102/2015-0-0

У.бр.102/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 24 февруари 2016 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 7 и 10 од Договорот за обука за напредни ИТ вештини, што го склучува Агенцијата за вработување на Република Македонија со невработените лица во врска со проектот „Поддршка за вработување на млади лица, долгорочно невработените и жените (II), финансиран од страна на ЕУ во рамките на Оперативната програма за „Развој на човечки ресурси 2007-2013“ (ИПА Компонента IV).

2. Милчо Ристоски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Договорот означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред укажува дека се пријавил за обука за напредни ИТ вештини, дека го положил контролниот тест и дека влегол во 220-те невработени лица кои стекнале можност да ја посетуваат таа обука. Потоа бил повикан да го потпише договорот за следење на обуката, но не го потпишал затоа што содржел одредби за целосно враќање на парите на Агенцијата ако невработеното лице не ги положи завршните испити.

Во однос на член 7 од Договорот, подносителот на иницијативата наведува дека со таа одредба од Договорот „се суспендира загарантираното уставно право на работа на секое невработено лице од страна на АВРМ, односно државната АВРМ ги уценува невработените лица доколку се вработат да мораат да продолжат со обврските на следење на обуката. Логички се поставува прашањето: А што ако фирмата во која што евентуално би се вработил не ми дозволи да отсуствувам од работа? На овој начин членот 7 од Договорот е дискриминаторски и ми го суспендира основното право на работа и ми кажува дека ќе мора да ги враќам паричните средства за дотогаш посетуваната обука. Се прашувам дали моето уставно и меѓународно загарантирано право на работа треба да си го самозабранам за да ја исполнам желбата на АВРМ за некакви си сулуди зголемени шанси за некаква идна поголема вработеност? Каде е тука кривицата на невработеното лице што не ќе може од оправдани уставно загарантирани причини да го доисполни уценувачкиот Договор за враќање на паричните средства за дотогаш посетуваната обука? Затоа, според мене, овој член е тотално неуставен и незаконит во поглед на враќањето на паричните средства од проста причина што невработеното лице не е воопшто виновно за недопроследувањето на обуката, па оттаму членот 7 барам да се прогласи како неуставен и ништовен.“

Во врска со член 10 од Договорот, во иницијативата се наведува дека со таа одредба „невработеното лице се обврзува и е должно доколку не положи во рок од шест месеци после обуката да ги враќа сите пари назад на АВРМ за недобиениот сертификат во вредност од околу 83.000 денари. Оттука сметам дека според Уставот на РМ државната Агенција за вработување на РМ врши нечовечко односно понижувачко однесување и казнување на невработеното лице со обврзување на враќање на парични средства кои се дадени како грант на Македонија од ЕУ.“ Подносителот на иницијативата смета дека „правото на желба за образование на невработеното лице е заменето со присилба и бизнис релации на приватна компанија, па невработеното лице од редица можни и сосема реални причини во краткиот рок од три месеци ќе треба да се откаже од основните човекови права, како што е правото на сопствена здравствена услуга, правото на работа, правото на семејна нега на своите блиски во семејството и тн. Од овде произлегува дека државната АВРМ е профитабилна организација, па може да манипулира и печали на грбот на невработените лица кои што од редица можни причини и произлезени меѓународни и уставно загарантирани права не ќе бидат во можност да ги положат тие курсеви. Ова е non sens и сметам дека овде станува збор за државен рекет врз невработените лица?“ Во иницијативата исто така се наведува дека „никој во државата не гарантира дека тие невработени лица кои што ќе го добијат сертификатот после истекот на крајниот рок од Договорот ќе се вработат, туку дека ќе имаат шанси за зголемена вработеност во РМ. Оттаму невработеното лице ако и понатаму се труди да ги положи испитите и да го добие сертификатот после истекот на временскиот рок од Договорот, да речеме 12 месеци од завршувањето на обуката, повторно ќе си остане невработено лице без основни парични средства за егзистенција, така што единствено државната АВРМ ќе си ги земе парите и ќе профитира со околу 83.000 денари по кандидат, а да не зборувам за профитот на приватните компании Семос Едукација и Мајкрософт кои што со околу 4.300 денари по еден испит ќе имаат исто така огромен профит.“

Подносителот на иницијативата смета дека „Уставниот суд на РМ ќе донесе правилна одлука за поништување на овој дискриминаторски договор затоа што невработените лица не се екстремно богатите граѓани па да можат да го проследат курсот и да ги враќаат паричните средства кон АВРМ доколку не ги положат испитите. Со прогласувањето на овој Договор за неуставен и незаконит, јас како невработено лице ќе можам без рекетарската уцена за враќање на парите на државата да ја проследам обуката и без присилба да дадам се од себе за да ги положам понудените испити.“

3. Судот на седницата утврди дека според член 7 од Договорот, „Доколку кандидатот поради засновање на работен однос во текот на обуката престане да ја посетува обуката, должен е да ги врати средствата согласно член 6 од овој договор.“

Во член 10 од Договорот се определува дека „Кандидатот кој во рок предвиден со чл.8 од овој договор, со искористувањето на ваучерите не ги положи завршните испити, должен е во наредните три месеци на свој трошок да ги полага завршните испити“ (став 1). „Доколку кандидатот во рок од шест месеци по завршувањето на обуката не ги положи завршните испити и не се стекне со меѓународен сертификат должен е на Агенцијата во целост да ги врати средствата што му се исплатени на изведувачот на обуката за неговата обука“ (став 2).

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот, „Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.“

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на прописите со Уставот и со законите. Од наведената одредба на Деловникот на Судот произлегува дека иницијативата за која не е надлежен да одлучува, Уставниот суд ќе ја отфрли.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека оспорениот договор ги уредува односите меѓу конкретни субјекти, поради што таквиот акт не содржи општи норми на однесување со кои се уредуваат права и обврски на неопределени лица и не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот. Од тие причини, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по таквата иницијатива.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.102/2015
24 февруари 2016 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply