24/2015-0-0

У.бр.24/2015

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеа 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 април 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 22-б став 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013 и 33/2015).

2. Драган Атанасовски од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба од Законот за денационализација била во спротивност со член 9, член 51 став 1 и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека Законот за денационализација бил со ограничено дејство и се однесувал само за оние барања кои биле поднесени во законскиот рок до 07.05.2003 година, односно до 31.12.2007 година што значи дека за сите барања за денационализација ќе морало да важи иста постапка и исти услови по кои ќе постапува и одлучува органот, со што би се осигурала еднаквоста на барателите и еднаква примена на законот.

Според подносителот на иницијативата владеењето на правото во случајот со Законот за денационализација подразбира дека сите баратели се еднакви и рамноправни и за нивните барања се одлучува под еднакви услови и критериуми без воведување на дополнителни услови кои би важеле за оние барања кои не се решени.

Оспорениот член 22-б став 2 од Законот бил идентичен со автентичното толкување на член 9 став 3 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2009) со кое не се враќа во сопственост градежно неизградено земјиште на кое според урбанистичкиот план кој бил во сила во моментот на поднесување на барањето за денационализација е предвидена изградба на објекти од јавен интерес.

Оспорената одредба имало повратно дејство со оглед на фактот дека Законот за денационализација бил со ограничена временска важност во поглед на поднесувањето на барања односно се одлучувало само по оние барања кои биле поднесени во законскиот рок.

Заради сето наведено се предлага Судот, по поведената постапка, да ја поништи или укине оспорената одредба од Законот, а до донесување на одлуката се бара запирање од извршување на поединечните акти.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 22-б став 2 од Законот е предвидено дека не се враќа во сопственост, а се дава надоместок за градежно неизградено земјиште на кое со урбанистичките планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација е предвидена изградба на добра во општа употреба, објекти за потребите на одбраната и безбедноста или е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со Решение У.бр.168/2013 од 30 април 2014 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на членот 22-б став 2 од Законот за денационализација. Во Решението, меѓу другото се наведува дека предвидената намена на земјиштето за реализација на јавен интерес утврден со закон и испланиран со урбанистичкиот план, како и изградба на добра во општа употреба и објекти за потребите на одбраната и безбедноста, според Судот, во постапката за денаци-онализација претставува само законска пречка за враќање на земјиштето во сопственост на поранешниот сопственик, но токму поради тоа Законот за денаци-онализација, поточно оспорената одредба, предвидува право на надомест во вакви случаи. Значи, овој имот и покрај тоа што постои не се враќа заради постоење на јавен интерес утврден со закон, или поради предвидена изградба на добра во општа употреба и објекти за потребите на одбраната и безбедноста со урбанистички планови кои се во сила во време на одлучувањето по барањето за денационализација, но затоа од причина што истиот е предмет на денационализација, се определува надомест за истиот.

Целта на законодавецот е изедначување на барателите во постапката за денационализација без оглед на состојбите кои фактички и реално постојат на терен, од една страна, како и остварување на целта на законот – враќање на имот, односно давање надомест во зависност од фактичката состојба на терен.

Понатаму, според Судот, со оспорената одредба не се повредува член 30 од Уставот, од причина што при постоење на јавен интерес утврден со закон допуштено е одземање и ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, поради што и сега оспорената одредба не може да се доведе под сомнение по однос на начелото на повреда на правото на сопственост и правната заштита на сопственоста.

Со оглед на тоа што Судот веќе ја ценел уставноста на членот 22-б став 2 од Законот за денационализација и одлучил дека истата е во согласност со Уставот на Република Македонија, а во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во смисла на цитираната деловничка одредба. Имено, ова од причина што во конкретната иницијатива не се содржани наводи кои по својот карактер би претставувале основ за поинакво одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Елена Гошева и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.24/2015
8 април 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply