Решение У.бр.23/2016

У.бр.23/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија, член 28 алинеите 1 и 3 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 11 мај 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Марјанчо Ангеловски од Куманово, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност, за кои смета дека му´ се повредени со Решение РОЖ-93/15 од 09.12.2015 година на Апелациониот суд-Скопје и Решение РО.бр.189/2014 од 24.12.2014 година на Основниот суд во Куманово.

2. Марјанчо Ангеловски од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот по член 110 алинеја 3 од Уставот, која се однесува на забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, кои смета дека му´ биле повредени со актите означени во точка 1 од решението.

Во барањето насловено како “предлог иницијатива за преиспитување на повреда на уставните слободи и права на граѓаните повредени со судска одлука” и дополнително доставеното појаснување кон истото, барателот наведува дека со Решение РО.бр.189/2014 од 24.12.2014 година на Основниот суд во Куманово и Решение РОЖ-93/15 од 09.12.2015 година на Апелациониот суд-Скопје, бил спречен да има фер судски процес во кој тој ќе ги изнел аргументите и фактите за незаконитоста на Решението број 23.5.1-55754/1 од 07.08.2014 година, претходно донесено од страна на Министерството за внатрешни работи, со кое тој бил распореден на две пониски работни места, поради кршење на работната дисциплина, по спроведена дисциплинска постапка.

Барателот појаснува дека Основниот суд во Куманово со првостепеното решение констатирал дека неговата тужба се смета за повлечена, од причини што не бил доставен доказ за платена судска такса за тужба, a Апелациониот суд во Скопје го потврдил првостепеното решение, не земајќи ги предвид неговите докази кои ги приложил кон жалбата односно дека не го испочитувал рокот за уплата на задолжителната судска такса поради превид-заборав од негова страна, а што се должело на негова здравствена состојба.

Барателот смета дека со Решението РОЖ-93/15 од 09.12.2015 година на Апелациониот суд-Скопје, со кое било потврдено првостепеното решение за повлекување на тужбата, била донесена политичка, а не правна одлука, поради негово дискриминирање по основ на негова политичка слобода за политичко здружување и дејствување, односно политичко нездружување и дејствување и политичка припадност во ниту една политичка партија која моментално била на власт во Република Македонија.

Со таквата одлука се повредувало неговото право на фер судење и носење на релевантна одлука од страна на судската власт, што било спротивно на член 6 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесувал на правото на фер судење, во кој тој како тужител и оштетен, ќе можел да ги изнесе фактите и аргументите против донесените одлуки и да се повика на уставните гаранции за слободата на изразување на мислата содржана во член 16 од Уставот на Република Македонија и уставната забрана на ограничување на слободите и правата за слободно изразување на мислата и уверувањето заради неговата општествена положба согласно член 54 алинеја 4 од Уставот.

Оневозможувањето на никаков судски процес, а не пак фер судење, се поткрепувало и со аргументот дека при разгледувањето на неговиот приговор до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен при Владата на Република Македонија, тој не бил присутен, а исто така и неговите наводи во приговорот во кој тој се повикувал на уставните гаранции за забрана од дискриминација по политичка основа и уставните гаранции за забрана на ограничување на слободата на изразување на мислата и уверувањето заради општествената положба содржани во член 16 и член 54 од Уставот, кои воопшто не биле земени во предвид.

Наведеното особено ако се земело во предвид дека основот за неговото деградирање со донесување на решението на Министерството за внатрешни работи со кое тој бил распореден на две пониски работни места, била дадена изјава за “ТВ Телма” при искажан мирен протест на “1-ви Мај” 2014 година.

Од наведените причини, предлага Уставниот суд да донесе одлука со која се поништуваат споменатите решенија со кои тој смета дека му е извршена повреда на неговите слободи и права со негово дискриминирање по основ на политичка припадност, односно неприпадност како што е означено во барањето.

3. Од извршениот увид во доставената и прибавена документација произлегува дека во Министерството за внатрешни работи била водена дисциплинска постапка за дисциплинска одговорност на Марјанчо Ангеловски од Куманово. Со Решение број 23.5.1-55754/1 од 07.08.2014 година, донесено од страна на министерот за внатрешни работи тој бил распореден на работно место за две нивоа пониско од хиерархиското ниво на работното место на кое дотогаш работел, поради кршење на работната дисциплина, односно заради остварена комуникација со јавноста без овластување на министерот.

Станувало збор за негова дадена изјава во 2014 година која била презентирана на дневни вести на “ТВ Телма”, кога група граѓани во Куманово одржувале протест по повод “1-ви Мај” меѓународниот ден на трудот.

Во Решението се наведува дека по доставен предлог за поведување на дисциплинска постапка против барателот, Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност, по одржана расправа на која биле изведени приложени докази, утврдила дека во време на одржување на протестот во централното градско подрачје во Куманово се наоѓал и полицискиот службеник Марјанчо Ангеловски, кој не бил работно ангажиран.

Во Решението, се наведува дека Марјанчо Ангеловски бил интервјуиран од новинарка на “ТВ Телма”, при што се претставил и кажал дека е вработен во Министерството за внатрешни работи. Според наводите во решението, во неговата изјава се содржеле политички коментари со следната содржина:

“За неистомислениците и партиските неподобни кадри следат дисциплински мерки и бркање од работа. Политички прогон пред се на луѓе кои не се партиски припадници на актуелното владејачко раководство, се наоѓа на начин тие да се дискредитираат и замолчат и да обрнеме внимание дека точката на вриење ќе дојде набргу, доколку не се преземат сериозни мерки”.

По одржаната расправа, на која барателот не присуствувал, иако бил уредно поканет, Комисијата констатирала дека полицискиот службеник Марјанчо Ангеловски со така цитираната изјава презентирана на дневните вести на телевизијата, остварил комуникација со јавноста без овластување од министерот, кое било спротивно на член 5 и член 7 став 3 од Упатството за начинот на остварување комуникација со јавноста, член 5 од Правилата за начинот на однесување и меѓусебните односи на работниците со посебни должности и овластувања во Министерството, како и спротивно на член 16 и член 20 став 2 од Кодексот на полициската етика, при што Комисијата констатирала дека барателот постапувајќи спротивно на наведените правила и прописи, сторил кршење на работната дисциплина по член 207 став 1 точка 8 од Колективниот договор на Минситерството, а во врска со член 141 став 1 точка 8 од Законот за внатрешни работи, од кои причини било донесено погоре цитираното решение со правна поука.

Кон документацијата, барателот приложи и приговор против решението на министерот, но во барањето нема податоци за исходот на истото.

Од приложената и прибавена документација се утврди и дека Марјанчо Ангеловски на 28.11.2014 година, поднел тужба пред Основниот суд Куманово за поништување на одлуки.

Во тужбата не била наведена вредноста на спорот, ниту бил доставен доказ за платена судска такса за тужба.

Имајќи го предвид поставеното тужбено барање, Судот согласно член 24 став 4 од Законот за судски такси ја утврдил вредноста на спорот на износ од 40.000,00 денари, според која вредност тужителот бил обврзан да плати судска такса за тужба во износ од 1.600,00 денари, согласно член 4 став 2 точка 1 од Законот за судски такси и тарифен број 1 од Таксената тарифа.

Судот, имајќи ги предвид одредбите од Законот за судски такси и одредбите од член 146 од Законот за парничната постапка според кој секоја странка претходно сама ги поднесува трошоците што ги предизвикала со своето дејствие, дека судот нема да постапува по тужба ниту да преземе друго дејствие за кое не е платена судска такса, како и дека ако тужителот не ја плати судската такса во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на тужбата, се смета дека тужбата е повлечена, констатирал дека предвидениот рок од 15 дена, изминал, односно дека тужителот не ја платил таксата за тужба, од кои причини, вон рочиште, на ден 24.12.2014 година донел Решение РО.бр.189/2014 со кое констатирал дека тужбата на тужителот се смета за повлечена согласно член 146 став 3 од Законот за парничната постапка.

Тужителот Марјанчо Ангеловски, против таквото решение на Основниот суд во Куманово, вложил жалба до Апелациониот суд во Скопје, во која навел дека точно било дека тужбата ја поднел без уплатена судска такса, бидејќи во моментот на поднесувањето не знаел колку таа изнесува, а и потоа точно било дека во рокот не ја уплатил судската такса по предметот од причини што на тоа заборавил, како резултат на негова здравствена состојба и терапија која ја примал.

Апелациониот суд во Скопје, по разгледување на жалбата, обжаленото решение и списите во предметот, нашол дека жалбата на тужителот не била основана. Исто така, внимавајќи по службена должност на сторени суштествени повреди на одредбите на парничната постапка, второстепениот суд нашол дека првостепениот суд при донесувањето на обжаленото решение не сторил ниту една суштествена повреда од член 343 став 2 од Законот за парничната постапка, обжаленото решение било јасно и разбирливо, не противречело самото на себе и на причините за неговото донесување, при што оценил дека правилно постапил првостепениот суд кога со обжаленото решение тужбата на тужителот ја сметал за повлечена, од причини што тужителот со поднесувањето на тужбата не ја платил судската такса за тужба, ниту тоа го сторил во предвидениот законски рок од 15 дена, кое нешто тужителот не го оспорувал во изјавената жалба.

Од погоре наведените причини, следувало Апелациониот суд во Скопје да донесе Решение РОЖ-93/15 од 09.12.2015 година, со кое жалбата на тужителот ја одбил како неоснована, а првостепеното решение го потврдил.

Марјанчо Ангеловски од Куманово, смета дека таквата одлука на судовите, не била правна, туку политичка одлука, поради што до Уставниот суд на Република Македонија достави барање за заштита на своите слободи и права, односно забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, како и поништување на судските одлуки.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но, не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во барањето, според член 52 од Деловникот на Судот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Во конкретниот случај барателот до овој суд, најпрво достави поднесок насловен како предлог иницијатива за преиспитување на повреда на уставните слободи и права на граѓаните повредени со судски одлуки и тоа Решение РО.бр.189/2014 од 24.12.2014 година на Основниот суд во Куманово и Решение РОЖ-93/15 од 09.12.2015 година на Апелациониот суд-Скопје. Поради непрецизност и нејасност на поднесокот и барањето во истото, овој суд со допис Р.бр.3/2016 од 22.01.2016 година, со наведување на одредби од Уставот и Деловникот на Уставниот суд, бара од подносителот на поднесокот да го прецизира и појасни барањето согласно цитираните уставни одредби и одредбите од Деловникот во даден рок.

При повторното поднесување насловено како појаснување со докази во врска со неговата поднесена иницијатива до овој суд за заштита на неговите уставни слободи и права, барателот изложува хронологија на настани од водена дисциплинска постапка за повреда на работната дисциплина, поради дадена изјава во 2014 година, презентирана на дневни вести на “ТВ Телма”, на меѓународниот ден на трудот. Имено, со Решение број 23.5.1-55754/1 од 07.08.2014 година, донесено од страна на министерот за внатрешни работи, а во врска со погоре наведениот настан, на барателот му била изречена дисциплинска казна распоредување на работно место за две нивоа пониско од хиерархиското ниво на работното место на кое дотогаш работел, против кое вложил приговор до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Барателот наведува и дека поднел тужба до надлежен суд за поништување на одлуки, но дека тужбата поради неплатена судска такса од негова страна, се сметала за повлечена, поради што тој не можел да оствари судски процес.

Барателот смета дека неможноста да оствари судски процес и да има фер судење во кое тој како тужител и оштетен ќе ги изнел аргументите и фактите за незаконитите и неуставни одлуки за негово распоредување и деградирање во службата како вработен во Министерството, било последица од негово дискриминирање по основ на политичка припадност, или како што барателот означува-политичка неприпадност.

Со барањето како акти со кои барателот смета дека е дискриминиран по наведениот основ, ги посочува Решението РО.бр.189/2014 од 24.12.2014 година на Основниот суд во Куманово, односно Решението РОЖ-93/15 од 09.12.2015 година на Апелациониот суд-Скопје, со кое било потврдено првостепеното решение со кое Судот констатирал повлекување на тужба заради пропуштање на дејствие од страна на самиот тужител (неплатена судска такса за тужба).

Од приложената и доставена документација, произлегува дека првостепениот суд констатирал повлекување на тужба заради пропуштање на дејствие од страна на тужителот-неплаќање на судска такса, што согласно одредбите од Законот за парничната постапка било услов за понатамошно процесуирање на тужбата од тужителот и постапување по неговото тужбено барање пред надлежниот суд, против тужената Република Македонија, Министерство за внатрешни работи-Скопје, за поништување на одлуки.

Во конкретниот случај барателот не спори дека не ја платил задолжителната судска такса со поднесувањето на тужбата, а и потоа во предвидениот законски рок од 15 дена, наведувајќи дека причина за тоа било направен превид-заборав од негова страна од здравствени причини, но смета дека решението на првостепениот суд со кое се констатира дека неговата тужба се смета за повлечена и решението на второстепениот суд со кое било потврдено првостепеното решение, биле донесени од политички побуди, а не како резултат на правен исход согласно закон, со цел да не се овозможи никаков судски процес пред надлежниот суд, против тужената Република Македонија, Министерство за внатрешни работи-Скопје. Имено, барателот дискриминаторскиот однос кон него од страна на второстепениот суд го согледува во фактот што второстепениот суд го потврдил првостепеното решение со игнорирање на докази изнесени во неговата жалба.

Имајќи ги предвид причините врз основа на кои барателот го заснова барањето за заштита на слободи и права, односно забрана на дискриминација по основ на политичка припадност, или како што барателот означува-политичка неприпадност, произлегува дека конкретното барање за заштита на слободи и права, барателот всушност го доставува со цел да се предизвика поинаков исход од оној кој е содржан во одлуката на првостепениот суд кој констатирал повлекување на тужба, потврдена со одлуката на второстепениот суд, а заради пропуштање на дејствие од страна на тужителот-сега барателот, кое бил должен да го преземе согласно Законот за парничната постапка, а не го презел и кое барателот истото не го спори.

Оттука, преку иницирање на постапка пред овој суд, всушност барањето се сведува на барање за постапување на овој суд во улога на инстанционо повисок суд, да одлучува за законитоста на поединечните акти, истите да бидат поништени, со цел на барателот да му се овозможи повторно процесуирање на тужба пред надлежен суд и одлучување по неговото тужбено барање за поништување на одлуки, за што Уставниот суд нема надлежност.

5. Поаѓајќи од претходно наведеното, со оглед дека Уставниот суд нема надлежност да ги преиспитува одлуките на надлежните органи во улога на инстанционо повисок суд, туку само од аспект на можна сторена повреда на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, а од барањето не произлегуваат релевантни факти и докази дека мотивите од кои се раководеле судовите при постапувањето во конкретниот случај, биле исклучиво како резултат на дискриминаторски однос спрема барателот по наведениот основ со барањето, а не како резултат на постапување согласно со закон, односно релевантни факти и докази дека судовите при нивното одлучување, се раководеле исклучиво од статусот на кој припаѓал подносителот на барањето како тужител наспроти тужената страна, Судот утврди дека во случајов не се исполнети условите за впуштање во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права, поради што оцени дека се настапени условите за отфрлање на барањето согласно член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд,

6. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од решението.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.23/2016
11 мај 2016 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply