14/2015-0-0

У.бр.14/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 22 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 8 став 1 од Правилникот за видот на ознаката за сеча, видот на шумскиот жиг за ознака за сеча, начинот на вршење на ознаката за сеча, формата и содржината на Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во државна сопственост, Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во приватна сопственост и Книгата за евиденција на направена шумска штета во шума во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.183/2014).

2. Бранко Скендерски од Берово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот правилник не ја опфатил ниту изразувал законски предвидената ознака во приватните шуми.

Со оспорениот правилник површинска ознака се вршела по претходно утврдување на површината во планските документи за чиста сеча на одделот/пододделот.

Со оспорениот правилник, според наводите во иницијативата, сопствениците кои имале шума со површина под 10 хектари и оние сопственици кои не изработувале посебни планови, а стопанисувале преку Критериуми за стопанисување со приватни шуми, немало да добијат површинска ознака. Ова од причина што нивните шуми не биле опфатени со плански документи, ниту пак стопанисувале преку оддели и пододдели туку преку катастарски парцели. Ваквата состојба, според подносителот на иницијативата, била типичен пример за функционирањето на монополската положба на ЈП „Македонски шуми“ и искажување на доминантната позиција на пазарот во Република Македонија.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба од Правилникот се повредувал член 8 став 1 алинеите 3, 4, 6 и 7, член 30, член 51, член 54 став 3 и член 55 од Уставот на Република Македонија, како и член 29 ставови 3, 8 и 9 и член 62 став 7 од Законот за шумите и член 2, член 3, член 13 и член 14 од Законот за заштита на конкуренцијата.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 став 1 од означениот правилник површинската ознака за сеча се врши по претходно утврдување на површината предвидена во планските документи за чиста сеча на одделот/пододделот, а потоа се обележува нејзината гранична линија на цела површина.

4. Според член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6 и 7 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, правната заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото.

Согласно член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврдени со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Во член 51 од Уставот се предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Со членот 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 29 став 3 од Законот за шумите („Службен весник на РМ“ бр.64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014 ,160/2014, 33/2015 и 44/2015), посебните планови се донесуваат за сите шуми освен за шумите во приватна сопственост чија површина е под 30 ха.

Со ставот 8 на членот 29 од наведениот закон се предвидува дека сопствениците на приватните шуми за кои нема изработено посебен план или програма за стопанисување со шумите што се со површина до 10 ха., стопанисуваат според критериуми за стопанисување со шумите во приватна сопственост.

Според став 9 на членот 29 од истиот закон, со критериумите за стопанисување со шумите во приватна сопственост се пропишува формата на одгледување, квалитетот на насадите, претходно извршени работи, обемот и видот на сечата, видот и роковите за извршување на работите за одржување и унапредување на шумите, лицата кои можат да ги извршуваат работите, роковите за нивно извршување, како и начинот на евиденција во посебен образец- евиденциски картон за приватни шуми за секоја катастарска парцела посебно.

Во член 62 став 7 од Законот за шуми е предвидено дека ознаката за сеча во шуми во кои нема изработено посебен план или програма за стопанисување со шумите се врши според критериумите од членот 29 став (9) од овој закон.

Според член 62 став (10) од Законот за шумите (кој е основ за донесување на оспорениот правилник), видот на ознаката за сеча, видот на шумскиот жиг за ознака за сеча, формата и содржината на Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во државна сопственост, Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во приватна сопственост и Книгата за евиденција на направена шумска штета во шума во државна сопственост ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на шумарството.

Тргнувајќи од овластувањата дадени во наведениот член 62 став 10 од Законот за шумите, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство го донел сега оспорениот правилник кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.183/2014 од 12 декември 2014 година.

Според член 1 од Правилникот, со овој правилник се пропишуваат видот на ознаката за сеча, видот на шумскиот жиг за ознака за сеча, начинот на вршење на ознаката за сеча, формата и содржината на Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во државна сопственост, Книгата за евиденција на извршена ознака за сеча во шума во приватна сопственост и Книгата за евиденција на направена шумска штета во шума во државна сопственост.

Во член 2 став 5 од Правилникот е предвидено дека површинска ознака за сеча се врши во случаи кога е предвидено, односно одобрена чиста сеча согласно планските документи и тоа: нискостеблено стопанисување со шумите, реконструкција на деградирани шуми и шикари, мелиоративни и ресурекциони сечи, сечи за пренамена на шуми и шумско земјиште (изградба на објекти во шума, сообраќајници, далеководи), пожаришта и штети на шуми од елементарни непогоди (освен во високостеблени шуми).

Оспорениот член 8 став 1 од Правилникот предвидува дека површинска ознака за сеча се врши по претходно утврдување на површината предвидена во планските документи за чиста сеча на одделот/ пододделот, а потоа се обележува нејзината гранична линија на цела површина.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека оспорениот член 8 став 1 од Правилникот не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот и Законот за шумите на кои упатува иницијативата.

Ова од причина што од содржината на цитираните одредби од оспорениот правилник јасно и недвосмислено произлегува дека истиот исклучиво и единствено се однесува на уредени шуми во државна и приватна сопственост за кои се изготвуваат посебни планови и програми. Имено, од анализата на содржината на целиот правилник јасно се утврдува дека предвидената површинска ознака за сеча се врши по претходно утврдување на површината предвидена во планските документи за чиста сеча на одделот/ пододделот, па дури потоа се врши обележување на граничната линија на целата површина.

Што се однесува до наводот во иницијативата дека оспорениот правилник не се однесува на сопствениците на шума со површина под десет хектари и оние сопственици кои не изработуваат посебни планови, а стопанисуваат преку критериуми за стопанисување со приватни шуми, немало да добијат површинска ознака од причина што нивните шуми не биле опфатени со планска документацијата, која состојба предизвикувала монополска положба на ЈП „Македонски шуми“, според Судот е неоснован.

Ова од причина што, начинот на стопанисување со шуми во приватна сопственост, а за кои не се изработени посебни планови и програми, е регулиран со друг подзаконски акт, односно се врши согласно со Правилникот за критериуми за стопанисување со шумите во приватна сопственост за кои не се изработува постоен план или програма, како и формата и содржината на евиденцискиот картон за приватни шуми за секоја катастарска парцела посебно („Службен весник на Република Македонија“ бр.102/2013). Во наведениот правилник децидно е утврдено дека со шумите во приватна сопственост, кои по форма и одгледување припаѓаат на високостеблени, неквалитетни, деградирани или ниско-стеблени деградирани шуми, се предвидува чиста сеча на цела површина.

Споредувајќи ги овие два подзаконски акти, според Судот, јасно произлегува дека начинот на стопанисувањето со шумите во државна и приватна сопственост е прецизно уреден при што јасно е разграничено во кои ситуации и за кои површини сечата на дрвната маса ќе се врши врз основа на плански документи, а кога согласно критериумите за стопанисување со шумите во приватна сопственост за кои не се изработува посебен план или програма. Оттука, според Судот, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорената одредба од правилникот се вршела монополска положба на ЈП „Македонски шуми“.

Имајќи ја во вид направената уставно-судска анализа според Судот со оспорената одредба од Правилникот не се повредува член 8 став 1 алинеи 3, 4, 6 и 7, член 30, член 51, член 54 став 3 и член 55 од Уставот, ниту членовите од Законот за изменување и Законот за заштита на конкуренцијата, на кои се укажува во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.14/2015
22.04.2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply