94/2015-0-0

У.бр.94/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Македонија“ брoj 97/2012, 109/2013,126/2015 и 127/2015), во целина и посебно на членот 53 став 1, членот 55 став 3, членот 66 став 1 и 2 од истиот акт, донесени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија на 30 јули 2012 година

2. Народното движење за Македонија, Благица Геговска Стојановска, Ацо Спасовски, Злате Јовановски и Славица Комненова, сите од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилата и одредбите означени во точката 1 од ова решение.

Во првата иницијатива поднесена од Народното движење за Македонија од содржината на членовите 53 став 1, член 55 став 3 и член 66 став 1 и 2 од Правилата за снабдување со топлинска енергија можело да се види дека се наметнувала обврска која има функција на јавна давачка, а таква надлежност за утврдување на јавна давачка немала Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Исто така, одредбата имала ретроактивно дејство што било спротивно на Законот за енергетика бидејќи согласно членот 135 став 7 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, одредба со повратно дејство содржана во било кој Предлог закон морала посебно да се образложи, односно во самиот предлог закон морало да има образложение за истото. Од ова се гледало дека Регулаторната комисија нема никаква надлежност да утврдува определени ретроактивни давачки, бидејќи во предлог Законот за енергетика и неговите дополнителни измени и дополнувања, немало одредба која утврдува јавна давачка или ретроактивна јавна давачка, која била задолжителна и посебно образложена согласно член 135 став 7 од Деловникот за работа на Собранието на Република Македонија, за оние кои биле исклучени од топлификациониот систем.

Од се погоре напишано би можело да се заклучи дека Правилата за снабдување со топлинска енергија не се во согласност со Уставот и поради тоа се бара истите во целост да се поништат или укинат.

Од иницијативата не произлегува сосема јасно дали се оспоруваат само одделни одредби или Правилата во целина, но Судот оцени предмет на оцена да бидат поединечните одредби и Правилата во целина со цел да не се оди на штета на странката.

Во втората иницијатива поднесена од Благица Геговска Стојановска, Злате Јовановски, Ацо Спасовски и Славица Комненова се наведува дека со уредувањето на член 66 од Правилата за снабдување со топлинска енергија Регулаторната комисија ги надминала своите овластувања дадени во член 28 од Законот за енергетика на Република Македонија и не ја почитувала Одлуката на Уставен суд У.бр.148/2008 донесена на 04.02.2009 година.

3. Судот на седницата утврди дека со Правилата за снабдување со топлинска енергија (во понатамошниот текст: Правила) се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на топлинска енергија и операторот на дистрибутивниот систем. (2) Со овие правила поблиску се уредуваат: 1) Условите, начинот и рокот на склучување на договорот за продажба на топлинска енергија; 2) Начинот на пресметка, фактурирање и наплата на испорачаната топлинска енергија и услугите за користење на дистрибутивните мрежи; 3) Условите и начинот на обештетување на потрошувачот во случај на намалена испорака или прекин; 4) Потрошувачите на кои не може да им се прекине испораката и начинот на обезбедување на гаранции за намирување на трошоците за потрошената топлинска енергија од страна на овие корисници; 5) Начинот и постапката за промена на снабдувачот по избор на потрошувачот и право на корисникот без надоместок да го промени снабдувачот; 6) Квалитетот на испорачаната топлинска енергија пропишан во соодветните Мрежни правила; 7) Квалитетот на услугите што ги обезбедува снабдувачот; 8) Минималните услови и начин за организациона поставеност и техничка опременост за обезбедување на комуникација со потрошувачите заради обезбедување на пропишаниот квалитет на услугите што ги обезбедува снабдувачот; 9) Начинот и постапките за комуникација и размена на информации помеѓу снабдувачот и операторите на соодветните системи заради обезбедување на пропишаниот квалитет на топлинска енергија и услугите што ги обезбедуваат операторите; 10) Условите и постапката за исклучување на потрошувачите од дистрибутивните системи во случај кога потрошувачите не ги исполнуваат обврските утврдени со закон, пропис и договор; 11) Начинот, формата и роковите за поднесување на извештаите кои што снабдувачот е должен да ги достави до Регулаторната комисија за енергетика; 12) Неопходните информации што снабдувачите се должни да им ги обезбедат на потрошувачите преку соодветните сметки како и информациите што треба да бидат јавно достапни, а се од интерес за сите потрошувачи и 13) Заштита на потрошувачите.

Исто така, Судот на седницата утврди дека според членот 53 став 1 од Правилата, во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред може да се врши поединечно исклучување на потрошувачите по нивно барање.

Според членот 55 став 3 од Правилата, потрошувачите во колективните станбени објекти кои се исклучени од системот за дистрибуција на топлинска енергија на барање на снабдувачот, како корисник на просторот кој се затоплува должни се да продолжат да плаќаат според член 53 став 2 од овие правила.

Согласно членот 66 став 1 од Правилата, со денот на влегувањето во сила на овие правила сите претходно исклучени потрошувачи од системот за дистрибуција на топлинска енергија кои се дел од колективните објекти за домување се должни да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година.

Во ставот 2 од овој член, сите исклучени потрошувачи на топлинска енергија кои нема да склучат договор за снабдување со топлинска енергија со соодветниот снабдувач и да се приклучат на системот за дистрибуција најдоцна до 01.10.2012 година, должни се да го плаќаат надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

За Судот неприфатливи се наводите во иницијативата поднесена од Народното движење за Македонија со кои се оспорува Правилата за снабдување со топлинска енергија, во целина, каде што се бара оценување на нивната уставност и законитост. Ова имајќи го предвид фактот дека Судот веќе се произнел за оценување на уставноста и законитоста на Правилата во целина, во постапката по предметот У.бр.125/2012.

Имено, во Решението У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година Судот оценил дека е право на законодавецот да основа независни стручни тела и да им пренесува јавни овластувања, во случајов, да основа Регулаторна комисија за енергетика, на која и се пренесени овластувања во сферата на регулирањето на одделни прашања во вршењето на енергетските дејности определени со Законот за енергетика. Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, врз основа на член 28 од Законот за енергетика, ги донела оспорените Правила за снабдување со топлинска енергија, со кои се уредуваат општите услови и начинот на снабдување со топлинска енергија како и меѓусебните права, обврски и одговорности на снабдувачот, потрошувачот на топлинска енергија и операторот на дистрибутивниот систем.

Во истото решение предмет на оспорување бил и членот 53 став 1 од Правилата, за кој Судот не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста. По однос на оваа одредба Судот утврдил дека во колективните објекти за домување, и исклучените потрошувачи од топлинскиот систем објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Тоа значи дека исклучените потрошувачи, со оспорениот член 53 став 1 од Правилата, се задолжуваат да платат за услуга која, поради техничките карактеристики на пренос на топлинска енергија, особено изразени во колективните објекти за домување каде распределбата на надоместокот се врши преку еден колективен мерен уред, и покрај исклучувањето од системот, сепак ја плодоуживаат услугата, поради што основано се задолжени да платат за користењето на истата.

Поради наведеното, Судот ги оценил како неосновани наводите во иницијативата дека со ваквата регулатива се овозможувало и поттикнувало монополското однесување и монополската положба на снабдувачот на топлинска енергија, спротивно на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот, овозможувајќи му да наплаќа за услуги што воопшто не ги испорачува.

Предмет на оцена пред Уставниот суд бил и членот 55 став 3 од Правилата, за кој Судот со Решение У.бр.80/2013 од 22 јануари 2014 година одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста. Во образложението на Решението се наведува дека:„ Со предметната иницијатива, покрај оваа одредба се оспорува и одредбата од членот 55 став 3 со кој е предвидена обврска за плаќање на потрошувачите во колективните станбени објекти кои се исклучени од системот за дистрибуција на топлинска енергија на барање на снабдувачот. Оваа оспорена одредба се однесува на оние потрошувачи кои се исклучени од системот не по нивно барање, туку по барање на снабдувачот а поради неплаќање или постапување спротивно на обврските од договорот.

Независно од тоа што исклучувањето на овие потрошувачи е извршено по барање на снабдувачот, останува констатацијата дека и потрошувачите исклучени на овој начин објективно користат одредена топлинска енергија поради неможноста тоа да се отстрани, од каде произлегува и основаноста на обврската за истата да платат, пропорционално на потрошената енергија, а не да ја користат на сметка на неисклучените потрошувачи. Од истите аргументи наведени во Решението У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на одредбата од членот 55 став 3 од Правилата.

Од сето наведено произлегува дека по однос на Правилата како целина и посебно оспорените членови 53 став 1 и 55 став 3 од истите Судот веќе одлучувал, па како во предметните иницијативи не се посочуваат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на овој дел од иницијативите, согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот.

Посебно оспорениот член 66 ставови 1 и 2 од Правилата, по својата природа е преодна одредба, која има темпорален карактер и се исцрпела по определениот краен рок за нејзина примена(01.10.2012 година) од каде истата веќе не е составен дел направниот поредок. Впрочем ваков став Судот имал при донесување на Решението У.бр.125/2012 од 22 мај 2013 година, каде што ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на оваа одредба од истите причини.

Имајќи предвид дека се оспорува одредба која не егзистира во правниот поредок Судот оцени дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата во овој дел и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Имајќи го предвид наведеното Судот оцени дека во конкретниов предмет се исполнети условите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.94/2015
22 јуни 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply