19/2015-0-0

У.бр.19/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 69-а од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011, 123/2012, 15/2013, 41/2014, 116/2014, 130/2014, 10/2015, 20/2015, 98/2015, 145/2015 и 154/2015).

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 69-а од Законот за високото образование означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата делумно го цитира оспорениот член од Законот и наведува дека со него се повредувала автономијата на универзитетите, како општо прифатена меѓународна правна норма и се нарушувал угледот и достоинството на повеќе граѓани и личности, поради што бара оспорената одредба да се поништи како спротивна на член 8 став 1 алинеја 11, член 25 и член 46 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата во членот 46 од Уставот не било образложено што опфаќа поимот: „автономија“ која се гарантирала со оваа уставна одредба. Тоа не било образложено ниту во други устави на други држави, иако ја гарантирале автономијата на универзитетите. Тоа било така од причина што универзитетите биле многу постари од модерните устави, што значело дека автономијата на универзитетот била одредба која долго се применувала и која се почитувала низ многу години. Она што со долга примена било признато, како „преќутен граѓански договор“, требало да се почитува исто како пишаното правило.

Во натамошниот текст на иницијативата се дава историски приказ за формирањето на Првиот, според подносителот на иницијативата, модерен универзитет во Болоња во 1088 година, се образлагаат проблемите при стекнувањето на автономијата, и се дава осврт за придобивките од изборената автономија на универзитетот. Потоа се наведува дека било општо прифатено и признато дека универзитетите сами одлучуваат за содржината на наставните и научните програми, при што универзитетот како образовна институција, која имала за цел пренесување на знаењето и создавање на нови знаења, сами одбирале кои содржини ќе ги проучуваат и понатаму научно истражуваат. Исто така, општо била прифатена и призната автономијата на универзитетите сами да одлучуваат за доделување на универзитетските дипломи и универзитетските титули, што се правело кога студентот ќе положи одреден број на испити и исполни одреден број на други услови.

Со цел да ја појасни несогласноста на оспорената одредба со членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот, подносителот на иницијативата, дава историски приказ на настаните кои се поврзуваат со свеченото потпишување на Magna Charta Universitatum, со акцентирање на делови од овој меѓународен акт. Врз основа на ваквите наводи подносителот на иницијативата заклучува дека со оспорената одредба се повредувала општо прифатената норма од меѓународното право, универзитетот да има автономија сам да одлучува за доделувањето на универзитетските дипломи и титули.

Во натамошниот текст на иницијативата, подносителот поставува прашање дали со поставување на „пет прашања“ и со одбирање на точен одговор од четири понудени решенија можела да се изврши проверка на „стручната способност на студентите за самостојна примена на стекнатите знаења“ за да студентот и понатаму продолжи со студиите? Односно, ако целото знаење на студентите и професорите се состоело од неколку прашања и неколку одговори, како што сега определил законодавецот, тогаш немало потреба од тоа да се учи и да се занимава со наука, туку доволно било секој напамет да ги научи одговорите на прашањата. Оспорената одредба претставувала понижување и повреда на угледот и достоинството, пред се, на сегашните професори и студенти, но и на многу поранешни, поименично наведени историски личности. Оваа одредба била понижувачка и го повредила, исто така, достоинството и угледот на ректорите од четири универзитети од Република Македонија, кои досега ја потпишале Magna Charta Universitatum.

3. Судот на седницата утврди дека, членот 69-а од Законот за високото образование е со наслов „Државен испит“.

Според став 1 од членот 69-а од Законот, заради проверка на стручната оспособеност на студентите за самостојна примена на стекнатите знаења, способности и вештини пропишани во самата студиска програма, во текот на студирањето и на крајот на завршната година се изведува и државен испит за студенти запишани на прв, односно втор циклус на студии, освен за студентите запишани на студиските програми по општа медицина. Државен испит не полага студентот за оние предмети кои ги положил во рамките на европските програми за мобилност.

Државниот испит за студенти го реализира Одборот за акредитација и евалуација на високото образование (став 2).

Државниот испит студентот го полага по завршување на втората студиска година, но може и порано доколку студентот има положено најмалку 50% од вкупниот број на предмети предвидени за конкретната студиска програма и на крајот на завршната година на студии, пред одбрана на дипломската работа, доколку студиската програма предвидува изработка и одбрана на дипломска работа (став 3).

Државниот испит студентот го полага на крајот на месеците: февруари, април, август и ноември, само еднаш во кварталот на академската година, при што првите две полагања се бесплатни (став 4).

Студентите запишани на втор циклус на студии државниот испит го полагаат на крајот на последната студиска година (став 5).

Првите две полагања на државниот испит за студенти се бесплатни (став 6).

Доколку студентот не успее да го положи државниот испит двапати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот, и тоа за трет пат 1.000,00 денари, за четврти пат 6.000,00 денари и за секое наредно пријавување 12.000,00 денари. Средствата за полагање на државниот испит се уплаќаат на сметката на Одборот (став 7).

Државниот испит за студенти содржи пет прашања, односно студии на случај (во натамошниот текст: прашања) од секој од задолжителните и изборните предмети од членот 99 став 3 од овој закон. Прашањата се со различна тежина со четири понудени решенија, од кои едното решение е точен одговор на понуденото прашање (став 8).

Прашањата содржани во тестовите за полагање на државниот испит и нивните одговори, се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на државниот испит (став 9).

Електронскиот систем од ставот 8 на овој член содржи и јавно достапна база на прашања од областа на клучните предмети за потребите на државниот испит (став 10).

Прашањата од секој предмет поединечно кои ќе им се достават, по случаен избор, на секој студент за време на полагање на државниот испит, преку посебен софтверски систем, ќе бидат од различно ниво на сложеност и тоа две прашања ќе бидат од најсложен вид на прашања, а останати три прашања ќе бидат составени со пониски нивоа на сложеност (став 11).

Државниот испит се полага во просторија за полагање на испит, посебно опремена со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето (став 12).

Студентите се информираат за датумот и времето на полагањето на државниот испит најмалку три дена пред одржувањето на државниот испит (став 13).

Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб-страницата на министерството надлежно за високото образование, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот испит се поставува на веб-страницата на министерството надлежно за високото образование (став 14).

Критериумите во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на просториите за полагање на државниот испит ги пропишува министерот надлежен за високото образование на предлог на Одборот (став 15).

Во просторијата за полагање на државниот испит, за време на полагање на државниот испит, се присутни еден претставник од високообразовната установа, двајца претставници од Одборот и двајца претставници од министерството надлежно за високото образование, од кои еден е информатичар (став 16).

Пред почетокот на полагањето на државниот испит, претставникот од Одборот го утврдува идентитетот на студентот со увид на лична карта или патна исправа (став 17).

На студентот за време на полагањето државниот испит не му се дозволува користење учебни помагала, мобилен телефон, преносни компјутерски уреди и други технички и информатички средства, претходно подготвени предмети и слично (став 18).

На студентот за време на полагањето на државниот испит не му се дозволува да контактира со други студенти или лица освен со информатичарот од ставот 16 на овој член, во случај доколку има технички проблем со компјутерот (став 19).

Ако техничките проблеми со компјутерот бидат отстранети за пет минути испитот продолжува, а доколку не бидат отстранети во овој рок, испитот, само за тој студент, се прекинува и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на државниот испит (став 20).

Ако има проблеми со повеќе од пет компјутери и тие не бидат отстранети во рок од пет минути испитот се прекинува за сите студенти кои го полагаат државниот испит и ќе се одржи во рок од најмногу три дена од денот на прекинувањето на државниот испит (став 21).

Во случаите од ставот 18 на овој член доколку студентот не се јави на државниот испит во рок од најмногу три дена, се смета дека студентот не го положил државниот испит и истото се констатира во записникот за полагање нa државниот испит (став 22).

Овластените претставници од ставот 16 на овој член, за време на полагањето на испитот, не смеат да се задржуваат подолго од пет секунди во непосредна близина на студентот кој го полага испитот, освен во случај на отстранување на технички проблем кога не смеат да се задржат подолго од пет минути (став 23).

Ако студентот не поднесе молба за продолжување на државниот испит во рокот определен во ставот 23 на овој член ќе се смета дeка испитот не го положил (став 24).

На денот на полагањето на државниот испит, претставникот на одборот му дава на студентот пристапен код, односно лозинка со кој му се одобрува пристап во електронскиот систем (став 25).

По одобрувањето на пристапот, студентот добива прашања, компјутерски генерирани, чија содржина по случаен избор ја одредува софтверот на електронскиот систем (став 26).
Во случај на спреченост на спроведување на државниот испит поради причини што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем, полагањето на државниот испит се прекинува (став 27).

Доколку причините што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем се отстранат во рок од 60 минути од прекинувањето на државниот испит, истиот продолжува веднаш по нивното отстранување (став 28).

Доколку причините што доведуваат до техничка неможност на функционирање на електронскиот систем не се отстранат во рок од 60 минути државниот испит се презакажува за друг термин (став 29).

Вкупното траење на времето определено за одговарање на прашањата од државниот испит изнесува 180 минути (став 30).

Државниот испит за студенти се смета за положен доколку студентот освоил најмалку 60% од вкупниот број предвидени бодови за секој предмет (став 31).

По исклучок од ставот 31 на овој член, државниот испит се смета за положен ако студентот за 20% од предметите постигнал најмалку 30 % од бодовите од секој предмет поединечно, но вкупниот збир на бодовите да не биде помалку од 60% од вкупниот број на бодови за сите предмети (став 32).

По исклучок, државниот испит за студентите кои студираат на студиските програми од научното подрачје на техничките науки, од студиските програми од областа на спортот, односно на студиските програми од областа на уметностите се изведува на начин со кој соодветно се оценуваат и постигнувањата во решавање на проблеми за техничките науки, односно на совладување на уметничките и спортските вештини (став 33).

Прашањата за државниот испит се од листа на прашања кои ги изготвуваат и предлагаат наставниците од високообразовните установи, запишани во Регистарот од член 36 од овој закон (став 34).

Прашањата за државниот испит треба да се изготвени согласно методологија за изготвување на прашања за државен испит, која ја утврдува Одборот (став 35).

Избор од предложените прашања и нивна ревизија врши Одборот, на предлог на стручно тело, формирано од Одборот (став 36).

Студентот кој не го положил државниот испит по завршувањето на втората студиска година може да ги слуша предметите од третата студиска година и да полага најмногу една половина од испитите од предметите предвидени за третата студиска година, но не може да се запише во четвртата студиска година (став 37).

Посебните услови за начинот на изведување на државниот испит за студенти, начинот на изведување на посебниот дел од испитот од ставот 33 од овој член, на предлог на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование ги пропишува министерот надлежен за работите на високото образование, по претходна согласност од Владата на Република Македонија“(став 38).

Согласно член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2015) примената на членот 69-а е одложена до почетокот на академската 2017/2018 година.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно негови одделни одредби, како и уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт, треба да содржи причини за нивното оспорување, одредби од Уставот, односно закон што се повредуваат со оспорените одредби и друго.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата кога постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од анализата на оспорениот член 69-а од Законот за високото образование произлегува дека станува збор за комплексна одредба која ја сочинуваат 38 става. Во одредбата, помеѓу другото, е уредено дека со изведување на државен испит за студенти запишани на прв, односно втор циклус на студии, во текот на студирањето и на крајот на завршната година, се врши проверка на стручната способност на студентите за самостојна примена на стекнатите знаења, способности и вештини. Испитот го реализира Одборот за акредитација и евалуација на високото образование.

Државниот испит се полага на крајот од втората студиска година и на крајот на завршната година на студии, со предвидени услови за предвремено полагање. Определени се месеците во кои се полага испитот. Според одредбата првите две полагања се бесплатни, а следните полагања имаат утврдена цена на пријавување на испитот. Средствата за полагање се уплаќаат на сметката на Одборот.

Во оспорената одредба е определено дека испитот содржи пет прашања, односно студии на случај од секој од задолжителните и изборните предмети, а прашањата и одговорите на прашањата се чуваат во единствениот електронски систем за полагање на државниот испит. Студентот добива прашања преку посебен софтверски ситем, по случаен избор, од различно ниво на сложеност.

Одредбата го уредува прашањето по однос на техничката опременост на просториите во кои се полага испитот, начинот и времето во кое студентите се информираат за одржување на испитот.

Предвидено е полагањето на испитот да се снима и во живо и да се емитува на веб страницата на надлежното министерство. Законодавецот определил како треба да се постапува во случај на прекин на снимањето заради технички причини. Инаку, критериумите во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на просториите за полагање на државниот испит ги пропишува министерот надлежен за високото образование на предлог на Одборот.

Во просторијата за полагање на испитот се присутни: еден претставник од високообразовната установа, двајца претставници од Одборот и двајца претставници од министерството надлежно за високото образование, од кои еден е информатичар. Уреден е начинот на идентификација на студентот пред полагање на испитот, како и начинот на неговото однесување за време на полагање на испитот. Потоа во одредбата е уредено поради кои услови испитот може да биде прекинат, во колкаво времетраење може да биде прекинот, односно кога е потребно да се одржи нов испит. Исто така, уреден е и начинот на постапување на присутните овластени претставници. Одредбата има предвидени последици поради недоаѓање на студентот на испит, односно поради неподнесување на молба за продолжување на државниот испит.

Испитот започнува со добивање на пристапен код со кој на студентот му се одобрува пристап до електронскиот систем. Во натамошниот текст на одредбата е уредена ситуацијата на прекин на испитот заради техничка неможност на функционирање на системот, односно под кои околности испитот продолжува истиот ден или пак се презакажува за друг термин.

За одговор на прашањата студентите имаат 180 минути. Испитот се смета за положен доколку студентот освоил најмалку 60% од предвидените бодови за секој предмет. Од ова правило има и исклучок доколку студентот за 20% од предметите постигнал најмалку 30 % од бодовите од секој предмет поединечно, но вкупниот збир на бодовите да не биде помалку од 60% од вкупниот број на бодови за сите предмети. Исто така, предвиден е и исклучок за студентите од областа на спортот и уметностите.

Според оспорената одредба прашањата за државниот испит се од листа на прашања кои ги изготвуваат и предлагаат наставниците од високообразовните установи, запишани во Регистарот од член 36 од Законот за високото образование, согласно методологија за изготвување на прашања за државен испит, која ја утврдува Одборот. Изборот од предложените прашања и нивна ревизија го врши Одборот, на предлог на стручно тело, формирано од Одборот.

Студентот кој не го положил државниот испит по завршувањето на втората студиска година може да ги слуша предметите од третата студиска година и да полага најмногу една половина од испитите од предметите предвидени за третата студиска година, но не може да се запише во четвртата студиска година.

Посебните услови за начинот на изведување на државниот испит за студенти, начинот на изведување на посебниот дел од испитот, на предлог на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование ги пропишува министерот надлежен за работите на високото образование, по претходна согласност од Владата на Република Македонија.

Во иницијативата одредбате се оспорува преку целосно цитирање на ставовите 1 и 2 и делумно цитирање на ставовите 8 и 37 од оспорениот член 69-а од Законот (одредбата има 38 ставови) поради повреда на автономијата на универзитетот, која била определана во членот 46 став 1 од Уставот. Притоа подносителот на иницијативата констатира дека во Уставот не било образложено што се подразбира под „автономија на универзитет“. Инаку автономијата, според неговото мислење, била институт кој долго се применувал и почитувал, кој станал „преќутен граѓански договор“ и требало да се почитува како пишано правило. Одредбата не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 11 од Уставот, односно почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, без да се детектира прецизно за која норма и од кој меѓународен акт станува збор. Доколку подносителот на иницијативата алудира на Болоњската декларација, тоа го прави на многу општ начин, без да определи и елаборира кои тоа нејзини одредби би биле повредени со оспорената одредба. Исто така, одредбата се оспорува и од аспект на нејзината согласност со членот 25 од Уставот, односно, според него, одредбата претставувала понижување и повреда на угледот и достоинството на сите поранешни членови на „universitas magistrorum et scholarum“, како што биле Џордано Бруно, Римскиот Папа, Мајка Тереза и ректорите на 430 универзитети кои ја потпишале Magna Charta Universitatum, но и на ректорите од Република Македонија кои до сега го потпишале овој акт. Останатите наводи во иницијативата се однесуваат на самата техника на полагање на државниот испит.

Според Судот наводите по однос на одлучување за содржината на наставните и научните програми, пренесување на знаењето, самостојно одбирање содржини што би се проучувале и научно истражувале, како и по однос на доделување на универзитетските дипломи и титули, се однесуваат на проблематика сосема различна од самиот државен испит.

Имајќи ја предвид изнесената обемна и комплексна содржина на оспорената одредба, наспроти наводите во иницијативата Судот оцени дека изнесените наводи не се доволно агрументирани и не можат да се доведат во директна корелација со она што е предмет на уредување во оспорената одредба.

Ова од причина што согласно членот 15 од Деловникот на Судот, иницијативата, помеѓу другото треба да содржи и причини за оспорување на одредбата или актот кои се предмет на уставно-судска анализа, но не било какви причини, туку причини кои можат да го покренат механизмот на уставно-судска оцена на членот 69-а од Законот за високото образование, што овде не е случај.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.19/2015
11 мај 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply