44/2013-0-0

У.бр.44/2013

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 25 февруари 2015 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за прогласување на Г-дин. Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на Општина Тетово, заведена под број 07-300/3 од 31.01.2013 година, донесена од Советот на Општина Тетово и објавена во („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.48/2013).

2. Државниот инспекторат за локална самоуправа на Република Македонија до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Државниот инспекторат за локална самоуправа во иницијативата наведува дека оспорената Одлука била донесена во спротивност со членовите 39 став 4 и 55 став 4 од Законот локалната самоуправа, каде изрично било наведено дека („денот, часот и местото на одржување на седниците на советот како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работело, задолжително се објавувале најдоцна седум дена пред денот на одржувањето на седницата на начин утврден во статутот“); член 23 став 3, член 41 став 4 во кој било наведено дека (поканата за свикување на седница на Советот со предлогот на дневниот ред и материјалите по прашањата што се предлагаат за дневниот ред им се доставуваат на членовите на Советот, седум дена пред денот определен за одржување на седницата), член 64 ставови 3 и 4 и член 101 став 2 од Деловникот на Советот на општина Тетово и член 42 од Статутот на општина Тетово.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека според доставениот допис од подносителот на претставката до Државниот инспекторат за локална самоуправа и во доставниците на два членови на Советот на општина Тетово поканата со дневниот ред и материјалите за 48-та седница на Советот на општина Тетово која била одржана на 31 јануари 2013 година не ја примиле седум дена пред денот определен за одржување на седницата. Државниот инспекторат за локална самоуправа утврдил дека не биле испочитувани член 39 став 4 од Законот за локалната самоуправа и член 41 став 4 од Деловникот на Советот на општина Тетово и констатирал дека постапката за достава на поканата и дневниот ред со материјалите за 48-та седница на Советот на општина Тетово била незаконска, односно не била во согласност со горенаведените одредби од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија “ бр.5/2002), и Деловникот за работа на Советот на општина Тетово, донесен на седница на Советот на општина Тетово одржана на 27 септември 2005 година.

Поради тие причини, Државниот инспекторат за локална самоуправа донел Решение број 17-810/1 од 26 март 2013 година со кое се запира примената на Одлуката за прогласување на Г-дин Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на Општина Тетово, заведена под број 07-300/3 од 31.01.2013 година, донесена од Советот на Општина Тетово и објавена во („Службен гласник на Општина Тетово “ бр.48/2013).

Во иницијативата, подносителот бара Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената Одлука и предлага Уставниот суд да донесе одлука со која како незаконита ќе ја поништи Одлуката за прогласување на Г-дин Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на Општина Тетово, заведена под број 07-300/3 од 31.01.2013 година, донесена од Советот на Општина Тетово и објавена во („Службен гласник на Општина Тетово “ бр.48/2013)

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија “ бр.5/2002), Советот на општина Тетово на седницата одржана на ден 31 јануари 2013 година донел Одлука за прогласување на Г-дин Рамуш Харадинај за почесен граѓанин на општина Тетово заведена под бр.07-300/3 од 31 јануари 2013 година, објавена во („Службен гласник на општина Тетово“ број 48/2013 година).

Според член 1 од Одлуката, Г-дин Рамуш Харадинај се прогласува за почесен граѓанин на општина Тетово поради дадениот голем придонес во унапредувањето на човековите права.

Според член 2 од Одлуката, на Г-дин Рамуш Харадинај општина Тетово ќе му се додели плакета за почесен граѓанин на општина Тетово.

Свечената седница на Советот на општина Тетово на која ќе му се додели плакетата за почесен граѓанин ќе се одржи на ден 04 февруари 2013 година.

Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека одлуката влегува во сила осмиот од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Тетово“.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од содржината на оспорената Одлука произлегува дека таа е поединечен акт со која Г-дин.Рамуш Харадинај се прогласува за почесен граѓанин на општина Тетово и се однесува за точно определен субјект, што значи дека со овој поединечен акт се регулираат односи inter partes, и истиот не е пропис кој на општ начин уредува определени односи, односно прашања или пак утврдува односи на неопределен број на субјекти во правото, erga omnes.

Со оглед на тоа што оспорената Одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија и истата претставува конкретен, поединечен акт, Судот оцени дека не е надлежен да ја оценува нејзината согласност vis a vis Законот за локалната самоуправа и дека се исполнети условите од член 28 ставови 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.44/2013
25.02.2015 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева

Leave a Reply