Одлука У.бр.87/2016

У.бр.87/2016-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 31 октомври 2016 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 9 став 5 од Законот за заклучување на стечајните постапки остварени согласно со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај (“Службен весник на Република Македонија” бр.12/2014).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Игорчо Точев од Кочани, со Решение У.бр.87/2016 од 15 јуни 2016 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од оваа одлука. Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според член 9 став 5 од оспорениот закон против решението на стечајниот судија за распределба на имотот не е дозволено правото на жалба.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Со Амандманот XXI е заменет членот 15 од Уставот. Според став 1 на овој амандман, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, се уредуваат постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка на имот на стечајниот должник, постапката за впаричување на имотот, како и условите за заклучување на стечајните постапки отворени согласно со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација (“Службен лист на СФРЈ“ број 84/1989), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 55/1997, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законoт за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/2011).

Според член 3 став 1 на овој закон, постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка се поведува со поднесување на предлог во вонпарнична постапка до вонпарничниот оддел во судот на чие подрачје се спроведува стечајната постапка. Во согласност со ставот 2 на истиот член, предлогот од ставот 1 на овој член го поднесува стечајниот управник или лице определено со планот за реорганизација на стечајниот должник, во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Во членот 5 од Законот се уредува постапката за донесување на решение за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка. Според ставот 5 на овој член, доколку предлогот е уреден, односно по уредување на предлогот согласно со ставовите 1, 2 и 3 на овој член, судијата во рок од три дена ќе донесе решение со кое ќе утврди правен статус на објект во стечајната постапка. Во согласност со ставот 6 на истиот член, против решението од ставот 5 на овој член не е дозволена жалба.

Според оспорениот член 9 од Законот:

(1) Доколку и втората продажба на имотот на стечајниот должник не биде успешно завршена, стечајниот управник е должен во рок од осум дена од денот на неуспешната продажба да изготви план за распределба на подвижниот, недвижниот имот и побарувањата за кои правото на сопственост се впишува во соодветен регистар, односно јавна книга согласно со закон, а кои влегуваат во стечајната маса. Подвижниот имот за кој правото на сопственост не се впишува во соодветен регистар се распоредуваат на доверителите сразмерно на утврдените побарувања врз основа на проценетата вредност. Планот за распределба на имотот стечајниот управник го доставува во рок од три дена од денот на втората неуспешна продажба до стечајниот судија, стечајното досие на должникот и објавува оглас во два најтиражни весници кои се дистрибуираат на територијата на Република Македонија во формат на половина страница, и дека планот за распределба е депониран во стечајното досие и истовремено ги повикува доверителите да извршат увид во истиот. Доверителите имаат право да извршат увид во планот за распределба во рок од осум дена од денот на објавувањето на огласот во дневниот печат.
(2) Со планот за распределба стечајниот управник врши распределба на подвижниот, недвижниот имот и побарувањата на начин што го определува идеалниот дел од имотот согласно со процентот на неговото утврдено побарување.
(3) Доверителот има право на приговор во рок од три дена на изготвениот план за распределба до стечајниот судија, само по однос на висината на процентот на утврденото побарување и големината на идеалниот дел кој би му припаднал.
(4) Стечајниот судија во рок од три дена од приемот на приговорот со решение одлучува по приговорот. Со истото решение стечајниот судија одлучува по предложениот план за распределба.
(5) Против решението на стечајниот судија за распределба на имотот не е дозволено правото на жалба.
(6) Правосилното решение од ставот (5) на овој член е основ за упис на правото на сопственост на недвижниот имот во јавните книги во кои се упишува правото на сопственост.
(7) Правосилното решение од ставот (5) на овој член е основ за упис на правото на сопственост на подвижниот имот и побарувањата во соодветните регистри согласно со закон.
(8) Распределбата на имотот на стечајниот должник согласно со овој член не претставува промет.

Според член 13 од Законот за вонпарнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 9/2008), за постапување и одлучување во вонпарничната постапка се надлежни основните судови. Во вонпарничната постапка постапува судија поединец, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено.

Според член 21 од Законот, во вонпарничната постапка судот одлучува со решение. Решението мора да биде образложено, освен во случаите кога се заснова врз претходна согласност на учесниците. Во согласност со член 22 на истиот закон, против решението донесено во прв степен, дозволена е жалба до повисокиот суд. Жалбата се поднесува во рок од 15 дена по приемот на решението, ако со овој или со друг закон поинаку не е определено.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот прокламира двостепеност во одлучувањето на судовите, како една од гаранциите за обезбедување и јакнење на законитоста во остварувањето на слободите и правата на граѓаните.

Уставот го гарантира ова право без оглед на видот на судот, територијата на која тој ја остварува надлежноста или пак видот на споровите што се водат пред него, што значи дека ова право се гарантира секогаш кога е донесена одлука на суд во првостепена постапка.

Во согласност со наведената уставна гаранција, Законот за вонпарничната постапка пропишува право на жалба против решенијата на судот донесени во прв степен, на кој начин се операционализира уставната определба за двостепеност на судските постапки.

Меѓутоа, видно од членот 9 став 5 од оспорениот закон, законодавецот го исклучил правото на жалба против решението со кое стечајниот судија врши распределба на имотот, што значи дека постапката завршува со донесување на наведеното решение од страна на првостепениот суд, без можност за уставно гарантираната двостепеност на судската постапка.

Ова дотолку повеќе што ова решение на кое е исклучено правото на жалба е основ за упис на правото на сопственост на недвижниот имот во јавните книги во кои се упишува правото на сопственост. Оттука, дотолку повеќе е неопходна контрола и двостепеност на постапката со цел ревизија на постапката на донесување на решението на стечајниот судија во прв степен, а што е задолжително во смисла на Амандман XXI од Уставот.

Според овој амандман на Уставот, законодавецот е должен да овозможи право на жалба против секоја одлука на судот донесена во прв степен. Неспорно е дека законодавецот, во согласност со наведениот амандман на Уставот, во Законот за вонпарничната постапка, пропишал право на жалба против одлуките на судот донесени во прв степен, но очигледно, ова начело го исклучил во член 5 став 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај. Даденото образложение за целисходноста на оспореното законско решение не може да биде оправдување за противуставноста на таквото решение. Владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, се изразува преку цврстата уставна определба дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Поради наведеното, исклучувањето на можноста да се поднесе жалба против решението на стечајниот судија за распределба на имотот, според Судот, нема уставна оправданост, поради што Судот оцени дека членот 9 став 5 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени согласно Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, Амандман XXI и член 51 од Уставот.

6. Тргнувајќи од наведеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.87/2016
31 октомври 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply