39/2015-0-0

У.бр.39/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 30 септември 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 99-а став 1 точка 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013,187/2013, 42/2014, 112/2014, 166/2014, 44/2015, 97/2015 и 129/2015).

2. Анри Трајковски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот во иницијативата наведува повеќе одредби од Законот за превоз во патниот сообраќај кои се однесуваат на лиценците за вршење превоз и сертификатите за учество во меѓународен превоз на патници, кои сертификати, согласно членот 32 од Законот, се издаваат со период на важење од пет години. Тој укажува дека со иницијативата У.бр.108/2014 оваа одредба ја имал оспорено, при што Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата со образложение дека Република Македонија како кандидат за членство во ЕУ била должна да го усогласи своето законодавство со европското, што за подносителот било правилно.

Во оваа иницијатива подносителот наведува дека законодавецот не можел најпрвин да пропишува трајни сертификати, а подоцна истите да ги ограничува со важност до 5 години, ниту пак можел да ги казнува со глоба од 500 евра сите оние возачи кои имале трајни сертификати и кои не знаејќи за измените на законот не ги продолжиле своите сертификати.

Тој се повикува на начелото на еднаквост од членот 9 од Уставот на Република Македонија и смета дека оспорената одредба ги ставала во нееднаква положба возачите кои имале трајни сертификати и не биле предупредени дека важноста подоцна им е ограничена со оние возачи кои стекнале сертификати со важење од 5 години и кои биле предупредени од страна на законодавецот. Тој смета дека возачот кој стекнал траен сертификат требало прво да биде опоменат дека неговиот сертификат не бил со трајна важност и важноста да му ја продолжи, па дури ако тој тоа не го стори, можело да му се изрекува казна од 500 евра.

На крајот подносителот бара Судот да го поништи член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, како би можел тој да го поврати износот од 250 евра кои неправилно му биле наплатени како глоба .

3. Судот на седницата утврди дека со член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2012) се менува член 99-а став 1 точка 1 од основниот текст на Законот и тој гласи:

Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко или правно лице, ако:
1) врши јавен превоз, превоз за сопствени потреби и такси превоз без лиценца (член 4 став 1).

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013,187/2013, 42/2014, 44/2015, 97/2015 и 129/2015) се уредуваат условите и начинот на вршење на превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај (член 1).

Според член 2 став 1 од Закон за превоз во патниот сообраќај, превоз на патници и стоки во меѓународниот сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународни договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.

Според член 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај, домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.

Според член 6 став 1 алинеја 3 од Законот за превоз во патниот сообраќај, при вршењето на превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај превозникот е должен во возилото, покрај другото, да има и сертификат за учество на возач во меѓународниот патен сообраќај.

Во членот 7 од Законот за превоз во патниот сообраќај, утврдени се бројот и видовите на лиценци што се издаваат за вршење на одделни видови на превоз.

Според член 8 Законот за превоз во патниот сообраќај, лиценца од членот 7 став 1 точките 1 и 2 на овој закон, може да добие домашно правно или физичко лице ако ги исполнува условите утврдени со овој закон, при што во точка 10 од членот 8 е предвидено да има вработени возачи кои имаат сертификат за професионална компетентност за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки.

Според член 8-б од Законот, сертификатот од членот 8 став 1 точка 10 на овој закон го издава Министерството за транспорт и врски, врз основа на копија од важечка возачка дозвола и уверение за положен испит за учество на возачи во меѓународниот патен сообраќај.

Сертификатот за професионална компетентност за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај се издава со рок на важење од пет години и истиот се продолжува пред истекот на рокот на важење врз основа на уверение за положен испит за учество на возачи во меѓународниот патен сообраќај.

Стручното оспособување на возачите за добивање на сертификат за професионална компетентност за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки го врши правно лице овластено од министерот за транспорт и врски кое располага со:

– минимум 30 м2 простор опремен за одржување на обуката,
– информатичка технологија и опрема за водење на евиденција и
– минимум три лица вработени во редовен работен однос со високо образование (Економски, Сообраќаен или Правен факултет), со најмалку три години работно искуство од областа на транспортот кои поседуваат сертификат за обучувачи за учество на возачите во меѓународниот превоз на патници и стоки издаден од Министерството за транспорт и врски по претходно положен испит за обучувачи за професионална компетентност врз основа на програма.

Испитот за добивање на сертификат од ставот 1 на овој член се полага пред Комисија за полагање на испит за сертификат за професионална компетентност на возач за учество во меѓународниот патен сообраќај (во натамошниот текст: Комисијата) формирана од министерот за транспорт и врски.

Комисијата од ставот 3 на овој член се состои од пет члена од кои три члена се од Министерството за транспорт и врски и два члена од разни облици на здружување на превозниците.

Членовите на комисијата за својата работа добиваат надоместок.

На кандидатите кои го положиле испитот за добивање на сертификат за професионална компетентност за учество на возачи во меѓународниот патен сообраќај им се издава уверение.

Кандидатите за полагање на испитот плаќаат надоместок.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2010), законот бил дополнет со нов член 32, според кој сертификатите за учество на возачите во меѓународниот патен сообраќај издадени пред влегувањето во сила на овој закон ќе важат за период од пет години од денот на нивното издавање“.

Според оспорениот член 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2012), глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко или правно лице, ако:

1) врши јавен превоз, превоз за сопствени потреби и такси превоз без лиценца (член 4 став 1);

Со оспорената одредба всушност е изменет членот 99-а во став 1 точка 1.

Оваа одредба и подоцна била два пати изменувана и дополнувана. Имено, со член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз по патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2013) е определено дека: „Во членот 99-а став 1 точка 1 по зборовите: „превоз за сопствени потреби“ се додаваат зборовите: „слободен или посебен превоз на патници“ а по зборот „лиценца“ се додаваат зборовите: „и извод од лиценца“.

Во Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013), во членот 23 е определено дека: „Во членот 99-а став 1 точка 12 по зборовите: „став 1“ се додаваат зборовите „и член 4-а“.

Од наведеното произлегува дека оспорената одредба од членот 20 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2012), по двете измени односно дополнувања во 2013 година, добила нова содржина односно важечката одредба гласи:

„Глоба во износ од 500 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичко или правно лице, ако:

1) врши јавен превоз, превоз за сопствени потреби, слободен или посебен превоз на патници и такси превоз без лиценца и извод од лиценца (член 4 став 1 и член 4-а);

Иако оспорената одредба претрпела измени и дополнувања, поаѓајќи од наводите и причините во иницијативата, Судот се впушти во нејзина мериторна оценка, од причина што подносителот на иницијативата го оспорува самото предвидување на казна, односно глоба за возење без лиценца, така што измените во текстот на одредбата не се од значење од аспект на наводите во иницијативата.

Судот утврди дека наводите во предметната иницијатива се исти како и оние истакнати во иницијативата поднесена од истиот подносител во предметот У.бр. 108/2014, со таа разлика што во таа иницијатива подносителот се повикувал на повреда на принципот на владеењето на правото, а во предметната иницијатива се покренува уставното начело на еднаквост. Во решението донесено по тој предмет на 25.02.2015, Уставниот суд зазел став дека со воведување на рок на важење на сертификатите од 5 години, при што издадените сертификати пред влегувањето во сила на измените на Законот за превоз во патниот сообраќај од 2010 година, важат 5 години од денот на издавањето, не се нарушува начелото на владеењето на правото, дека тоа е во функција на имплементација на Директивата 2003/59/ЕЗ од 15 јули 2003 година и има за цел обезбедување на сигурен и безбеден транспорт во патниот сообраќај.

За Судот се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека со измената на Законот за превоз во патниот сообраќај и воведувањето на сертификати со рок на важење од 5 години, возачите биле ставени во нееднаква положба и биле „предупредени“, а оние кои претходно имале сертификат со неограничено траење не биле „предупредени“. Судот оцени дека законодавецот има право вршењето на определени дејности, како во случајот, патниот сообраќај и вршењето на одделни видови на превоз да го подложи на дозволи, односно лиценци, да го утврди рокот на нивното важење, условите и постапката за нивното издавање, како и да пропише санкции за оние лица кои ќе ја вршат дејноста патен сообраќај без да поседуваат лиценца. Оттука, оспорената одредба од членот 99-а став 1 точка 1, според Судот не ги става во нееднаква положба превозниците кои имале трајни лиценци и лиценци издадени со рок на важење од 5 години, бидејќи таа одредба се однесува на сите превозници кои вршат превоз без лиценца. Возачите кои што имаат сертификати за учество во меѓународниот патен сообраќај издадени пред влегувањето во сила на измените не се ставени во понеповолна положба токму со одредбата од членот 32 од Законот за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 83/2010), бидејќи и за нив законодавецот предвидел дека лиценците ќе важат за период од пет години од денот на нивното издавање.

Поради наведеното Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на одредбата од членот 99-а став 1 точка 1 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РМ“ бр.68/2004, 127/2006, 114/2009, 83/2010, 140/2010, 17/2011, 53/2011, 6/2012, 23/2013, 120/2013, 163/2013,187/2013, 42/2014, 44/2015, 97/2015 и 129/2015) со уставното начело на еднаквост од членот 9 од Уставот на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и д-р Гзиме Старова.

У.бр.39/2015
30.09.2015 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply