Решение У.бр.89/2015

У.бр.89/2015

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 4 ноември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА Барањето на Милтон Манаки од Куманово да му се заштитат слободите и правата повредени со Пресудата П.бр-1127/10, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 15 март 2010 година, Пресудата ГЖ.бр.-4224/10, донесена од Апелациониот суд во Скопје на 14 јануари 2011 година и Пресудата Рев.2.бр.81/2012, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 10 октомври 2013 година.

2. Милтон Манаки од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе Барање за заштита на слободите и правата што му биле повредени со пресудите означени во точката 1 од ова решение.

Во Барањето се наведува, по изнесувањето на хронологијата на настаните, дека со оспорените пресуди се повредувало: правото на правично судење на подносителот на Барањето, конкретно неговото право на образложена одлука, потоа принципот на еднаквост на оружјата и правото на непристрасен суд, кои повреди биле сторени со занемарување на сите докази на тужителот-подносителот на ова барање, од една страна, и со прифаќање на недокажани и произволни аргументи на тужениот-Република Македонија, од друга страна, како и со погрешно оценување на изведените докази, за што се изнесуваат примери содржани во пресудите; правото на судење во разумен рок, особено однесувањето на властите, така што неоправдано се одолговлекувала судската постапка речиси 8 години; и правото на сопственост по основ на наследство, што било последица на повреда на правото на правично судење.

3. Судот на седницата утврди дека на 28 февруари 2006 година Леонид Манаки (татко на подносителот на ова барање) поднел тужба до Основниот суд Скопје II во Скопје и со неа побарал тужениот-Република Македонија да му врати движен имот (37 филмски материјали-филмови) од неговиот пок. татко Милтон Манаки или да му исплати паричен надомест зголемен за камата и други трошоци. На 12 јуни 2009 година тужителот Леонид Манаки починал, а на 8 јануари 2010 година неговите наследници Веселинка Манаки, Мери Манаки Филиповска и Милтон Манаки доставиле поднесок за продолжување на постапката по напред наведената тужба.

На 15 март 2010 година е донесена Пресуда П.бр-1127/10 од Основниот суд Скопје II во Скопје и со неа се одбива прецизираното тужбено барање како неосновано, поднесено од Веселинка, Мери и Милтон за враќање во владение и сопственост на конкретно набројаните филмски материјали-филмови односно за плаќање на надомест за тие филмови во износ од 12.200.000,00 денари. Причината за одбивањето на тужбеното барање е: на Милтон Манаки, правниот претходник на трите тужители, за наведениот движен имот „… му е исплатен и примен од негова страна надомест видно од приложените докази од 1.000.000,00 динари“ (стр.12 став 3 од Пресудата). На 9 мај 2010 година тужителите Манаки поднеле жалба, а на 14 јануари 2011 година е донесена Пресуда ГЖ.бр.-4224/10 од Апелациониот суд во Скопје и со неа се одбива жалбата на тужителите Манаки како неоснована и се потврдува напред наведената првостепена пресуда. На 18 февруари 2011 година третотужителот Милтон Манаки поднел Ревизија до Врховниот суд на Република Македонија, против напред наведените две пресуди, а Врховниот суд на 10 октомври 2013 година донел Пресуда Рев.2.бр.81/2012 со која ја одбил Ревизијата на Милтон Манаки. На 31 март 2015 година Милтон Манаки ја примил Пресудата Рев.2.бр.81/2012.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија „ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.“

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, „секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.“

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот, „Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на (1) слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, (2) политичкото здружување и дејствување и (3) забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност, а не и други слободи и права на човекот и граѓанинот.

Од содржината на член 51 од Деловникот на Уставниот суд произлегува дека барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 на Уставот, граѓанинот може да го поднесе до Уставниот суд (1) во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на поединечниот акт и (2) поединечниот акт да е конечен или правосилен.

Во конкретниот случај, Судот оцени дека означените пресуди не се оспоруваат од аспект на слободите и правата што ги штити Уставниот суд врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, туку од аспект на повреда на правото на правично судење, правото на судење во разумен рок и на правото на сопственост по основ на наследство, чија заштита е надвор од делокругот на Уставниот суд.

Покрај тоа, во однос на Пресудата ГЖ.бр.-4224/10 донесена од Апелациониот суд во Скопје на 14 јануари 2011 година, кој акт е поединечен и правосилен акт, Судот утврди дека поминал рокот од 2 месеци за нејзино оспорување пред Уставниот суд со оглед дека подносителот на ова барање знаел за содржината на таа пресуда пред 18 февруари 2011 година, кога ја поднел Ревизијата против таа пресуда до Врховниот суд на Република Македонија, а Барањето до Уставниот суд го поднел на 2 октомври 2015 година.

Во однос, пак, на Пресудата П.бр-1127/10, донесена од Основниот суд Скопје II во Скопје на 15 март 2010 година и Пресудата Рев.2.бр.81/2012, донесена од Врховниот суд на Република Македонија на 10 октомври 2013 година, Судот утврди дека, освен тоа што аспектите на оспорувањето се надвор од делокругот на Уставниот суд, тие пресуди не се поединечни правосилни акти, па ни поради тоа не можат да бидат предмет на одлучување од Уставниот суд.

При таква состојба, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на Барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.89/2015
4 ноември 2015 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply