49/2015-0-0

У.бр.49/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 4 ноември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 од Кодексот за административни службеници (“Службен весник на Република Македонија“ бр.183/2014) и зборовите: „нашите клиенти“ од Изјавата за прифаќање на декларацијата за заедничка мисија на вработените во јавниот сектор, објавена во прилог на Кодексот за административни службеници.

2. Дарко Јаневски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одребите од Кодексот означени во точка 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби биле во спротивност со член 1 став 1, член 2 став 1, член 8 став1 алинеите 1, 3 и 8, член 50 став 2, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Имено, со прерипнувањето, односно со неставањето на зборовите:„ратификуваните меѓународни договори“ во Кодексот за административни службеници, дека органите на управата, помеѓу другото, решаваат и врз основа на и во рамките на Уставот, се стеснувала уставната основа за постапување на органите на управата предвидена во член 96 од Уставот, според која органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата, од што можело да се заклучи дека оспорената одредба од Кодексот била во директна спротивност со член 96 од Уставот.

Според членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон, па од оспорената одредба на Кодексот произлегувало дека административните службеници паушално можеле да одлучат да ги признаат правата кои граѓаните ги стекнале со ратификувањето на меѓународните договори и дека во однос на своето работење, истите и не биле обврзани да ги почитуваат.

Зборовите: „нашите клиенти“ од Изјавата за прифаќање на декларацијата за заедничка мисија на вработените во јавниот сектор, објавена во прилог на Кодексот за административни службеници, биле во спротивност со член 2 став 2 од Уставот, според кој суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Во таа смисла, административните службеници им служеле на граѓаните, додека третирање како „клиенти“ – збор кој се употребувал пред се во трговијата, бил неприкладен и веројатно во смисла: „клиентите се секогаш во право и на прво место“, бидејќи државата не била трговско друштво. Поприкладни зборови веројатно би биле:„Во служба на граѓаните“, а во таа смисла дека „граѓаните се секогаш во право и на прво место“. Всушност, и самиот збор „службеник“ етимолошки доаѓал од зборот „служител“, односно службениците како служители на граѓаните, требало да работат во служба на граѓаните, а не да ги третираат граѓаните како клиенти, дојдени во трговско друштво да си ги остварат своите права. Всушност, трговското друштво работело на принципот мини-макс (минимално вложено-максимално профитирано), но во државата, која се формирала по принципот на „општествен договор“, граѓаните не смееле да се именуваат како „клиенти“ од кои треба да се профитира.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги укине или поништи како несогласни со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 5 од Кодексот за административни службеници, административниот службеник ги почитува законските прописи и никогаш не работи на начин за кој знае или се сомнева дека е незаконски, непрописен или неморален. Тој не подлегнува на притисоците за извршување на противуставни и незаконски задачи од претпоставените.

Во Изјавата за прифаќање на декларацијата за заедничка мисија на вработените во јавниот сектор, третиот поднаслов гласи: „Нашите клиенти“, а во ставот 2 на овој поднаслов, се изјавува дека „правиме се за да им помогнеме на нашите клиенти во остварувањето на нивните права и интереси, истовремено водејќи грижа за јавниот интерес.“

Во петтиот поднаслов: „Нашите верувања“ во ставот 1 се изјавува дека: „Градиме доверба во институциите на системот преку целосна посветеност на нашите проекти и обезбедување на врвни услуги за нашите клиенти.“

4. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за административните службеници („Службен весник на Република Македонија“ брoj 27/2014, 199/2014 и 48/2015) се уредува статусот, класификацијата, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособување, мерењето на ефектот и други прашања во врска со работниот однос на административните службеници (член 1 став 1).

Според член 7 став 1 точка 8 од истиот закон, Министерството за информатичко општество и администрација го пропишува Кодексот за административни службеници.

Со оспорениот член 5 од Кодексот за административни службеници, кој носи наслов: „законитост“, се пропишува дека административниот службеник ги почитува законските прописи и никогаш не работи на начин за кој знае или се сомнева дека е незаконски, непрописен или неморален. Тој не подлегнува на притисоците за извршување на противуставни и незаконски задачи од претпоставените.

Ваквата одредба со иницијативата се оспорува од аспект на тоа што во истата било пропуштено да се наведе дека административните службеници се должни да ги почитуваат и ратификуваните меѓународни договори, кои согласно член 118 од Уставот на Република Македонија, се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон, од што произлегувало дека административните службеници паушално можеле да одлучуваат да ги признаат правата на граѓаните кои ги стекнале со ратификувањето на меѓународните договори, затоа што истите не ни биле обврзани да ги почитуваат.

Судот оцени дека ваквите наводи во иницијативата се неосновани.

Според член 4 од Законот за вработените во јавниот сектор (“Службен весник на Република Македонија“ број 27/14 и 199/2014), кој носи наслов: „Начело на законитост“, вработените во јавниот сектор ги вршат работите и работните задачи во согласност со Уставот, закон, други прописи донесени врз основа на закон и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Оттука, според Судот, постои јасна законска рамка за вршење на работите и задачите на вработените во јавниот сектор, што ги опфаќа и административните службеници, кои согласно член 14 од Законот за вработените во јавниот сектор, ја претставуваат првата група на вработени во јавниот сектор, од каде неспорно произлегува нивната обврска да постапуваат во согласност со Уставот, закон и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Кодексот за административните службеници е акт со кој се пропишуваат етичките стандарди и правилата на однесување на административните службеници (член 1). Целта на овој кодекс е поттикнување на доброто постапување и однесување на административните службеници и зајакнување на довербата на граѓаните во работата на институциите на јавниот сектор (член 2). Притоа, треба да се има предвид дека правата и обврските на административните службеници се утврдени со закон (Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор), а Кодексот не претставува акт со кој се утврдуваат права и обврски на административните службеници.

Оттука, Судот оцени дека со иницијативата неосновано се тврди дека со оспорениот член 5 од Кодексот се стеснувала уставната основа за постапување на органите на управата предвидена со член 96 од Уставот и дека административните службеници немале обврска да постапуваат во согласност со ратификуваните меѓународни договори, поради што нема основ да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 5 од Кодексот со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 8, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата воопшто нема образложение за несогласноста на оспорениот член 5 од Кодексот со одредбите на член 1 став 1 и член 50 став 2 од Уставот, поради што не е јасно зошто се оспорува уставноста на одредбата од тој аспект, што претставува процесна пречка за одлучување по иницијативата во овој дел.

5. Во иницијативата се наведува дека зборовите „нашите клиенти“ употребени во Изјавата за прифаќање на декларацијата за заедничка мисија на вработените во јавниот сектор, објавена во прилог на Кодексот за административни службеници, биле во спротивност со членот 2 став 1 од Уставот (во иницијативата се наведува член 2 став 2 од Уставот, но при цитирањето на одредбата произлегува дека се работи за член 2 став 1 од Уставот), затоа што изразот „клиенти“ се употребувал во трговијата и тука бил несоодветно употребен, наместо зборот „граѓаните“, кој бил соодветен, имајќи предвид дека административните службеници им служеле на граѓаните.

Во однос на ваквите наводи во иницијативата Судот имаше во предвид дека Изјавата за прифаќање на декларацијата за заедничка мисија на вработените во јавниот сектор, е прилог кон Кодексот за административни службеници, и дека истата се потпишува поединечно од секој административен службеник.

Видно од содржината на Изјавата, изразот „нашите клиенти“ ги опфаќа граѓаните и другите субјекти на кои вработените во јавниот сектор им обезбедуваат квалитетни, навремени и ефикасни услуги. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорениот израз, во контекст на содржината на изјавата, не е несогласен со член 2 став 1 од Уставот на Република Македонија, според кој во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.49/2015
4 ноември 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply