Решение У.бр.31/2014

У.бр.31/2014

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 октомври 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014) и член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите на членовите од законите, означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, со воведувањето на оспорениот член 81 став 4 во Законот, не се водело сметка за стекнатите права и интереси на субјектите на кои тие се однесувале, односно се доведувале во прашање легитимните очекувања на постојните основачи на аптеки кои тие ги имале во моментот на основањето на аптеките согласно тогаш предвидените законски услови за основање на аптеките, со што се создавала правна ситуација Законот да се применува и на односи кои се настанати и решени пред неговото влегување во сила, спротивно на член 52 став 4 од Законот. Со пропишувањето на оспорениот член од Законот, се доведувало во прашање уставно загарантираното право на работа од член 32 став 1 од Уставот, а тоа било спротивно и на член 54 став 1 од Уставот според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според подносителот на иницијативата, одредбите на оспорениот член 13 од измените и дополнувањата на Законот за лековите и медицинските помагала, кој го уредувал почетокот на примена на членот 5 од тие измени, со кој се додаваат два нови става 4 и 5 на членот 81 од Законот, ќе се утврдело дека тие одредби не биле ниту јасни, ниту прецизни, а и разбирливи и како такви оставале можност за различно толкување и правна несигурност на граѓаните. Имено јасно било дека членот 5, ќе започнел да се применува од 1 септември 2014 година, но, не било јасно и разбирливо со кој ден престанувало важењето на одобрението за промет на мало и големо со лекови.

Од наведените причини, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1, член 51, член 52 став 4 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

Со иницијативата се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените законски одредби.

3. Судот, на седницата утврди дека според оспорениот член 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала, основач на аптека може да биде само лице со завршено високо образование од областа на фармацијата или трговско друштво во форма на трговец поединец, ДОО или ДООЕЛ чиј основач, односно основачи се исклучиво лица со завршено високо образование од областа на фармацијата.

Судот исто така утврди дека според оспорениот член 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), одредбата од членот 5 од овој закон со која се додаваат два нови става 4 и 5 ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година, при што на аптеката која нема да ја усогласи структурата на основачите согласно со одредбата од членот 81 ставови 4 и 5 од овој закон, престанува да важи одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Оспорениот став 4 на член 81 од Законот за лековите и медицинските помагала, е воведен во наведениот закон со член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014) и уредува дека основач на аптека може да биде само лице со завршено високо образование од областа на фармацијата или трговско друштво во форма на трговец поединец, ДОО или ДООЕЛ чиј основач, односно основачи се исклучиво лица со завршено високо образование од областа на фармацијата.

Според оспорениот член 13 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), одредбата од членот 5 од овој закон со која се додаваат два нови става 4 и 5 на членот 81 од Законот, ќе започне да се применува од 1 септември 2014 година. Според ставот 2 на оспорениот член 13 од наведениот закон, на аптеката која нема да ја усогласи структурата на основачите согласно со одредбата од членот 81 ставови 4 и 5 од овој закон, престанува да важи одобрението за промет на големо со лекови, односно одобрението за промет на мало со лекови.

Уставниот суд, по повод претходно поднесена иницијатива, ја оценувал уставноста на повеќе одредби од Законот за лековите и медицинските помагала и одредби од измените и дополнувањата на овој закон. Меѓу одредбите кои биле предмет на уставно-судска оцена, се и сега оспорените одредби од законите.

Судот, постапувајќи по иницијативата, со Одлука У.бр.121/2014 од 24.06.2015 година, го укинал членот 81 став 4 од Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 106/2007, 88/2010, 36/2011, 53/2011, 136/2011, 11/2012, 147/2013, 164/2013, 27/2014 и 43/2014).

Ставот на Судот по наведениот предмет бил дека воведениот услов за вид и степен на образование на основачот на аптека, ја ограничува слободата на претприемништвото на основачот, кој во конкретниот случај е претприемач, надвор од уставните можности за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, и не се обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот во поглед на слободното движење на капиталот и слободното уживање на сопственоста.

Во постапката по горе наведениот предмет, Судот со Решението У.бр.121/2014 од 08.04.2015 година, не повел постапка за оценување на уставноста на останатите оспорени одредби од наведениот закон меѓу кои и членот 13 од Законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските помагала (“Службен весник на Република Македонија” број 27/2014), кој член како со претходната иницијатива, така и со предметната, е оспорен во целина.

Оспорениот член 13 од наведениот закон кој е посебна одредба, е уреден во врска со членот 5 од измените и дополнувањата на Законот, со кој член се додаваат нови одредби на членот 81 од Законот, односно став 4, став 5, став 8, став 9 и став 10. Поточно, оспорениот член 13 од измените и дополнувањата на Законот, е уреден во врска со новововедените став 4 и став 5 на членот 81 од Законот.

Во конкретниот случај, Судот оценил да не се впушта во уставно-судско проблематизирање на овој оспорен член од измените и дополнувањата на Законот, со оглед дека целината на содржината на овој член, подеднакво се однесува и за одредба од членот 81 од Законот, односно и за неговиот став 5 кој не бил предмет на уставносудска оцена, поради што евентуалното впуштање и по однос на овој законски член, би претставувало интервенција на Судот во улога на пречистувач на закон, односно на делови од зборови и цифри содржани во оспорениот член 13 од Законот, што е во надлежност на законодавецот. Воедно, самото укинување на ставот 4 на членот 81 од Законот, го прави членот 13 од наведениот закон, неприменлив во однос на укинатата законска одредба во делот кој се однесува за ставот 4 на членот 81 од Законот, бидејќи е дерогиран самиот по себе со интервентната одлука на овој суд.

Судот исто така, со Решение У.бр.51/2014 и У.бр.97/2014 од 23.09.2015 година, ги отфрлил иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби од наведените закони, меѓу кои и сега оспорените законски одредби, бидејќи за истите веќе одлучувал, повикувајќи се на Решението У.бр.121/2014 од 08.04.2015 година и Одлуката У.бр.121/2014 од 24.06.2015 година, а како што е погоре наведено.

5. Имајќи предвид дека за истата работа Судот веќе одлучувал, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.31/2014
14 октомври 2015 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply