47/2015-0-0

У.бр.47/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 март 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 77 ставовите 2, 3, 4 и 6 од Законот за преземање на акционерските друштва („Службен весник на РМ“ бр.69/2013, 188/2013 , 166/2014 и 154/2015 ).

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 77 ставовите 2, 3, 4 и 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените ставови 2, 3, 4 и 6 на член 77 од Законот за преземање на акционерските друштва не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 9, член 30, член 51, член 52 став 4 и член 55 од Уставот на Република Македонија.

Имено, според подносителот на иницијативата со Законот за преземање на акционерските друштва од 2002 година не било предвидено понуда за откуп на лица односно лице кое се стекнало со најмалку 45% хартии од вредност,односно конечниот праг за преземање на друштвото бил 45%, при што лицето или лицата кои дејствувале заеднички биле ослободени од обврската да дават јавни понуди за откуп на нови акции.

Со оспорената одредба конечниот праг за преземање на акционерското друштво се подигнува од 45% на 75% односно за 30%,при што без оглед на фактот дали овие лица кои имаат 45% по поранешниот закон го презеле друштвото и не биле обврзани да даваат понуда за откуп, се должни да дадат понуда за преземање.

Зголемувањето на конечниот праг за преземање на друштвото и предвидувањето дека не важат правата стекнати со претходниот закон генерира правна несигурност на граѓаните,а воедно на новиот закон му се дава повратно дејство на штета на граѓаните. Штетата се гледа во тоа што граѓаните кои според Законот од 2002 година, а кои имале над 45% акции немале обврска да даваат понуда за откуп на акции, со Законот од 2013 година морале повторно да се јаваат во улога на преземачи и за една дополнително купена акција и ако по Законот од 2002 година го постигнале и надминале прагот.

Понатаму, подносителот на иницијативата наведува дека со оспорениот член 77 став 2, 3, 4 и 6 се создава нееднаквост на граѓаните во постапката за преземање на акционерско друштво, а со тоа и повреда на правната сигурност на граѓаните како елемент на владеење на правото.

По влегување во сила на Законот од 2013 година во многу конкретни случаи „лице“ или „лица кои дејствуваат заеднички“ знаејќи дека го надминале конечниот праг за преземање на целните друштва по Законот од 2002 година и верувале дека немаат обврска да даваат понуда за откуп, продолжиле со купување хартии од вредност и по почетокот на важноста на новиот закон од 2013 година. Поради ваквиот начин на купување на акции Комисијата за хартии од вредност презела разни мерки со кои се ограничува правото на глас, дивиденда и налози за отуѓување на стекнатите акции затоа што „наводно“ акциите биле купени спротивно на одредбите од новиот Закон.

Тоа, според подносителот на иницијативата повлекувало оспорување на правото на сопственост и на гарантираното право на сопственост и заложбите сопственоста да создава права и обврски кои треба да служат за добро на поединецот и на заедницата, гарантирани со член 8 став 1 алинеи 6 и член 30 од Уставот на Република Македонија.

Понатаму, според подносителот со оспорената одредба се доведувало во прашање и уставното начело на слобода на пазарот и претприемништвото. Во овој случај субјектите на пазарот се доведувале во нееднаква положба на начин што со актуелниот Закон само оние лица кои во моментот на влегување во сила на Законот стекнале повеќе од 75% ќе ги уживаат поволностите на пазарот и претприемништвото, а сите останати за кои по претходниот Закон било потврдено дека го презеле целното друштво сега се ставени во неповолна положба и мора да даваат понуди за преземање и да ги исполнат останатите услови утврдени со новиот Закон од 2013 година за да се смета дека го презеле целното друштво. Со оспорената одредба фактички е доведен во прашање и прометот на хартии од вредност.

Подносителот на иницијативата, предлага, Уставниот суд до донесување на конечна одлука врз начелото на приоритет и итност да донесе решение за запирање на извршување врз основа на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот став 2 од членот 77 е предвидено дека:

Лице, односно лица кои дејствуваат заеднички, кај кои настанала обврска за давање на понуда за преземање согласно со одредбите од Законот за преземање на акционерските друштва (“Службен весник на Република Македонија” број 4/2002, 37/2002, 36/2007, 67/10 и 35/11), а кои до денот на влегувањето во сила на овој закон сй уште немаат поднесено барање до Комисијата за добивање на дозвола за понуда за преземање, се должни во рок од 60 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон да дадат понуда за преземање под услови и на начин определени со овој закон.

Во оспорениот став 3 од членот 77 од Законот е предвидено дека:

Лице, односно лица кои дејствуваат заеднички и кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се стекнале со хартии од вредност од целното друштво врз основа на успешно спроведена понуда за преземање, а кои им обезбедуваат повеќе од 25%, а помалку од 75% хартии од вредност од целното друштво, за дополнително стекнување со 5% хартии од вредност во рок од две години, се должни да дадат понуда за преземање под услови и на начин определени со овој закон

Во оспорениот став 4 од членот 77 од Законот е предвидено дека:

Лице, односно лица кои дејствуваат заеднички кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се стекнале со повеќе од 25%, а помалку од 75% хартии од вредност од целното друштво, а согласно со Законот за преземање на акционерските друштва (“Службен весник на Република Македонија” број 4/2002, 37/2002, 36/2007, 67/10 и 35/11) немале обврска да дадат понуда за преземање, може дополнително да се стекнат со хартии од вредност само доколку дадат понуда за преземање под услови и на начин определени со овој закон.

Во оспорениот став 6 од членот 77 од Законот е предвидено дека:

Доколку лице, односно лица кои дејствуваат заеднички не постапат на начинот и во роковите утврдени со ставовите (2), (3) и (4) на овој член, Комисијата ќе преземе мерки согласно со членовите 57 и 58 од овој закон.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според став 3 на овој член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Согласно став 4 на истиот член, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Согласно член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1).Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Според членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1). Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2). Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Со членот 1 став 1 од Законот за преземање на акционерските друштва („Службен весник на РМ“ бр.69/2013, 188/2013, 166/2014 и 154/2015 ) се уредува начинот, условите и постапката за преземање на акционерските друштва, правата и обврските на учесниците во постапката за преземање и надзорот над спроведување на постапката за преземање на акционерските друштва.

Во членот 1 став 2 од Законот е предвидено дека за се она што не е уредено со овој закон ќе се применуваат одредбите од Законот за трговските друштва и Законот за општата управна постапка.

Според членот 2 став 1 од Законот, одредбите од овој закон се применуваат за хартии од вредност кои котираат на овластена берза и за хартии од вредност издадени од акционерските друштва со посебни обврски за известување, согласно со Законот за хартии од вредност.

Во членот 3 од Законот е определено значењето на одделни изрази, а кои се употребуваат во законот .

Така во членот 3 точка 11 од Законот е определено дека „Контрола“ е поседување на повеќе од 25% од акциите со право на глас во целното друштво.

Во главата II ПОНУДА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ, односно во членовите од 9 до 20 од Законот и во главата III ПОСТАПКА ВО ВРСКА СО ПОНУДАТА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ од Законот, односно во членовите од 21 до 39 се уредени прашањата кои се однесуваат на целокупниот процес на понудата и постапката која се спроведува за преземање на акционерското друштво.

Во членот 9 од Законот е предвидено дека :

(1) Лице само или заедно со лицата со кои дејствува заеднички не смее да стекне повеќе од 25% од хартиите од вредност со право на глас издадени од определено акционерско друштво (во натамошниот текст: контролен праг за преземање) без претходно да даде понуда за преземање.
(2) Понуда за преземање е должнo да даде лице кое само или заедно со лицата со кои дејствува заеднички го достигнало контролниот праг на преземање.
(3) Преземач, кој спровел успешна понуда за преземање, може да се стекне со 5% од акциите со право на глас во рок од две години (во натамошниот текст: дополнителен праг за преземање). Доколку преземачот во рокот од две години го достигне дополнителниот праг за преземање е должен да даде понуда за преземање.
(4) Обврската за давање на понуда за преземање престанува кога преземачот со успешна понуда за преземање се стекнал со најмалку 75% од акциите со право на глас на целното друштво (во натамошниот текст: конечен праг на преземање).
(5) Одредбите од овој закон кои се однесуваат на обврските на преземачот кој ќе го достигне контролниот праг за преземање, соодветно се однесуваат и на преземачот кој ќе го достигне дополнителниот праг за преземање.

Во член 19 став 1 од Законот, е определено дека:

1) Лицето кое го достигнало контролниот, односно дополнителниот праг на преземање, не е должно да даде понуда за преземање, ако прагот на преземање го достигнало со стекнување на хартии од вредност во точно наведени случаи определени во точките од 1 до12 од членот 19 од Законот.

Во членот 19 ставовите 2,3 и 4 е наведено дека:

(2) Лице кое го достигнало прагот за преземање, не е должно да даде понуда за преземање ако прагот за преземање го достигнало поради намалување на основната главнина на друштвото со повлекување на акции, извршено врз основа на одлука на собранието согласно со Законот за трговските друштва.
(3) За лице кое нема обврска да даде понуда за преземање согласно со ставовите (1) и (2) на овој член, обврската да даде понуда за преземање настанува со првото натамошно стекнување на хартии од вредност на целното друштво, освен ако повеќе не го достигнува прагот за преземање.
(4) За настапувањето на околностите од ставовите (1) и (2) на овој член лицето кое нема обврска да даде понуда за преземање е должно во рок од три работни дена за тоа да ја извести Комисијата, освен во случај од ставот (1) точка 7 на овој член, кога мора да ја извести Комисијата веднаш по стекнувањето со хартиите од вредност.

Според член 20 од Законот, понуда за преземање дава овластено правно лице во име и за сметка на преземачот.

Во членот 22 од Законот е предвидено кои органи е должен да ги извести преземачот кој има намера за преземање на акционерското друштво, (Комисијата за хартии од вредност, Комисијата за заштита од конкуренција, органот на управување како и овластена берза ) како и да ја објави намерата.

Согласно членот 31 од Законот, преземачот е должен пред објавување на понудата за преземање да добие дозвола од Комисијата, која ја издава дозволата, доколку се исполнети условите предвидени со Законот.

Во членот 49 од Законот насловот „РЕШЕНИЕ ЗА ИСХОДОТ НА ПОНУДАТА ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ“ е предвидено дека :

(1) Комисијата со решение ја утврдува успешноста, односно неуспешноста на понудата за преземање (во натамошниот текст: решение за исход на понудата за преземање), најдоцна во рок од три работни дена по приемот на известувањето за исходот на понудата од членот 47 став (3) точка 1 од овој закон, односно по приемот на решението за упис на зголемувањето на основната главнина во трговски регистар согласно со членот 47 став (4) точка 1 од овој закон. Во случаите кога постои разлика во цена согласно со членот 14 став (7) од овој закон, рокот од три дена се смета од денот кога овластениот депозитар ќе го достави известувањето од членот 48 став (4) од овој закон до Комисијата.
(2) Комисијата го доставува решението за исход на понудата за преземање до преземачот, целното друштво, овластениот депозитар и овластената берза.
(3) Преземачот е должен решението на Комисијата од ставот (1) на овој член да го објави на начин како што е објавена понудата за преземање.
(4) Против решението на Комисијата може да се изјави жалба во рок од 15 работни дена до Комисијата за решавање на жалби од областа на пазарот на хартии од вредност.
(5) Жалбата од ставот (4) на овој член не го одлага извршувањето на решението. Исполнување на обврските од успешната понуда за преземање .

Тргнувајќи од наведените уставни одредби како и анализата на Законот за преземање на акционерските друштва од 2013 година и неговите измени и дополнувања наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што со наведениот закон прашањата на преземање на акционерските друштва се уредени на нешто поинаков начин од претходниот Закон за преземање на акционерските друштва од 2002 година, а со цел за заштита на малцинските акционери, нивно целосно информирање за намерата за преземање на друштвото, за условите кои треба да ги исполни преземачот,целта на преземање на друштвото,намерата и плановите на преземачот на кој начин се овозможува транспарентна постапка усогласена со Директивата 2004/25/ЕЗ на Европската комисија за понуди за преземање.

Во таа насока со Законот од 2013 година законодавецот во зависност од процентот на стекнување со акции утврдил контролен праг на преземање, дополнителен праг на преземање и конечен праг на преземање.

Имајќи го предвид наведеното, законодавецот со цел за усогласување и прилагодување на новиот режим на преземање на акционерските друштва во преодните и завршните одредби од Законот односно во членот 77 ставовите 2, 3, 4 и 6 кои се оспорени со иницијативата предвидел дополнителни рокови и услови кои треба да ги преземат лицата кои ги преземале друштвата без притоа да навлегува во веќе стекнатите права.

Имено според оспорениот став 2 од членот 77 од Законот, законодавецот не утврдил нова обврска за давање на понуда за преземање на акционерското друштво, туку утврдува дополнителен рок од 60 дена за лицата кои не ја испочитувале обврската која ја имале според членот 23 од Законот од 2002, а при тоа истата не ја испочитувале.

Обврската за понуда е предвидена и со член 9 од Законот од 2013, од каде произлегува дека наводите од иницијативата според кои се тврди дека таква обврска не била предвидена се неточни,од кои причини повикувањето на подносителот на иницијативата дека со наведениот став се доведувале во прашање цитираните уставни одредби се неосновани.

Имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 77 став 3 од Законот сметаме дека исто така наводите од иницијативата се неосновани, од причини што со оваа одредба на лицето, односно лицата кои дејствуваат заеднички а кои се стекнале со 25 %, а помалку од 75 % хартии од вредност кои носат право на глас, доколку сакаат да се стекнат со дополнителни повеќе од 5% хартии од вредност на целното друштво, должни се во рок од 2 години да дадат понуда за преземање со што не им се наметнува обврска, туку им се дава можност да го достигнат конечниот праг на преземање на друштвото.

Од анализата на оспорениот став 4, наспрема наводите од иницијативата,Судот оцени дека истите се неосновани односно, не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот став 4 од членот 77 од законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Ова од причини што со оспорената одредба се дава можност на лицата кои дејствуваат заеднички, а кои до денот на влегување во сила на новиот закон стекнале 25 % хартии од вредност но помалку од 75 % хартии од вредност на целното друштво, а согласно Законот од 2002 година, немале обврска да дадат понуда за преземање можат дополнително да се стекнат со хартии од вредност доколку дадат понуда за преземање согласно Законот од 2013 година.

Оттука, имајќи ги предвид содржините на ставовите 3 и 4 од членот 77 од Законот, како и целината за законот, Судот оцени дека со нив не се доведуваат во прашање стекатите права кои произлегуваат од правата кои ги носат хартиите од вредност како што е дивиденда, право на глас како и управување со друштвото.

Тргнувајќи од содржината на оспорениот член 77 став 6 од Законот за преземање на акционерските друштва, од кој произлегува дека на Комисијата за хартии од вредност и е дадено законско овластување да презема мерки кои се утврдени во членовите 57 и 58 од наведениот закон, Судот оцени дека овласувањето на Комисијата за преземање на мерки е сосема оправдано и е во насока следење и контрола на пазарот на капитал во државата.

Во таа насока и во поткрепа на заземениот став по однос на оспорениот член 77 став 6 од Законот, извршен е увид во Законот за хартии од вредност ( „Службен весник на Република Македонија“ бр. 95/2005, 25/2007, 7/2008, 57/10, 135/11, 13/13, 188/13, 43/14, 15/15 и 154/15) односно во членот 184 во кој се предвидени функциите на Комисијата.

Имајќи го предвид наведеното, а гледано од уставно правен аспект, од значење е дека извршената промена на режимот на преземање на акционерските друштва се однесува за сите идни лица кои сакаат да откупат акции или општо кажано хартии од вредност во одреден процент по влегувањето во сила на законската измена,од кои причини не може да стане збор дека оспорените норми имаат повратно дејство, ниту, пак со нив се доведува во прашање, владеењето на правото, правото на сопственост како и слободата на пазарот и претприемништвото.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите:д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.47/2015
2 март 2016 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply