159/2014-0-0

У.бр.159/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Глава XIII. “Решавање спорови” и членовите 37 и 38 од Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски МК домен и врвниот македонски МКД домен („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2014), и

– Правилникот за арбитражна постапка при Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2014), донесен од Управниот одбор на Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет.

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членовите 37 и 38 од првооспорениот Правилник немале основа во Уставот на Република Македонија и Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа или во некој друг закон. Ова од причина што со ниту една одредба од наведениот или друг закон, Управниот одор на МАРнет не бил овластен да донесува Правилник за арбитражна постапка, што значи дека Управниот одбор не можел сам да се овласти и да си дава надлежност да донесува правилник за арбитражна постапка. Оттука, оспорените одредби од Правилникот не биле донесени врз основа и во рамките на Уставот и законите, што било во спротивност со член 96 од Уставот, член 1 од Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа како и со членовите 55 и 56 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените одредби и оспорената Глава од Правилникот не можеле да постојат во правниот поредок на Република Македонија и поради причините содржани во одредбата на член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Правилникот за арбитражна постапка, исто така, бил донесен без постоење на уставен и законски основ и без постоење на конкретна уставна и законска рамка не можела да се уредува оваа материја со подзаконски акт, што претставувало мешање на извршната во законодавната власт, како и можност за арбитрерност и нееднаков третман на субјектите под објективизирани и еднакви законски услови да го остварувале правото на арбитражна постапка.

3. Судот на седницата утврди дека во Глава XIII со наслов: „Решавање спорови“ е содржан членот 37 од оспорениот правилник, според кој странките се упатуваат настанатите спорови во врска со регистрација на домен да ги решаваат пред постојаната арбитража при МАРнет во согласност со Правилникот за арбитражна постапка при Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет. Управниот одбор на МАРнет донесува Правилник за арбитражна постапка за решавање на спорови при регистрација на домен.

Во член 38 од истиот правилник е предвидено дека одлуката донесена во арбитражна постапка пред МАРнет, согласно Правилникот за арбитражна постапка при Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет, има обврзувачко дејство спрема учесниците во постапката.

Одлуката донесена во арбитражна постапка не го скратува правото на страните да бараат заштита пред надлежен суд или да поведат други постапки предвидени со закон.

Правилникот за арбитражна постапка при Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет содржи вкупно 27 члена, кои се групирани во 4 (четири) точки и тоа: (1)Општи одредби; (2)Органи на арбитражата;(3) Започнување и водење на арбитражна постапкa, и (4) Арбитражна одлука.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на РМ се владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 96 од Уставот е предвидено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2010, 47/2011 и 41/2014) ги уредува основањето, статусот, задачите, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот над работата, како и други прашања поврзани со работата на Македонската академска истражувачка мрежа (член 1).

Според член 10 од наведениот закон, Управниот одбор: го донесува статутот на МАРнет, го избира и разрешува директорот, ја донесува годишната програма за работа на МАРнет, го донесува финансискиот план и завршната сметка на МАРнет, го донесува годишниот извештај за работењето на МАРнет, именува и разрешува работни тела на МАРнет, дава предлози и мислења за определени прашања на основачот и на директорот на мАРнет, донесува општ акт за начинот на водење на Регистарот, донесува општи акти за користење на телекомуникациски услуги, дава согласност на актот за организација и работа и актот за систематизација на работните места на МАРнет, одлучува по приговорите во врска со работниот однос на вработените во МАРнет, донесува деловник за својата работа, и врши други работи утврдени со статутот на МАРнет.

Во член 55 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011) е предвидено дека директорот на самостојниот орган на државната управа, односно управната организација, донесува правилници, решенија, наредби, упатства, планови, програми и други видови акти за извршување на законските и другите прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 1 од истиот закон, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување. Во член 61 став 1 од наведениот закон, се предвидува дека со актите кои ги донесува директорот кој раководи со самостојниот орган на државната управа, односно со управната организација, не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од содржината на целината на поднесената иницијатива јасно и недвосмослено произлегува дека со истата всушност генерално се доведуваат под сомнение двата оспорени правилника по однос на тоа дека истите немаат ниту уставен, ниту законски основ за нивно донесување.

Меѓутоа, од анализата на наведените уставни норми, како и цитираните законски одредби, според Судот не може да се доведе под сомнение ниту уставноста, ниту законитоста на оспорените правилници, а од следниве причини:

Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски МК домен и врвниот македонски МКД домен („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2014) е донесен врз основа на членот 10 став 1 алинеи 8 и 9 од Законот за основање на Македонската академска истражувачка мрежа МАРнет.

Во цитирањето на член 10 став 1, меѓу другото, децидно се наведени и основите во алинеите 8 и 9 од Законот за основање на македонска академска истражувачка мрежа, од кои јасно произлегува надлежноста на управниот одбор, како орган на управувањето на МАРнет, меѓу другото, да донесува општ акт за начинот на водење на Регистарот и општи акти за користење на телекомуникациски услуги.

Управниот одбор на МАРнет, тргнувајќи токму од овие законски овластувања го донесува Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски МК домен и врвниот македонски МКД домен, со кој подзаконски, општ акт ја доразработува наведената законска одредба со цел за нејзино ефикасно извршување.

Имено, во членот 1 од наведениот Правилник децидно се наведува дека со овој Правилник се регулираат прашањата на организацијата и управувањето со врвниот македонски mk домен и врвниот македонски мкд домен, видови поддомени во mk и мкд домените и користењето на истите, независно на поддомените, регистрацијата и бришењето на поддомените во mk и мкд домените, права и обврски на корисниците на поддомени, начинот на упатување за решавање на спорови и други прашања во врска со водењето на врвните македонски домени и регистрираните поддомени во mk и мкд домените.

Главата XIII, со наслов: „Решавање спорови“, како и членовите 37 и 38 од Правилникот, според Судот не може да се доведат под сомнение по однос на одредбите од Уставот и законите на кои се упатува во иницијативата, од причина што решавањето на споровите е опфатено како предмет на уредување на оспорениот правилник, кој својот основ го црпи во членот 10 алинеи 8 и 9 од Законот за основање на македонска академска истражувачка мрежа.

По однос на упатување на решавање на настанатите спорови во врска со регистрација на домен, што е предвиден во член 37 од Правилникот, кој бил донесен подоцна од Правилникот за арбитражна постапка, според Судот не е во спротивност со Уставот, од причина што со овие оспорени одредби – членовите 37 и 38 се уредува прашањето за решавање на споровите во согласност со Правилникот за арбитражна постапка при македонска истражувачка мрежа МАРнет, кој логично е да е претходно донесен за да може со оспорените одредби да се упатува на примената на Правилникот за арбитражна постапка кој веќе е во правна сила, односно истиот е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2014 од 10 јануари 2014 година.

Наводот во иницијативата дека Правилникот за арбитражна постапка при македонска академска истражувачка мрежа МАРнет, нема уставна и законска основа за негово донесување, според Судот, е неприфатилив. Ова од причина што истиот е донесен врз основа на член 10 став 1 алинеја 13 од Законот за основање на македонска академска истражувачка мрежа МАРнет. Имено, во наведената законска одредба е дадена надлежноста на Управниот одбор да врши, меѓу другото и работи утврдени со Статутот на МАРнет, што значи дека Управниот одбор го црпи своето овластување за донесување на оспорениот Правилник во член 10 став 1 алинеја 13 од Законот, а со цел решавање на споровите кој произлегуваат од член 1 на овој правилник каде е дефиниран предметот на уредување на овој правилник.

Така, според член 1 од истиот, овие правила го уредуваат начинот на разрешување на споровите меѓу регистрираните во постапката за регистрација и спорови помеѓу корисникот на доменот и трето лице за правото на користење на домен од трето лице. Право за поведување постапка за арбитража, спрема одредбите на овој правилник, има секоја трета страна која смета дека и се повредени следниве права: името на доменот е исто или слично со името на трето лице, на кое тоа лице има право, постои сличност или поистоветност помеѓу имињата на домените, корисникот на доменот нема право или законски интерес за користење на домен со такво име и користењето на доменот е во спротивност со начелото на совесност и чесност.

Што се однесува до наводот содржан во иницијативата дека оспорениот правилник е донесен врз основа на Правилник кој е донесен многу подоцна, според Судот е неоснован. Ова од причина што во воведниот дел од Правилникот за арбитражна постапка при Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет, стои одредба од Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот Македонски МК домен, а не од Правилникот за организацијата и управувањето со врвниот македонски МК домен и врвниот македонски МКД домен, што значи дека станува збор за два различни правилника, со различен наслов.

По однос на околноста што како основ во воведниот дел на Правилникот за арбитражната постапка при Македонска академска истражувачка мрежа МАРнет, се споменува и одредба на правилникот, Судот оцени дека не е од суштинско значење од причина што во истиот дел е даден и законскиот основ за донесување на оспорениот правилник, поради што и истиот не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на кој се повикува подносителот во иницијативата.

Имајќи ги во вид наведените аргументи, како и направената уставно-судска анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај и двата оспорени правилника неможат да се доведат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 96 од Уставот, член 1 и член 10 од Законот за основање на Македонска академска истражувачка мрежа, како и со член 55 став 2, член 56 став 1 и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.159/2014
18 март 2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply