен налог е систематизиран во Законот во делот на забрзаните постапки во случаите кога тежината на делото, односно прекршокот и отсуството на штетните последици спаѓаат во ситни противправни дејствија за кои фактичката состојба е утврдена на самото место како и тоа што висината на глобата за прекршокот за издавање на платен е ограничена на минимален износ и истиот не може да се зголеми со посебни закони.

Ова дотолку повеќе што на службеното лице му е дадена надлежност да може на лице место да спроведе постапка на порамнување и посредување (мандатна постапка), и да врачува покана за плаќање на глоба или да издава платен налог во случаеви определени со закон. Според тоа, мандатното казнување претставува определено претходно дејствие преземено пред поднесување на барањето за прекршочна постапка и не може да се третира како овластување на несудски орган да постапува во прекршочна постапка.

Оттука, според мислењето на Судот оспорената законска определба е во согласност со Уставот на Република Македонија односно амандаманот XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот, на кој се повикува подносителот на иницијативата, според кој за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, а против конечната одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

6. Според член 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016) со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

(2) Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.

(3) Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.

Според член 2 од Законот, основа за извршување претставува извршната исправа.

Во членот 12 од Законот,е определено што се смета за извршна исправа врз основа на која може да се спроведе извршување, па така:

(1) Извршни исправи се:

1) извршна судска одлука и судско порамнување;
2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска;
3) извршна нотарска исправа;
4) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето;
5) решение за издавање на нотарски платен налог и
6) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.

Имајќи ја предвид анализата на Законот за извршување,произлегува дека како извршна исправа врз основа на која може да се спроведе извршување покрај таксативно утврдените исправи,извршување може да се спроведе и врз основа на друга исправа која како извршна е предвидена со закон.

Според тоа, Судот оцени дека право е на законодавецот да определи кои се други исправи можат да бидат утврдени,односно да им биде утврден статус на извршност врз основа на кои ќе се спроведе извршувањето, од кои причини не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел од член 50 став 4 од Законот за прекршоците со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Во насока и поткрепа на изнесеното, направена е анализа и на Законот за даночната постапка.

Имено во Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/10, 171/10, 53/11, 39/12, 84/12, 187/13, 15/15, 97/15, 129/15, 154/15 и 23/2016),во членот 1 е предвидено дека со овој закон особено се уредува општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка. (2) Овој закон е единствена основа на општото даночно право и на даночната постапка.

Според член 2 став (1) од Законот е предвидено дека овој закон се применува на сите јавни приходи и на сите споредни даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи на Република Македонија.

Во ставот (2) на наведениот член од Законот е предвидено дека овој закон се применува и на други јавни давачки, доколку истите со закон се доверени да ги управува Управата за јавни приходи. (3) Овој закон се применува и на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија. (4) Одлуката со која се утврдува паричната казна, односно глобата и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот (3) на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на судот или од надлежниот орган кој ја донел.“

Во членот 3 став (1) е предвидено дека овој закон има предимствотво пред другите даночни закони.

Во членот 4 став 1 од Законот е утврдено значењето на оделни изрази, при што во точката 4 е предвидено дека споредни даночни давачки особено се парични казни, даночни казни, камати и трошоци на присилна наплата на данок.

Во членот 22 од Законот е предвидено дека:

(1) Исполнување на даночна обврска преставува должност на даночниот обврзник под услови пропишани со овој закон или друг даночен закон.

(2) Плаќање на даночен долг претставува должност на даночниот должник под услови пропишани со овој закон или друг даночен закон.

(3) Одредбата за плаќање на даночен долг од ставот (2) на овој член, се применува и на обврската за плаќање на споредни даночни давачки, доколку со овој закон не е поинаку пропишано.“

Во насловот „Забрзана постапка – постапка за издавање на прекршочен платен налог издавање на прекршочен платен налог“односно во членот 178-г од Законот е предвидено дека:

(1) За сите прекршоци за кои е надлежна Управата за јавни приходи, даночните инспектори или други овластени лица (во натамошниот текст: овластени лица), при констатирање на прекршокот должни се на сторителот на прекршокот да му предложат постапка за издавање на прекршочен платен налог, пред да го поднесат барањето за прекршочна постапка.

(2) Постапката за издавање на прекршочен платен налог е задолжителна.

Од направената анализа на одредбите на Законот за прекршоци и оспорената одредба која подносителот на иницијативата ја гледа изолирано само за себе, а не во контекст на целината на Законот за прекршоците, Законот за извршување како и Законот за даночната постапка, а имајќи ја предвид казнената и даночната политика на државата, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на член 50 став 4 од Законот за прекршоците со Уставот.

8. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.51/2016
23 ноември 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply