170/2014-0-0

У.бр.170/2014

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 18 март 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за преиспитување на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.179/2012 од 11 јуни 2014 година.

2. Арбен Руси од Тетово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за преиспитување на Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.179/2012 од 11 јуни 2014 година.

Во барањето се наведува дека на 4 јуни 2013 година Уставниот суд донел Решение У.бр.179/2012 со кое делумно била прифатена иницијативата на група граѓани, по што неколку пати биле поднесувани ургенции за итно постапување како и дополнување на иницијативата со нови докази. Во нив било укажано дека при увидот во предметот во службите на општина Тетово, подносителот на иницијативата Арбен Руси констатирал многу пропусти во постапката за донесување на спорните одлуки на Советот на општина Тетово и дека странките на кои се однесувало решението истото не го почитувале и почнале со градба. Иако подносителот ургирал за итно постапување, постапката по предметот пред Уставниот суд била одлагана.

На веб страницата на Уставниот суд не бил објавен датумот на седницата на која требало да се разгледува неговата иницијатива, ниту пак тој за тоа бил известен. Подносителот смета дека Решението У.бр.179/2012 од 11 јуни 2014 година укажувало на фрапантно и скандалозно непочитување на уставниот поредок на Република Македонија и непочитување од страна на Уставниот суд на законите донесени од Собранието на Република Македонија. Подносителот ова го тврди од причина што целокупната законска постапка за донесување на урбанистичките планови од страна на градоначалникот и службениците на општина Тетово била полна со фалсификати и била криминална, фирмата која ги изработила плановите не се придржувала на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Министерството за транспорт и врски дало согласност на планот без потребните документи и процедура, Министерството за животна средина и просторно планирање дало ист документ со различни датуми и со фалсификат на потписите на службениците.

Подносителот наведува дека на сите овие пропусти било укажано во иницијативата и дополнувањето и дека Уставниот суд требало да ги провери овие наводи и укажувања, а доколку било потребно Судот требало да ангажира и експерт за да ги провери наводите во иницијативата. Подносителот смета дека целата постапка укажувала на непочитување на донесените закони, како и коруптивно однесување на органите на локалната самоуправа на Тетово, градоначалникот, Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и просторно планирање и дека, поради наведеното, Уставниот суд треба да го преиначи донесеното решение У.бр.179/12 од 11 јуни 2014 година и да донесе позитивно решение согласно барањата во иницијативата.

3. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 4 јуни 2013 година, со Решение У.бр. 179/2012, повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлуката за измена на ГУП за блок 80, бр.07-1556/14 од 31 мај 2012 година, („Службен гласник на општина Тетово“ бр. 40/2012 од 5 јуни 2012); и

– Одлуката за измена на ДУП за блок 80, бр.07-2674/9 oд 29 август 2012 година („Службен гласник на општина Тетово бр.43/2012 од 31 август 2012), донесени од Советот на Општина Тетово.

Со истото Решение Судот го запрел извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на наведените одлуки.

Постапката била поведена поради основано сомнение дека Советот на општина Тетово не ја почитувал постапката за донесување на оспорените одлуки, од причина што во текот на постапката, во подолг временски период од поднесувањето на иницијативата, и покрај неколкуте писмени барања на Уставниот суд, не ја доставил комплетната документација за донесувањето на оспорените одлуки.

По поведувањето на постапката, со допис од 18 јуни 2013 година, Општина Тетово ги доставила документите што недостасувале.

Од увидот во документација и утврдената фактичка состојба Судот утврдил дека општината Тетово при донесување на оспорените одлуки ги запазила фазите на постапката за донесување на урбанистичките планови предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што отпаднало сомневањето на Уставниот суд за повреда на постапката за нивното донесување.

Од тие причини, Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 47 алинеја 4 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 11 јуни 2014 година, донел Решение со кое ја запрел постапката за оценување на уставноста и законитоста на: Одлуката за измена на ГУП за блок 80, бр.07-1556/14 од 31 мај 2012 година, („Службен гласник на општина Тетово“ бр. 40/2012 од 5 јуни 2012); и Одлуката за измена на ДУП за блок 80, бр.07-2674/9 oд 29 август 2012 година („Службен гласник на општина Тетово бр.43/2012 од 31 август 2012), донесени од Советот на Општина Тетово и го ставил вон сила решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на одлуките.

Од наведеното произлегува дека, по утврдувањето на фактичката и правната состојба врз основа на доставената документација од општина Тетово, отпаднале основите за сомневање во уставноста и законитоста на оспорената Одлука за измена на ГУП за блок 80, бр.07-1556/14 од 31 мај 2012 година, („Службен гласник на општина Тетово“ бр. 40/2012 од 5 јуни 2012) и Одлуката за измена на ДУП за блок 80, бр.07-2674/9 oд 29 август 2012 година („Службен гласник на општина Тетово бр.43/2012 од 31 август 2012), донесени од Советот на Општина Тетово, поради што Судот оценил дека се исполнети условите за запирање на постапката.

Од наведеното произлегува дека по поведувањето на постапката за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одлуки, општината Тетово ги доставила потребните документи од постапката за донесување на одлуките и дека истите биле земени предвид при одлучувањето на Уставниот суд. Исто така, при одлучувањето Судот ги имал предвид наводите во ургенциите на подносителот на иницијативата како и во дополнувањето на иницијативата, доставени во јули 2013 година.

Со оглед на тоа што документацијата за постапката за донесување на оспорените урбанистички планови до Судот била доставена по официјален пат, од страна на орган на локалната власт, односно орган на локалната самоуправа, Судот нема основа да се сомнева во веродостојноста на доставените документи. Оттука и наводите во барањето за преиспитување на решението У.бр.179/2012 дека целокупната постапка за донесување на оспорените урбанистички планови била полна со фалсификати и криминална, Судот не може да ги прифати од причина што Уставниот суд не е истражен орган и не е надлежен да ги утврдува овие наводи, односно дека тоа спаѓа во делокругот на други државни органи (МВР и јавното обвинителство).

Во врска со наводите во барањето кои се однесуваат на согласноста на Министерството за транспорт и врски, Судот смета за потребно да укаже дека Уставниот суд во постапката за оценување на уставноста и законитоста на одлуките за донесување и изменување на урбанистичките планови, како еден од релевантните факти го утврдува и фактот дали Министерството за транспорт и врски има дадено согласност за оспорениот план/планови. Овој факт Уставниот суд го има утврдено и во постапката по овој предмет – имено во Решението У.бр.179/2012 од 11 јуни 2014 година Судот констатирал дека во однос на двете оспорени одлуки Министерството дало писмена согласност (Допис бр.16-12520/2 од 30 мај 2012 година и бр.16-17919/2 од 29 август 2012 година). Меѓутоа, Судот укажува дека Уставниот суд не е орган кој врши надзор врз работењето на Министерството за транспорт и врски, односно тој не е надлежен да ја испитува постапката пред Министерството за транспорт и врски, ниту пак е надлежен да оценува врз основа на кои документи Министерството ја дава согласноста.

Од наведеното произлегува дека во барањето за преиспитување на Решението на Уставниот суд У.бр.179/2012 од 11 јуни 2014 година не се изнесени нови факти и нови околности кои би биле од влијание за донесување на поинаква одлука, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на барањето.

4. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.170/2014
18.03.2015
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply