20/2016-0-0

20/2016-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 2 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 30 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) и член 70 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009,16/2010, 124/2015).

2. „Техно-интерекспорт Душко“, ДООЕЛ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од актите означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, не била во согласност со Европската конвенција за човекови права. Имено, од решенијата што ги добил подносителот на иницијативата по повод поднесени барања за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд, произлегувало дека Уставниот суд формално го толкувал членот 110 од Уставот, поради што само на граѓаните како физички лица им го признавал правото на заштита на слободите и правата, односно не ги признавал правните лица како субјекти на правото и тие не можеле да бараат заштита во случај на дискриминација при пристап до судот. Подносителот смета дека ова било спротивно на Европската конвенција за човекови права каде во членот 6 е определено дека тој се применува на „граѓанските права и должности“, при што во овој поим спаѓале и правните лица, поради што пред Европскиот суд за човекови права заштита можат да побараат и физички и правни лица.

Меѓутоа ова признато право на правните лица не кореспондирало со членот 51 од Деловникот на Уставниот суд во кој изрeчно било предвидено дека секој поединечен граѓанин може да бара заштита пред Уставниот суд, при што правните лица биле целосно исклучени. Токму од овие причини и Европскиот суд за човекови права, барал од апликантите кои се правни лица да достават доказ дека го искористиле овој правен лек, што било сторено од страна на подносителот на иницијативата. Како доказ за ова се доставува извадок од пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот Чангов против Македонија (апликација бр.14419/03).

Во однос на оспорената одредба од членот 70 став 1 од Законот за парнична постапка, во иницијативата се наведува дека оваа одредба не кореспондирала со уставните одредби во кои како субјекти на правата и обврските се признавале само човекот и граѓанинот, а не и правните лица поради што тие не можеле да бидат странки во судските постапки кои се однесуваат на правата на правните лица. Поради наведените причини одредбата од член 70 од Законот за парничната постапка била спротивна на член 8 алинеја 1, член 9, член 50 став 1, 2 и 3, член 54 став 2 и член 110 став 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Судот на седницата, исто така, утврди дека согласно член 70 став 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009,16/2010, 124/2015), странка во постапката може да биде секое физичко и правно лице.

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 113 од Уставот, начинот на работа и постапката пред Уставниот суд се уредуваат со акт на Судот.

Според член 13 од Деловникот на Уставниот суд, подносителот на иницијативата и донесувачот на оспорениот акт се учесници во постапката пред Уставниот суд.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според оспорениот член 51 од Деловникот на Уставниот суд, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Подносителот смета дека оваа одредба била противуставна бидејќи не им го признавала правниот субјективитет на правните лица поради што тие немале право на правна заштита пред Уставниот суд.

Деловникот на Уставниот суд е основен акт што ја уредува постапката пред Уставниот суд и него го донел самиот Уставен суд врз основа на член 113 од Уставот.

Од член 13 од Деловникот произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт, врз основа на член 113 од Уставот, во постапката пред Судот, едновремено треба да се јави и како учесник во постапката и како суд кој ја оценува уставноста на актот што самиот го донел, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

Во однос на оспорениот член 70 став 1 од Законот за парничната постапка, Судот утврди дека веќе ја оценувал уставноста на оваа одредба и со Решение У.бр. 90/2013 од 26 ноември 2013 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 70 став 1 од Законот за парничната постапка. Во образложението на наведеното решение Судот укажал дека: „Тргнувајќи од правната теорија во која децидно е наведено значењето на изразот правен субјект, како и на изразот способност за странка во постапката, Судот оцени дека не може основано да се доведе во прашање согласноста на оспорените членови од Законот со Уставот на Република Македонија.

Имено, членот 1 од Законот е содржан во глава I под наслов: „Основни одредби“ во кои се определуваат кругот на субјективните права чие остварување или заштита може да се бара пред судовите во парнична постапка, како и кругот на субјектите чии права може да се остваруваат или заштитуваат според правилата на овој закон.

Во таа насока оспорениот член 70 став 1 од Законот, определува дека странка во постапка може да биде секое физичко и правно лице. Според став 2 на овој член од Законот, со посебни прописи се определува кој може да биде странка во постапката освен физички и правни лица.

Од наведената одредба јасно произлегува дека Законот за парнична постапка не се однесува само на физичките лица, како што се тврди во иницијативата, туку тоа е постапка во која својство на странка можат да имаат и правните лица.

Својство на странка во парничната постапка им е признато на сите физички и правни лица, односно на сите субјекти кои по прописите на материјалното право можат да бидат носители на права и обврски“.

Уставниот суд со Решение У.бр.77/2014 од 9 јули 2014 година, ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на истата одредба. И во двата предмети Уставниот суд ја анализирал одредбата од аспект на членовите 9, 50 и 54 од Уставот на Република Македонија, на кои одредби од Уставот се повикува и подносителот на предметната иницијатива. Покрај тоа, аргументите во предметната иницијатива се идентични со оние што биле изнесени во иницијативата по предметот У.бр.77/2014.

Од наведеното, Судот оцени дека со иницијативата всушност се бара преиспитување на гледиштата на Судот и повторна оцена на уставноста на оспорената одредба по однос на истите уставни одредби, без притоа да се посочат нови основи кои би можеле да доведат до изразување на поинакво гледиште од веќе изнесеното. Поради тоа, Судот утврди дека во однос на оспорената законска одредба од член 70 став 1 од Законот за парничната постапка се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.20/2016
30.03.2016 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply